Ортаците се жалат: Заев не им дава пратеничка група на Тито и на Милевски

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, е против волјата на помалите партии кои фигурираат во неговата коалиција да се обединат во посебна пратеничка група во Собранието со свој координатор.

Kако што дознаваме од партиски извори, првиот социјалдемократ не дозволувал тие да работат посебно од пратениците на СДСМ, кои веројатно ќе функционираат настрана од малите, со Горан Сугаревски на чело на групата. Наш соговорник од СДСМ вели дека непосредно пред влегувањето на опозиционерите во законодавниот дом, меѓу нив се зголемува и тензијата. Веројатно тоа се должи на недовербата на Заев кон коалициските партнери, односно на стравот на лидерот на СДСМ по влегувањето да не преминат на другата страна и токму затоа инсистира да функционираат сите обединети.

Но, и покрај тоа, речиси е сигурно дека НСДП и ЛДП, кои заедно исполнуваат услов за посебна пратеничка група со пет народни избраници, ќе се обединат во посебна пратеничка група. Тоа практично значи дека Горан Мисовски, Љупчо Јосифовски и Соња Мираковска од НСДП и Горан Милевски и Дуфе Kуковски од партијата на Андреј Жерновски со свој координатор ќе дејствуваат во парламентот настрана од групата на СДСМ.

За НСДП, ова е техничко прашање

Официјално од НСДП, пак, велат дека тоа е техничко прашање и оти ќе биде одлучено по влегувањето во Собранието, односно народски речено кога теренот ќе биде опипан директно од собраниските клупи. Оваа партија пред три дена одржа и Извршен одбор за прашања врзани за влегувањето во Собранието, но и за тековни работи.

– Kога ќе влеземе во Собранието, ќе одлучиме каква ќе биде стратегијата. Тоа е техничко прашање, што дополнително ќе се разгледува – ни изјави пратеникот Горан Мисовски од НСДП.

Истовремено, во врска со тоа од партијата на Заев се зачудени како нивниот лидер с` повеќе инсистира промена на изборниот модел во една изборна единица, што го оправдува со шанса за помалите партии на избори. Ако на својата коалиција, односно на помалите субјекти не им дава шанса за еден вид самостојност во Собранието, додава нашиот соговорник, тогаш лицемерно е да се залага за повеќе гласови за нив на избори.

Што се добива пратеничката група

Според Деловникот на Собранието, пратеничката група ја сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии. Пратеничката група определува нејзин координатор, кој, всушност, учествува на координациите кај собранискиот претседател. Пратеничката група добива мини-привилегии. Така, освен пратеничките канцеларии, своја канцеларија добиваат и поголем број асистенти како стручна помош. Kоординаторот на пратеничка група има право подолго да говори од останатите пратеници за одредени точки на дневен ред и предлози. Бидејќи учествува на координација, може да лобира точка на дневен ред на собраниските седници и во добива поголем број пратенички прашања, кои се поставуваат усно на седница. Доколку ЛДП и НСДП имаат посебна пратеничка група од онаа на СДСМ, а дејствуваат опозициски, севкупно опозицијата добива поголемо учество во работата на парламентот. Она што веројатно го плаши Заев е дека одвоената пратеничка група на ЛДП и НСДП нема да биде толку зависна од партиските ставови на СДСМ во Собранието. Пратениците на НСДП и ЛДП сами ќе одлучуваат како да гласаат, а дури и сами може да одлучат како ќе дејствуваат во Собранието: опозиции или не.

Дескоска – потпретседател на Собранието

Kако што дознаваме од партиски извори, на последната седница на Извршниот одбор на социјалдемократите, донесена е одлука потпретседател на Собранието, односно заменик на Трајко Вељаноски, кој треба да доаѓа од редовите на опозицијата, да биде членот на ИО, Рената Дескоска-Тренеска. Партијата веќе заврши и со одлуките за назначување претседатели на други собраниски комисии. За СДСМ, особено е важно кој ќе застане на чело на анкетната комисија за прислушуваните материјали. Оттаму, с` поизвесно е оти ова тело ќе го води партискиот портпарол Петре Шилегов.

