Колумна на Бетмен ВелиТ: Кога лицемерите ќе стивнат

sareni-ministerstvo-za-pravda

Не се тоа бе другари никакви револуционери, туку обични лицемери кои лажно се претставуваат дека се граѓанство, сакајќи да го киднапираат гласот на народот, наративот на тивкото мнозинство, обичниот човек кој седи, гледа телевизија, чеша една глава и се прашува дали се бре овие нормални?!, пишува Бетмен ВелиТ во својата најнова колумна за порталот Телеграф.мк.

Sarenkovci

За почеток да го разјасниме терминот „Револицемер“. Тоа е лицемер кој се претставува како револуционер бидејќи тоа е фенси и модерно, он е урбан и кул лик и го дига гласот бе против неправда, а за правда, против неслобода, а за слобода. И тоа го прави секогаш кога пропагандата на опозицијата ќе најде простор тоа да се прави. Се забележува на сите опозициски протести, тврди дека е претставник на независното граѓанство, членува во невладина или соработува на некое проектче, а својата независност вешто ја крие кога има основа да се протестира против опозицијата по исти критериуми како кога протестира против власта.

Револицемерот не ја гледал снимката со „Евро за Вицето“, Фатиме му е омилена обвинителка бидејќи знае течен македонски, за разлика од… некоја друга, мисли дека 600.000 млади се отселиле во последни 10 години, иако СДСМ во дијаспора имаше 1.600 гласа, верува во постоењето на 500.000 фантоми кои искачаат навечер и на ливчињата бришат гласови на СДСМ и гласаат за ВМРО. За загадувањето на воздухот му е криво ВМРО, за сообраќајките му е криво ВМРО, за снегот му е криво ВМРО (и за годинешниот и за ланскиот снег), за студот му е криво ВМРО, за поплавите му е криво ВМРО, за неизлечивите болести му е криво ВМРО, за оние што плукаат на тротоари и фрлаат ѓубре од тераса му е криво ВМРО, кога и он плука на тротоар, фрла ѓубре и наводнува дрва со сопствена урина – и тогаш му е криво ВМРО. И за кривиот му другар во подножје на нозе исто така му е криво ВМРО. Можам вака уште илјада примери да дадам, ама ја добивте сликата и со ова.

Policajci-boja-m

И сега… како си ги поминавме новогодишните и божиќните празници? Па фино бе, со руска, ски-скокалници, кока кола, кифли и со молкот на револицемерите. Исто како и предновогодишните и предбожиќните празници. Генерално одмараат они за празници и за викенди, а се гласни и протестираат само во делници. Така е подобро за телото и психата. Како вели стариот Соросов завет: 5 дена протестирај, два дена на море збирај енергија во солена вода, пиво на правдата и гиро на миро-т.

Па така празнично и во духот на правдата и мирот ги поминавме и следните настани од ланската и почетокот на оваа година.

Прво да прошетаме во општина Центар.

Револицемерите молчеа кога Општина Центар не ја откажа прославата на новата година, како што тоа го направи град Скопје ветувајќи дека парите ќе ги даде во хуманитарни цели. Ако беше обратна ситуацијата, ќе го запалеа интернет со тоа колку е општина Центар кул, а Коце и Град Скопје се тиња. Па ќе имаше интернет мемиња, вицеви за Коце, ќе му ја земеа на Пендаровски маицата со супермен и ќе му ја лепеа на Жерновски. Хеј, јас сум и за асал прослава и за пари за сиромашните бидејќи сигурно ги има. И не сум огромен мераклија на реагирање на хистеријата во јавноста – особено кога истата се базира на врвно лицемерие, докажано уште еден пат со погорниот случај во централната општина. Но, на сиромашните може да им се помогне. На оние кои фејкаат принципиелност – тешко.

Се молчеше и кога истата општина плати 30.000 евра за концерт кој не се одржа и тогаш не се правеше математика колку болни деца ќе биле пуштени на лекување со парите кои ги лапна диџејот Стив Аоки, како што иначе се прави во „обратен случај“ кога на крајно некрофилски и нечовечки јазик се вели дека „Триумфалната кошта колку 57 Тамари“, прости ми Боже, божем не станува збор за загубен детски живот туку за резервен дел на кола па ќе си ги броиме. Дно.

