Наместо потписи, ДУИ испрати предлог закон за јазиците, на потег е СДСМ

Нема крај на политичките игранки околу евентуалното коалицирање и составување на нова Влада. ДУИ не се откажува и со десетте пратенички места кои се клучни за обезбедување мнозинство во Парламент, продолжува со политичките уцени и кон СДСМ и кон ВМРО ДПМНЕ. Откако пропадна обидот на Никола Груевски да се состави Влада, а заедно со ДУИ сега ја замајуваат јавноста дали ВМРО ДПМНЕ потпиша или не писмени гаранции што ги бараше ДУИ, играта продолжува со СДСМ.

Вчера, АлсатМ јави дека  наместо потписи, како што очекуваше СДСМ,  ДУИ му го врати на СДСМ предлог-законот за албанскиот јазик со нови предлози.

Меѓу другото, се бара промена на Уставот, со тоа што ќе се преформулира и нема да стои -,,јазикот што го зборува најмалку 20 проценти од населението“-туку стриктно албанскиот јазик.

Ако се знае дека за да дојде до ова треба двотретинско мнозинство, тогаш навистина е нејасно каде води оваа политичка игра.

За многумина ова е само купување време за да истече законскиот рок и да не се продолжи мандатот на СЈО, за што очигледно и кај ДУИ постои само декларативна заложба.

Со враќањето на предлозите на ДУИ на Бихаќка, жешкиот костен е повторно во рацете на СДСМ.