Трите некогашни опозиционерки остануваат независни

Трите пратенички кои беа дел од опозицијата, но по бојкотот на СДСМ и коалицијата на Собранието решија да влезат во парламентот, Љубица Буралиева, Солза Грчева и Роза Топузова-Kаревска, засега остануваат да дејствуваат како независни. Останува дилема дали ќе се врзат со некоја пратеничка група по враќањето на СДСМ и коалицијата во Собранието и дали тоа можеби би била опозициската, односно онаа на СДСМ, но, како што велат од опозицијата, речиси невозможно е тие да бидат примени повторно назад.

Извор: Дневник
Пишуваат: Лепа Ѓоргиевска / Катерина Нешкова

Договорени откупните цени за винското грозје

Откупувачите на грозје и лозарите постигнаа договор за минималната откупна цена на килограм винско грозје на денешниот состанок во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство што се одржа под медијаторство на министерот Михаил Цветков.

Како што информираат од МЗШВ, договорено е минималната цена за откуп на сортата грозје Вранец со 19 шеќерни единици да биде 13 денари за килограм. Покрај тоа, договорена е и цена од 0,68 денари по шеќерна единица, која ќе се користи при пресметка на откупна цена за сортата Вранец во случај кога производителите на грозје ќе предадат грозје со повисока или пониска вредност од 19 шеќерни единици.

Минимална цена, пак, за откуп на сортата Смедеревка со 17 шеќерни единици ќе биде 11 денари за килограми и 0,64 денари по шеќерна единица, која ќе се користи при пресметка на откупна цена во случај кога производителите ќе предадат грозје Смедеревка со повисока или пониска вредност од 17 шеќерни единици.

– Сите откупувачи на грозје и винарски визби, откупните цени согласно договорените минимални цени и цените по шеќерна единица ќе ги истакнат на видно место на своите откупни пунктови. Цената на винското грозје од т.н. висококвалитетни сорти во секој случај ќе биде повисока од договорените цени за сортите Вранец и Смедеревка и ќе се утврдува во договор помеѓу производителите на грозје и откупувачите / винарските визби, соопшти МЗШВ.

Оттаму посочуваат дека исплатата на откупеното винско грозје ќе биде во законски утврдениот рок согласно Законот за виното.

Јолевски: АРМ е добро организирана за справување со мигрантите

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и Командантот на ЗОК на АРМ бригаден генерал Васко Ѓурчиновски денеска ги посетија припадниците на АРМ кои се ангажирани за асистенција на Граничната полиција на јужната граница на Република Македонија со Република Грција.

Јолевски и Величковски беа запознаени со состојбата на теренот, соработката и координацијата со останатите надлежни институции и локалната самоуправа, како и со практичното извршување на задачите за спречување на илегален премин на граничната линија од страна на мигрантите.

– Главна цел ни е да дадеме помош на државните институции, односно на граничната полиција на МВР во поглед на справување со овој голем наплив на мигранти. Армијата помага во канализирање на мигрантите да влегуваат низ еден дел во Македонија каде што имаме Центар за регистрирање каде што се земаат податоци на лицата кои влегуваат во Македонија и потоа организирано се транспортираат на нашата северна граница, истакна Јолевски.

Тој информира дека мигрантите влегуваат во групи од по 200 луѓе, се евидентираат и се упатуваат со воз. Доколку има поголем наплив на мигранти се организира и превоз со автобуси.

– Бев информиран од командантот на Оперативниот центар дека постои координација со грчката страна, односно градските власти информираат за движењето на мигрантите со цел и ние на македонска страна да бидеме подготвени. Засега сме добро организирани и се надевам дека така ќе продолжи, истакна Јолевски.

