ГРЦИТЕ ПЛАЧАТ: Македонија на Олимпијадата во Рио под уставното име

Грција најави „мерки“ откако на официјалната интернет страница за Олимпијадата во Рио де Жанеиро, Македонија е заведена под уставното име, на листата е заведена под буквата „М“, а организаторот на Олимписки игри ја користи кратенката МКД.

MKD-Rio

Грчкиот олимписки комитет најави дека ќе преземе мерки поради наводната грешка, со која Македонија не е заведена под референцата.

Како што јавуваат грчките медиуми, „грешката“ е направена и покрај тоа што Меѓународниот олимписки комитет јасно ставил на знаење дека земјата во Обединетите нации е заведена како ФИРОМ.

Тодоров: Се покажа дека немало проблем со Избирачкиот список – тоа е алиби на СДСМ за катастрофалниот пораз

СДСМ цело време говори дека сака да оди на избори и дека за да се оди на избори треба да се исполнат само еден или два услови, и притоа поставуваше услови кои се многу нелогични и кои што вака не би требало можеби да се прифатат или за кои претпоставуваше дека нема да бидат прифатени, вели вицепремиерот Никола Тодоров во интервју за „Република“.

-Лично сметам  дека СДСМ блефира дека сака да иде на избори, за овој блеф на СДСМ да излезе на виделина ние ги прифативме овие две барања, колку и тие барања да изгледаа нелогични, особено делот за избирачкиот список. Тоа е многу нелогично барање посебно за овие  39.502 лица кои што треба да се објават и кои треба да направат активна регистрација кои треба да потврдат дека се тука и дека се граѓани на сопствената држава. За да биде целата работа смешна и за да се докаже нелогичноста на овој список од гледаме многу видни членови на СДСМ, ја гледаме сестрата на Радмила Шеќеринска го гледаме Павле Трајанов поранешен министер за внатрешни работи го гледаме Гордан Георгиев поранешен потпретседател на СДСМ, ја гледаме професорката Најчевска, ги гледаме некои членови на семејството на професорката Ванковска, вели Тодоров.

Тој потенцира дека ова е доказ дека за цело време проблем немало со избирачкиот список, дека имало само едно алиби како СДСМ да не ги признае изборите во 2014-та година на кои што катастрофално загуби и да ја отпочне оваа криза во Македонија, значи ова се е смислено сценарио на СДСМ како државата да се втурне во криза, и преку криза СДСМ да се обиде да добие некаков политички поен.

-Тоа е жално и трагично, тоа го прават само партии кои што немаат визија за развој, кои што немаат програма и кои што немаат политичка понуда и партија која што незнае што да понуди на граѓаните, партија која што не ги знае потребите и очекувањата на граѓаните. СДСМ креира криза со цел да дојде на власт ништо друго, целата оваа криза креирана од СДСМ е само од една причина или со една нивна идеа а тоа е да дојдат на власт по секоја цена.  Наградно прашање за СДСМ е колку фантоми има. Збореа за 500 000, па 300 000,  па 350.000, па 250.000. Не знам веќе колку бројки излегоа? Како ќе се разбудеа, таква бројка кажуваа, како ќе им се сони.  И од 500 000 дојдовме до 39 000 спорни кои што се објавуваат меѓу кои и сестрата на Радмила Шеќеринска, која ќе треба да докажува дека е граѓанин во сопствената држава. Трагично, заклучува Тодоров.

УМС промовираше мерка – Бесплатна ласерска корекција на диоптрија за студенти

УМС на ВМРО-ДПМНЕ  денеска промовираше уште еден од низата успешно спроведени проекти од страна на Владата на Р.Македонија, иницирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за проектот „Ласерска корекција на диоптрија“ наменет за студенти од 18 до 26 година кои ќе добијат финансиска поддршка за отстранување на проблемите со видот.

Проектот ќе започне да се спроведува од 2017 година, а основни услови кои треба да ги поседуваат студентите кои ќе аплицираат за ласерска корекција на диоптрија се лицето да е на возраст од 18 до 26 години , диоптријата да изнесува 2 и над 2, плус и минус вклучувајќи и астигматизам. Студентите кога ќе аплицираат диоптерот кој што го имаат треба да биде непроменет во изминатите 12 месеци и очите да немаат никакво друго заболување дијагностицирано од страна на Клиниката за офтамологија.

