Спасовски од СДСМ продолжува да се пазари со македонските национални интереси

Техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски од СДСМ продолжува да се пазари со македонските национални интереси.

По негова сугестија, на советот на општина Дебар, сменет е досегашниот командир на ПС-Дебар, Рашит Исмајлоски.

Македонците, православни и муслимани, овој потег на Спасовски го толкуваат како уште еден удар врз националното ткиво и губење на уште една важна позиција во регионот.

Андонов: Како судијата промени одлука за неколку часа, дали му е вршен притисок или го уценувале?

Ирационална и апсурдна е одлуката на судијата Јован Лазаревски  кој во само неколку часа судеше против своето сопствено убедување. Тој прво го отфрли барањето за претрес со образложение дека СЈО нема правна надлежност на предметот. Само неколку часа подоцна тој го разгледуваше барањето за притвор и одлучи по него.

За експертите е нејасно како дошло до ваква нагла промена на личниот став, но тврдат дека судијата должи одговори на јавноста.

Универзитетскиот професор Оливер Андонов во изјава за Курир ја коментира ваквата одлука на судијата, но и однесувањето и работата на Катица Јанева.

-Треба да се соочи самиот со себе и со својата совест како е можно да во неколку часа промени одлука по ист предмет. Дали му е вршен притисок, дали некој му кажал што да направи или е уценет со нешто, тоа тој треба да си даде одговор зошто и како го прави тоа. И веднаш ќе се надоврземе на вториот аспект, а тоа е акција таканаречена. Тука нема случај, не постои случај. Очигледно е дека СЈО раководено од СДСМ политички бара причина за да може да направи случај. Ако се знае дека хард дискот се наоѓа кај Катица Јанева, дека сите податоци се достапни, каков случај бараат тогаш? Нема никаков случај. Има само желба за отворање на политички прогон, таканаречена стратегија на посреден пристап за да се пронајде било каква нитка, дамка за да се нападне поранешниот премиер Груевски. Ова е класична политичка борба, буквално класична политичка борба, вели тој.

Професорот презентира факти кои цврсто ја побиваат целата релевантност на акцијата.

– За волја на вистината, морам да кажам дека Горан Груевски лично го знам од времето кога работевме заедно во армијата. Се сомневам во тоа дека такво нешто би направил човекот, дека би уништувал нешто за да прикрие докази. Но уште повеќе претседателот на комисијата кој утврдил дека треба да се расклопува опремата и истата да се уништи подоцна, е унапреден во повисоко звање во МВР откако претходно дава лажна изјава, а се обвинува архиварка која со ништо не може да влијае бидејќи архивските броеви од 2013 не се истите што се и денеска. Можете да вршите антидатирање за ден, два, три недела, но секоја следна година за сите институции архивските броеви се различни. Книгата се затвора и се носи на страна. Дури има предмети што во тековната година нема потреба да се чуваат во архивата се преместуваат на друго место, во депо. Таа книга е затворена, тие архивски броеви се затворени, кој може во 2016 да врати назад 2013, три години нананзад. Тоа е невозможно, вели тој..

Жалба на одлуката на судијата на претходна постапка во врска со притворот за Горан Грујевски поднесе одбраната, потврдуваат од скопскиот Кривичен суд. Според постапката, жалбата веќе е испратена за одговор до Специјалното јавно обвинителство по што, Кривичниот совет има рок од 48 часа да донесе одлука по неа.

Експертите велат дека станува збор за чудна одлука на судијата Јован Лазаревски, особено ако се има предвид дека тој претходно го отфрли барањето за претрес со образложение дека СЈО нема правна надлежност за предметот. Во текот на вечерта, го разгледуваше барањето за притвор и одлучи по него. Што во тие неколку часа влијаело врз судијата да ја смени одлуката, се уште нема информации.

ОБСЕ/ОДИХР ја почна набљудувачката мисија за предвремените избори

Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) денеска официјално ја започна набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори во Македонија закажани за 5 јуни.

