Колумна на Ирена Радовановиќ: Албанците гласаа за Заев за да имаат почист воздух

Опозицски приказни за граѓанство

Додека ни се продава приказната за „граѓанскиот“ концепт на Заев, преку медиуми блиски до СДСМ, не е мал бројот на оние Албанци кои сè почесто ги прашуваат Македонците дали би учеле албански и зошто не сакаат да учат.

А зошто тие да не бараат од Македонците да учат албански кога тоа го бара Македонец, лидер на една од најголемите македонски партии. Тој двојазичноста ја стави на маса, заедно со кантонизацијата. Примамлива понуда за оние Албанци на кои им се побитни нивните политички права од економијата, а таквите не се малку. За Заев гласаа речиси 70.000 Албанци. Дојдоа дури и од други држави. Што значи, етничкото ги мотивира да гласаат за него, а не граѓанското. Албанците не гласаа за тоа што Заев им ветил почист воздух, туку сакаат да ги видат Македонците како зборуваат албански и како нивните општини стануваат сè понезависни од централната власт. Додуша и воздухот ќе им биде почист кога ќе се затвораат во кантони во кои ќе нема Македонци.

„Граѓанската“ приказна, која сака да ни ја продаде опозицијата, фино ја дообјасни британскиот дипломат Тимоти Лес. Според него, на Балканот се враќа национализмот, а кога ќе избледи влијанието на Западот, ќе настапи нова ера на немири кои ќе резултираат со прекројување на денешните граници, вели Лес. Тој истовремено предупредува дека Русија почнала да го користи своето влијание за да го фрустрира процесот на евроинтеграцијата поттикнувајќи ги малцинствата во своите барања за сепаратизам. Замислете, Русија ги поттикнува малцинствата на сепаратизам, а гледаме дека во Македонија токму потезите на САД со помош на СДСМ и албанските партии, не доведоа до состојба денес да расправаме дали сме за или против федерализација на државата. Kолку добро ни мисли САД да не се навраќаме многу далеку, како, на пример, 1948 и нивниот однос кон тамошните жители во егејскиот дел на Македонија. Доволно е само да се потсетиме на времето од 2001 година, па наваму. А и две години претходно, односно во 1999 година, кога им дозволивме да прават што сакаат со воздушниот и со просторот на земјата и на државата со цел да ја спроведат акцијата бомбардирање на СРЈ. И верувавме дека со тоа ќе ги придобиеме симпатиите на Западот предводен од САД. Примивме 350.000 бегалци, кои две години подоцна ни се „заблагодарија“ за гостопримството заедно со ОНА помогната од ОВK, а сето ова поддржано од Западот. Западните демократии во чии устави, нели, граѓанинот е на пиедесталот, а не припадникот на етничката заедница, ни го стокмија Рамковниот договор, со кој нè обележаа како племенски заедници. Потоа ни ја скроија територијалната реорганизација. А ден пред референдумот во 2004 година САД не признаа под уставно име.

Опиени од признавањето не видовме дека државата ни се подели по етничка линија токму таква каква што посакуваше едно малцинство, а која сè поочигледно му одговара на Западот. Тактиката на поддршка на едни наспроти други или раздели па владеј, добро ја спроведоа и добивме едно малцинство, кое му е полојално на САД и на некои околни држави отколку на државата во која неговите припадници се родиле, израснале, се образувале.

И така денес дојдовме до идејата на Тимоти Лес за поделба на Македонија. Тој, всушност, сака да не реши по брза постапака. Па му предлага на Вашингтон да помогне државата што побрзо да се федерализира, па потоа да се присоедини западниот дел на Македонија кон Албанија.

Токму поради ваквите сценарија, ВМРО- ДПМНЕ побара на изборите да се гласа за Македонија. Но, за жал, голем број од Македонците гласаа за Заев. Му дадоа глас на човекот кој решил да ја докрајчи Македонија. Kому побитно му беше рушењето на Груевски, по цена да ја сруши и државата.

Предизборното ветување на Заев за Албанците, ги крена до плафон барањата на албанските партии за влез во владата. Дел од условите на ДУИ, Алијансата за Албанците и Беса се: целосна еднаквост на Албанците со Македонците под што тие подразбираат поделба на државата и влез во НАТО (под што тие подразбираат промена на името на државата. Останатиот декор како барањата за СЈО како уставна категорија, и Албанец на местото шеф на државата, премиер или претседател на Собранието се само некаква панделка на целиот пакет.

А сè ќе беше поинаку наместо Заев, на чело на опозициската партија стоеше човек кој ќе го личи да биде патриот и кој никогаш не би се пазарел со државните и националните интереси.

Дали има време за спас на Македонија?

Пишува: Ирена Радовановиќ за Дневник