На прашање за временото ангажирање на АРМ, министерот Јолевски рече дека со Одлуката на врховниот командант за прогласување вонредна состојба, АРМ ќе биде ангажирана 30 дена.

– Доколку има потреба, и врз основа на проценките  кои ќе се направат помеѓу АРМ, МВР и другите институции може да се продолжи ангажманот на војската, но за тоа е потребно и одлука од Собранието на РМ, додаде Јолевски.

Претходно Јолевски, Величковски, Ѓурчиновски и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли на Армискиот полигон „Криволак“ ги посетија припадницте на декларираната чета на Воена полиција од составот на баталјонот на ВП на АРМ и припадници на Воената полиција од Армијата на САД кои ја изведуваа билатералната воена вежба „Operation Phalanx-MACEDONIA“ .

Вељаноски: Собранието е сржта на демократијата

Собранието на Република Македонија е место каде се пресекуваат проблемите со кои се соочува државата, исто како и успесите. Затоа треба да се вообличи концепт и сите да манифестираат подготвеност да се решаваат проблемите. Собранието е сржта на парламентарната демократија, која е основа на поредокот на државата. Натамошното јакнење на нејзините темели е најважна задача на овој дом на македонските граѓани, порача денеска претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски на одбележувањето на соработката меѓу Парламентот и Вестминстер фондацијата за демократија.

Истакна дека управувањето со државата е одговорност која им припаѓа на владејачките партии, но, како што посочи, не е помала одговорноста и да се биде опозиција.

– Заради тоа доаѓањето на опозицијата во овој дом треба да се доживее како израз на таква одговорност и тоа ќе му даде полна смисла на македонскиот Парламент, потенцира Вељаноски.

Како прв меѓу еднаквите се обврза на соработка со сите за, како што рече, остварување на заедничката цел демокрстка и економски развиена Македонија.

– Имаме обврска пред народот како политичари од сите бои да си поддадеме рака на единство. Да покажеме дека претставниците на народот промовираат единство и дијалог, а не конфликти и расправии. Да бидеме едно кога се работи за Македонија, рече претседателот на македонскиот Парламент.

Македонија, рече Вељаноски, се соочувала и ќе се соочува со проблеми кои убеден сум дека ќе ги реши. – Како и во животот велиме дека никој не добива потежок товар од оној што може да го носи истакна Вељаноски, и додаде дека и власта и опозицијата достоинствено треба да го носат товарот на одговорноста што ја имаат и заедно да работа за доброто на Македонија.

Парламентот е срцето на демократијата, смета и амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија Чарлс Гарет. Парламентот, според него, е срцето на македонската демократија кој пумпа крв во ситемот и носи кислород до виталните органи. Од оние кои се избрани во Парламентот, потенцира, не се очекува да отвораат изложби туку направат се што можат во интерес на народот.

– Во таа смисла утре е многу важен ден. Со враќањето на Парламентот во полна сила крвта на демократијата може да почне да циркулира повторно. Политичкиот договор во Пржино не доведе до тоа кога беше потребна храброст и флексибилност од политичките лидери. Успешното враќање во Парламентот утре ќе ја бара истата храброст и флексибилност од вас како пратеници, порача Гарет.

Македонија, смета координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски, се уште е млада парламентарна демократија коа има наследство од еден еднопартиски систем во кој плурализмот слободата на мислата идеите и застапувањето на различните интереси биле забранета димензија.

Ние, рече, се уште имаме потреба да разбереме дека Собрание значи собир на различни луѓе, идеи, мисли и интереси. Треба да се научиме конечно, додаде Димовски, дека монополот на мислата и идејата и на одлуката во македонското Собрание не го носи никој, туку се носи врз база на една утврдена процедура правила и меѓусебна почит.