Мисијата е предводена од амбасадорот Јан Петерсен и се состои од главен тим од 12 експерти од 10 земји членки на ОБСЕ со седиште во Скопје и 24 долгорочни набљудувачи кои следната недела треба да допатуваат во Македонија и кои ќе бидат распоредени низ целата земја во тимови по двајца.

Петерсен на денешната прес конференција во Скопје најави дека ОДИХР од земјите членки на ОБСЕ/ОДИХР побара да обезбедат 300 краткорочни набљудувачи кои во земјава ќе допатуваат неколку дена пред денот на изборите.

Петерсен рече дека ова  ќе бидат 16-ти избори што ќе бидат набљудувани од 1998 година наваму. Претходно, мисијата на ОБЕ/ОДИХР ги набљудуваше претседателските и предремените парламентарни избори во 29014 година.

Амбасадорот Петерсен информираше дека денеска со средбата во МНР, а потоа и со состанок со членовите на ДИК, мисијата на ОДИХР ги започнала средбите со претставници неофицијалните државни институции, а ќе се сретнат и со кандидати, политички партии, припадници на граѓанското општество, медиумите и меѓународната заедница во земјава.

Исто така, информираше дека во набљудувањето на изборите ќе им се приклучат и членови на Парламентарното собрание на ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот на Европа.

ОДИХР ќе објави два периодични извештаи во текот на својата работа. На прес конференција на денот по изборите ќе биде објавена изјава за првичните наоди и заклучоци, а конечниот извештај за набљудувањето ОДИХР очекува да биде објавен околу осум недели по завршувањето на изборниот процес.

Петерсон одговарајќи на новинарски прашање во врска со тоа како ќе постапи ОДИХР доколку изборите не се одржат на 5 јуни, рече дека мисијата во земјата е дојдена на покана на МНР и оти изборите се закажани за 5 јуни и засега нема причина да биде поинаку, но доколку се случи нешто и тоа ќе биде земено предвид.

Амбасадорот рече дека нема да бидат објавувани посебни извештаи за процесот на прочистување на Избирачкиот список и медиумите, но најави можно осврнување на состојбата со Избирачкиот список во првиот прелиминарен извештај за претстојните предвремени парламентарни избори.

ОДИХР, како што потенцираше амбасадорот Петерсон, ќе ја оценува усогласеноста на овие избори со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со домашните прописи.

Како што посочуваат од ОДИХР набљудувачите внимателно ќе ги следат регистрацијата на кандидатите и гласачите, активностите во кампањата, работата на изборната администрација и соодветните владини институции, изборната регулатива и нејзината имплементација и решавањето на изборните спорови. Како дел од набљудувањето мисијата исто така ќе го следи и известувањето на медиумите за кампањата.

На денот на изборите набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, пребројувањето на гласачките ливчиња и сумирањето на резултатите.

Попоски-Хан: Избори на 5 јуни се најдобар пат за враќање на ЕУ агендата

Избори на 5 јуни се најдобар пат за Македонија да ја врати агендата и да почне со преговори за членство во ЕУ, заклучиле македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и еврокомесарот Јоханес Хан на денешната средба во Драч одржана на маргините на министерска конференција за Западен Балкан, соопшти МНР.

Попоски имаше средба и со државниот секретар за европски прашања на Франција Арлем Дезир, кој по разговорот со шефот на македонската дипломатија на Твитер напиша дека Париз ја поддржува реализацијата на договорот од Пржино како клучен елемнт за приближувањето на македонија кон ЕУ.

Билатерални средби во Драч, шефот на македонската дипломатија имаше и со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Игор Црнадак, со генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ, подсекретарот во италијанското МНР Винчензо Амендола и министерот за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати.

Министрите за надворешни работи од шестте балкански земји и Чешката Република, како претседавач на Вишеградската група, со комесарот Јоханес Хан, денеска на собирот во Драч разговарале за Париската конференција која треба да се одржи на 4 јули оваа година.

