Анализа на Мирка Велиновска: Преврат и во Македонија

Prevrat-UCK

Користејќи материјали од Викиликс, американскиот блогер и соработник на повеќе специјализирани списанија на полето на геополитиката Јоаким Хагопјан, дипломец на „Вест поинт“ и поранешен офицер на американската армија, подоцна магистер на клиничка психологија, деновиве ја реобјави опширната листа на држави во кои САД биле активно вклучени во насилна промена на власта. И Македонија се најде на оваа листа

АМЕРИКАНСКИТЕ МЕДИУМИ ОБЈАВИЈА СПИСОК НА ЗЕМЈИ ВО КОИ САД ИЗВРШИЛЕ ДРЖАВНИ УДАРИ И АТЕНТАТИ

Историјата како најпрецизен систем за рано предупредување што вклучува мерки за превентива и самозаштита од вештачки произведени повеќекратни катастрофи со различна јачина и последици, во Македонија речиси не се практикува. Поради тоа нашето општество во различни генерации се самоосудува на редовно повторување фатални грешки. Како такво место и амбиент е избрано за мала тајна лабораторија на современата империја на хаосот во која се изведуваат монструозни експерименти против човештвото. Мислам дека е време за една лекција што низ податоци и факти ќе ни помогне да ја видиме јасно последната фаза од нашето несреќно постоење овој пат како „независна држава“, оти со најавата на „посредникот“ Метју Нимиц дека токму сега дошол моментот за решавање на проблемот за името, сосема лесно се воочува методологијата на Римската Империја „раскарај, па завладеј“, која ја практикува современата специјална империја САД.

Проектот на американските тајни служби „растури ја Македонија во пет чекори“ го предвидува токму тоа: партиски поделена, атомизирана во четири партиски групи (по две од двата најголеми етникуми) со метастазирана соросоидна пропагандистичко-милитаристичка мрежа, економски слаб и поводлив за манипулации медиумски фронт, инфериорна интелектуала и неодговорна политичка елита, овозможуваат комотна лабораториска работа со минимум пари да добиеш максимум резултати. Значи Вашингтон, на кој му гори под нозете, реши да го активира Метју Нимиц барабар со операцијата „војничка чизма во Сирија и Ирак“ и „дразни ја Кина“ во Јужно Кинеско Море.

Токму сега во Македонија тоа значи следново: Вашингтон им наредил на своите тајни агентури и специјални сили координирано да го затресат Балканот, кој го именуваат како „западен“. Кризираат БиХ, Србија, Црна Гора, Косово и Македонија. Но за старт на работите треба квалитетен и одржлив повод. Оти Македонија меѓународно „павта“ како ничиј стратегиски интерес. Нешто како полјана без сопственик. По успешниот преврат под раководство и инструкции на САД и Велика Британија со помош на Зоран Заев, СДСМ и Соросовите бели шлемови, а со асистенција на ЕУ-„олеснувачите“ што ја измислија преодно-техничката марионетска влада „проектирана“ илегално и вонуставно во Пржино, треба да се прифати грчкото барање да се самоуништиме и како земја и како народ. Фактички, на тоа ставија потпис четирите партиски лидери, од кои само едниот потпис има стопроцентна одговорност и пред бога и пред народот и пред историјата, и тој е на владејачката партија. Сеедно е што „договорот“ е криминален и антиуставен, а како таков непостоен, односно илегален, како сегашната сириска опозиција.

