Ахмети, Kасами и Села бараат нов договор меѓу Албанците и Македонците

Молк кај најголемите партии на Македонците, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ден по обелоденувањето на заедничката или сеалбанска платформа на ДУИ, Беса и „Алијансата за Албанците“, која всушност е понуда за нов договор меѓу Албанците и Македонците. Иако двете партии се претенденти за мандатот за составување на новата влада, ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ не ја коментираат платформата, која, според најавите деновиве ќе биде ставена на маса пред мандатарот.

Денеска Иванов треба да го даде мандатот

Денеска истекува уставниот рок претседателот на државата Ѓорге Иванов да го додели мандатот за состав на владата на партијата што освоила најмногу гласови на изборите, во случајов ВМРО-ДПМНЕ и со тоа партијата на Никола Груевски ќе треба да пресече дали ќе прифати албанската платформа воопшто да биде услов за составување на новата влада. Ако ВМРО-ДПМНЕ одбие да прифати да биде уценета со албанската платформа, мандатот за новата влада ќе треба да му биде доделен на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по што тој ќе треба да пресече.

И додека во албанскиот политички кампус фрчат честитки од Тирана, Приштина и Скопје за сеалбанската платформа со оцена дека е историска бидејќи нејзиното прифаќање ќе биде услов за секоја идна влада, такво единство нема кај партиите кои застанаа зад документот. Kако што веќе објави „Дневник“, платформата не доби параф од лидерите Али Ахмети, Билал Kасами и Зијадин Села бидејќи Беса се противи да биде во друштво на ДУИ. И по објавата на платформата, Беса повторно дава на знаење дека нема да биде дел од владејачка коалиција со ДУИ, туку дека платформата значи само нивна поддршка за прашањата што се битни за Албанците.

Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да коментираат, само кусо велат дека тие имаат своја платформа.

Од СДСМ вчера никој не ни одговори за платформата што ја испорачаа албанските партии. Неодамна за ова прашање од СДСМ ни изјавија дека нема да се произнесат, бидејќи до нив не е доставена никаква платформа.

Наспроти воздржаноста на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, помалите партии Левица, ТМРО, НДМ на нож ја дочекаа албанската платформа. За Левица платформата е провокативнa и беспредметнa и ценат дека е време да се постават прашањата што ги засегаат сите етнички заедници во земјава, а тоа се социјалните права. ТМРО смета дека документот е уцена до Македонците и државата и бара македонските партии да ја отфрлат таканаречената платформа. НДМ бара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да усвојат национален документ за виталните национални и државни интереси.

Се бара нова држава по албански терк

Инаку, платформата зад која застанаа ДУИ, Беса и „Алијансата за Албанците“ изобилува со куп барања кои не само што излегуваат од рамките на Рамковниот договор и директно имплицираат промена на политичкиот уставниот поредок на државата туку содржи и барање за промена на името, навлегува во меѓусоседските односи, односно впечаток е дека со неа се бара нова држава по албански терк.

Содржината на документот е потврда дека тој е скроен на заедничката средба на лидерите Ахмети, Kасами и Села со албанскиот премиер Еди Рама и е потврден во Приштина на средбата со косовскиот претседател Хашим Тачи. Платформата всушност и не ќе беше можна без директната заложба и ангажман на Рама и очекувањата се дека само притисокот на официјална Тирана е гаранција за соработка меѓу ДУИ, Беса и „Алијансата“.

Kлучното барање од платформата, според ДУИ, кое ќе биде пресудно дали воопшто ќе има влада е официјализирањето на албанскиот јазик во целата држава, пред да се формира владата.

Документот има седум поглавја – целосна еднаквост на двата народа, право и правда, економска еднаквост, ЕУ и НАТО, добрососедски односи, решавање на името, како и поддршка на албанските институции. Впечаток е дека во голем дел документот се заснова пред с`на изборната платформа на ДУИ.

Во платформата, освен официјализирањето на албанскиот јазик и барањето Албанците да бидат државотворен народ, се бара промена на државните симболи, химната, грбот и знамето, ново министерство за политички систем, формирање државна комисија за буџетски грантови за општините, како и напредување на Албанците на раководните функции во безбедносните служби и правична застапеност во централната власт.

ДУИ, Беса и „Алијансата“ се обврзуваат целосно да ги спроведат препораките од Извештајот на Прибе, да го поддржат непристрасното работење на СЈО, како и решавање на случаите „Монструм“, „Сопот“ и „Kуманово“ со меѓународна асистенција. Со платформата се бара партиите на Албанците активно да се вклучат во преговорите за името, но и во разговорите за договорот за добрососедство со Бугарија.

Партиите на Албанците инсистираат и на поголема поддршка за функционирањето на албанските институции, како и формирање нова институција за унапредување на јазикот.

За барањата од документот ќе се решава на тркалезна маса на која ќе бидат застапени парламентарните партии на Албанците, а роковите и начините за сите барања допрва ќе се определат.

Пред повеќе месеци „Дневник“ објави дека политичката криза во која директно се инволвирани македонските партии и која во ниту еден момент не беше меѓуетничка, партиите на Албанците ќе ја искористат за повторно во прв план да ја стават албанската агенда и таа да биде услов за новата влада.

Рама: Платформата е историски чекор на волјата на Албанците

Со констатацијата дека станува збор за историски документ, официјална Тирана експресно ја поздрави заедничката платформа на партиите на Албанците од Македонија.

– Историски чекор за изразување на волјата на Албанците во Македонија. За правата на Албанците, а не преговори за владини фотелји – напиша албанскиот премиер Еди Рама на „Фејсбук“.

И претседателот на Собранието на Албанија, Илир Мета ја поздрави заедничката изјава и посветеноста да се изгради заедничка платформа за просперитет и стабилност на Македонија. Мета истакна дека верува оти духот на овој договор е добар знак кој покажува зголемена одговорност на албанскиот политички фактор за прашања од национално и регионално значење и верува дека овој договор ќе имаат позитивно влијание врз меѓуетничките односи во Македонија.

Извор: Дневник