Попоски на конференцијата порача дека интеграцијата меѓу балканските земји треба да оди „рака под рака“ со интеграцијата во ЕУ.

– Треба да се интегрираме како регион помеѓу нас, паралелно со интегрирањето во ЕУ. Изградбата на подобри патишта и енергетски врски мора да е проследено и со полесно водење бизнис низ соседството и патување без рампи во регионот. Не треба да се има илузии дека ЕУ ќе може да биде дарежлива за финансирање на инфраструктурата во нашите земји во иста мерка како што беше тоа случај во другите земји кои веќе се приклучија на Унијата. Треба да сме реални дека тоа е минато. Денес имаме можност сами да работиме на интеграција помеѓу нас кои сме на пат кон ЕУ и оние земји од регионот кои веќе се членки на ЕУ. Се сведува на конкретни работи низ кои треба да го гледаме идното членство во ЕУ, посочи министерот Попоски.

Фокусот на конференцијата во Драч беше на статусот на проектите за регионална поврзаност од  претходната Виенска конференција во 2015 година, како дел од Берлинскиот процес за највисока политичка поддршка на идно членство на балканските земји во ЕУ, а биле донесени и заклучоци за основање младинска регионална канцеларија и проекти за мобилност на студенти и вработени во државните администрации меѓу земјите од регионот.

ДОСЕГА ЗАШТЕДЕНИ 653.000 ЕВРА: Од утре ново намалување на цените на лековите

Од утре стапуваат на сила новите намалени цени на 165 лекови (оргинатори и генерички лекови). Станува збор за деветто по ред намалување на цените на лековите согласно методологијата на Министерството за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија. Вкупната заштеда од ова намалување на цените на лековите е над 653.000 евра.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека досега со осумте претходни намалувања на цените на лековите заштедени се над 33 милиони евра во здравствениот систем. Дел од тие средства, посочи, се заштедени од страна на јавните здравствени установи и здравството генерално како сектор, а дел се заштеда на граѓаните преку намалување на цените на лековите во аптеките.

– Оваа системска мерка која ја имаме воведено како Влада ќе продолжи да се имплементира и во наредниот период, што значи дека во октомври ќе следи и нова ревизија, а се надевам и ново десетто по ред намалување на цените на лековите, истакна Тодоров.

Појасни дека малопродажната цена на лекот панцеф се намалува за 38,10 проценти односно од 1.229 денари на 761 денар, што ќе овозможи сериозна годишна заштеда од околу 480.000 евра.

Директорката на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија, Марија Дарковска Серафимовска рече дека повеќето лекови континуирано се намалуваат повеќекратно, а некои од нив континуирано во сите девет фази на ревизија на цените.

Од анализите што ги направи Агенцијата за лекови, потенцира таа, најголемо намалување на цените на генеричките лекови бележат во 2014 година кога се намалени цените на 602 лека.

Нагласи дека со ова деветто намалување на цените се опфатени рамиприл и валсартан, лекови за третман на висок крвен притисок кои пациентите ги земаат во аптеките. Цената на рамиприл е намалена за 50 отсто, а на валсартан за 40 отсто.

– Намалување на цената за 15 отсто има и кај хиконцил, тоа е амоксицилин по генеричко име, значи антибиотик. Има големо намалување на цената кај лековите мирзатен и велафакс кои се користат за третман на депресија. Што се однесува до болничките лекови има намалување на цената на флударабин (за третман на хронична леукемија), топотекан (за третман на карцином на јајници и грло на матка), ликсумиа (раствор за инјектирање за дијабетес мелитус тип 2). Се намалува и цената на сандостатин лар (хормон за раст), еилеа (лек за макуларна дегенерација во офталмологијата)…, додаде Дарковска Серафимовска.

Со ова деветто по ред намалување на цените на лековите од 2012 година, досега се опфатени над 4.800 лека, чија цена е намалена два или повеќе пати. Вкупната заштеда со тоа е над 33 милиони евра.

