Судот ги одби приговорите – на Заев ќе му се суди за „Пуч“

Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 кој постапуваше во постапка за оценка на обвинителниот акт за случајот „Пуч“, каде четвртообвинет е лидерот на опозицијата Зоран Заев, ги отфрли како несоновани приговорите поднесени од страна на одбраната и донесе одлука со која обвинителниот акт се одобрува во целост. Од Судот велат дека за терминот за стартот главна расправа, јавноста ќе биде благовремено информирана.

Првообвинет е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, кој се товари за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и за помагање во насилство спрема претставници од највисоки државни органи.

Второобвинетиот, Ѓорѓи Лазаревски, техничар во УБК е обвинет за поттикнување неовластено прислушување и тонско снимање и помагање при делото шпионажа.

Сопругата на Верушевски, Соња Верушевска е обвинета за помагање при шпионажа. Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, кој е четвртообвинет, се товари за насилство спрема претставници на највисоките државни органи од чл.311 в.в чл.24 од Кривичниот законик, односно за кривично дело сторено во обид.

Петтообвинетиот, Бранко Палифоров, вработен во Општина Струмица е обвинет за помагање при кривичното дело насилство спрема највисоките државни органи.

ФФМ: Суперкупот е можност за промоција на Македонија, благодарност за поддршката од Владата

Претседателот на фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски по добивањето на организацијата на УЕФА Суперкупот рече дека ФФМ станува чувар на националниот идентитет.

– Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност. Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан, истакна Ѓорѓиоски.

Тој се осврна и на поднесената кандидатура за на ФФМ за Евро 2020, како единствена земја од поранешните Ју-републики која изрази желба да биде домаќин на голем спортски настан.

– ФФМ ја истакнува важната улога на градот Скопје и Владините институции во градењето на организациските одговори при соочувањето со предизвиците од кандидатурата, а со добиената доверба да го огранизираме Европскиот Суперкуп, Фудбалска федерација на Македонија потврди колку сериозен беше проектот да бидеме еден од домаќините на Европското првенство 2020 година. За нашата кандидатура имавме апсолутен консензус и максимална поддршка од градот Скопје, Владата и државните институции. Во нив успеавме да пронајдеме партнер кој сака да учествува во еден од најголемите настани во самостојна Македонија, настан кој ќе донесе бројни краткорочни и долгорочни користи за нашата земја, за економијата и нашиот фудбал, вели Ѓорѓиоски.

АНАЛИЗА: Западот го прецени Заев, погрешно го процени Груевски

Сакајќи да добиеме објективно и релевантно размислување за излез од политичката криза, се консултиравме со аналитичарот Сем Вакнин, политички, безбедносен и економски аналитичар, кој во моментов е главен и одговорен уредник на „Глобал политишн“, а работи и за дневниот весник „Њујорк дејли сан“. Тој има објавувано поголем број новинарски текстови, анализи, студии и трудови за македонските состојби во домашни и меѓународни медиуми

АНАЛИЗА: КЛУЧНИТЕ ГРЕШКИ НА МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА

Како што националистичката, ксенофобична и антизападна реторика на Груевски стана понаметлива и како што им се додворуваше на Иран, Русија и на Турција за да ги придобие, Западот одлучи дека тој треба да се „повлече“. Како и обично, неспособните, корумпирани и не премногу интелигентни функционери на Европската Унија се здружија со арогантните, неуки и некомпетентни оперативци на американските разузнавачки агенции за сѐ да расипат и да направат страшен хаос од нештата. Не постоеше очигледен заговор за да се промени режимот на Македонија. Напротив, Западот ја промени својата лојалност кон опозицијата и ѝ обезбеди непроценливи информации, морална поддршка и лавина извештаи што ги искритикуваа Владата и нејзината авторитативна и апсолутистичка злоупотреба на функцијата.

Западот го прецени Заев, погрешно го процени Груевски и погрешно го сфати националниот карактер на Македонците. Ние ги анализиравме грешките на Заев во првиот дел од овој триптих. Тој не успеа да ги реализира обврските. Уцените и заканите само придонесоа Груевски да стане уште понепопустлив и поцврст во своето верување дека тој, кој е одбран од народот, никогаш не треба да им се предаде на еден мал круг криминалци (како што тој ги смета).