Социјалните услови кои се потребни да се исполнат за да се аплицира за овој проект се следните: Лицето треба да е студент на возраст од 18 до 26 години и да потекнува од категорија на семејства чии годишни приходи не изнесувале повеќе од 115 .080 денари.

– Иницијалните очекувања за кои се отвори овој проект беа дека доколку се овозможат услови за   финансиска поддршка од страна на ФЗОМ, нема да има  потреба да се исплатат дотогашните 1200 евра колку што е од прилика интервенција за корекција на видот, далекувидост, кратковидост и астигматизам како и да се елиминира потребата од дополнителни механички помагала, очилата и леќите. Се земаа одредени демографски карактеристики во истражувањето како и психо-социјални ставови во однос на преференцијата за избор на конвенционални помагања . И така се дојде до заклучок дека на популацијата од млади која е на возраст од 18 до 26 години, има потреба да им се олесни финансискиот пристап во изведување на оваа сложена, но прецизна хируршка интервенција која еднаш спроведена го решава доживотно проблемот со видот, велат од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Од УМС велат дека со овој проект на многу млади луѓе ќе им се помогне да ја изберат професијата која поради здравствени причини не можеле да ја изберат.

-Откако ќе ги извршат потребните интервенции студентите ќе можат да повеќе за се насочуваат кон професии кои бараат прецизност, точност ефикасност. Наодите до кои дојдовме  во спроведеното истражување покажаа дека одредени психо-социјални карактеристики на граѓаните упатуваат на фактот дека постои потреба кај младите за подложување на оваа интервенција, а и постојат занимања на пазарот на труд за кои пројавуваат младите особен интерес, но заради проблеми со видот не можеле да ги изберат за понатамошно студирање, информираа од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

ОБВИНИТЕЛСТВО: Го пуштиле од психијатриска клиника и веднаш уби полицаец

По МВР  и Основното јавно обвинителство (ОЈО) се појави со соопштение по случајот со убиениот кумановски полицаец. Потврдуваат дека напаѓачот на полицаецот е лице кое претходно повеќе пати било хоспитализирано за психијатриско лекување.

Последен пат од Психијатриската болница во Скопје бил пуштен дома на 25 јули година, на барање на неговиот татко. За напаѓачот, надлежен јавен обвинител ќе предложи мерка притвор.

Инаку, од ОЈО потврдуваат и дека дежурен јавен обвинител од Обвинителството во Куманово синоќа извршило увид во населбата Средорек во Куманово, каде што при интервенција по пријава за семејно насилство животот го загуби припадникот на полициските сили.

„Имено, при интервенцијата, пријавениот за семејно насилство ги нападнал четворицата полицајци кои дошле во неговиот дом, при што на едниот му нанел убод со нож во пределот на грбот. Поради сериозноста на повредата полицаецот, 36-годишниот Г.С., починал. Веднаш по увидот на лице место, надлежниот обвинител издаде наредби за обдукција на починатото лице и за вештачење на трагите и материјалните докази пронајдени на самото место“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство

Пријавата на Чавков против Спасовски четири месеци е заглавена во Јавното обвинителство

Четири месеци откако е поднесена кривична пријава против поранешниот технички министер за внатрешни работи Оливер Спасовски за непочитување судска одлука со која практично му беше наредено да ги врати состојбите (луѓето, канцелариите и документите) како што беа пред да седне во министерската фотелја, државното Јавно обвинителство молчи во врска со овој случај, пишува Дневник.

Имено, Спасовски заработи кривична пријава од тогашниот негов заменик, сега повторно министер, Митко Чавков, оти не ја почитува одлуката на Управниот суд да ја врати првобитната ситуација бидејќи беше констатирано дека разрешувањата тој ги направил незаконски и по партиска линија.

Во врска со ова од ЈО во куса писмена изјава за „Дневник“ велат дека документацијата била обемна.

– Во Основното јавно обвинителство – Скопје е поднесена една кривична пријава против лицето што го споменувате за неизвршување судска одлука. Заедно со кривичната пријава е примена обемна документација, која во моментов се анализира, по што ќе следува мериторна јавнообвинителска одлука – велат од ЈО на Република Македонија.

Во врска со донесената судска пресуда, на која Спасовски се жалеше, му било упатено укажување на 25 февруари дека треба веднаш да постапи по правосилните решенија, кои тогашниот технички министер ги игнорира и не ги спроведе.