SDSM-SOROS-boja

Во истата општина се молчеше и кога во употреба беше пуштена втората Боемска улица со што бројот на Боемски улици дојде на 2, а парите потрошени за овие супер дотерани 500 метра калдрма дојде на 1,3 милиони евра. Изостанаа математиките што се можело да се направи со 1,3 милиони евра, како што се прават математики со сумата на чинење на Панорамското тркало. Не се прашуваа револицемерите и колку чинат Ѕвонковци Богдани и наши локални распеани чпијуни да ти пеат на отворањето на истата ново-славна улица на која секој ќе може да дојде, да види како изгледаат послани 1,3 милиони евра и да каже дека е боем. Во истата општина се молчи и кога општината ќе акне некое дрво, и не се врзуваат за дрва како што тоа го прават кога дрво ќе биде откорнато од страна на Град Скопје или друга општина со ВМРО-вски градоначалник. Тогаш тоа е скандал. Кога тоа го прави опозиционен г-началник, револицемерите се тивки како јагненца.

Нареден молчешкум проследен ентитет во оваа мала показна вежба: СЈО.

Ах, обвинителството за кое во севдах паднаа и во чија одбрана застанаа најгрлатите меѓу револицемерите. Трите Бејлиеви ангели кои со својата грациозност, елоквентност, грамотност и стручна спрема бликаат од професионализам и неутралност и секој напад кон нив е напад врз правдата и правдината! И тоа гласно ќе се брани!

sekerinska-zaev-boja

Освен кога:

– Катица ќе избрка 2 обвинителки бидејќи имала суфицит на луѓе, без дополнителни образложенија, па ќе се молчи.

Катица ќе побара продолжување на рокот за работа на СЈО бидејќи имала многу работа, иако брка обвинителки поради – немање работа. И тогаш ќе се молчи.

– Ќе го ослободат од притвор асли-душманот на приватноста на половина Македонија, Зоран Верушевски кој по втор пат овозможува рекетарење на луѓе со помош на нелегално снимени телефонски разговори. И тоа ќе се молчи.

– Нема да го притискаат лидерот на опозицијата, ценетиот господин Заев Зоран да им ги достави материјалите кои ги има бесправно и со кои организира пи-ар спектакли, па еднаш вели дека предал 550.000, еднаш 1.050.000 разговори. И тоа ќе се молчи.

– Кејти Јан ќе одбие да објасни како троши 4 милиони евра народни пари на годишно ниво. „Нема потреба таа да објаснува“, молчешкум ќе преќутат шарените револицемери. Ако Марко Зврлевски има 4 милиони на година и рече „нема шо ја да ви објаснувам“ како Катица, ќе се деси опсада на судот вмровски и ќе се само-тепаат со лажичка за кафе по глава во знак на протест, па ќе врескаат и ќе бараат медицинска помош поради самонанесени удари од тап предмет во пределот на черепот. И ќе бараат отштета од државата за истото.

Huligani-boja-Fontana-lavovi

– Кога СЈО ќе стане биро за вработување на СДСМ. Молк, ако, СДСМ треба да работи во независното СЈО.

– Кога во СЈО Кејти ќе си вработи внуче и ноншалантно на телевизија изјави дека „не е тоа непотизам, пошо некои ситни работи ќе работи“. Па ако Зврлевски го стореше истото, ќе му логоруваа пред Обвинителство со недели и ќе штрајкуваа со делимичен глад (немаше да јадат од 12 до 5, на пример).

– Кога Катица ќе каже дека не ги признава Претседателот, Парламентот и генерално никој во Македонија, освен што се признава сама себе, иако е избрана од институции кои не ги признава. И тоа ќе го одмолчат револицемерите. Знаеш како ќе го одмолчат? Ихааа…

Ќе одложи Кејти рочиште на суд за повеќе од еден месец поради СВАДБЕН случај! И тоа ќе се одмолчи од револицемерите без проблем. Бидејќи не се тоа бе другари никакви револуционери, туку обични лицемери кои лажно се претставуваат дека се граѓанство, сакајќи да го киднапираат гласот на народот, наративот на тивкото мнозинство, обичниот човек кој седи, гледа телевизија, чеша една глава и се прашува дали се бре овие нормални?! Дали се нормални овие кои сметаат дека тој е ненормален и не гледа дека не се борци за правда и правдина, бидеќи урлаат и дивеат по команда, иначе молчат. Молчат кога им одговара.

шарена_револуција_протест_за_сјо_26_09_2016__17_.jpg

Молчат кога Заев еднаш не доаѓа на рочиште на суд затоа што му биле на пат двајцата адвокати. Хеј, адвокатите добро знаеле кога он има рочиште и не може двајцата да закажат различни патувања во ист ден на рочиште закажано 50 дена порано. Тоа не е ништо друго освен планирано бегство од правда. Ако. Он смее да бега од правда. Ќе си помолчат.

