Халили: Груевски нема капацитет да ја федерализира Македонија (ВИДЕО)

Nevzat-Halili-PDP

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, според првиот претседател на ПДП, Невзат Халили, нема капацитет да ја федерализира Македонија.

Белгија до 1970 година беше унитарна држава и претседателот на Владата на Белгија во 1970 година на парламентарната седница му рече на претседателот на Парламентот: „Господине претседателе предлагам во име на белгиската влада веднаш да се стави во постапка законот за Белгија за да се прогласи со Устав и собраниска одлука за федерална држава.“ И сум имал една брошура која ја имам донесено од посетите во Холандија каде се вели: „From Unitary State to Federal Cooperation“ и од тогаш Швајцарија функционира како федерална држава, не како унитарна, ама има просперитет.Јас сум апелирал и кај Никола Груевски да го направи истото да влезеше во историјата, но Груевски немаше капацитет, а нема ни денес за да влезе во историјата, вели Халили за ТВ Лајм.

Во интервјуто за Лајм, Халили посочува дека идејата за Илирида е жива и дека гласовите од референдумот никој не може да ги погази.

Идејата за Илирида е уште жива, како што е жива и идејата за Прешевската долина да се спои со Република Косово. 400.000 гласови од референдумот никој не може да ги погази, затоа што народот е суверен и тој одлучува за се и над 400.000 гласови. Не може никој да ги погази, ниту еден лидер, ниту јас на пример што сум бил некогаш првиот лидер на Албанците и повеќе од 90 проценти биле албански пратеници и други, сите кои што не поддржаа да го одржиме референдумот и нашиот референдум е со доживотна вредност и овој референдум може да се побие само со нов и јас персонално користејќи ја оваа прилика предлагам меѓународниот фактор, ако е на мислењето за тоа што мислат Албанците, може да организира уште еден референдум за декларирање на Албанците, додава почесниот претседател на ПДП.

Халили е роден е во тетовското село Порој во 1946 година и е почесен претседател на ПДП и прв претседател во историјата на таа партија. Во 1992 година се спасил од затвор, за разлика од други функционери на партијата, откако отишол на Косово, а в затвор завршиле генералниот секретар на партијата Митхат Емини и тогашниот заменик-министер за одбрана Хисен Хаскај.

Во пролетта 2001 година Халили се враќа од Косово во Македонија, со намера да застане зад политичките барања на вооружените Албанци за време на воениот конфликт, но тоа завршува безуспешно, по што повторно се враќа на Косово, каде што почнува да работи на формирање Армија на Република Илирида.

Се промовира како политички водач на таа армија, а во 2002 година властите на УНМИК во Косово го уапсиле. Бил обвинет за тероризам, за предизвикување и поттикнување етничко нетрпение и насилство во регионот и за недозволена трговија со оружје. УНМИК кај него нашол и му одзел огромно количество најразлично оружје. Тогашните косовски власти го осудиле на казна затвор од четири години, кои ги одлежал во приштинскиот затвор Дубрава. Ослободен е во јануари 2007 година и се враќа во Македонија.