Заев: Позитивно гледаме на албанската платформа, правиме се за мандат

Zaev-izjava

Што побрзо формирање влада е од интерес на граѓаните и на целата земја. Најголемо очекување на граѓаните и на ЕУ се реформите. СДСМ со кампањата и својата платформа е целосно посветена на рефромските приоритети согласно извештајот на ЕУ и на Прибе со кои ќе се подоби животот на граѓаните. Ние како коалиција предводена од СДСМ правиме се час поскоро да го завршиме процесот на собирање потписи за да можеме да влеземе во преговори за формирање влада, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан вечерва во Собранието на Македонија посветена на разговорите за формирање влада.

Во однос на процесот за добивање мандат Заев рече дека лидерот на ДУИ Али Ахмети не барал ништо за да влезе во разговори за влада со Никола Груевски од ВМРО­ДПМНЕ, и дека тие ќе го испочитуваат тоа барање.

За нас зборот е збор без оглед дали е даден усно или на писмено, рече Заев.

Запрашан што е тоа што го бара Ахмети, упати за одговор на лидерот на ДУИ, но даде и негови видувања. ­

-Тоа што претпоставувам тие го очекуваат на писмено е тоа што е поврзано со идната владина програма – деталите околу нашата платформа, деталите околу нивната платформа и сето тоа што е поврзано со очекувањата на граѓаните, а тоа се идните реформски приоритети, посочи Заев.

На новинарско прашање за допрецизирање на можните барања на ДУИ, лидерот на СДСМ укажа на партискиот концепт за едно општество за сите.

-Ние го отворивме концептот на едно општество за сите и апсолутно сме растеретени од сите овие предрасуди кои што некој се обидува да ги наметне повторно во јавноста. Драго ми е што се отворија етничките прашања во Македонија и за нив треба да се разговара, посочи Заев.

Го повтори ставот дека партијата ќе се изјасни по платформата на албанските парламентарни партии откако ќе го добијат мандатот за состав на нова влада. ­

-Ние не бегаме од платформата. Имаме позитивен аспект на платформата, затоа што е предизвик за нешто што за дел од граѓаните им е пречка во секојдневниот живот, истакна Заев и додаде дека се што се разговара е во рамките на Уставот на РМ , а целта е вели, сите малцински етнички заедници да бидат еднакви.

Нагласи дека е задоволен што дел од албанските партии најавиле потписи за СДСМ, но рече дека нивното добивање значи добивање мандат, а потоа ќе следат разговорите за влада.

Во однос на СЈО и Извештајот на Прибе рече немааат никакви точки на разидување со албанските партии, а по однос на формирањето влада се залагаат за колку што е можно поширока владина коалиција и отворени се за разговор со сите освен со ВМРО­ДПМНЕ. Рок за разговорите за обезбедување потписи не постои, рече Заев, но изрази оптимизам оти ќе биде максимално кратко времето за добивање на мандатот, како и времето за договарање на владата со оглед дека, поставените услови од страна на ДУИ покажуваат дека и тие прават напори тој процес да не трае долго.

Во однос на можноста за нови избори посочи на препораката на еврокомесарот Хан кој сугерирал да се забрза со процесот на формирање Влада од која се очекува да ги спроведе бараните реформи.

Последната средба на еврокомесарот Хан вечерва е со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, која е во тек.