Поради неспроведувањето на пресудата, Спасовски се товари дека извршил кривично дело по неколку основи. Прво, затоа што постапил спротивно на член 13, ставови 4 и 5 од Законот за судовите во согласност со кој судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган и во согласност со кој секој е должен да ги почитува правосилната и извршната судска одлука под закана на законски санкции.

А постапил и спротивно на членот 5 од Законот за управните спорови во согласност со кој одлуките на судовите донесени во управните спорови се задолжителни и извршни.

Очигледно е дека Спасовски, и покрај политичкиот договор од Пржино лани, врз основа на кој произлегоа неговата функција и надлежностите како технички министер, тогаш не се држеше ниту до договореното, а ги прекрши и споменатите два закони. Недореченостите во првиот пржински договор ја дозволија ваквата состојба.

Веднаш по склучувањето на новиот договор, на 20-ти јули, според кој следниот технички министер може да разреши до 15 луѓе на раководни позиции во МВР и да постави нови, се отвори дилемата како ќе се гарантира, односно санкционира, доколку следниот Оливер Спасовски изврши повеќе од 15 измени?

Очигледно е дека прашањето за евентуалните прекршувања на договореното не се предвидени во документот чиј текст и Европската комисија го објави на својата веб-страница така што и следниот технички министер може своеволно да направи повеќе измени од дозволените и за тоа да не одговара.

Извори во преговорите за „Дневник“ објаснуваат дека овој пат тоа нема да се дозволи бидејќи за евентуалните прекршувања техничките министри ќе одговараат според Законот за Владата. Ваквите ситуации не биле впишани во последниот пржински договор оти тој претставувал само рамка, а законите биле тие по кои се постапувало.

ВМРО-ДПМНЕ до Димова: Платете си ја казната, вие и аболицираниот Заев не сте над останатите граѓани

Изборите наближуваат, наближува и казната од граѓаните за ваквото деструктивно однесување на СДСМ. После изборите ќе мора да врати се што украл, исто како што и нервозната Лидија Димова ќе мора да ги плати казните за сообраќајните прекршоци што ги направила. Затоа госпоѓо Димова, платете си ја казната! Вие и аболицираниот криминалец Зоран Заев не сте над останатите граѓани, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Интегрален текст од соопштението:

Лидија Димова се заразила со вирусот на аболицираниот криминалец Зоран Заев. Заев мисли дека е црпнат од господ за да краде и незаконски да се богати без да сноси одговорност. Лидија Димова, пак, смета дека сите граѓани може да бидат казнети за сообраќаен прекршок, но таа не смее, затоа што била предложена за пратеник од страна на аболициран криминалец.

Бескрајна и тажна е агонијата во која што потоа СДСМ предводена од аболицираниот криминалец Зоран Заев. Просторот за манипулации им се стеснува. Изборите наближуваат, наближува и казната од граѓаните за ваквото деструктивно однесување на СДСМ. После изборите ќе мора да врати се што украл, исто како што и нервозната Лидија Димова ќе мора да ги плати казните за сообраќајните прекршоци што ги направила.

Затоа госпоѓо Димова, платете си ја казната! Вие и аболицираниот криминалец Зоран Заев не сте над останатите граѓани. Сите граѓани се еднакви пред законот и доколку сте погрешиле треба да одговорате, вклучително и за сообраќаен прекршок.

Времето што сте го потрошиле на прес конференции, г-ѓо Лидија Димова сте можеле да го искористите и да отидете до полициската станица и да се однесувате како одговорен и возрасен граѓан на Република Македонија.

РАЦИЈА ВО ТЕТОВСКО: Приведени 17 Бугарки, Србинки, Босанки и Албанки заради „нелегална дејност“

Полицијата вчеравечер извршила рација во Тетовско, каде на мета бил угостителски објект за кој имало сознанија за нелегална работа. При упадот во објектот биле откриени 17 странски државјанки кои немале регулиран престој во земјава, а се занимавале и со нелегална дејност, при што во соопштението од МВР не се наведува за каква дејност станува збор. Приведените странски државјанки ќе бидат протерани од Македонија.

Како што се наведува во соопштението, вчера во времето од 4.10 до 7.45 часот од страна на полициски службеници од ОКП-Скопје постапено е по Наредба издадена од Судија на претходна постапка при Основен Суд-Скопје 1, при што е извршен претрес во угостителски објект во Тетово.

