Една година од предавањето на предметите: СЈО – ловец во матно со политичка агенда

Поминаа 365 дена откако Зоран Заев во СЈО ги предаде нелегално стекнатите материјали со снимки и транскрипти од приватни разговори. Врз основ на овие снимки, обвинителството предводено од Катица Јанева требаше да работи и да формира обвиненија во законскиот рок од 18 месеци. Во меѓувреме СЈО има подигнато само едно обвинение за случај кој практично не постои, а од другите помпезно најавувани политички прес-конференции за другите истраги кои ги започнало обвинителството – нема ништо.

Јанева, Фетаи и Ристовска одржаа низа прес-конференции на кои ги презентираа своите наоди од истрагите, сите до еден базирани на непотполни и измислени докази кои веднаш беа побивани од страна на обвинетите. СЈО неосновано од судот бараше притвори со цел да ги комплетира пи-ар спектаклите кои ги правеше на прес-конференциите, одработувајќи ја својата политичка задача во сценариото од кое е дел и ова обвинителство. Од СЈО постојано беше вршен јавен и отворен притисок врз судот во Македонија со цел да им ги прифаќа и оние мерки и барања за кои немаат ниту доказ, ниту елементарна основа да бидат прифатени. Откако судот им ги одбиваше нелогичните предлози за мерки, од СЈО јавно изјавуваа дека не се задоволни што судот не ги следи сите нивни барања кои немаат правна поткрепа, туку партиски мотивирана агенда.

Овој јавен притисок има две цели: прво, судиите по почуствуваниот притисок да почнат да им ги прифаќаат барањата за кои нема никаква основа, и второ, да подготват терен за поголем меѓународен притисок над судот со цел изнудување мерки и над власта со цел остварување на барањата на СЈО. За луѓето во СЈО е јасно дека не ги оправдуваат вложувањата кои се инвестирани во нив од страна на реализаторите на планот каде тие се главен инструмент за рушење на ВМРО-ДПМНЕ од власт и отворање терен за доаѓање на СДСМ на власт.

СЈО започна неславно и така продолжи во време на целото свое постоење. Јанева прво бараше повеќе обвинители во тимот отколку што и беа прифатени од Советот на обвинители. Откако и беа одобрени избрка 2 обвинителки со јавно објавено образложение во кое се вели дека имаат вишок на обвинители и нема потреба ниту доволно работа за нив. Притоа Јанева не посочи дека двете обвинителки кои сама ги одбра се неквалитетни или нелојални, туку едноставно дека немаат потреба од толку многу обвинители во СЈО, иако пред тоа тврдеше спротивно.

sjo-rastiman-orkestar

Потоа Јанева бараше пролонгирање на рокот за подигнување обвиненија, бидејќи имало многу работа, и не можеле во рокот од 18 месеци да стигнат се да сработат. Апсурдно, но Јанева ниту ги врати двете избркани обвинителки поради зголемениот обем на работа, ниту побара дополнителни 3,4,5 нови обвинители со кои ќе ја сработат работата на време. Уште еднаш стана јасно дека не е во прашање времето за работа и завршување на предметите, туку времето за да биде СЈО нечиј политички инструмент.

СЈО активно работеше на пролонгирање на правдата, помагајќи во одлагањето на рочиштата во корист на Заев во случајот „Поткуп“ со трагикомични изговори на Јанева од типот: „имам свадба за ќерката, не можам цел април да одржам рочиште“.

СЈО манипулираше со јавноста и кога тврдеше дека судот ги спречувал да добијат одредени доказни материјали, иако судот постапуваше по правилата и им дозволуваше целосен увид на материјалот кој го бараа, но во просториите на судот, како што наложува законот. Овој притисок на СЈО беше уште едно парче во мозаикот на СЈО и СДСМ во насока на создавање вештачка атмосфера за промена на судии како што најави Заев и за специјално одделение како што бараше СДСМ.

Околу двојните аршини на СЈО добро говори случајот „Пуч“ за кој не само што не бараа мерки за обезбедување туку и побараа укинување на мерките, со што на целокупната јавност и стана јасно дека нема ни п од професионалност, ни објективност или неселективност во нивното постапување. Сопругата на Зоран Верушевски, Соња Верушевска, дури и јавно му се заблагодари на Зоран Заев затоа што Катица Јанева го ослободи од притвор нејзиниот сопруг, кога веќе не успеа да го изнесе „под чадорот“ надвор од Македонија, како што Заев и призна дека планирал да стори.