Молчат и кога друг пат Зајо одлага рочиште за „Поткуп“ затоа што имал средба со, пазимолимте, кинескиот амбасадор. Иначе, средба која сам ја побарал точно во терминот кога има закажано судење за да има причина да го одложи рочиштето. Или можда така морало бидејќи Народна република Кина и нејзината иднина зависеле од некој мудар совет кој Заев преку амбасадорот ќе го прати до 1,5 милијарда Кинези.

Идемо даље: Молчат револицемерите и кога по којзнае кој пат З.З. во очи нè гледа сите и нè лаже дека имал средба (сега пак) со италијанскиот амбасадор (аха!) па затоа морало да се одложи рочиштето за „Поткуп“. Ај душа таа зафатена за средби со амбасадори во време на рочишта на суд. Па пази, кога е фатен во лага вели дека немал средба со амбасадорот, туку со италијански конзул. Па повторно е фатен во лага за на крај да испадне дека имал средба со негово другарче и НВО-пајташ од Струмица кој има некаква конзуларна улога во Италијанската амбасада. Односно Зеко повторно си смислува лага за да не застане пред судот и да објасни како он ја диктира цената на земјиштето во Струмичко, ако заинтересираниот купувач однесе едно евро во Црквата, а едно… директно кај Вицето во менувачница – како што убаво објаснува на снимката која е доказ пред кој треба да одговара овој бегалец од сопствените зборови – дека „ќе се врати правдата“. Ќе се врати само ако не го фаќа него.

protest-sareni-sjo

И човек ќе се праша: „Па добро, што прават револицемерите кога човекот кој се фали дека ќе враќа правда и слобода во Македонија најдиректно и најфлагрантно избегнува правда за да остане на слобода?“ МОЛЧАТ. Тоа прават. Молчат пикнати во глувчите дупки, надевајќи се дека ќе помине ова зло време во кое паднаа сите маски и ни струмички карневал не може да ја скрие нивната дволичност и лажна кауза дека се борат за принципи, правда и демократија. Се борат за привилегии, фотелји и нео-фашистички режим во кои само тие ќе имаат право на вистината, а секој кој ќе им опонира ќе е наречен колаборационист со режимот, крадец, уништувач на животи и уште плејада други бабури кои ги полнат со гнев, ги јадат, па ги постилаат на познат дижестивен начин по социјални мрежи и по улици спакувани во шарени балони.

Не се тоа борци за правда, тоа се молчковци. Молчеа и кога по скандинавски избори СДСМ не призна пораз, туку излезе со најглупата теза во историјата на изборите на целата планета – дека ВМРО немало право да формира власт иако освоило најмногу гласови – ерго, победило на изборите. Туку тоа требало да го прават сите други бидеќи сите други заедно имале повеќе гласови од ВМРО. Ајде бе?

Дали имаше реакција од 78-те невладини кои се активираат со едно дугме од чадорот на Зајко? Збор два дека со таквиот став на СДСМ се суспендира волјата на народот и се уништуваат демократските принципи? Ма дај бидете озбилни. Се разбира дека нема. Една од тие невладини (жабарската де) Заев ја користи за да го подјебава судот и да не му се појавува на рочишта. Иначе тоа е истиот тој суд за кој овие револицемерните тврдат дека е контролиран од долгата рака на власта, а е суд кој досега требаше 150 пати да издаде наредби за пожестоко справување со ваквите шерети, шејтани кои многу сакаат да зборат, а малку да се слушаат што зборат и да се однесуваат во склад со своите зборови. Јок. Ни збор. Ни зуц. Молк.

Prometej-policija-Sareni

Се молчеше и кога на 11-ти декември после бројките кои ги зема победникот стана јасно дека и изборите во 2014 биле чисти како солза. И дека победата на истиот победник била изборена и заслужена. А токму изборите од 2014-та беа главната „логична причина“ (ако може да има било каква логика во овие политки) на СДСМ за да не учествува во Собранието и да ја почне кризата.

Се молчеше и кога се виде дека приказните за половина милион фантоми се тотален булшит. И дека никој не им крадел победи ниту со фантоми, ниту со избирачки списоци.

Револицемерите молчеа и кога опозицијата бараше срамно прегласување во Теарце, упорно обидувајќи се да ја украде победата на ВМРО на зелена маса, кога веќе не успеа на терен во една страшно добро изведена сложена операција. Спречена само од будните патриоти и дрскоста и пркосот на Македонецот кој е „дете на стара мајка“ и може да ги намириса на километар манџите и запршките кои му ги спремаат кујните од дома и надвор. Класичниот обид за кражба на изборите беше проследен со молк од т.н. борци за човекови права. Немаше реакција на хелсиншки комитети, на унитети, на институти, не се пенавеа по телевизии на гостувања, како што тоа го прават кога имаат задача да ја убедат јавноста дека половина милион фантоми навечер како џуџињата на дедо мраз излегуваат од под кревет, плафон и од дупки и гласаат за ВМРО.