Притоа, поради нерегулиран престој и нелегална работа, приведени се 17 странски државјанки од кои девет државјанки на Бугарија, две на Србија, една на Босна и Херцеговина и пет државјанки од Албанија.

На лицата, соопшти полицијата, им е изречена мерка забрана за влез во Република Македонија во траење од две години. Во текот на денот ќе бидат депортирани од земјата.

Колумна на Дарко Јаневски: Првата нуклеарна бомба од Македонија со чадор

Барак Обама ја квалификува Хилари Kлинтон како најпогодна личност за претседател на САД. „Не јас, не Бил, туку Хилари е најквалификувана за претседател“, рече Обама. Што би значело – еден е изборот. Или Хилари или потоп. Се разбира, тоа е нивна работа. Нека избираат кого сакаат. Но, многу ме интересира каква е таа подвоеност на државата од партијата, нели овде и тоа беше спорно кога актуелниот претседател на сите Американци јавно застанува зад еден од двајцата кандидати, кој с` уште е далеку од тоа да биде на сите Американци, што би било еднакво на ситуацијата кога на наредните претседателски избори кај нас Ѓорге Иванов би застанал зад кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш, не веројатно, туку сигурно, коси ќе се корнат од пиштење за тоа како претседателот на државата застанал зад партиски кандидат. А тој, сега гледаме, во таа ситуација не би направил ништо друго, освен што би го следел теркот на однесување на стратешкиот ни партнер.

Истото ова го прави бесмислено и повлекувањето на Никола Груевски на сто дена пред изборите за да се раздвоела партијата од државата. Сега гледаме, за Обама тоа е обична глупост. И не само за него, туку за цела Америка. Неговото појавување на конвенцијата на ДП, неговото застанување зад кандидатурата на Хилари, никој не го проблематизира. Никој не прави драма од тоа. Вклучително и трамповци, што би значело дека ние сме ја утнале работата. Посебно што не пали ни финтата што токму странците ни ја продаваат, а која вели дека Груевски требало да се тргне оти се споменувал во снимките во контекст на некои афери. Па ако некој има афери зад себе, тоа е Хилари. Впрочем, за неа и нејзиниот сопруг неодамна беше публикуван и документарен филм. Насловот му е „Kешот на Kлинтонови“.

Третата работа што ни ја соопшти Барак Обама е дека зад хакирањето на имејловите на Демократската партија стоеле Русите, односно лично Владимир Путин, па оттука, не требало да се занимаваат со содржината на тие имејлови преку кои, патем, се открива како бил местен поразот на Берни Сандерс. Преведено на наш терен, овој американски рецепт значи дека се бесмислени сите изјави од странците што ни доаѓаат, вклучувајќи ги и Викторија Нуланд и Хојт Ли во врска со СЈО бидејќи, според нивниот шеф, првичниот интерес е кој ги направил тие снимки, а не што има во нив. А ако сте забележале, ние постојано ја извртуваме работата, па сега се занимаваме главно со содржината на снимките. Нарачателот и изведувачот ги заборавиме. Што отприлика значи дека ако Хилари му се јави на Обама и го праша „шу праиш“, а тој и одговори „еве, барам некои плочки за кујната зашто овие што ги имаме не ~ се допаѓаат на Мишел“, ние не треба да формираме специјално обвинителство кое ќе се занимава со плочките, туку со тоа кој го снимил тој муабет. С` додека не постапуваме така, ние дебело скршнуваме од патот што ни го зацртал партнерот, а со тоа и од демократските стандарди на најразвиената земја во светот. Затоа, господо, да се вратиме на патеката трасирана од нашите пријатели. Немој да ми мрдате ни лево ни десно, па да фатите некој друг пат надвор од оној од кој немаме алтернатива.

Е, сега, кога сме кај алтернативата, имаме проблем кој никако да го решиме – со Лондон. Дали сме ги искарале Британците, дали сме упатиле некаква нота за нивниот неразумен потег со напуштањето на ЕУ?

Талат Џафери од ДУИ вели дека законите што произлегоа од последното ни Пржино не се ни уставни ни законски, ама пратениците ќе ги гласале. Една работа е што човекот барем е искрен, па си кажува до кое дереџе сме дошле, ама друга е логиката на исказот: зар не е парламентот еден од оние органи што внимаваат што прават во оваа смисла? Се разбира, може и да погреши, затоа и постои Уставниот суд, ама свесно да се влегува во неуставност?