Македонците се мирољубиви, многу послушни и не сакаат конфликти. Тие избегнуваат проблеми дури по голема лична цена. Без разлика што направил тој и со какви откритија ги опсипал, Заев не успеа да ја мобилизира моќта на луѓето. Неговите појавувања двапати во седмицата брзо се претворија во искривена форма на сеирџиска претстава.

Меѓународната „заедница“ цврсто ги игнорираше ризиците што една сѐ понестабилна Македонија ги постави не само кон најблиските соседи туку и кон повеќето светски интереси. Македонија е главниот премин за бегалците од Блискиот Исток што преминуваат во Европа и за европските џихадисти, кои во толпи се упатуваат во Сирија и во Ирак за да ѝ се приклучат на ИСИС. Таа исто така претставува една важна крстосница во неколкуте шеми на гасоводи низ Европа. Нејзиното нескротливо албанско малцинство има блиски роднински и деловни врски со непријатни карактери преку двете граници, со Косово и со Албанија. Криминалот е начин на живот за многу млади, невработени, необразовани и сиромашни членови на овие заедници. Некои од нив илегално ги пренесуваат бегалците преку границите, што е многу исплатлива работа. Другите им се приклучија на судирите на Блискиот Исток и потоа се вратија дома, добро обучени во урбаните герили. Тоа е експлозивна комбинација. Затоа, „операцијата за промена на режимот“ не можеше да биде полошо темпирана.

Отвореното и авторитативно мешање на Западот во внатрешните работи на Македонија (како да е колонија или протекторат) го наруши угледот на опозицијата и ја окарактеризира како предавничка петта колона. Оваа борба на насилно убедување и закани од Западот беше само последната рунда од долгата низа лаги, измами и злоупотреби што се насобраа врз Македонија во изминатите две децении: огромен број неисполнети ветувања, понижувачко предавање на грчките и бугарски вета, како и бесрамното и неправедно исклучување од НАТО и од ЕУ. Политиката на Западот се состои само од стапови, а не моркови – Грците ги зедоа сите моркови.

Погрешното раководење на односите со јавноста на ЕУ, арогантните изјави од страна на важните официјални претставници, нејзиното типично дрдорење и нејасниот начин на справување со кризата, како и езотеричната тајност што ја прекри целата работа, неизбежно доведоа до ширење на теориите на заговор и до метастазирање на параноидната ксенофобија. На долгорочен план, ова е наследството од организираната криза, без разлика на нејзините последици.

Извор: Нова Македонија
Автор: Сем Вакнин

Регионалниот пат во Облешево почна да се асфалтира

Екипите на ЈП „Македонија пат“ денеска почнаа со асфалтирање на делницата Видовиште- Теранци во општина Чешиново- Облешево, од регионалниот патен правец Карбинци- Зрновци- Виница.

-По едномесечни активности околу проширување на патот и негово тампонирање и подготовка, денеска почнавме со асфалтирањето на оваа делница од село Теранци, општина Чешиново-Облешево до село Видовиште во општина Зрновци. Патот е во должина од 1.500 метри и во неговата изградба и асфалтирање се инвестирани 24 милиони денари, средства од Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија пат“, изјави Костадин Личков, градоначалник на општина Чешиново-Облешево.

Градоначалникот на Зрновци Блаже Станков, потенцираше дека патот е од историска важност за жителите на општина Зрновци и за неколкуте населени места од под Плкачковица.

– Со оваа асфалтна делница патот од Зрновци преку Облешево до магистралниот пат кон Штип се скратува за 10 километри, изјави Станков.

По асфалтирањето на оваа делница следуваат активности за поврзување на општина Чешиново- Облешево со општина Карбинци преку населените места Бурулчево и Аргилица.

Од утре се намалува цената на струјата

Цената на електричната енергија за крајните корисници од утре се намалува за 0,33 проценти.

Одлуката ја соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика, која вчера одржа подготвителна седница на која ги разгледа извештаите од енергетските компании.