Револицемерите молчеа и за загадувањето во Куманово, град кој во последно време доминира на листата на загадени средини во Македонија. Ними им одговара кога за загадувањето може да го обвинат само ВМРО, иако истото е продукт на непланско градење со децении, на навиките на луѓето и на географијата. Ма јок, ВМРО е криво. Освен кога е загадено Куманово или Струмица. Тогаш никој не е крив. Тогаш тоа е природна појава.

Protest-SDSM-SOROS

Револицемерите молчеа и кога премиерот на Албанија ги свика сите албански партии да им дели ум како да настапат во преговорите за влада во Македонија. Молчеа како што молчеа кога СДСМ на албанскиот електорат му понуди нешто што ниту овие го бараа, ниту албанските партии го имаа во програма. Молчеа и пред неколку дена кога се појави платформата на албанските партии со која стана јасно дека целата игранка од која биле дел и тие, не била за „канализацијата во Арачиново“, туку за големоалбански идеи, промена на устав, химна, знаме, грб. Молчат и „тие“ (чест на исклучоци) и нивните политички ментори кои ги бутнаа во оваа каша со пропагандата и лагите, за платформата која може да се протумачи и како атак на уставниот поредок. Молк. Мукла. На сус.

Молчеа, како што молчеа кога се изброија жртвите во Куманово, за кое на почетокот тврдеа дека е намештаљка од власта и дека исто како и во Гошинце неколку дена порано, има за цел само да го заплашува народот. Молчеа револицемерите како што молчеа и кога видоа дека и тие и сите други беа изманипулирани од нивниот лидер дека „ќе се дознаела вистината“ за смртта на Младенов, за Смилковско езеро, за Куманово низ бомбите.

Молчеа и кога во својата кампања СДСМ падна најдолу во историјата и употребуваше снимки од погреби на војници и на децата кај Смилковско. Од погреби, еј. Колку реакции имаше од невладините за човекови права? НУЛА. НИТУ ЕДНА. Сите молчеа, како попчиња (извинете попчиња за споредбава).

Громогласната тишина во овие ситуации кажуваше само едно: „Не сакаме правда и слобода, сакаме власт и моќ. Не нè интересираат принципи, нè интересира клучот од куќата и од сефот.Не нè интересира криминалците да бидат во затвор, туку нè интересира оние кои ние ќе кажеме дека се криминалци да бидат во затвор. Инаку ќе протестираме и ќе ги шараме улиците. Бидејќи вие ни го дозволувате тоа. А нема да ги шараме кога не треба, бидејќи ако го правиме тоа шефот ќе ни се лути. Инаку иако имаме шеф сме независни граѓани кои спонтано се собираме кога ќе ни речат. И тогаш сме гласни. Во друго време, си молчиме и не шараме. И идеме на продолжени викенди. И ако не си со нас и не се слагаш со нас – ти си фашиста.“

sareni-pred-vlada

Еј, пријателчиња, ќе употребам една ваша, и до вас и до „моите“ јер нели, не сме сите исти:

Доста беше молк.

Работите мора да ги нарекуваме со вистинското име. Особено кога некои од овие молчковци ќе обвинуваат други и ќе ги покажуваат со прст за да им наметнат чувство на вина дека молчеле кога морало да зборат. Како што може да видите другари, то није тачно. И не давајте со камен да ве гаѓаат ваквите безгрешни кадии и судии на блудните Марии-Магдалени меѓу нас. Покажете им го омилениот прст.

За крај да го објаснам и вториот нов збор кој го научивме вечерва: „молчковци“. Тоа се луѓе кои мислат дека се многу големи, а всушност се многу мали. Се одликуваат со грлатост кога треба да се фалат себеси дека застапуваат виши идеали, и со молчење кога се фатени на дело дека не баш застапуваат виши идеали, туку притаени желби на алчниот и жеден задник, свој и туѓ. Е, тоа се молчковци. И ги има – многу.

Мерки за превенција? Да не им ќутите. Особено кога се во фаза на зборување и се прават подобри и повредни од вас. Сите сме исти, сите сме луѓе, освен оние кои сакаат да се малку поисти од другите и да диктираат што сите треба да мислат, за што да се дига врева, а кога критериумот ќе го водиме по легендарната „тази дупка не е дупка“. Е, тоа се – молчковци :)

Извор: Телеграф.мк