ЗАЕВ ВЕТУВА, СДСМ ГЛУМИ: Сe додека не ја добиеме официјално платформата, не коментираме ништо

zaev-albanci-svajcarija

Социјалдемократскиот сојуз нема да се произнесе во врска со платформата под која се обединија албанските партии во земјава како услов за формирање влада оти не им е официјално доставена, пишува Дневник.

Од партијата предводена од Зоран Заев за „Дневник“ велат дека сè додека не ја добијат лично, немаат намера да откријат како размислуваат, ниту што ќе одговорат.

-Ние не сме ја добиле платформата официјално, кога ќе ни биде доставена лично, тогаш ќе соопштиме која е нашата одлука, односно процена, засега не коментираме повеќе – велат од СДСМ.

Партиски извори за „Дневник“ коментираат дека сè се знае одамна и веќе од порано е одлучено сè, но оти не сакаат да се истрчуваат со какви било калкулации и оценки сега бидејќи заедничката платформа на албанските партии постави високи црвени линии кои ќе го оневозможат подавањето рака на договор, и тоа со која било од македонските партии.

На социјалните мрежи некои од симпатизерите и поддржувачи на СДСМ ја осудуваат платформата, особено затоа што меѓу нејзините креатори мнозинството му припаѓа на ДУИ, односно Али Ахмети, кого СДСМ и Заев особено за време на предизборната кампања го нарекуваа соработник на режимот и криминалец.

Една од последните предизборни пораки на Заев до Ахмети е онаа на 9 декември испратена од Арачиново. Нека пукнат Груевски и Ахмети, го распукавме режимот, прснат е на парчиња затоа што сме единствени, сплотени и заедно ќе им покажеме дека може да има заеднички живот во Република Македонија – рече тогаш Заев.

Заев го отвори патот за платформата покрај ова, во јавноста останува впечатокот дека токму Заев во битката за гласови им отвори пат на албанските политички фактори да постават високи црвени линии во платформата околу која се обединија, без разлика колку жестоки противници беа претходно. Имено, во ноември кога Заев беше на средба со дијаспората во Швајцарија порача дека верува оти оваа Македонија може да се стреми да стане обединета Швајцарија и еднаква за сите.

– Тука сме обединети и јас како претставник на македонската политичка компонента говорам на собир каде што мнозинството е составено од Албанци. Јас сум прв од македонските политичари што се ангажирам за еднаквост и единство со целиот ризик дека со ова може да ги изгубам гласовите на оние што не веруваат во оваа можност за еднаквост. Јас ги отворив овие теми независно од тоа кој е засегнат и ова го направив за доброто на Македонија. Верувам дека оваа Македонија може да се стреми да стане обединета Швајцарија и еднаква за сите – рече Заев во обраќањето.

Двојазичноста, која подоцна ја негира како од него трасиран концепт, исто така јасно ја исцрта пред швајцарската дијаспора. – Македонија ја замислувам, ако знаеме кинески, кинески да се разбереме, ако знаеме англиски, англиски да се разбереме, француски – француски, албански – албански, македонски – македонски, да се ослободиме – рече Заев во ноември. Молкот од СДСМ очекуван како што повеќепати потоа пишувавме, двојазичноста е невозможен концепт без промена на Уставот, што и самиот подоцна во интервју за една од албанските телевизии го потврди. Во Швајцарија порача дека услов за еднаквост и рамноправност е да се оди преку Охридскиот рамковен договор.

– Охридскиот рамковен договор не е договор. Мора да одиме преку Охридскиот рамковен договор оти тој е некоја рамка. Зошто во 21 век, во 25 години независна Македонија, да има рамки на ограничување. Не, ќе веруваме во еднаквоста и рамноправноста и ќе му помогнам на мојот сограѓанин Албанец – рече Заев.

По сево ова, кое политички е искористено како црвени линии во платформата на албанските партии, очекувано е лидерот на СДСМ да не се произнесува во врска со неа. Инаку, во платформата, освен официјализирањето на албанскиот јазик и барањето Албанците да бидат државотворен народ, се бара промена на државните симболи, химната, грбот и знамето, ново министерство за политички систем, напредување на Албанците на раководните функции во безбедносните служби и правична застапеност во централната власт.

Покрај ова, обединетите три албански фактори се обврзуваат целосно да ги спроведат препораките од извештајот на Прибе, да го поддржат непристрасното работење на СЈО, како и решавање на случаите „Монструм“, „Сопот“ и „Kуманово“ со меѓународна асистенција.