Грците анализираат: Груевски нема да ја смени политиката кон Грција, Заев ќе прифати сложено име

grcki-vesnici

Социјал-демократите на чело со Зоран Заев се согласни со мнозинството грчки политичари и доколку дојдат на власт ќе прифатат сложено име со географска одредница за вкупна употреба, пишува во анализата на грчкиот портал „Ворија”. Нетпрес од Атина пренесува дека во анализата се вели и дека од друга страна, доколку ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Никола Груевски формираат влада, тогаш политиката кон Грција нема да се промени бидејќи тие и натаму ќе инсистираат на „македонизмот”.

Ако Груевски ја формира владата, политиката кон Грција нема да се помени и македонизмот ќе надвладее, а тоа беше и главниот аргумент за изборната победа. Наместо тоа, влада на чело со социјал-демократите на Зоран Заев целосно ќе ја смени сликата, со оглед на тоа што овој политичар прифаќа сложено име за земјата, како и мнозинството Грци политичари. Тоа значи дека тогаш би имало и договор за името, но да се надеваме дека грчката страна нема да прифати „Македонска нација” и „Македонски јазик”, пишува „Ворија”, нагласувајќи дека во однос на овие термини незадоволство изразува и Бугарија.

Во продолжението на текстот пишува и дека поради овие причини, САД се залагаат за тоа Зоран Заев да стане премиер, додека пак, Груевски информирал дека интервенирањето на албанскиот премиер Еди Рама во македонските внатрешни работи е атмосфера што се создавала уште во минатото, а сега е јавно промовирана од невладините организации спонзорирани од соросовото „Отворено општество”.

Сега се очекува и ставот на албанските партии, кои што се чини дека поверојатно е да се свртат кон Зоран Заев, со оглед на тоа што ова е и желба на Американците која што беше искажана и преку амбасадорот во Скопје, а динамично и преку премиерот на Албанија, Еди Рама, пишува „Ворија”.

Во анализата се заклучува дека следниов период е одлучувачки во однос на грчко-македонските односи во поглед на одредувањето на политиката на Македонија за „прашањето за името на земјата”.