Иванов треба да го додели мандатот за формирање на новата влада

Ivanov-so-zname

Денеска истекува рокот кога претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов треба да го довери мандатот за формирање влада на кандидат на партијата, односно партиите што освоја најголем број мандати на предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември, минатата година.

Деветтиот македонски парламентарен состав, кој има 120 народни избраници, се конституираше на 30 декември минатата година. Најмногу пратеници има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51. Коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА – 2. Во овој парламентарен состав нема народни избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот Иванов викендов одговарајќи на новинарско прашање кога и на која партија ќе и го додели мандатот за формирање влада со оглед на тоа што тече рокот, рече дека ќе постапи како што е наведено во Уставот.

Премиерот за спроведење на изборите Емил Димитриев, пак, на новинарско прашање за тоа дали очекува да биде запазен крајниот рок за доделување на мандатот, рече дека очекува целата процедура да биде во утврдените рокови согласно законите.