ПАЗЕТЕ, ДОАЃА ЦУНАМИ

Prevrat-UCK-1Ова не е првпат во Македонија да паѓаме на нацртани џиџи-миџи пеперутки дизајнирани од дизни-цртачите додека пред очите ни проаѓа предупредувачки филмски кадар со илјада детали и една суштинска порака. Пазете, доаѓа цунами! Истото тоа ни го направија во 1995 година со атентатот врз Киро Глигоров, паралелно со потпишувањето на Привремената спогодба. Во 1998 година со признавањето на Тајван и трансферирањето на Македонија од држава во територија во регистарот на ЕУ, во 1999-та со косовското режирано бегалско стампедо во Пентагон – копродукција Си-ен-ен. Во 2001 година, со инвазијата на УЧК, чии основачи се ЦИА и Пентагон (по признание на политичкиот врв на Косово) во Македонија, нѐ снајде гангстерскиот рамковен договор по чие потпишување веднаш се јави „олеснителката“ именувана како Меѓународна кризна група со предлог за името на државата, па така, паралелно со легализацијата преку уставните промени, речиси невидливо помина транзицијата од двојна формула во тројна, па „авионската несреќа“ врз Борис Трајковски, па неуспешниот референдум во 2004-та поради американската дубара на божемно признавање на името на државата. Поради смената на власт на избори во 2006 година, па во 2008-та, па во 2011 и 2014 година, следуваа катадневни опозициски обиди за инсталирање криза, три неуспешни обоени револуции (А1, 24 декември и бомбашката на Заев и чадорот) во локална изведба на американските инсталации (соросоидите, СДСМ-пленумите на универзитетот „Кирил и Методиј“, интервенционистички новинари, експертутки) и сите тие со недвосмислена помош и бодрење на амбасадорите на САД, ЕУ и ОБСЕ, Велика Британија, Франција, Германија и Холандија.

Системот за рано предупредување, кој кај нас целосно за’рѓал, сепак ја забележал и Македонија како држава во која САД извеле преврати и атентати врз нејзините лидери. Листата на злосторства на Соединетите Американски Држави е објавена на 23 октомври годинава, заедно со неколку значајни класифицирани документи и извештаи што ги објави Викиликс, но и други американски свиркачи од империјалниот естаблишмент. Оваа е правена од Јоаким Хагопјан, дипломиран офицер на „Вест Поинт“ и доктор по психологија (значи специјалец-инсајдер). Еве ја личната карта на Империјата и нејзините дејства низ планетава, па вие видете каков ни е стратегискиот партнер, односно неговиот „демократски“ карактер со кој сакаме да се идентификуваме.

СО СВЕТОТ ВЛАДЕАТ 157 ФАМИЛИИ

Во неговата анализа на американската стратегија „раскарај, па завладеј“ стои дека во овој момент дури 135 држави се нападнати (обработувани и подготвувани за дестабилизација и кризирање) преку тајните служби за специјални операции на САД. Во овој миг на проектиран светски хаос, САД имаат речиси 1.000 активни воени бази или некоја форма на воено присуство. Во Европа, Азија и во Африка, САД имаат создадено проамерикански вазалски енклави што не се ни свесни оти се наемници на 157 американски фамилии, кои, пак, управуваат со Америка преку приватизирани државни институции.

Еве го списокот на држави во кои САД извршиле преврати и атентати во еден век и 15 години, со напомена дека тука не се наброени повеќекратните репризи или неуспешни обиди: Авганистан, Албанија, Ангола, Аргентина, Боливија, БиХ, Бразил, Камбоџа,Чиле, Кина, Колумбија, Колорадо, Конго,Куба, Доминиканска Република, Египет, Ел Салвадор, Германија, Грција, Гренада, Гвам, Гватемала, Гамбија, Хаити, Хаваи, Хондурас, Индонезија, Иран, Ирак, Кореја, Кувајт, Лаос, Либан, Либерија, Либија, МАКЕДОНИЈА, Мексико, Никарагва, Оман, Пакистан, Панама, Филипини, Порторико, Русија, Самоа, Саудиска Аранија, Сомалија, Јужна Дакота, Судан, Сирија, Турција, Уругвај, СССР, Украина, Венецуела, Виетнам, Девствени Острови, Јемен, Југославија и Заир.

Списоков ќе ги вчудовиди дури и најиндоктринираните слепци во земјава. Особено што се убедени дека Германија е „сериозна“ држава што „управува“ со Европа. Пучот за кој се говори во списоков е токму оној за кој пишуваше „Нова Македонија“, а во Европа помина незабележано дури и од „независните“ медиуми. Значи, за пуч се смета изнудата на предвремени избори, вештачки произведениот пад на Герхард Шредер и негова замена со марионетката Ангела Меркел, која сега ја пушта низ вода нејзината партија. Методологијата на планерите на превратите е иста насекаде.

