Колумна на Сотир Костов: Етноплатформа… анахронизам на 21 век

Sotir-Kostov

Сега, сигурен сум, јасно им е и на тие на кои не им беше јасно. Море повеќе и од јасно е со кого и со што си имаме работа. И да не бидам лицемер, не се работи дали со некој и нешто имаме работа, туку се работи за имање проблем или поточно проблеми, и тоа големи проблеми.

„Сега му е мајката…“ на Зоран Заев од кампањата, ни чука ante portes – пред врати. Не е дека не пишував, не е дека не предупредував, дека ни се готви финално раскрчмување на с` што е Македонија и македонско. Да појдам со ред: Го споменував Начертанието на Илија Гарашанин од 1844 година и лицемерната денешна политика на северниот сосед, која на моменти потсетува на „Меморандумот на САНУ“ (Белград, 1986 г.) и на „Идеологијата на српскиот национализам“ (Шешељ, 2002 г.), а соговорниците потајно ми се потсмеваа. Истите тие сега се изненадени од „глупиот“ Дачиќ, ама тоа ти е тоа; Зборував за Уставот на бугарскиот револуционерен совет (1869 г.), за „Бугарија во 21 век – Бугарска национална доктрина“ (1997 г.) и за „Бугарската политика кон Македонија“ (2007 г.), пак ми велеа дека сум се изгубил во лавиринтите на историјата, ама Борисов беше повеќе од јасен: Македонија ја чека вето и од Бугарија; Пишував за „Мегали идејата“ (1844 г.), за „Македонското прашање – преглед за обидите за создавање вештачка нација“ (Атина, 1993 г.), за „Скопје во потрага по идентитет и меѓународно признание“ (Солун, 1994 г.), ми велеа дека спорот со јужниот сосед само што не бил решен. На власт ќе дошол Заев и оп, готова работа, нема спор; Најчесто потсетував на „Програмата на албанската Призренска лига“ (1878 г.) и „Платформата за решавање на албанското национално прашање“ (Тирана, 1998 г.), како во моите колумни, така и во настапите на телевизија, други ми велеа претерувам, дури ширам параноја. Добро, ама сега после оваа „Еди Рама платформа“, баш сакам да ги видам тие кои не се загрижени и си седат мирно со скрстени раце. Се залагав сите овие документи да ги проучиме, да ги разбереме и посоодветно, понавремено и поодлучно да реагираме на денешните манифестации и изрази на етносимболизмот, етноцентризмот и етнополитиката во регионот, но и во нашата држава. Зошто? Па затоа што тие се првите знаци на доктринерно-завојувачкиот, експанзионистички и негаторски карактер на поедини политички и државни дејствија на нашите соседи кон нас како народ и Македонија како држава. Тие најпрвин се „испади“ на поединци, наводно маргиналци, потоа на мали групи, наводно заведени, па следува директен терористички атак на територијата на Република Македонија, наводно исцениран и на крајот „Еди Рама платформа“ на албанските политички партии во Македонија. Тоа ти е исто како на врата да ти тропаат национализам, шовинизам и иредентизам. Тука, морам да појаснам: точката 4 – создавање дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи како суштински елемент за политичка стабилност во земјата, точката 5 – решавање на спорот со името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право, точката 6 – добри односи со соседите и точката 7 – брза интеграција во НАТО и Европската Унија, се коректни и на нив треба да гледаме со симпатии. Но, се прашувам што претставуваат останатите точки 1, 2 и 3. Тука се некако е каша попара измешано. Дали тоа е случајно? Пак ли ќе се залажуваме. Па кога бре луѓе ќе се свестиме дека се работи за тоа дека државник на друга соседна држава, а тоа се Еди Рама и Албанија, сака да ни го менува Уставот и да го крои така како што нему му одговара. Свесни ли сме што значи тоа? Знаеме ли дека доколку тоа го дозволиме, нема ништо да остане од македонското национално битие, дека македонскиот идентитет, јазик и култура ќе се распарчат до ниво на непрепознатливост и ќе се доведат до граница на опстој и понатамошна егзистенција.

Луѓе бре, да се потсетиме: Во 2001 година го имавме Рамковниот договор, во кој беше с` опфатено и предвидено за рамноправно вклучување на Албанците во сите институции на Република Македонија и во сите пори на македонското општество. Беше констатирано дека тоа се последните барања за интеграција на Албанците. И на тој план се работеше цели 15 години. Договорот е имплементиран во Уставот на Р. Македонија и следеа еден ал рамковни акции, дејствија, проекти. Е сега тие биле малку. Некој вели дури и ништо. Не требало во 21 век да има рамки (Зоран Заев). А бре политичко шутракче виде ли што и донесе на Македонија? После 15 години во Македонија повторно ни го донесе „синдромот на балканизмот“. На врати повторно ни чука синдромот на „буре барут“. За каква бре граѓанска држава се бори овој политички вагабонт, кога во странство прави коалиции со екстремни етнички емиграции на туѓи држави. Свесен ли е дека духот на национализмот од шишето тој го испушти и дека повторно базди на фрагментација, нереди и отцепувања. И сега да не се прашуваме од каде сиот тој национализам, етноцентризам и етнополитички набој. Па од глупите политичари како Заев и Дачиќ и од нивните уште поглупави и запаливи изјави. Ќе ја отворат Пандорината кутија, и оди по гони ги сите деструктивни, националистички и шовинистички испади и појави. Ете ти на гости етнополитичка платформа, мејд бај Еди Рама, деливерет бај Али Ахмети. До кога бре ќе се бавиме со нуспродуктите и девијациите на искривената национална свест на поединци? Па и првична и површна анализа на оваа етноплатформа (најмногу на точките 1, 2 и 3) покажува дека се работи за марксистичка, и тоа до максимум искривена, теорија на нацијата и етносот. За наводни и лажно ослободување, самосвест, слобода, еднаквост. Мојата првична анализа кажува дека се работи за еден најобичен еклекицизам на елементи на етноромантичарските, примордијалистичките и на марксистичките интерпретации на нацијата и етносот, се заедно завиткано во обландата на граѓанското сфаќање на нацијата-држава или националната држава. Да бидам искрен како да го препознавам и Сталиновиот модалитет на цврстото нагласување на слободата, еднаквоста и рамноправноста (дури и економската) на етнозаедниците во 21 век. Kако да се навира пустата желба на „своја“ територија во целина некој да завладее – демографски, популациски, јазички, културно и политички. И сето тоа теледиригирано, со римоут контрол од Тирана или Приштина, не е важно. Симптоматично е што е однадвор од туѓа држава и претставува мешање во внатрешните работи на Република Македонија, во поглед на менување на Уставот, знамето и химната. А бе некои да може и нас ќе н` променат со Kитајци. Значи, првична дијагноза: се работи за етноплатформа анахрона на времето и местото. Првична кроки анализа: противречна и ретроградна. Противречна на самата себе, но и ретроградна во однос на демократијата и граѓанското општество. Ќе биде потребна голема мудрост за преговарање и соодветна стратегија во вистинска смисла на зборот.

Пишува: Сотир Костов