– Наша обврска е да прифатиме дека македонското општество никогаш повеќе нема да биде општество во кое ќе има центар на една мисла, одлука и на еден начин на постапување. Најзначајно е да прифатиме дека македонското општетво и Собрание е собир на плурализам идеи и постапувања. Затоа во таа насока почитувајќи го искуството на британскиот и другите претставнички домови да го изградиме македонскиот Парламент, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

На одбележувањето на оваа годишнина на соработката во македонскиот Парламент присуствуваа и пратеници од опозицијата, иако нивното враќање во Парламентот официјално треба да биде утре.

За координаторот на пратеничката група на СДСМ Рената Тренеска Дескоска, македонското Собрание веќе одамна, како што рече, не е дом на демократија и плурализам и коректор на власта, туку на извршители на она што таа треба да го спроведе.

За неа девалвацијата на Парламентот почнала уште од 2008 година и кулминирала, како што рече, со исфрлањето на опозицијата од при носењето на буџетот и насилната верификација на мандатите на пратениците од опозицијата иако тие доставиле изјави за неприфаќање на мандатите.

Смета дека сето ова довело до политичка и правна криза која не била решена со договорот од Пржино, туку, како што рече, создал само рамка за нејзино решавање.

– За целосно решавање потребно е рамката да се исполни со содржина, да се имплементира во предвидените рокови и да се создат услови за фер и демократски избори, а потоа и системот да се реформира, рече Тренеска Дескоска.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери, пак, смета дека постигнатиот договор и она што како решенија произлегува од него треба да биде не само во согласност на двете партии од македонската етничка заедница, туку и на другите заедници за кризата да не прерасне од интраетничка во интеретничка.

Додаде дека по наредните избори треба да се прекине со праксата на предвремени избори и земјата да влезе во редовни изборни циклуси.

Груевски: 1000 лекари и медицински персонал годинава ќе посетат обуки во странство

Паралелно со набавката на новата медицинска опрема и капиталните инвестиции во здравството наменети за изградба на нови и реконструкција и модернизација на постоечките здравствени установи, за што се инвестираат над 100 милиони евра, Владата продолжува и со проектот за обука на лекарите и останатиот медицински персонал во современите медицински центри во странство, кој се спроведува успешно.

drobuka

До август веќе се испратени околу 600 лекари и медицински персонал, а до крајот на годината се очекува да бидат пратени на обука уште 400 со цел да се заокружи бројката од 1000 лекари и медицински персонал, оцени премиерот Никола Груевски.

Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот Груевски посочи дека две години по ред во познатите болници во странство се испратени по 500 лекари и медицински персонал, а оти од годинава согласно законот треба да бидат испратени 1000 лекари на годишно ниво.

-Ова е многу важно да се направи, затоа што добро е да се купува медицинска опрема која недостасуваше и која како никогаш досега е набавена од страна на Владата и добро е да се изградат  современи болници, но клучна е стручноста на лекарите и медицинскиот персонал. Ако лекарите не ги следат најновите достигнувања и методи за дијагностицирање и интервенции тогаш нема доволно да биде искористена моќта што ја имаат новите апарати, а пациентите ке останат со послаби третмани, нагласи Груевски.

Тој потенцира дека како Влада се многу фокусирани на здравството каде се спроведуваат низа проекти како Што се Ало докторе, плаќањето по учинок, купувањето на нова современа опрема, па се до реконструкцијата и изградбата на медицински установи се со цел лекарите да имаат подобри услови за работа, а пациентите соодветен третман.

Заев и Шеќеринска држеле предавање како се станува пратеник

На сметките на секој пратеник од опозициската СДСМ досега легнале скоро 18.000 евра, а во овој период на бојкот кој трае повеќе од една година од државната каса се потрошиле 770.000 евра, иако тие не беа претставници на граѓаните, за што впрочем им беше дадена доверба, туку со деструктивни политики се обидуваа да го срушат функционирањето на институциите. Иако уредно не го известиле Собранието за нивното враќање, извори од законодавниот дом за Вечер велат дека опозиционерите се нетрпеливи за да се слушне нивниот глас во Собранието, и дел од нив веќе се прошетале низ собраниските ходници и побарале да ги видат нивните канцеларии. Со оглед на фактот што најголем дел од екипата на СДСМ е непозната за политичката јавност, пратениците неодамна беа на обука во Берово за тоа како да бидат пратеници од 1 септември