Во списоков на демократски дострели на оваа предаторска империја на теророт се впишани и следниве чуда. Дури 93 отсто од времето во целиот 20 век и декада и пол од 21 век го потрошила во војување низ планетава. За последните 50 години организирала 50 атентати и 600 завери за убиство на национални лидерски фигури. Најголеми сојузници и партнери на САД се инсталираните марионети (проверени и докажани криминалци, односно корисни идиоти) во државите што ја сочинуваат американската меѓународна заедница. Најголеми непријатели им се лидери со авторитет, интегритет и доверба кај локалното население поради нивните национални програми за работа и развој.

ПОТСЕТУВАЊЕ НА БЛИСКАТА ИСТОРИЈА

Prevrat-Amerikanski-BaziСтратегијата „раскарај, па владеј“ има и своја методологија за изведба. Во овој поглед Македонија, преку политичките елити и интелектуалците што меѓу изборот да му служиш на општеството или да им носиш тацни на господарите го избрале второво, е непоправлив повторувач. Методологијата е ептен проста, ама делотворна. Се разгорува внатрешен конфликт за да се разбие единственото национално, етничко, религиско, политичко или социјално ткиво. Во фазата на „скринингот“ оганчиња се подготвуваат во повеќе сфери и тоа го прават специјалците „андеркавер“-теренаши. Кај нас тоа го правеше во раните 1990-ти специјалецот Боб, кој глумеше ноторен алкохоличар и како таков незабележано ја „интервјуираше“ целокупната македонска интелектуална елита, политичари, новинари и „обични граѓани“. Оти нашите наивни луѓе уживаат јавно да се исповедаат и да озборуваат, не мислејќи пред кого што зборуваат и како тоа што ќе го кажат ќе стане оружје против нив и нивните потомци. Потоа следуваше изработка на план за работа со и на теренот. За тоа послужи студијата на Карнеги и Аспен институтот, која беше промовирана во Софија во 1996 година и го опфаќа Балканот, Кавказот во контекст на Блискиот и Средниот Исток.

Во 1993 година беше поставена мрежата на Сорос, а Милчин ги одгледа и првите соросоиди, вклучувајќи и медиуми под нивна управа. Потоа следуваа првите конкретни акции. Од моментот на поставување американски амбасадор во Македонија, земјата фактички и нема статус на држава, туку американска латифундија под амбасадорска управа. Тоа се докажува со редовните сдсмовски револуции, буни, востанија, пленуми и слично, кои се координирани, финансирани, бодрени и вулгарно поддржувани од американско-бриселскиот милитантно пучистички амбасадорски комплот што службува во земјава. Со Кристофер Хил ги прегрмевме атентатот на Глигоров, обидот за преврат на СДСМ-групировката на т.н. просветени либертаријанци предводени од Фрчкоски и неговата тајфа универзитетско-медиумски подизведувачи. Потоа следуваше подготовката за војна со СРЈ и создавање на Косово-држава.

Македонија доби улога на бегалски логор, а при непризнаена државна граница и отстранет мониторинг на ООН. Мајк Ајник ни ја менаџираше увезената војна со странска платеничка терористичка солдатеска, па низ олеснувачки процес со присуството на НАТО-„пис билдинг“ мисија ни ја скрои и наметна рамката од Охрид, по која следуваше уставно преуредување на земјата и легализирање и амнестирање на терористите за повеќенаменска употреба. Лоренс Батлер од 2002 до 2005 година како амбасадор ни го имплементира рамковниот со надградба во форма на неговиот дух. Македонија беше територијално разграничена и како таква, со маркирани внатрешни граници, подготвена за нови интервенции. По него дојде специјалката Џилијан Миловановиќ, која нѐ подготви за нова револуционерна етапа.

Во 2006-та се смени власта, а на половина мандат, пред самитот на НАТО во Букурешт, во 2008-та падна владата поради кризата што ја исфингираа ДУИ, ДПА и СДСМ. Отидовме на избори. Џилијан тивко си замина, а дојде Филип Рикер во тандем со жена му, која му служеше како двоен „андеркавер“ оперативец (приватно како сопруга и службено како специјалец на терен). Со него ги доживеавме А1-револуцијата и неуспешниот преврат на Велија и Бранко и други чуда што ги управуваше на далечинско, од Италија. Тука нѐ затече метларското востание, кое не прерасна во обоена револуција, па 24 декември. Следуваа уште едни предвремени избори. Двојкава си замина, а американски амбасадор стана Пол Волерс. Со него ги прегрмевме врвот на антиквизацијата и „Скопје 2014“ и буните на слободарските соросоидни платеници. И тој си замина со тенка папка на успеси во менаџментот со кризи, а ни дојде хардкор-оперативецот на ЦИА Џес Бејли. Тој има завидно сиви на инсталација на кризи со крвави последици. Во Скопје слета директно од Истанбул.