Претседателот на Регулаторната комисија Димитар Петров, истакна дека намалувањето се должи на намалените трошоци и на намалените приходи на компаниите.

Најголемо учество во крајната цена ќе има ЕЛЕМ 50,6 проценти, ЕВН 44,16 и МЕПСО 5,24 проценти.

Петров информира дека компаниите имале забелешки на методологијата за која најави дека се можни измени во следниот период.

– Според нив методологијата не ги признава сите вкупни трошоци кои ги имаат. Нормално ниту една методологија не ги признава сите трошоци, но се согласуваме како Комисија дека практичната примена на методологијата можеби треба да претрпи одредени измени кои ќе кореспондираат со нашите услови на пазарот на електрична енергија. Согласни сме во наредниот период да направиме одредени надоградби кои ќе овозможат правилна локација на вистинските трошоци на компаниите, додаде Петров.

Сметките со новата намалена цена на струјата, граѓаните ќе ги добијат во август.

АНАЛИТИЧАРИ: Заев нема кредибилитет да ја води Струмица, треба да распише предвремени градоначалнички избори

Експертите согласни и со поддршка на иницијативата струмичкиот градоначалник и претседател на СДСМ Зоран Заев да распише предвремени избори за градоначалник на општината. Сметаат дека по низата скандали, објавени снимки и неисполнување на ветеното, Заев нема кредибилитет да ја води општина Струмица.
Zaev-735x400

Професорката Татјана Каракамишева во изјава за Курир вели дека иницијативата за распишување на предвремени избори за градоначалник на Струмица е логична последица и барање.

-Тоа е сосема очекуван исход од граѓанскиот процес на целосно делегитимирање на Заев како градоначалник, но и како политичар токму од оние кои му го дале легитимитетот и мандатот на последните локални избори, а кои целосно ги изневерил. Делегитимирањето мора да се случи правно и политички. Правното мора да се истера на суд, каде Заев ќе биде соочен со сите докази за преземените незаконски и противуставни активности и дејствија кои му се ставаат на товар при вршењето на функцијата градоначалник, но и како лидер на СДСМ, во случајот „Пуч“. Ниту еден политичар во земјата не смее, ниту може да биде над Уставот, над законите, над правниот систем. Од друга страна, политичката делегитимација ќе ја направат граѓаните на општина Струмица преку нивното законско право да вршат притисок за смена на актуелниот градоначалник заради големото незадоволство од тоа како Заев ја врши градоначалничката функција. Сосема е легитимно и легално правото на струмичани да го повикуваат на политичка одговорност ако се чувствуваат измамени во дадената доверба, и во начинот како нивниот „татко на општината“ ги извршува своите преземени обврски кон општината, вели Каракамишева за Курир додавајќи дека политичката одговорност мора да биде силно присутна меѓу сите носители на политички функции, независно дали тие вршат локални или централни политички активности.

Професорката нагласува дека токму политичката одговорност претставува јасен индикатор за граѓаните дали и колку политичарот е сериозен, зрел и достоен да врши политички работи, и да ја добива граѓанската доверба. 

И политичкиот аналитичар Александар Пандов се согласува со иницијативата Заев да распише предвремени избори за градоначалник на општина Струмица.

– Од снимката која ја видовме и слушнавме бевме сведоци како на најбрутален начин за откуп, Заев бара поткуп, а притоа бара по едно евро за него и брат му Вице. Уште пострашно за сите граѓани е што на таа слушнавме дека кривичното дело тој го повторувал повеќе пати во минатото, односно и на други луѓе барал и добил по 1 евро за него и брат му. Мислам дека е крајно време Заев да поднесе оставка како градоначалник на една од најубавите и најперспективните општини и да ги тргне канџите од неа, да овозможи да биде просперитетна и да се развива во инфраструктурата, отворање нови фирми и работни места. Тој нема кредибилитет месна заедница да води, а не општина Струмица. СДСМ самите одлучуваат кој ќе им биде лидер, на нивна глава е тоа што и понатаму дозволуваат да ги води Заев. Но, тука се работи за сите граѓани, а само мал дел од нив се припадници на СДСМ. Останатите се како негови заложници. Треба под итно да ја напушти функцијата. Не можам да се сетам дека тој откако е избран за градоначалник има направено некој проект, вели Пандов за Курир.

nova-slika500

Политичките аналитичари сметаат дека Заев треба да распише предвремени избори и да се соочи со народот од кој не треба да се плаши и да бега, дополнително бидејќи и самиот вели, дека истиот тој народ е со него.

