Миленко Неделковски со порака до ВМРО: НАРОДОТ, А НЕ ЧАДОРОТ

Milenko-MK

НАРОДОТ, А НЕ ЧАДОРОТ

Во недела нè чека уште едно „референдумско“ изјаснување. Пак!

Па еве, гледам сите колеги се срамежливи, недоискажани, подзаскриени – со еден збор опортунисти. Па еве пак, Батко Миленко со Крстот на чело и со Сизифовскиот камен „узбрдо“, да го каже тоа што сите го мислат а никој од страв не го пишува: НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД МУ Е ДОЈДЕНО ПРЕКУ ГЛАВА ОД ГЛАСАЊЕ. Ма преку глава и преку она другото. Секое гласање овдека е „референдумско“, „историско“, „бити-или-не-бити“, „одлучувачко“… Се што елитите ќе закашкаат низ годините на менаџирање со државата, народот треба да го исправа на гласање.

До кога така?

Да се потсетиме, гласавме за ем самостојност, ама ем и Југославија преку прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“? Па гласавме за „по еден вработен од секое семејство“. Па не-гласавме оти „некои прашања не заслужуваа одговор“, па кондовчани ни станаа сограѓани. Па во серија гласаме за програми доградени, надградени, надополнети…

Во недела на 11-ти декември ние, жално е тоа да се каже, немаме друг избор освен да се заокружи кецот на ливчињата. 4-ка, или било која друга бројка која би се заокружила, директно не‘ носи во финалната фаза на Букурештанскиот договор за расчеречување на Македонија и нејзиното дефинитвно исчезнување од картата на светот. Со исчезнувањето на Македонија, исчезнува и Македонскиот народ. Тоа е изборот во недела на 11-ти декември 2016-та.

Двете Македонски политички опции со своите програми се комплетно спротиставени. СДС-без-М порачува дека доколку они бидат победници ќе има апсења, уништувања на медиуми, бркања од работа, рекетари на улица и во институции… И ќе има двојазичност и федерализација на државата.

Спротивно, ВМРО ветува дека сите што ја рушеа Македонија ќе ги аболира, Заев ќе може слободно да се трка за нов градоначалнилки турнус, ќе има нови проекти, патишта, субвенции, плати, пензии… Но, и ќе застане на браникот на државата и нацијата преку спротиставување на двојазичноста и федерализацијата. Иако тоа ќе бидат барањата на албанските „партнери“ во Владата.

Така да, ние граѓаните на кој ни е дојдено преку такво од гласање и немаме некој друг избор, освен да си заокружиме КЕЦ и да ја спасуваме државата. Пак.

Во оваа прилика, бегајки од опортунизмот, плитката материца и малата бешика (мочно бабуле) на колегите од медиумите, сакам да потенцирам дека народот не е важен само до 11-ти, ама би требало да е важен и по тоа.

Нели така?!

Да потсетам дека овој народ на последното изјаснување пред две години за парламентарен состав не гласаше за: да има СЈО и Катица Јанева, да има СДС министри и заменици во Владата на ВМРО, да се повлече Груевски на 100 (!!!) дена, да има Ад-хок тело, да има Пржино 1 и 2… Ние, граѓаните на Република Македонија не гласавме Јолевски да е Министер за одбрана, а уште помалку гласавме за Ременска, Спасовски, Кирацовски, Николовски, Кире Наумов… Не гласавме за тоа, бидејки тоа го немаше во програмата. Да го имаше, немаше да гласаме за таква програма.

Да потсетам, и на тие избори партиите што се тркаа за пратенички мандати, вклучително и победничката, се повикуваа на тоа дека „народот знае“ и дека „народот ќе реши“. Така и бидна. Народот си реши. Но, потоа народот беше исклучен од „решавање“ и од „знаење“. За разни Пржина знаеше само елитата политичари и неколкумина амбасадори. Народот – НЕ.

Народот, да потсетам, не гласа за потоа да биде исклучен од владеењето. Народот не е тука за еднократна употреба.

На победничката партија на овие избори во недела, значи на ВМРО, треба конечно да и стане јасно (јасно и е, ама тешко признава) дека ним народот им ја дава власта. И тие се во служба на народот. Во најмала рака е непристојно (да не употребам некој по вулгарен збор) да те гласа народот, а да ги исполнуваш барањата на оние што не те гласаат – амбасадорите, на пример. Работава, „народот ќе не изгласа, ама тераме како амбасадорите, ЕУ, НАТО и слични ќе кажат“!!! Тоа е НЕПРИФАТЛИВО.

Народот те гласа – народната воља ќе ја спроведуваш.

Тоа што ВМРО гради патишта и автопатишта, индустриски зони, што зголемува плати и пензии, вработува, субвенционира…, е работа што треба да ја работи секоја влада. Тоа им е работа. На народот да му се овозможи пристоен живот. Ние се навикнавме на СДС логиката да бидат избрани, да направат Влада и после ништо да не работат. Односно да „произведуваат“ ТАТ и слични пирамиди. Ова што ВМРО го работи почнавме да го сметаме за подарок. А не е, тоа е нивна обврска кон нас. Така нормално треба да биде.