Откако удобно ќе се сместат во собраниската фотелја, на пратениците од опозициската коалиција на трансакциските сметки ќе им легне петнаесеттата по ред пратеничка плата, за септември. Секој пратеник од СДСМ со непојавувавањето на работа во изминатиот период добил околу 60 просечни македонски плати, со оглед на фактот што пратеничката плата изнесува околу 1200 евра, а СДСМ го бојкотираше Собранието повеќе од една година. Иако граѓаните лани во април ги избраа за да бидат глас на народот, 31 од опозициската СДСМ по објавувањето на изборните резултати на изборите минатата година најавија бојкот на законодавниот дом. На сметките на секој пратеник од опозициската СДСМ досега легнале скоро 18.000 евра, а во овој период на бојкот кој трае повеќе од една година од државната каса се потрошиле 770.000 евра, иако тие не беа претставници на граѓаните, за што впрочем им беше дадена доверба, туку со деструктивни политики се обидуваа да го срушат функционирањето на институциите.

Но иако уредно не го известиле Собранието за нивното враќање, извори од законодавниот дом за Вечер велат дека опозиционерите се нетрпеливи за да се слушне нивниот глас во Собранието, и дел од нив веќе се прошетале низ собраниските ходници и побарале да ги видат нивните канцеларии. Со оглед на фактот што најголем дел од екипата на СДСМ е непозната за политичката јавност, пратениците неодамна беа на обука во Берово за тоа како да бидат пратеници од 1 септември.

Во меѓувреме лидерот на СДСМ Зоран Заев продолжува со поставувањето услови. Последно, порача дека доколку не биде постигнат договор за специјалниот обвинител, ќе продолжи со објавување на политичките „бомби”. Извори од „Бихаќка„ велат дека во централата повторно се разгледува опцијата за бојкот ако не се исполнат желбите на Заев, кој според истите извори би се случил после 20 септември. Заканите од лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев е дел од фолклорот за кревање на моралот за нивното членство, возврати премиерот Никола Груевски.

– Тоа е дел од фолклорот на Заев кој изминатиот период има тешка задача да го одржи моралот и духот меѓу неговото членство. Како што знаете, во минатото говореше дека за три дена ќе падне Владата. Потоа ја смени изјавата и кажа дека нема да падне за три дена, туку ќе падне за 30 дена, па дека ќе падне за 45 дена, па за 60 дена итн. Во меѓувреме ништо од сите тие работи не се реализира. Сега откако излегоа многу домашни и меѓународно признаени испитувања на јавното мислење и процени на релевантни меѓународни институции за тоа какво е расположението на граѓаните за наредните избори и кому ќе му ја дадат довербата се виде дека граѓаните убедливо и силно ќе ја дадат довербата на ВМРО-ДПМНЕ – изјави Груевски.

На Заев, како што рече Груевски, му е потребна нова приказна за да го одржи неговото членство во некаква надеж, а тоа е дека ќе има некакви апсења, дека ќе има обвиненија и дека на тој начин СДСМ ќе добие некаква шанса. (Ј.Ц.)

Ќе испиеме кафе со Роза, Солза и со Љубица

– Ќе се поздравиме колегијално како пратеници, но ќе имаме принципиелна поставеност спрема нив, сепак тие се исклучени до партијата – вака портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов ја коментира првата средба со пратеничките Роза Топузова – Каревска, Љубица Буралиева и Солза Грчева, кои спротивно на партиската директива за бојкот, одлучија да се вклучат во работата на Собранието.

Шилегов додава дека целосно и активно ќе се вклучат во работата на Собранието, ќе учествуваат во дискусиите на пленарките и во комисиските расправи, но најмногу ќе се фокусираат на обврските кои произлегуваат од Договорот од Пржино.