Околу купувањето време на СЈО јасно говори и симптоматичниот избор на деловен простор во кој ќе функционира обвинителството. Од илјадници слободни и на понуда за издавање деловни простории во Скопје целосно спремни да примат било каква институција или компанија веднаш, без било какво реновирање и губење време, СЈО одбра простор за кој однапред знаеа дека им се потребни 8/9 месеци реновирање, за подоцна да може и тоа да го користат како изговор за продолжување на мандатот за политичко делување против ВМРО-ДПМНЕ. Наводно во старите простории на СЈО во палата Кузман имале несоодветни услови и уште во врска со тоа го доведуваат употребувањето на некаков софтвер за истражување. Божем за софтвер кој треба да истражува потенцијален финансиски криминал е важно дали е тазе молерисана просторијата во која се наоѓа или какви плочки има.

Втора манипулација околу времето е дека почнале подоцна заради одредени подготвителни работи. Вистината е обратна. СЈО беше избран на 15–ти септември. Законот предвидуваше дека почеток на 18–те месеци работа ќе биде моментот кога ќе ги примат матерјалите, иако најголем дел од нив ги имаше на сите портали бидејќи беа објавени. И тоа сите добро го знаеа.<

Зоран Заев и Катица Јанева спроведоа една тактика која не им пречеше на преставниците на меѓународната заедница. Цели три и пол месеци Заев не ги доставуваше матерјалите под разни изговори и лаги, а највпечатлива беше дека немало соодветни услови да ги примат и чуваат материјалите – им требал посебен сеф. Откако Владата експресно им донесе сеф, објавија дека е несоодветен. Потоа Владата им донесе сеф-шифоњер и веќе немаа каде, па преминаа на одолговлекување од страна на Зоран Заев со разни изговори, за некаде дури на 30–ти декември 2015–та Заев да ги достави материјалите и да почне одбројувањето на 18–те месеци во кои може да се отвори обвинение. Некаед на средината на 2016-та СЈО преку Ленче Ристовска се „переше“ дека наводно изгубиле многу време во подготовки од дадените 18 месеци, што е уште едно нечесно манипулирање со јавноста и со меѓународната заедница.

Кога се методите на СЈО за политичко влијание во прашање, веќе на сите им стана јасно дека „штанцањето“ барања за мерки за претпазливост кон судот за да го донесат во ситуација да ги одбива, беше да се создаде клима и направи атмосфера дека судот е пристрасен и потребно е специјално одделение со „подобни“ судии. Во иста насока е и најавата за генерален реизбор на судии од страна на Заев и СДСМ.

Прилично неискрен аргумент е и божемното загубено време со аболицијата, со кое исто така СЈО се обиде да купува изговори за продолжување на мандатот. Она што е вистина е дека СЈО за време на аболицијата не ги запре постапките кон никого, ниту правно формално со посебен акт, за што имаа законска обврска, ниту ги запре реално нивните истражни активности.

Во меѓувреме, уште не се знае каде се останатите материјали кои Заев излажа дека ги предал во целост на СЈО, а целата јавност гледа како се појавуваат на фејсбук и други интернет локации. СЈО, очекувано, воопшто не го истражува овој феномен – како е можно снимките кои се стекнати на нелегален начин и на кои има приватни разговори, а се снимки кои Заев тврди дека ги имаат само во СЈО – да излегуваат на интернет. СЈО не се занимава со ова. Туку продолжува со својата главна преокупација: обид за нанесување политичка штета на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, во јавноста се појавија изјави од извори на „Дневник“ кои велат дека eден амбасадор повторно го притиснал алармот во СЈО давајќи насока останатите предмети да се стават на страна, а фокусот целосно да биде на партијата и нејзиното раководство. Пред да замине на прослава на божиќните празници со семејството амбасадорот си нарачал пресметка со партијата што победи на изборите. Насоката до кооперативните обвинители од СЈО била по секоја цена да се оди со истрага за партијата и раководството за тоа како се финансирале претходните избори.

Наредбата ја пренел еден од обвинителите пред целиот колегиум на СЈО јавно посочувајќи кои се очекувањата на амбасадата. Тој на своите колеги им укажал дека рокот во кој се очекува ваков резултат од СЈО е крајот на јануари или најдоцна до средината на февруари.