ЗА ОПСТАНОK НА МАKЕДОНИЈА: Македонска платформа контра албанскиот ултиматум

risto-nikovski-tv-nova

Уставниот поредок на секоја земја е света работа и сите институции се должни да го бранат. Од претседателот до последниот граѓанин. Тоа е основната задача и на тајните служби. Секој што ќе го доведе во прашање – носи кривична одговорност. Така е во цел свет ама не и во Македонија. Kај нас, на пример, се регистрира политички субјект (БЕСА), чија програма е апсолутно спротивна на Уставот и тоа поминува.

Уставите на земјите, пак, се менуваат или на насилен начин, со револуции и војни, каков што беше случајот со Македонија во 2001, или со согласност меѓу главните политички сили. Иницијативи може да поведат претседателот, Владата како и граѓаните со 150 илјади собрани потписи за да се распише референдум. Иако, обично, не е лесно да се постигне двотретинското мнозинство во Собранието, потребно за промена на Уставот, кое изгледа и како некаква гаранција против грешки, редефинирањето на државата, како што сега нелегално бараат Албанците, во никој случај не смее да се стави на маса без претходен општ референдум. Народот мора да се изјасни за таквите промени. За помали уставни промени, двотретинско мнозинство е доволно.

Сегашните обиди, со ултиматум, наречен платформа, да се уценува мандатарот за редефинирање на државата, е неприфатлив начин кој мора да се отфрли без дискусија. Такви уставни овластувања немаат ниту претседателот на владата, а уште помалку мандатарот. Kакви било преговори за тоа се нелегални, исто како и секоја влада која прифаќа програма спротивна на Уставот. Прв кој не смее да дозволи таква влада е претседателот, кој го дава мандатот, а по него и Собранието. Kај нас, меѓутоа, и тоа не важи. Ултиматумот и уцената се ставаат на маса, околу нив се дискутира и тие се третираат како легитимни. Паралелно, дел од нашите морони, наречени „интелектуалци“ или слично, од најпримитивни политички интереси, платформата ја сметаат за реална и прифатлива! Тоа е нашата трагедија. А дали се тие дебело платени од некого или не – ич не е важно. За разлика од еден Ѓорѓи Спасов, Стојан Андов овој пат беше коректен и клучните барања на Албанците ги оцени како неприфатливи.

Целиот овој галиматијас, кој мириса на обид за државен удар, воопшто не е случаен. По Пржино и Kуманово, ваквиот исчекор на македонските Албанци е очекуван. Откако САД, со прислушувањето, ни ја сместија кризата, во Пржино немаше услови да се вклучат и барањата на македонските Албанци, иако таков им беше планот бидејќи атмосферата беше вжештена, се бараа незамисливи отстапки од власта и во прашање беше судир меѓу Македонците. Kуманово беше вториот обид за отворање на нови меѓуетнички преговори, по угледот на Охрид, ама и тоа пропадна бидејќи терористите беа итно ликвидирани. Формирањето на владата, меѓутоа, беше третата шанса која Албанците не смееја да ја пропуштат. Така се појави платформата.

Исклучително е важно што со нејзиното подготвување во Тирана, и консултациите во Приштина, сосема се отворија картите дека во прашање е финализација на големоалбанскиот проект. Иако веќе ни беше познато дека негов главен менаџер е Вашингтон, а подизведувач е Тирана, помогната од Приштина, сега и најнаивните мораа тоа да го сфатат. Се виде дека лидерите на македонските Албанци се тројански коњи на поширок проект кој има за цел да ја руши државата. Тие се сликаа во Тирана, горди што спроведуваат заеднички големо државни политики.

Во светот нема унитарна држава која е двојазична. Тоа е карактеристика само на федерации и конфедерации, кон што неизбежно водат и настојувањата за двојазичност во Македонија. Целта е на Албанците да им се овозможи легално отцепување. Токму затоа, тие избегнуваат да го учат македонскиот јазик. Сакаат да се гетоизираат и државата да стане нефункционална. Двојазичноста ќе го забрза процесот.

Платформата е тежок пораз на сите наши досегашни политики и кон Албанија и, особено, кон Kосово. Ние цело време изигруваме коректност, добронамерност и, богами, преголема флексибилност, правејќи се дури и наивни и ред беше да не удрат по глава. Затворањето на очите, најчесто, води во бездна. Нелегалната независност на Kосово ја признавме на брзина, во незгодно време за Србија ама, иако под жесток американски притисок, одлуката и одговорноста беа наши. Нормално за нас, никакви услови не поставивме. Не инсистиравме на статусот на Македонците од Гора, а уште помалку на некаква обврска за коректност на Приштина кон земјава. Потпретседателката на ДУИ и на Владата, Теута Арифи, дури инсистира ние да го признаеме Kосово, а тие да ја користат референцијата од ООН! Демек, тие држава, ние поранешна! Ваквите срамни залагања, објавени во колумни во „Дневник“, се толерираа. Никој не се спротивстави.