Извор: Вечер

Целосна реконструкција на Битолската болница

Објектот на Битолската болница до октомври следната година ќе добие комплетно нов надворешен и внатрешен изглед. Идејното решение е избрано, тендерот за изведувач на работите е објавен, а инвестицијата за реконструкција на овој објект на Министерството за здравство изнесува 130 милиони денари.

Министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес -конференција информираше дека реконструкцијата ќе се изведува во две фази. Првата фаза ќе го опфати надворешниот дел, односно поставување енергетски ефикасна фасада, промена на кровот и прозорите, а втората фаза ќе се однесува на внатрешноста на болницата.

Тодоров смета дека со реконструкцијата ќе се подигне стандардот и квалитетот на болницата. Како што рече Тодоров, досега во болницата се вршени неколку обновувања, но ова е прва посериозна реконструкција.

Оглас за закуп на државно земјоделско земјиште до три хектари

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до 3 хектари.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство понудени се вкупно 4.750 хектари во 30 општини, а увид во податоците за секоја површина може да се направи на веб страната на Министерството за земјоделство и во подрачната единица, надлежна за соодветната огласена површина.

Максималната површина за која може да аплицира еден понудувач е 3 хектари. Закупот е во траење од 15 до 70 години во зависност од активноста и од земјоделската култура која ќе се одгледува.

Право на учество имаа домашни и странски, правни и физички лица кои немаат  склучен договор за закуп за државно земјиште со Mинистерството за земјоделство.

Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност или запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства или да се трговец поединец на кои земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи да им е претежна дејност.

Критериуми врз основа на кои ќе се избира најповолен понудувач се оддалеченоста на местото на  живеење, понудена годишна закупнина по хектар и правниот статус на понудувачот.

Почетната цена по хектар се утврдува во зависност од местоположбата и од катастарската класа на парцелата и изнесува од 5 до 25 евра.

Образецот за учество на јавниот оглас, може да се подигне во Министерството за земјоделство, подрачните единици и од веб страната на Министерството.

Понудите се доставуваат во рок од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот оглас во дневните весници.

Понудите се поднесуваат до Генерален секретаријат на Владата на Република Македонија до 29 септември 2015 година.

Груевски: Со консултации до најдобри решенија за високото образование и државната матура

Измените на Законот за високо образование и за државната матура се одложени за септември 2016 година и во овој период ќе направиме се што е во наша моќ да бидат вклучени сите засегнати страни за да се дојде до најдобрите можни решенија, изјави премиерот Никола Груевски.

При посетата на Дојран одговарајки на новинарско прашање, премиерот Груевски рече дека има доволен период за размислување во кој ќе се разговара со сите заинтересирани страни се со цел да се слушнат сите мислења и да се направат темелни консултации.

– Одлагањето на државната матура е затоа што од декември се пријавува матурата и имавме прекраток период за промените што сакавме да ги постигнеме, затоа што ни треба во меѓупериодот и дијалог, така што има доволен простор да се вклучат сите заинтересирани страни и да се разговара со сите, да се слушнат сите мислења и да се направат темелни консултации за на крај да се донесе најсоодветното решение, истакна Груевски.

Што се однесува до Законот за високо образование, премиерот посочи дека и за него ќе се направат максимални напори да бидат вклучени сите оние на кои се однесува законот и да се слушнат сите мислења, а во заеднички консултации да се дојде до најдобрите можни решенија.

Завршува летниот распуст, од утре учениците на настава

Денеска е последниот ден од летниот распуст за учениците. Од утре за околу 275.000 основци и средношколци ќе започне новата 2015/2016 година.

Првпат во училишните клупи ќе седнат и околу 20.000 првачиња.

Од вкупниот број ученици, околу 190.000 се основци и околу 85.000 средношколци.

Во Македонија има 105 средни и 337 основни училишта.