Некако на крајот испаѓа дека нашиве преговарачи и преговорите меѓу нив се дел од некаков експеримент на големите сили. Kако да создадете нуклеарна бомба која не предизвикува радијација? Одговорот е едноставен: ги седнуваш на иста маса ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА и добиваш нуклеарка. Еколошка. Да е жив Алберт Ајнштајн, веројатно би бил воодушевен. Оти ако ништо друго, барем е елиминирана една од разурнувачките последици на нуклеарното оружје. Тоа што не им успеало на сите светски умови во последните сто години, им успеа на неколку партии кои во светски рамки се минорни, што е само уште еден доказ дека не е с` во парите. Kога се има волја и желба, може да се успее и во земји што не се богати. Прашањето што сега само по себе ни се наметнува нам што живееме овде е како од ова да профитираме? Па да ја накривиме капата.

Инаку, податоците на Заводот за статистика покажуваат дека по многу месеци овој јуни забележува пад на индустриското производство од четири отсто во однос на истиот месец лани. Тоа би бил некаков данок на кризата што трае повеќе од една и пол година. Е, сега, ни треба посредник: фактурата за овие четири отсто кому да му ја испорачаме? На чадорот, на партиите, или и на едните и на другите?

Пишува: Дарко Јаневски за Дневник

Колумна на Влатко Ѓорчев: За македонската и другите политики

Што треба да биде политиката, а што не треба да биде? Kако треба да се пласираат идеите за иднината на општеството? Kако треба да се одвива политичкиот натпревар? Kако антагонизмите да не преминат во омраза?

Значи, што е политиката и каква треба да биде? На ова прашање никој не може да даде комплетен или целосен одговор затоа што политиката секогаш е незавршена работа. И затоа никогаш не запира, ниту некогаш ќе запре.

Политиката постоела и пред 1.000 и пред 500 години, постои денес и ќе постои за 500 години. Затоа што секое општество и секоја заедница има свој поредок и организација, свое управување и начин на функционирање, односи и релации меѓу луѓето и групите, јавно и приватно.

Политиката секогаш е незавршена работа затоа што секогаш има работи што треба и може да се подобрат, но и секогаш има добри работи што може да се влошат или упропастат. Секогаш во општеството има сегменти и категории лица што сметаат дека треба да имаат поголема улога, да имаат поголем глас, поголеми права. Истовремено, постојат други сегменти или категории луѓе што тоа го сметаат како нарушување на нивната позиција и така политиката е перпетуум-мобиле што никогаш не запира.

Ако на тоа се додадат и меѓусоседските односи, тогаш сликата станува уште покомплицирана, но останува реална затоа што таква е политиката и таква е реалноста. Со илјадници години. Секогаш односите помеѓу две држави или две царства или две цивилизации се комплексни. Такви се и односите помеѓу секои два соседни града или две соседни села.

Така почнува, продолжува и никогаш не запира политичкиот процес. Се градат сојузи и коалиции, кои се составуваат и распаѓаат. Сојузништвата се одржуваат или растураат, како и внатрешните околности.

Но, прашањето е како во тие околности да се извади максимумот за народот? Kако народот да живее подобро, како да се спречат големите несреќи и како да се извади подобар скор?

Во современиот политички дискурс и околности тоа може да се случи ако во едно општество нема премногу голема поларизација која е на работ на отворен конфликт. Таквата поларизација и таквата конфликтност носи тензии и судири, кои внатрешно го слабеат општеството. Нема елементарна кохезија, а конфликтите ги загрозуваат економијата и стандардот.

На тој начин се нагризува единството, а политичките процеси стануваат деструктивни, со своја динамика на повторување. Секој исход резултира со реални или нереални политички жртви, кои после тоа своите постапки ги оправдуваат со „неправдите“ кон нив. И така конфликтот се рециклира, се обновува повторно и повторно, слабеејќи ги општеството и кохезијата.

Не, никој не вели дека политиката не треба да биде натпревар. Политиката е секогаш натпревар и така треба да биде. Натпреварот дава нов квалитет и подобри постигнувања.

Натпреварот е природна состојба на работите, во која има спротивставености. Различни се амбициите, различни се постигнувањата, различни се капацитетите. Секогаш има некој што победил и некој што загубил. Или некој што е задоволен и некој што не е задоволен.