И премиерот Никола Груевски во неделата го повика струмичкиот градоначалник да распише предвремени избори.

-Ако Заев има барем ронка доверба во себе и во својата политика, го повикувам да распише предвремени градоначалнички избори во Струмица оваа есен, особено после онаа видео снимка на која отворено и срамно бара мито од бизнисмени раскажува како тоа таков бил редот за земање арач од сите, за работи кои се обврски на општината да ги заврши на секој еден граѓанин или бизнисмен. Замислете таков човек за премиер!? Истото ќе почне да го прави со сите домашни и странски компании, кои една по една ќе почнат да се повлекуваат, и да ги затвораат новоотворените работни места. Независно дали тој или некој друг од овој тим ќе биде премиер, а самиот Заев шеф на партијата. Бидејки моќта секој еден политичар ја црпи од партијата, за која народот се произнесува на избори. И гледам пред некој ден, објавиле дека преку давањето на субвенции на земјоделците власта го купувала и тој Иво од кого Заев најбезобазно бараше мито за себе и за брат му. А да го прашам јас од оваа говорница: владата дава субвенции и на неговите фирми кои произведуваат корнишони. Да не го поткупивме ние и Заев со субвенциите што ги зема за да работи за ВМРО и да снима риалити шоу за земање мито и личен данок од бизнисмените, за чисто онака да ни учини. И онака самиот изјави дека богатството го направил во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Груевски во своето обраќање на годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Распишување предвремени избори од Заев побараа и струмичани. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Струмица Зоран Пакетов изјави дека во изминатиот период од две години се сведоци дека општина Струмица е оставена на цедило од градоначалникот.

-Додека градоначалникот не покажува никаков интерес за извршување на функцијата за која е платен  органите на локалната самоуправа делуваат самоволно и тотално неорганизирано. Не појавувањето на работното место  претставува омаловажување на граѓаните на општина Струмица. Сите сме сведоци дека наместо да бидат во служба на граѓаните градоначалникот и неговите партиски војници  се многу повеќе присутни на камповите пред Владата, отколку на своите работни места. Сето тоа самоволие и анархија во општината ,негативно влијае на нас, рече Пакетов.

Тој додаде дека проектите кои Заев ги ветуваше на граѓаните за да ја добие градоначалничката функција, останаа нереализирани.

Низа мерки за младите – владините проекти даваат резултати

Владините мерки и проекти наменети за младите лица даваат резултати. Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при своето обраќање на Годишната конференција на Унијата на млади сили на партијата наброи низа проекти преку кои Владата се грижи за младите и нагласи дека за нив е направено многу.

-Заедно направивме многу за Македонија, и особено за младите во Македонија. Успеавме во напорите за укинување на визната либерализација, и денес секој млад човек може непречено да се движи низ Европа без визни ограничувања. Донесовме ниско тарифни авио компании со кои илјадници млади луѓе за 20-30 евра можат да патуваат кон најатрактивните дестинации низ Европа и пошироко. Младите брачни парови кои планираат три или повеќе деца во семејството веќе од 2008-мата добија сериозна државна финансиска поткрепа, а првите резултати од тоа иако во мал обем веќе стасуваат. Годинава, по подолг надолен тренд, кога на училиште почнаа да одат токму оние кои се родија кога владата ја донесе оваа мерка и политики, во прво одделение се запишаа 1.116 повеќе деца од минатата. Се враќа надежта кога зборуваме за македонската демографија, иако не чека тежок пат на ова поле, имајќи во предвид дека на ред доаѓаат генерации со пониска фертална база, рече Груевски.

Премиерот потсети дека новата мерка на владата за стимулирање на вработувањата наречена Македонија вработува, се издвои посебна категорија за која работодавачот пет години нема да плаќа придонеси со обврска да ги задржи уште една – тоа се невработени од семејства со три или повеќе деца, што значи овие луѓе, овие семејства ќе станат поатрактивни за работодавачите во иднина.