Ушковски: Со реформите континуирано се подобрува состојбата во судството

Со реформските активности кои се имплементираат континуирано се подобрува состојбата во судството и создадени се услови за уште поголема независност и ефикасност на судскиот систем во Република Македонија. Континуирано се јакнат капацитетите на правосудство, се забрзаа судските постапки, се зголеми квалитетот на судските одлуки, а со воведувањето на современата технологија се зголемува транспарентноста на работата на судовите.

Ова го изјави  престедателот на Судскиот совет на РМ Бранко Ушковски на приемот што во оваа институција се одржа денеска по повод 31 Март, Денот на правосудството, а на кој присуствуваа членови на Судскиот совет од сите генераци, министри за правда. Тој упати честитка до, како што рече, сите судии, јавни обвинители, правобранители, адвокати, медијатори, нотари, извршители, на судските службеници, судската полиција и на сите вработени во судовите за успешната работа.

Тој упати и порака до сите кои, вели, го критикуваат праводуството за влијаниа и мешања.

– Но, за жал некои еминентни експерти дел од нив добронамерно, еден дел од нив несакајќи или истите не се добро информирани дека всушност тоа што го критикуваат е веќе имплементирано. Но, друг дел од нив намерно постапувајќи под менторство на некои центри на моќ неоправдано му инпутираат влијанија за постапувањето на судиите и наметнуваат една перцепција за судството, дека со нивниот т.н еспертски коментар си земаат право на ексклузивитет, а тоа е дека нивната перцепција за состојбите во судството е апсолутна вистина. А тоа е особено изразено со правење конструкција и инсинуации за судството кои се наменети за дневно политички потреби, за дефокусирање на јавноста или за разни други поводи и цели кои се насочени за намерно рушење на интегритетот на целокупниот судски систем.(во кое истите очигледно најдобро се санаоѓаат), рече Ушковски.

Тој посочи дека сите овие предизвици за Судскиот совет во исто време се поттик за уште поинтензивни реформски активности да се продолжи да се прифаќаат највисоките европски стандарди за судството,кои се покажале како најдобри при практичната примена во некоја од земјите од Европската Унија. Воедно, нагласи дека сите констатирани недоследности од практиката кои беа воочени во минатото се надминати со тоа што се имплементирани највисоките меѓународните стандарди, така што, вели за судија на основен суд може да биде избран само кандидат кој ја завршил обуката во Академијата за судии и јавни обвинители. Во врска со унапредувањето на судиите во повисок суд воведен е мерит систем.

– Судскиот совет при изборот и унапредувањето на судиите во  професионалната кариера на судиите ќе продолжи со применување на имплементираните меѓународните стандарди кои се засниваат на заслуги со примена на објективни критериуми, односно највисоките стандарди од мерит системот утврден во рамките на законот. Со ова се отстранети секакви видови на влијанија и мешање и со тоа на највисоко ниво е гарантирана независноста на судиите. Исто така, заради обезбедување непристрасност во вршењето на судиската функција, како и за спречување на секое влијание во доделувањето на предметите во работа кај судијата, судиите сега предметите ги добиваат по автоматски пат, по природен ред на приемот на предметот во судот, рече претседателот ССРМ.

Тој ги спомена и воведувањето достава на писмената по електронски пат, како и тонското снимање на рочиштата со што, вели создадени се услови за уште поголема независност и ефикасност на судскиот систем во Република Македонија.

Министерот за правда Аднан Јашари честитајќи го празникот истакна дека Министертвото ќе продолжи со обезбедување законски гаранции за понатамошно зајакнување на независноста на судството, особено преку имплементирање на меѓународните стандарди во оваа област, а се осврна и на идните предизвици наведени во стратегијата за правосудството која е доставена до ЕК за мислење.