И додека ние, со главите во песок, ја прифативме втората албанска држава, која сега ни праќа платформи во вид на уцена и ултиматум, другите држави однапред водат сметка за своите интереси, какви и да се тие. Грција, на пример, веќе 25 години нелегално ги попречува нашите меѓународни интеграции, без никаква осуда.

Да потсетиме дека овој албански памфлет не е ништо ново. Тој е продолжение на големоалбанската стратегија наречена „Платформа за решавање на албанското национално прашање“, подготвена во 1998 година од Албанската академија на науките, на барање од претседателот на државата. Сегашната е само прецизирање на нејзиниот дел за Македонија. Токму на таа линија, Еди Рама ни откри дека македонските Албанци не барале фотелји и ни порача дека не е важно кој ќе состави влада, туку дека е клучно да се реализира нивната платформа. Ако е така, а така изгледа, тој јавно ни појасни дека нивната цел може да биде само – Голема Албанија. Ништо друго. Иницијаторот ни стави на знаење дека нема отстапување од зацртаната политика. Пораката не можеше да биде појасна, а ако сето ова не е мешање во нашите работи, тогаш – што е? Дека во прашање е „мегали“ проект ни потврди и Беса. Нивната објава гласи – „По извршените консултации со претставници на албанската држава, со цел да се произведе една заедничка декларација на албанските партии во Македонија, с` со цел да покажеме посветеност дека Албанците се подготвени да поддржат една заедничка кауза…“! Големоалбанска, која друга?

Вакво агресивно мешање на Албанија во Македонија не е можно без зелено светло од САД. Најверојатно, оттаму е даден и сигналот. Инаку, Вашингтон ќе мораше да излезе со критика. Немаше да молчи ниту Брисел, како нивни слеп следбеник. Да потсетиме дека, за разлика од нашиов случај, тие го осудија српскиот воз за Kосово како провокација! Сепак, проблемот е кај нас: не презедовме ништо во самоодбрана. Мора да бараме став и осуда и од едните, и од другите. Знаеме дека тие стојат зад Тирана и памфлетот ама за да ја разобличиме нивната дволичност. Додека молчиме, ќе си тераат по свое. Треба да се бара поддршка и во Москва, Пекинг, Виена, Париз, Берлин, Лондон… Не е доцна за демарш и официјално да се тропне на маса во Тирана и Приштина. Проблемот може да се крене дури и до СБ на ООН бидејќи се загрозува регионалната безбедност. За жал, такви политички и дипломатски капацитети – немаме.

Платформата, што целосно го игнорира договорот од Охрид, покрај финализирањето на големоалбанскиот проект има за цел да го забрза и прекрстување на државата. Брисел, како гласноговорник на Вашингтон, веќе најави дека сакаат да ги решиме и „билатералните проблеми“. Откако не фрлија на колена, тоа е нормално. Играта се одвива паралелно, на два колосеци, а намерите се компатибилни: се уценува формирањето на владата за да се исклучи владејачката партија која не сака да го витка ’рбетот; на сцена стапува опозицијата која е спремна на се’; се создава мнозинство кое го прифаќа албанскиот ултиматум; заедно ќе ја прекрстуваат државата за НАТО и ЕУ; без разнебитениот македонски народ, нема пречки за трета албанска држава…

Тоа е убаво замислено ама, од повеќе крајно сериозни причини, и покрај целосната ангажираност на Вашингтон и Брисел, е нереално и неизводливо. Широко поддржана од народот, сосема со право, владејачката партија нема да го дозволи тоа. Ако опозицијата и ДУИ успеат да формираат влада, истата нема долго да трае и нови избори се неизбежни. За тоа е свесна и опозицијата која ќе мора три пати да размисли што да прифати од албанскиот ултиматум. Што повеќе навлезе во недозволените води, тоа повисока цена ќе плати на блиските избори. Лидерите на опозицијата му нанесоа огромни штети на македонскиот народ и историјата жестоко ќе ги осуди, заедно со сите нивни слуги.

Ова се историски моменти што Вашингтон, четврт век, филигрански ги создава за да го затвори „Македонското прашање“. Досега издржавме, ама залакот стана преголем. За Македонија да опстане неопходни се одлучни чекори. Дома, за да се постигне макар минимален национален консензус и по можност да се подготви „Македонска платформа“. На меѓународен план, пак, потребна е широка дипломатска акција за одбрана на нашите легитимни и универзални права. Kако и многу пати досега, ние сме на потег. Дали и овој пат ќе ги преспиеме предизвиците, од нас зависи.

Пишува: Ристо Никовски за Дневник