Мирка Велиновска: Чекајќи ја владата, размислете – Зошто Македонија секогаш избира да оди по жар?

Mirka-Velinovska

Деновиве слушнавме дека на мировните преговори за Сирија е поставена „црвена линија“ меѓу посредниците (Русија, Турција и Иран) и сириските спротивставени политички страни.

Уставот на поствоена Сирија ќе го пишуваат самите Сиријци. Објаснувањето на руските посредници е просто и крајно рационално и гласи дека секое странско интервенирање во државната градба на друг народ е наметнување и не ги решава, ами напротив ги продлабочува проблемите. Kако пример за ова е даден американскиот устав на новиот „демократски“ Ирак. Но не е далеку оној што му го напишаа на Авганистан. Се вика тоа уште и октроиран устав. Таквиот акт се донесува под силен надворешен политички, економски и воен притисок врз домашните фактори кои одлучуваат во името на населението. Притоа, како Понтиј Пилат, кога ќе си ја завршат работата, тие не носат никаква одговорност. Напротив, си ги градат кариерите, си трупаат парички, си тераат живејачка на грбот, крвта и страдањата на нивните жртви, а пеплиштата што ги оставаат зад себе им ги даруваат на несреќните домородци. Видете ги само Џо Бајден, Викторија Нуланд, Џон Мекејн, Медлин Олбрајт, Весли Kларк, Џорџ Робертсон, Хавиер Солана… како си живеат безгрижно како подгоени бумбари, а погледнете се и себеси. Фрлете поглед накај контракторите и странските платеници и нивните ќарови на грбот на Македонците и слабите, неподготвени малодушни македонски политичари, па само ќе ви се каже што треба да направиме за да ги смениме работите од корен. Оти нема друго чаре.

Република Македонија од моментот на осамостојување до денешен ден е перманентно изложена на надворешни притисоци и странски интервенции со единствена крајна цел да исчезне како функционална и самоодржлива држава на македонскиот народ, а да се претвори во територија под сечие владение. Просто, да заврши или како паркинг или како депонија.

Убиство на Македонија

Уставот што го пишуваше автентично самата Македонија, загина во воен конфликт изрежиран од САД, ЕУ и НАТО или како што се нарекуваа, меѓународната заедница. Таа фингерајка, заведена како операција „Kилибарна лисица“, официјално не е заведена како воена агресија од надвор, иако воените дејства ги водеше УЧK од Kосово, креација на службите и политичките врхушки на САД, Британија и Германија. Цел на нападот беше да падне Уставот, за да се збидне разградувањето на државата. Но војувањето немаше да биде успешно за агресорот ако домашните фактори беа подготвени за одбрана и на Уставот и на територијата и на македонскиот народ. Се случи токму спротивното. Македонските политичари, партиите, интелектуалната елита, таканаречените невладини организации, сите до едно платенички друштва на западни странски влади и приватни контрактори на тајните служби, како Сорос, сторија сè Македонија да капитулира. Почна со промовирањето и донесувањето на власт на „новиот бран“ во ВМРО-ДПМНЕ, односно, со креирањето на партијата Демократска алтернатива на Васил Тупурковски, признавањето на Тајван, бегалската косовска фингерајка, со „Големото уво“ како фабрикуван скандал, со предавството на СДСМ, со поставувањето на Борис Трајковски за претседател на фалсификувани избори и со креирањето на претседателскиот советнички харем на евнуси составен од соросоиди и интервенционисти: Љубомир Фрчковски, Стево Пендаровски, Борјан Јовановски, Зоран Јолевски, Бранко Црвенковски…