-Се даде можност и за подолго неплатено породилно боледување од три месеци кое може да се искористи до возраст на детето од три години, до кога мајката е и здравствено осигурана, а од годинава воведовме и подолго платено породилно отсуство за мајки кои ќе родат две, три или повеќе деца истовремено, и за нив го зголемивме на 15 месеци породилното отсуство, рече Груевски.

Груевски додаде дека се обезбедени низа мерки за студентите и учениците.

-Ставивме ред во студентските домови, и точни критериуми за прием, со огромни казни за раководството доколку ги прекрши. Вложивме 42 милиони евра и со нив изградивме 70 нови училишта а над 350 темелно ги реконструиравме. Изградивме над 80 нови спортски сали, 50 игралишта за голем фудбал, се градат 120 тениски терени од кои околу половина се завршени, се градат и 100 мултифункционални игралишта, од кои над пола се завршени. Се овозможи и градба на големи спортски сали за големи собирања како Борис Трајковски и Јане Сандански, но и националната арена Филип Втори Македонски. Се градеа и се градат станови за млади брачни парови по повластени цени. Се спроведе проект со кој во одредени денови младите луѓе имаат бесплатен пристап во културните институции и јавниот превоз со воз и со градски автобус. Паднаа акцизите и царините, па илјадници млади луѓе дојдоа до автомобил, рече Груевски.

Преку проектот „Македонија вработува“ за помалку од два месеци се вработија 2.600 лица.

– Со последниот проект, Македонија вработува, младите се опфатени во посебна група до 35 години,за чие вработување работодавачот не само што во период од 3 години нема да плаќа никакви придонеси, туку нема да плаќа ни персонален данок на доход, но со обрвска потоа да ги задржи најмалку уште една година. На ова мерка претходеше слична една година претходно, преку која работа добија речиси 9.000 млади луѓе до 29 години за само една година. Со новата мерка до 35 години, заедно со старата до 29 години, за помалку од 2 месеци се вработија над 1700 млади луѓе половина со старата мерка до 29 години која сеуште трае, околу половина со новата мерка до 35 години, која е дел од големиот проект Македонија вработува, и тоа само до оваа возраст. Се отворија над 140 илјади нови работни места во Македонија во последните 8 години, рече премиерот Никола Груевски на Годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

УЕФА потврди: Скопје во 2017-та домаќин на европската фудбалска елита

ФФМ ја доби довербата од УЕФА за организација на ексклузивниот дуел меѓу победниците на Лигата на Шампионите и Лигата на Европа за сезоната 2016/17 година.
spektakl-fudbal-5500

Одлуката ја донесе Извршниот комитет на Европската фудбалска унија на состанок во Прага, а на прес конференција ја соопшти Џани Инфантино, Генерален секретар на УЕФА.

Скопје во август 2017 година ќе биде домаќин на двете најдобри екипи на европска почва што претставува огромно признание за македонскиот фудбал и Фудбалската федерација на Македонија кои добиваат историска организација на врвен европски фудбалски настан.

УЕФА во Фудбалската федерација на Македонија  добива партнер кој посветено ќе работи на успешна организација на најголемиот фудбалски и спортски настан што Македонија воопшто ќе го организира.

stadion-arena2-500

Како еден од најголемите амбасадори на нашата земја, промотор на фер-игра, на социјално и општествено вклучување, промотор на здравје и едукација во нашето општество, заеднички имаме неповторлива можност да покажеме што значи фудбалот во нашата земја.

Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност.Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан, изјави Илчо Ѓорѓиоски, претседател на Фудбалската федерација на Македонија.

ilco-uefa-500

Со поднесената официјалната кандидатура на ФФМ за Евро 2020, како единствена земја од поранешните Ју-републики, нашата организација ја потврди сериозноста да бидеме домаќини на голем спортски настан, а со добиената доверба да го огранизираме Европскиот Суперкуп, Фудбалска федерација на Македонија потврди колку сериозен беше проектот да бидеме еден од домаќините на Европското првенство 2020 година. ФФМ ја истакнува важната улога на градот Скопје и владините институции во градењето на организациските одговори при соочувањето со предизвиците од кандидатурата.