Но, резултатот не треба да биде омраза и непријателство. Така се рециклираат жестоките конфликти. Така се повторуваат. Резултатот е општа загуба, која резултира со незадоволство. Од тоа незадоволство после произлегуваат новите големи конфликти и циклусот се повторува.

Општествата што сето ова поуспешно и подобро го менаџираат, обично имаат поголеми успеси. Успесите ја јакнат внатрешната кохезија, која дава успех и задоволство, па така се повторуваат добрите импулси во општеството.

Човекот си останува вечен и перманентен зоон политикон, односно политичко суштество, со свои ставови, мислења, позиции… За некои од овие прашања има сојузници и истомисленици. И ете го продолжувањето на политиката, но и политичкиот процес.

Нема да запрат затоа што таква е природата на човековиот табиет, таков му е карактерот, но и такви се околностите. Ова се некои општи погледи и општи закономерности кои можат да се изведат како некој општ заклучок, на кој секако може да му се противречи. Така настануваат новите книги, новите анализи, новите мислења.

Од сето ова може да се изведат и повеќе заклучоци за Македонија, а кои се логични и евидентни. Македонија и македонската политика мора да се грижат за своите интереси затоа што тоа никој не може да го прави подобро од нас самите. Македонските состојби се македонска одговорност затоа што нашите граѓани се најзасегнати.

За крај би сакал да ви го честитам Илинден. Тоа е вечниот македонски идеал, вечната македонска борба и вечниот порив за слобода и самостојност.

За многу години Илинден. Честит Илинден Македонци и сите останати каде и да сте.

Пишува: Влатко Ѓорчев за Дневник

УПОРНИ И ТРПЕЛИВИ: Секоја криза меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ носи ќар за Албанците

Нов албански канал на Македонската радио-телевизија, кој ќе емитува 24 часа програма на албански јазик, е последната придобивка на партиите на Албанците извојувана преку пржинскиот договор.

Иако договорот од Пржино произлезе од тешката политичка криза во македонскиот политички блок, по објавените таканаречени политички бомби од опозицијата, со обвинувања за криминализирање на изборите, ДУИ и ДПА како рамноправни партнери во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и посредувани од ЕУ и САД, издејствуваа етнички придобивки во криза што не беше меѓуетничка.

Последната придобивка на албанскиот политички блок, всушност, е потврда на политичката агенда на дејствување на партиите на Албанците од осамостојувањето до денес – актуализирање и промоција на етнички барања и трпеливо чекање погоден момент (криза или договор за владина коалиција) за нивно спроведување, дури ако треба и цела деценија и повеќе.

Барањето за албански канал на националниот ТВ-сервис со барањето за преименување на МРТ во Радио и телевизија на Македонија е постаро од една декада. Уште пред повеќе од 10 години, сега покојниот лидер на ДПА Арбен Џафери тоа прашање го ставаше на маса со аргументи дека националниот сервис и преку името треба да ја одразува мултиетничноста на општеството какво што е Македонија. Патем, Џафери се залагаше за преименување на МАНУ во Академија на науките и уметностите на Македонија.

Оттука ниту е неочекувано ниту е изненадувачки што во последниот анекс на пржинскиот договор, покрај техничката влада со учество на опозициски министри, опозицискиот уредник на информативната на МТВ, добивме и канал на албански 24/7, но и еден член Албанец во новото ад хок-тело за следење на медиумското претставување 100 дена пред избори. Слично беше и при изборот на новата ДИK, каде што еден од потпретседателите експерти е Албанец.

Доколку се навратиме наназад, од осамостојувањето наваму, нема големи отстапки во барањата што партиите на Албанците, ПДП, ДПА, ДУИ, како и помалите партии што произлегоа од крупните политички играчи како НД, НДП и новоформираните Беса, Унитети… ги испорачуваа на маса. Основата на барањата на албанскиот кампус е, всушност, добивањето статус на втор државотворен народ.

ПДП, првата партија на Албанците во Македонија, одби да го гласа Уставот поради нееднаквата позиција на Албанците со Македонците. Следуваше барањето за образование на мајчин јазик во високото образование, односно државен универзитет на албански јазик, како и употребата на симболите. Kарактеристика за ПДП беше дека инсистираа нивните барања да се решат институционално, иако во раните деведесетти и тие настапуваа со барања за федерализација и референдум за Илирида.