„Нова Македонија“, иако не е систем за рано предупредување, често е во улога на сеизмолошки институт во политичките потреси и рано ви најави дека со Бејли ќе кризираме и брзо и погубно. Нѐ снајдоа шатор-револуцијата и пучот на Заев. Преку оваа едночинка на дланка и без геостратегиски или геополитички институти гледате како функционира ИСИЛ на европски простор. Прво креирате фантом, па го материјализирате, па тој како малигни канцерогени клетки го разјадува државното ткиво, овие клетки синхроно ги напаѓаат организмот и неговите органи. За да се натера тој да капитулира, силно го притискате, го гаѓате со убиствена терапија пропишана од „експерти“ како Ванхоуте и Фејт. Накрај, овластениот старател потпишува согласност за „безболно“ упокојување на болниот, по што следуваат фајронт и донаторска лицитација на делови на умрениот.

НАРОДОТ Е ЕДИНСТВЕНИОТ ФАКТОР „ИКС“

Prevrat-Global-ResearchСпоред методологијата што во преговорите со Грција ја применува „медијаторот“ или „олеснувачот“ Метју Нимиц, а претходно ја изведуваа Џејмс Пердју, Питер Фејт, односно ЕУ-емисарите, сега во функција повторно ќе бидат ставени етаблираните локални инструменти: албански политички фактор, милитанти исламисти, македонски интервенционисти и квислинзи, соросоиден пропагандно-интелектуален сектор. Гласно ќе се шепоти уцената „или ќе прифатите или ќе ве снајде катастрофа“. Уценета е редовно власта, која народот си ја избира на избори. Неа постојано ја притиска, уценува и малтретира, а преку неа ги компромитира државните институции и законскиот и уставниот поредок.

Изјавата на Нимиц со која го најавува своето посредничко активирање е крајно симптоматична. Таа е егзекутивна и наредбодателна. Ви дојде времето. Кое вие не сте го избрале. Ниту преодната влада има мандат за вакво крунско прашање. По Уставот нема ниту една политичка партија, односно власт. Ама САД набрзина сакаат да го смуваат и референдумот преку ДИК трансформирана (ќе го фалсификуваат евроатлантските монитори) со пржинскиот криминален акт. Можно е во наредните недели или месеци да доживееме уште некоја терористичка акција како онаа што ни ја подготвија во Дива населба и претходно на Смиљковско Езеро. Темелно збрлавени и деконцентрирани, без државно водство, со одбрана што ја немаме, оти министерот ни се колне формално на Уставот, а суштински кај Џон Мекејн и во Пентагон и МВР со министер од квислиншката групировка, а со право на вето и евентуално право на темелни кадровски промени (Груевски ќе го притиснат да се согласи во името на Македонија, а тој, како докажан кооперативец со чиста душа, ќе им стори добрина), ете нѐ пред портите на американскиот рај. Новиот балкански калифат од делови на четири балкански држави со име „Ал Косово ал ЦИА“ ќе биде верифициран на стогодишнината на Версајскиот мировен договор, во 2018 година. Така стои во американската стратегија. Но настаните ги забрзуваат роковите. САД, кои во мигов војуваат на сите четири страни, а ги очекуваат избори, итаат пред Русија и Кина да почнат да дејствуваат со цел капацитет. Веќе сега на сите страни кризираат и губат. Почнаа да ги напуштаат дури и марионетските „партнери“. Политичките елити што им служеа паѓаат како гнили крушки, доаѓаат анонимци и маргиналци. Постојните се претовараат на спасувачки сплавови што пловат во обратен правец. Сето тоа се знаци на смртна агонија на една најобична империја како сите претходни што наумила да стане планетарен господар. Затоа креира светски хаос. Каде што може – колку што може. Македонија им изгледа како лесен плен. Народот е единствениот фактор „Икс“ што ги прегрме досега сите заговори, атентати и земјотреси.

Пишува: Мирка Велиновска за Нова Македонија