Потоа, дојдоа спасителите олеснувачи, а всушност, кариеристи и воени профитери. Во Охрид, па во Скопје, со вперен пиштол во слепоочница, македонскиот политички врв потпиша рамковен договор. Тој, по нормите на меѓународното право нема легалитет и легитимитет. Се работи за гангстерско парче хартија кое потоа го преточија во нов устав и за него гласаа народните пратеници. Тие го легализираа криминалот на странскиот фактор. Уставот беше прекршен, ама Уставниот суд не ни бекна. Ни државното обвинителство кое требаше домашните потписници и пратениците да ги однесе во затвор за велепредавство. Македонија капитулира во војна која не се води како таква, нема страни што војуваат, нема „титулар“, не се знае кој напаѓа и кој се брани, нема ништо легално и јасно. Има само последици што се множат и трансформираат, а нема на повидок разрешница. Оти во Охрид македонската преговарачка страна се согласи да учествува во убиството на Македонија. Потоа беше полесно да се разградува државата. Преку духот на „рамковниот“ се парцелизира територијата. Се воведува сегрегацијата со која албанското малцинство има повеќе права од етничките мнозински Македонци, се воведе двојно законодавство, некомпетентно судство, фиктивен Уставен суд, нефункционално државно обвинителство, корумпирана полиција, издупчени како швајцарско сирење тајни служби со секакви агентури, на единствени парламентарни избори во унитарна држава се прогласуваат два победника и што уште не. Потоа нè снајде Пржино. По истото сценарио со истите учесници и истите странски олеснители. И тогаш како и сега, ВМРО-ДПМНЕ е номинално власт, а СДСМ и УЧK во варијанти, изведувачи на валканите работи како локални контрактори на Вашингтон, Берлин и Лондон. Но сиот товар од „срањата“ историски паѓа на оние што се власт. Повторно врз ВМРО-ДПМНЕ која и тогаш и сега „случајно“ е на власт. Зошто така е наштимуван часовникот? Па просто затоа оти на Македонецот кому му е нападнат идентитетот од повеќе страни, треба да остане и без оној симбол ВМРО. Тогаш ќе ја нема и последната тревка за која се држи како спомен, сеќавање, учење, искуство, утеха, извор, надеж.

Трет Илинден

И тогаш како и сега што живуркаме со последиците од идиотските одлуки на политичките фактори, единствена жртва се Македонија и Македонците.

Според тоа, ако сакаме вистински излез од свињаријата за која самите сме виновни оти не ја спречивме или не се обидовме барем да ја спречиме, сега ќе мора својски да се потрудиме со крв, пот и одлучност. Чекајќи ја владата, мора да сме свесни дека треба да го кренеме третиот Илинден за да формираме трета македонска република. Ни треба референдум. Ни треба попис. Ни треба нов устав на унитарна Македонија, особено во поглавјата за одбраната и ингеренциите на шефот на државата, ни треба саглам Уставен суд, сосема ребрендирано судство, квалитетни и промислени закони, пратеници со ’рбет, ни требаат нови избори што нема да ги организира, спроведува и лажира американската и ЕУ-амбасада, без ОБСЕ, лажни набљудувачи и известувачи, без платенички „мостови“ без соросоидни активисти, без медиумски цензорски ад хок тела, без кенгурски специјални обвинителства и корпоративни „професионални“ адвокатски друштва и со многу самосвесен, политички зрел и сплотен народ кој нема да паѓа на оговарања и пропагандно – манипулативни впечатоци ами подготвен да си го брани домот, домаќинството и семејството за да не биде кираџија во сопствена земја и мигрант, азилант и сечија ловина за отстрел заглавен во прифатни логори на ничија земја.

Македонија мора да се менува од корен. Во квалитет. И тоа кога се наоѓа во „дип шит“ до грло. Оти тие што ги избираме не умееја и не умеат самите да нè извлечат. Мора конечно да се доживува самата како сериозна и постојна држава, а не како хартиена салфетка на која секој си пише и брише што сака, кога сака, колку сака.

Впрочем, сè почнува и завршува како колективна волја и решеност на нејзините жители. Ако таква постои, сè друго е решливо.

Пишува: Мирка Велиновска за Дневник