ВМРО-ДПМНЕ: Петар Атанасов стравува од уште еден катастрофален пораз на неговиот СДСМ

СДСМ повторно лови во матно со лаги и манипулации. Очајот на Бихакќа е се поголем и поголем, а нивниот рејтинг се помал и помал.

Интегрален текст од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на Петар Атанасов:

Повеќе од јасно е дека интерниот министер за образование во редовите на СДСМ, ниту има елементарни познавања за областа која претендира да ја раководи, ниту пак има волја да поднаучи. Тоа го докажува со честите паушални прес конференции, на кои изнесува тотални невистини и смешни измислици, на кои ниту самиот тој не им верува.

ВМРО–ДПМНЕ чувствува обврска да му појасни на Петар Атанасов дека денеска говореше за еден од поголемите проекти на Владата содржан во програмата за работа до 2018 година, кој предвидува основање на Опсерваторија на вештини, на чиишто подготовки за имплементација во соработка со Светската банка и Европската тренинг фондација се работи уште од 2014 година и кој, на 26 јануари годинава беше јавно промовиран од страна на надлежните институции. Опсерваторијата на вештини ќе биде мошне корисна алатка за креирање приказ за корелацијата на работната сила која што произлегува од средното и високото образование, со потребите на пазарот на труд.

Односно, преку компјутерски софтвер за вкрстување и обработка на податоци од акредитираните високообразовни установи, средните училишта, од Агенцијата за вработување, Центарот за образование на возрасни и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на лица кои завршиле средно или високо образование.

Опсерваторијата ќе обезбедува јавно достапни информации за вработливоста по генерации, за вработливоста по одредени струки, за очекуваното време до работното ангажирање, за заработката по образовен профил, воопшто за можностите за вработување и слично. Тоа ќе им помогне на идните средношколци и студенти при изборот на насоките, но од друга страна, ќе им помогне и на надлежните институции во креирањето на идните образовни политики, како и политики за елиминација на оставштината на СДСМ од времето на нивното мрачно владеење – високата невработеност.

За потребите на Опсерваторијата ќе се изработуваат таканаречени „трејсер студии“, кои подразбираат директно обезбедување на потребните информации од лицата за кои ќе се однесува конкретна анализа, преку пополнување посебни прашалници формулирани исклучиво за оваа намена.

Првата „трејсер студија“, како што и напоменавме беше јавно објавено дека ќе се реализира годинава и ќе бидат опфатени дипломираните ученици и студенти во учебната 2014/2015 година. Нашата цел е јасна, транспарентна, суштинска и многу поразлична од размислувањата на Петар Атанасов дека се работи на врбување идни гласачи кои за прв пат ќе гласаат оваа пролет.

Тој само стравува од уште еден катастрофален пораз на неговата партија. Затоа, на сето негово не знаење се надоврзува со невистини за наводи притисоци и манипулации со наставниците и учениците. Целта е јасна – да се најде оправдување за народната казна на 24-ти април.