Впечатливо е дека од 90-тите, поточно од протестите на средношколците во 1997 година против употребата на албанскиот јазик на Педагошката академија, настан што ја потресе државата, до денес с` уште унапредувањето на албанскиот јазик е високо на агендата на сите партии на Албанците. Барањето албанскиот да биде втор официјален јазик е едно од клучните при преговорите за Рамковниот договор од 2001 година. Ова прашање е дел и од мајскиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ од 2008 година, мартовскиот договор на кој инсистира ДПА на Мендух Тачи истата година и сега на пржинскиот договор. ДУИ и ДПА повикувајќи се на формулациите во пржинскиот договор за имплементацијата на Рамковниот договор и меѓуетничките односи, како дел од договореното ги вметнуваат и етничките или албанските барања.

По конфликтот во 2001 година и потпишувањето на Рамковниот договор меѓу четирите најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП, албанскиот политички блок исполни голем дел од етничките барања. Следуваше отворање на приватен универзитет на албански јазик – Штуловиот и во 2004 година легализацијата на Тетовскиот универзитет, унапредување на употребата на албанскиот јазик во Собранието и институциите, масовни вработувања на Албанците во институциите преку една од главните одредби на Рамковниот – правичната и пропорционална застапеност , воведувањето на Бадинтеровиот принцип при одлучувањето за културните, идентитетските и образовните прашања, како заштитен принцип од мајоризација на заедниците, соодветна застапеност на Албанците во правосудството, нова територијална поделба, децентрализацијата, употреба на етничките симболи (албанското знаме) и ресоцијализацијата на учесниците во конфликтот.

Но, само неколку години по преточувањето на Рамковниот во Уставот, почна и незадоволството на партиите на Албанците дека договорот или е само делумно спроведен или во некои делови воопшто не е реализиран, а партијата на двоецот Арбен Џафери и Мендух Тачи побара нов договор меѓу Албанците и Македонците.

По формирањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА во 2006 година, што предизвика протести од ДУИ и бојкот на Собранието, партијата на Ахмети остана надвор од Илинденска бб. За излез од кризата во 2008 година следуваше таканаречениот мајски договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. По ова дојде до ново унапредување на употребата на албанскиот јазик во Собранието, односно остана само уште пленарните да не може да се водат на албански јазик. Со мајскиот договор се прошири листата со закони – вкупно 46 – кои треба да се носат со Бадинтеровиот принцип и таа листа се вклучи во собранискиот деловник, се рекомпонира Kомитетот за меѓуетнички односи. Беше договорено и решавање на прашањето за жртвите од конфликтот и нивните семејства во рамките на постојните закони, како и да се разговара за методот за формирање влада.

По тоа, непишано правило стана владата да ја формираат победничките партии од македонскиот и од албанскиот политички блок или, популарно кажано, влада по Бадинтер. Но, тогаш остана да виси и токму поради тоа повторно е на агенда решавањето на статусот на поранешните припадници на ОНА.

При договорите за владини коалиции во 2011 година се реализира и амнестијата на хашките случаи преку автентичното толкување на Законот за амнестија, повторно се унапреди употребата на албанскиот јазик и употребата на албанското знаме.

Впечатокот е дека без оглед дали станува збор за договор што произлегува од политичка, етничка, меѓуетничка криза или договор за владина коалиција, нереализираните барања на Албанците се рециклираат во секој нареден договор. Но освен рециклирање на веќе добро познатите барања, изминативе неколку години дојде до унапредување, надградување, но и поставување на маса нови барања, кои не произлегуваат од Рамковниот договор.

И додека според ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во пржинскиот договор нема место за етнички барања, ДУИ и ДПА не само што ги наметнаа туку веќе ги испорачуваат резултатите како тој за албански канал на МТВ.

Оттука останува дилемата дали по изборите, без оглед дали тие ќе се одржат во декември или во 2017 година, на маса ќе се најдат и барањата на ДУИ и ДПА што веќе ги испорачаа во пржинските преговори. Ахмети и Тачи не само што побараа туку како дел од пржинскиот договор очекуваат спроведување целосна еднаквост на албанскиот со македонскиот јазик, Албанец на една од трите најзначајни државни позиции со ротација – претседател, премиер и спикер на Собранието, нови државни симболи, правична распределба на буџетот, консензуално одлучување за сите битни прашања во државата, нова територијална поделба…

Извор: Дневник