ФУДБАЛ: Прилеп, Велес и Пробиштип се радуваат на вклучувањето во Вардар Јуниор Лигата

vardar

Како што најавивме, на почетокот на месец април, стартува вториот дел од сезоната на Вардар Јуниор лигата. Нашиот клуб ја прошири лигата со неколку нови единици, па на досегашните осум, се придружија и екипи од Прилеп, Пробиштип и Велес.

Тони Наумоски, тренерот на децата од Прилеп, задоволен од преговорите потенцираше дека најдобро од сè е тоа што децата ќе добијат повеќе натпревари и поголема можност за напредување.

„Најбитно е тоа што нашите дечиња ќе ги почувствуваат придобивките од оваа соработка. Вардар е големо име во нашата држава и со тоа што ќе се натпреваруваме во Јуниор лигата, децата имаат поголем мотив за борба и за напредување. Поголемиот број на натпревари кај овие генерации е многу битен момент и сметам дека со оваа соработка ќе овозможиме тие да се надградуваат“ изјави Наумоски.

Во новите единици се најде и Борец од Велес. За оваа соработка тренерот Драган Здравковски изјави дека максимално го подржуваат проектот и дека големо е задоволството што во иднина ќе бидат дел од него.

„Големо е задоволството да се биде од Вардар Јуниор лигата. Ова е наша прилика да бидеме дел од проект кој во иднина многу ветува. Со самото тоа што децата ќе имаат повеќе натпревари, ќе биде подобро за нивно развивање. И не само тие, овој проект е добар и за тренерите, бидејќи се вклучени голем број на семинари за обука. Тука се и летните кампови, кои исто така нудат можност за дечињата да се развијат, да се дружат, едноставно да созреат. Ние веќе ги запознавме децата со овој проект и тие едвај чекаат да почнат натпреварите, бидејќи таму ќе можат да се докажат и да ја зголемат нивната лична афирмација“, потенцираше Здравковски.

Последната единица која се приклучува во овој пролетен дел е од Пробиштип. Ивица Глигоровски, тренерот на овие дечиња, истакна дека има позитивно мислење за оваа соработка и смета дека ваков проект е од голема важност за нивниот регион.

„Ние за прв пат почнуваме соработка со Вардар, а од тоа што го гледав досега и од тоа што го слушав од тренерите кои веќе се натпреваруваат, можам да извлечам само позитивно мислење. Овој проект е многу битен за нашиот регион, бидејќи самите натпревари се со повисок квалитет, а дечињата ќе можат да напредуваат. Ние работиме во интерес на нив и од таа причина ја почнуваме соработката, со цел да им овозможиме поголем број на натпреварувања и можност за напредок. Сепак Вардар е бренд и исто така најтрофеен клуб, а тоа придонесува борбата и талентот на децата да биде истакнат во Јуниор лигата“, истакна Глигоровски.

Се бројат деновите пред стартот на Вардар Јуниот лигата. Наредниот викенд, односно на 2 и 3 aприл, со премиерен турнир кој ќе се одржи во Скопје ќе почнат натпреварувањата. Во склоп на овој турнир ќе се оддржи и семинар, со кој ќе се презентираат насоките за тренерите. Желбата на нашиот клуб е една, а тоа е најдобрите меѓу овие дечиња во иднина да бидат регрутирани во соодветните возрасни категории.

Извор: www.fkvardar.mk