Груевски: Ако ВМРО-ДПМНЕ биде изиграна од ДУИ, наскоро ќе се вратиме на голема врата во владата без какви било обврски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на еден ден пред истекот на крајниот рок за доделување на мандатот од страна на претседателот на државата и еден ден по објавувањето на заедничката платформа на албанските партии во Македонија најавува дека ќе се обиде да состави влада, но не по секоја цена.

Во интервју за „Дневник“ Груевски вели дека како и во минатото, така и сега се создава атмосфера кај албанските партии да не коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ, а ја создаваат  медиумите и лицата што водат или припаѓаат или се соработници на НВО финансирани од Институтот отворено општество.

На коментарот дека многу албански политичари и аналитичари тврдат дека албанскиот електорат посакува влада водена од СДСМ со албанските партии, Груевски возвраќа со одговор дека „во 2008 година македонскиот електорат, особено вмровскиот, не сакаше коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, па таа се случи најмногу затоа што Албанците во Македонија сакаа ДУИ да ги застапува во владата“.

„Ако сега ДУИ отиде во коалиција со втората, наместо со првата партија, со поразениот наместо со победникот, секако дека тоа ќе значи воспоставување една нова практика и традиција во Македонија, на која ние секако ќе се приспособиме, не само сега, туку и во иднина. Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро, ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандата по ред. И ќе бидеме без каква било обврска при составувањето на владата“, изјавува Груевски.

Во врска со изјавата на Али Ахмети дека за него најважни се интересите на Албанците и платформата на сите албански партии, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека за него најважни се интересите и на Македонците и на сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и Албанците.

Што се однесува до платформата на албанските партии, тој додава дека и тие (ВМРО-ДПМНЕ) со 25 партии ќе бидат во коалиција со заедничка платформа, но „ако сакаме  да ја играме играта со платформи, нема проблем, така ќе тераме отсега“.

„На Албанците во Македонија нема да им помогне ако имаат двојазичност на цела територија, вклучувајќи ги и Делчево, Берово, Гевгелија или Кавадарци. Ним може да им помогне ако во наредните четири години се отворат уште 100 или 150 нови фабрики, и се вработат илјадници луѓе, ако стандардот почне да расте и имаат поубав и пок- валитетен живот, ако пораснат пензиите, платите, субвенциите, социјалната помош, ако се изгради потребната инфраструктура, ако добијат поддршка за градба на куќи, ако се направат многу реформи и земјата се придвижи напред“, вели Груевски за „Дневник“.