Но, тоа работење 24/7 не смее да ја замени и следната обврска што Владата ја има, а тоа е да владее јавно, транспарентно и заедно со народот. Не е прифтливо еве ви плата, ама за „големите“ прашања ќе решава само елитата.

Затоа, за идниот победник, еве три точки што ќе им се задолжителни доколку сакаат и следниот пат да повикаат дека „народот ќе реши“ и дека „нардот знае“ и дека „народот бира“:

ВМРО е должно пред народот, кој еве веќе една дузина години им ја дава честа да ја менаџираат државата, да се ОБВРЗЕ дека ќе истера еден комплетен 4-годишен мандат. Барем еднашка во историјата на оваа напатена Македонија. Еднашка. Ќе може ли?

После гласњето во недела, веќе не постои начин да има БИЛО КАКВО оправдување за не спроведување на цел мандат. Нам, на граѓаните, ни е смачено од оправдувања и барање други виновници за тоа што ВМРО, малку-малку, оди на предвремени избори. Смачено ни е. Виновни биле амбасадорите, меѓународниот притисок, па многу било тешко, ептен не се издржувало, види што ни праат, па Сорос, па Канвас, па …. И се некој друг е крив?! А вие господа, да си се погледнете во сопственото огледало па да се запрашате „Дали сторивме сè да се спротиставиме на уценувачите, притискачите, белосветските битнги, амбасадорите…“?

Па така, во иднина, вие победниците од ВМРО без разлика колку ќе има бомби, амбасадорски јавувања и посети, странски притисоци, домашни проституционери (не се тоа револуционери), без разлика колку сте или не сте „безгрешни“ (како што би рекол во спотот актерот Владо Јовановски) ЌЕ ИМАТЕ ОБВРСКА да останете на чело на државата цел мандат. Оти преку такво ни е од избори и од „народот решава“.

Втора обврска што ќе ја имате е за се да го прашате народот, а не чадорот. Пржино 1 – оп на референдум. Пржино 2 – пак референдум. СЈО, Ад-хок, техничка влада, било што – референдум. Бидејки, како што е умен и мудар народот да ве избере на овие избори, така ќе е мудар и преумен и за овие клучни прашања за државата и иднината да реши на референдум.

Односно, не е пристојно да му верувате на народот за на избори, ама не и за одлуки кои се донесуваат по резиденции и клубови на пратеници.

И трета обврска ќе е, се со што ќе ви се закани било кој странец, дипломат во Скопје или некоја друга будала – веднаш, после тој состанок да излезете пред јавноста и да кажете што ви кажал, што барал, со што ве уценил??? Да му го кажете тоа на народот. Овој народ, де, што на 11-ти ќе ве гласа и ќе го заокружи Првиот број на ливчето.

Ова погоре со обврските кон граѓаните (сите) во Република Македонија. Но, раководството на ВМРО ќе има уште една тешка работа за совладување во наредниот, постизборен, период. Тоа е внатрепартиска работа.

Имено, некогаш неприкосновениот СДС дојде на ова дереџе, оти не го направи тоа што требаше. На ВМРО му се заканува иста судбина доколку не ја направи НАЈБОЛАНАТА реформа. Таа реформа не е ниту во здравството, ниту во образованието, ниту во полицијата, ниту во војската… Тоа е ВНАТРЕПАРТИСКАТА реформа. Од таа реформа вистинските членови на таа партија очекуваат многу. Неовмровците, нео-преторијанците, кариеристите и слични дојденци и узурпатори се плашат и ќе направат сè да ја опструираат. Да ја нема…

Толку за ВМРО.

Сега, ред – два, за мене. Јас ќе гласам, повеќе пати сум напишал, за листата под број 1. Друг избор не постои. Друга иднина Македонија нема. Во Скопје, во Центар тоа е листа предводена од Никола Поповски. Но, пред сè гласам за таа листа заради ВМРО и заради Никола. Ама Груевски. Не дозволувам никаково размислување „И по Никола – Никола“. Таа „Пленковиќ – ХДЗ“ тактика Брисел нека си ја чува за друго место. Овдека ВМРО си има лидер. И Македонија си има Премиер.

Толку.

——————————————

Поука од авторот:

Во недела треба масовно да се излезе и да се гласа. Секој според својот ум, морал, желби, перцепција… Во вашата одлука никој не смее да се меша. Со победата на Трамп отпадна стравот дека Бејли ќе преноки во ДИК штелувајки ги резултатите доколку се приближни.

Опасноста во недела доаѓа од можноста со помош на МВР и Спасовски во албански средини да се полнат кутии во корист на СДС. И да има инциденти… Крвави.

Затоа, сите од рано на избирачки места, за да може било која матрица за манипулација да им се избие од рацете на гнидите што сакаат да ја растурат државата.

Пишува: Миленко Неделковски за Дудинка.мк
Предизборно 06.12.2016