-За нашата кандидатура имавме апсолутен консензус и максимална поддршка од градот Скопје, Владата и државните институции. Во нив успеавме да пронајдеме партнер кој сака да учествува во еден од најголемите настани во самостојна Македонија, настан кој ќе донесе бројни краткорочни и долгорочни користи за нашата земја, за економијата и нашиот фудбал, вели Ѓорѓиоски.

Натпреварувањето под капата на УЕФА започна да се организира во 1973 година. Милан е најуспешниот тим со освоени пет титули. Во август годинава, Барселона и Севилја ќе се борат за трофејот во Тбилиси, Грусија. Откако УЕФА реши Суперкупот да го да не се игра само во Монако, се одржуваше и во Кардиф (2014 година) и Прага (2013 година). 

Организацијата на еден ваков фудбалски спектакл претставува одлична реклама за македонскиот фудбал, но и воопшто за нашата држава. Од посетеноста, односно навивачите на екипите кои ќе го играат Суперкупот, до посетата на странските ТВ куќи.

Ова сигурно е најважниот и најголемиот спортски настан кој ќе се одржи во нашата држава. Македонските љубители на фудбалот ќе имаат можност во живо да гледаат големи екипи, фудбалски ѕвезди, со еден збор фудбалски спектакл, бидејќи 40 проценти од капацитетот на стадионот УЕФА го доделува на домаќинот, односно организаторот на настанот.

Груевски: Првото средно училиште во Шуто Оризари со редовна настава од септември

Завршена е големата доградба на двете основни училишта во Шуто Оризари, истакна денес премиерот Никола Груевски кој присуствуваше за почеток за изградба на систем за водоснабдување во истата општина.

-Таму веќе се внесува училишниот инвентар. Од септември овие училишта ќе имаат зголемен капацитет за да можат да ги опфатат сите деца од Шуто Оризари, без притоа да треба децата да одат во три смени на училиште. Паралелно на овој проект ја завршивме изградбата на новото средно училиште „Шаип Јусуф“, ветување кое е завршено. Во моментов и во ова училиште се внесува потребниот училишен интентар и од септември и тука ќе почне редовна настава, истакна Груевски.

Тој додаде дека со ова се заокружени две големи значајни проекти за Шуто Оризари. Премиерот истакна дека минатата година во употреба било пуштено новото повеќенамеско игралиште.

Ќе се реконструираат 23 училишта во неколку општини во Македонија

Во буџетот на Република Македонија за тековната 2015 година се предвидени средства за реконструкција на 23 основни училишта, лоцирани во неколку општини во државата.

Министерството за образование и наука вчера распиша тендер за избор на најповолен понудувач што ќе ги изведува градежните работи во наредните 12 месеци.

Проценетата вредност на целиот проект изнесува 137.104.311 денари, односно над 2,2 милиони евра. Заинтересираните градежни компании треба да ги достават своите понуди најдоцна до 20 јули.

Со проектот се опфатени училиштата „Истикбал“ во Тетово, „Наим Фрашери“ во Куманово, „Браќа Мигени“ во Тетово, „Сабедин Бајрами“ во тетовското село Камењане, „Кирил и Методиј“ во скопско Стајковци, „Страшо Пинџур“ во валандовското село Јосифово, „Гоце Делчев“ во Кавадарци, „Перпарими“ во гостиварско Форино, Страшо Пинџур во Карбинци, „Методи Мицевски – Брицо“ во Лозово, „Гостивар“ во Гостивар, „ГК Скендербег“ во скопско Арачиново, „Наим Фрашери“ во село Морани, „Гоце Делчев“ во Тетово, „Гоце Делчев“ во Виница, „Мурат Лабуништи“ во Лабуништа, „Св. Кирил и Методиј“ во струмичкото село Иловица, „Св. Климент Охридски“ во Делчево, „Блаже Конески“ во Скудриње, „Даме Груев“ во село Ерџелија, „Пашко Васа“ во село Групчин, „Дитурија“ во скопско Сарај и „Лирија“ во село Вруток.