– Стратегијата која беше изготвена во соработка со експерти од ЕУ, содржи шест теми – судство, казнено-правен систем, пристап до правда и транспарентност, политика и координација, управно правосудство и информатички системи и правда. Во процесот на подготовка се вклучени шест работни групи за секоја од шесте тематски блокови, а беа вклучени и консултации со граѓанскиот сектор, кои беа вклучени и во работните групи за креирање на стратешкиот документ, рече Јашари.

ЗАБРАНА ЗА ДИК: Не смее да обезбедува електронски пристап до личните податоци

Дирекцијата за заштита на личните податоци по службена должност изврши вонреден инспекциски надзор во Државната изборна комисија (ДИК) по однос на објавувањето на личните податоци од Избирачкиот список на нејзината веб страница и донесе две привремени решенија.

Со едното, како што соопшти, се забранува ДИК да обезбедува електронски пристап до личните податоци во Избирачкиот список објавен на веб страницата www.izbirackispisok.gov.mk на начин кој не е во согласност со прописите за заштита на личните податоци, а со другото, на ДИК и се забранува да објавува на својата веб страница лични податоци на физички лица (име и презиме, пол, адреса, место и општина, датум на раѓање, податок за иселени лица и број на гласачко место), содржани во Списокот на неконзистентни записи-предмет на теренски проверки.

Привремените решенија, наведува Дирекцијата, се издадени со цел да се спречи натамошна повреда на правата на субјектите на лични податоци и нанесување на евентуални штетни последици до донесувањето на решенијата.

– ДИК е задолжена да преземе мерки при пребарување во Избирачкиот список објавен на веб страницата: преку одредена општина да не се прикажуваат личните податоци на сите избирачи во таа општина, преку одредена адреса да не се прикажуваат личните податоци на сите избирачи на таа адреса и преку одредено име и презиме да не се прикажуваат личните податоци на сите лица кои го имаат тоа име и презиме, наведува Дирекцијата.

Во привременото решение е утврдено дека објавувањето и електронскиот пристап до личните податоци во Избирачкиот список преку веб страницата на ДИК од страна на неодреден број лица не е правично и во согласност со закон и е извршено на начин што не е во согласност со конкретна и јасна законски утврдена цел, спротивно на член 31 став 2 точка 28-в и 28-г од Изборниот законик и член 5 став 1 и став 4 од Законот за заштита на личните податоци.

Според Дирекцијата, Изборниот законик во членот 55 став 1 предвидува дека личните податоци содржани во Избирачкиот список се заштитени во согласност со закон и не смеат да се употребуваат за ниедна друга цел, освен за остварување на избирачкото право на граѓаните. Но, со овозможувањето на електронски пристап до името и презимето и адресата на сите избирачи преку интернет за неодреден период, постои ризик личните податоци да бидат употребени и за други цели.

За другото привремено решение, Дирекцијата појаснува дека Државната изборна комисија нема правен основ да врши обработка преку објавување на лични податоци на физички лица, кои ќе бидат утврдени како неконзистентни записи и ќе бидат предмет на теренски проверки.

– Објавувањето и овозможувањето електронски пристап на Списокот на неконзистентни записи-предмет на теренски проверки кој содржи 89 384 записи со лични податоци на физички лица каде што пристап и можност за преземање имаат неодреден број лица, не е правично и не е во согласност со Изборниот законик и Законот за заштита на личните податоци, стои во соопштението.

Пред иницирањето на вонредните надзори, Дирекцијата за заштита на личните податоци, како што наведува, во повеќе наврати одржа состаноци со Државната изборна комисија и достави мислење и укажување во врска со објавувањето на лични податоци од Избирачкиот список на веб страната на Државната изборна комисија.

Ставрески: Индустрискиот раст дава надеж за висок раст на економијата

Растот на индустриското производство од 15,2 отсто во февруари, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е добар резултат и одличен старт што создава очекувања и надеж дека вкупниот раст на економијата годинава ќе биде добар. 

