ИСТЕКУВА РОКОТ: Денес е последен ден за поднесување годишна даночна пријава

Истекува рокот за доставување годишни даночни пријави за остварен дополнителен приход во текот на 2015 година. Годинава во Управата за јавни приходи очекуваат да бидат поднесени 400.000 пријави.

Годишна даночна пријава (ГДП) задолжително се поднесува за остварен приход освен плата или пензија или приход од земјоделска/самостојна дејност, приходи од кирии од издавање имот – закуп или подзакуп, авторски права, индустриска сопственост; исплатена дивиденда, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, добивка од наградна игра во износ поголем од 5.000 денари, приходи остварени од игри на среќа преку специјализирани странски интернет страни.

Годишна даночна пријава треба да се поднесе и за лични примања од странство, работно ангажирање во амбасада, мисија на меѓународна организација…, приходи остварени преку интернет како е-трговија, услуги извршени преку специјализирани страни на пример www.freelancer.com, www.upwork.com, поставување реклами на сопствени интернет страни, прогнози на типови за спортски натпревари и други дополнителни приходи, надвор од редовнаta плата или пензија.

Граѓаните кои во текот на минатата година оствариле приходи по основ на надомест од договори за дело, авторски договори и други договори за кои постоеше обврска за плаќање социјални придонеси за т.н. „хонорарци“ согласно одредбите на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во примена од 1 јануари 2015 до 31 јули 2015 година, потребно е да ги искажат соодветно и во годишната даночна пријава, во зависност од видот на исплатата.

Годишната даночна пријава е бесплатна и може да се преземе од веб страницата на УЈП, а може да се достави дирекно во УЈП, преку пошта или електронски.