Колумна на Тодор Петров: СО СМЕНА ЌЕ НЕ СНЕМА…

Сè додека се разговара за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, Македонија ќе биде под опсервација на контролирана нестабилност заради рекомпонирање на власта, до постигнување на целта. Но, тоа ќе го дестабилизира целиот Балкан. Единственото решение за излез од оваа 25 годишна агонија и кошмар е безусловен крај на разговорите за промена на името на државата и идентитетот на нацијата и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации со единственото историско име Македонија! Сега и веднаш!

И, не заборавајте, Македонија не разговара за името затоа што така некој решил или тоа е нечија надлежност, туку затоа што на тоа доброволно, иако без мандат, се согласиле претседателот на државата и владата.

За крај на разговорите за името на државата не се потребни никакви посебни процедури! Доволна е само една писмена нота, еден бел лист хартија со неколку реченици, не мора дури ни од претседателот на државата или премиерот на владата, може само и од министерот за надворешни работи на Македонија, до генералниот секретар на Обединетите Нации дека: Државата Македонија смета дека разговорите за разликата за името со Република Грција, во согласност со Резолуцијата 817(1993) на Советот за безбедност се исцрпени, разликите се евидентни но не го загрозуваат мирот и стабилноста во регионот, и заблагодарувајќи се на досегашната медијација на специјалниот пратеник меѓу владите во Скопје и Атина, Македонија го продолжува членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под единственото историско име Македонија! Генералниот секретар на Обединетите Нации таа нота ја доставува до сите мисии на земјите членки и толку! Крај на приказната!

Покојникот Киро Глигоров прифатил да разговара за разликата за името, ја прелажа нацијата дека тој акроним ќе трае 2-3 месеци, за Бутел замина без да и’ се извини на нацијата за таа лага, и еве дојде ден да кажеме КРАЈ на тие разговори, го продолжуваме членството во Обединетите Нации со името на државата во апликацијата за зачленување! Никакви судови, никакви мислења… Впрочем, и Бадентеровата комисија на Европската Унија, составена од претседателите на пет уставни судови на пет земји членки на ЕУ, во предвечерието на распаѓањето на поранешна СФР Југославија, заклучи дека “името на државата Македонија не прејудицира територијални претензии”! И идеологот на СДСМ, Фрчкоски, 2005 година барајќи крај на разговорите за разликата за името, рече “Македонија е премногу толерантна спрема своите внатрешни квислинзи, кои отворено работат за грчки интереси, па и не го кријат тоа.”

Името на државата и идентитетот на нацијата се неприкосновено и неотуѓиво право на самоопределување и самоидентификација!

Жалосно, но вистинито, во оваа ситуација сме и поради некомпетентноста на македонската дипломатија да преговара и договара. Ниту еднаш од 1990 година до денес, ниту една влада не спомна дека разликата не е во името, туку заради окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ!

А, има решение, веќе етаблирано! Ирската формула: Република Ирска и Обединето Кралство Велика Британија и Северна Ирска! Соодветно и за Македонија! Сакаат географска одредница? Па, еве: Република Македонија и Јужна Македонија во Република Грција! Без латинична транскрипција на македонскиот јазик (Republika Makedonija) туку на англиски јазик “Republic of Macedonia”!

Но, кога ние спиеме, Грците не! Замислете ја перфидноста на Атина. Од неодамна, провинцијата Македонија во Северна Грција ја поделија на три географски региони: Источна Македонија, Средна Македонија и Западна Македонија. Ако Македонија е единствен географски регион во четири држави, како што сакаат да кажат Грците, во демонтажата на Македонија од етнологија во чиста географија, во Грција сега има сè, само нема регион Јужна Македонија. Ама затоа, тука е Северна Македонија наместо Република Македонија. И за тоа решение, “нашите” ќе не убедуваат дека ништо не менува, а сè ќе смени, до… нас Македонците да не снема!

Целта на “меѓународната заедница”, ЕУ и САД, е со ова решение да се согласи ВМРО-ДПМНЕ. Сите останати им се нерелевантни бидејќи секоја влада со нив ќе биде нестабилна и несериозна. Да беше до другите, досега повеќепати се формираше парламентарно мнозинство за смена на името и да падне Груевски. Ама, “меѓународната заедница” очекува согласност за тоа решение токму од ВМРО-ДПМНЕ. Другите и така одамна прифатија сè што им предложија. Кооперативни се… Со свиткана кичма…

Скандалот со прислушкувањето е само фаза во компромитацијата на актуелната Влада да прифати промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Украинското, па белоруското сценарио, Сорос… Повеќе од јасно е дека тоа е долгорочно подготвувана операција сервирана од странски разузнувачки служби преку домашни извршители: колаборационисти и неоврховисти… Базата Гризли на котата Кодра Фура… Инсталациите со најсофистицирана опрема за прислушкување на целиот Балкан токму во Македонија поради геостратешката важност на територијата… Агресијата од Косово врз Македонија кај Танушевци… Војната 2001 година… Калето не го пикнаа под земја за да садат печурки…

Конечно, Македонците во светот го отфрлаат пристапувањето на Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО, бидејќи антимакедонизмот на Елада, грчкиот геноцид врз македонскиот народ и наци-фашистичкото барање на Хеленската Република за промена на името на државата се вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Атина!

ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

Само во единството е силата! Единство, само единство и ништо друго освен единство за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата! Во одбраната или продажбата на името на државата и идентитетот на нацијата е патриотизмот или предавството, независно од сите други разлики во уверување и мисла! Наш заеднички содржател и именител е само Македонија! Со Македонија нè има, без Македонија сите ќе нè снема и во светот и во татковината!

Затоа, аманетот до сите кои во наше име решаваат: Промената на името на државата и идентитетот на нацијата претставува злосторство против човештвото што не застарува, најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и флагрантно кршење на меѓународното право и Уставот на државата Македонија! Застанете пред огледало и погледнете се, па запрашајте се: Има ли барем малку достоинство и совест во предавството што за други и туѓи го извршувам и може ли јас и моите да се спасам од проклетството?… А, татковината… татковината никому нема да остане должна, историјата никому нема да прости, секому по заслугите! Гемиџиите не биле само восочни фигури…

И после сè, пак ќе биде тоа што сме, затоа што Македонија е вечна! Амин!

Пишува: Тодор Петров