– Политиките на Владата и мерките што се преземаат во изминатите години создадоа добра основа за постојан пораст на производството на економијата преку поддршка на домашните фирми, со низа мерки, со најниски даноци во светот, со проектите како „Македонија вработува“ со ослободување на фирмите од плаќање данок од реинвестирана добивка, како и политики во делот на евтините кредити и високите капитални инвестиции. Тука се и странските фирми кои придонесуваат за раст на економијата, изјави Ставески при денешната посета на Кавадарци.

Тој додаде дека сето ова создава основа да се верува дека македонската економија и понатаму ќе расте со висока стапка, а тоа, како што рече, е значајно за граѓаните затоа што преку висок раст на економијата може да очекуваме нови инвестиции нови работни места и намалување на невработеноста.

АПСУРДНА ОДЛУКА: Судијата Лазаревски донесе одлука спротивно на своето убедување

Ирационална и апсурдна е одлуката на судијата кој во само неколку часа судеше против своето сопствено убедување. Тој прво го отфрли барањето за претрес со образложение дека СЈО нема правна надлежност на предметот. Само неколку часа подоцна тој го разгледуваше барањето за притвор и одлучи по него.

Жалба на одлуката на судијата на претходна постапка во врска со притворот за Горан Грујовски поднесе одбраната, потврдуваат од скопскиот Кривичен суд. Според постапката, жалбата веќе е испратена за одговор до Специјалното јавно обвинителство по што, Кривичниот совет има рок од 48 часа да донесе одлука по неа.

Експертите велат дека станува збор за чудна одлука на судијата Јован Лазаревски, особено ако се има предвид дека тој претходно го отфрли барањето за претрес со образложение дека СЈО нема правна надлежност за предметот. Во текот на вечерта, го разгледуваше барањето за притвор и одлучи по него. Што во тие неколку часа влијаело врз судијата да ја смени одлуката, се уште нема информации.

ЈАНЕВА СЕ ОСВЕТУВА: На мета се оние кои го открија Верушевски и планот за крв по улици

Специјалното јавно обвинителство на чело со Катица Јанева очигледно има за цел да го спасат првоосомничениот во „Пуч“ Зоран Верушевски и неговите соработници кои предвидуваа дека ќе има крв на улиците, а за сметка на тоа, кривично ќе бидат гонети оние кои професионално работеа за државата и го открија ваквиот криминал.

Верушевски е на слобода, а луѓето кои го открија неговиот криминал се кривично гонети, а еден е и во притвор.

Откако ја доби функцијата, Јанева веднаш ја исполни својата цел и нејзиното прво сработено нешто е барањето Верушевски да излезе на слобода. Секако, притворот на човекот кој се терети за тешки дела беше укинат, па соработникот на Зоран Заев е сега на слобода. Укинат беше и притворот на Ѓорги Лазаревски.

Откако Верушевски излезе од притвор, неговата сопруга за ова јавно му се заблагодари на лидерот на СДСМ.

Sonja-VerusevskaДека СДСМ го најавува она што СЈО го одработува веќе е јасно за сите. Така, Зоран Заев на средба со граѓани во Капиштец најави дека СЈО ќе почне акција и ќе испорача наредби за истраги.  Како што тој диригираше, така Јанева реагираше. Со експресна брзина таа ја најави првата акција.

Заев најави и притвори, а тоа и се случи

Последниот случај на СЈО е конструиран и целосно неоснован. Токму соработниците на Верушевски од УБК, поточно осудениот за „Пуч“ Звонко Костовски, уште во 2013-та година дал мислење дека опремата е неупотреблива и некомпитабилна со новата технологија на мобилните оператори. Уште истата година согласно книговодствената евиденција, таа има вредност од 1 денар. Во 2014-та година таа опрема е целосно вон функција и сместена во магацин по вадење од системот.

Минатата година, пак, формирана е комисија за да процени дали опремата е функционална и употреблива. Донесена е одлука дека опремата ниту се употребува, ниту ќе се употреби.