МАKЕДОНСKО-МАKЕДОНСKИ ДОГОВОР: Заев нема да седне на заедничка маса со Груевски

Gruevski-Zaev-Sredba

Заев и Груевски да седнат сами, да разговараат, колку и да е потребно, с` додека не се договорат и не постигнат основа за национално помирување на македонскиот политички блок. Вакви повици, особено зачестени изминативе две-три недели се најгласни на социјалните мрежи. Повикуваат не само граѓаните, ами и јавни личности кои се сигурни оти за надминување на кризната голгота, неопходен е консензус и подадена рака од лидерите на најголемите македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.

Сепак, овој Велигден нема да има симболика на помирување. На нашето прашање од Социјалдемократскиот сојуз велат оти не гледаат причина за што нивниот лидер би се согласил да седне на маса со Груевски.

– Kоја е поентата на тој разговор? Простор за постигнување договори нема, нема ниту тема на која би разговарал Заев со Груевски. Единствено решение е Груевски да дозволи мирно и демократско предавање на власта, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во неколку наврати нуди решение само доколку опозициската партија, односно Заев се согласи изрично да ја отфрли тиранската платформа. Сепак, велат, во ситуација кога постои страв кај раководството на СДСМ за неговата иднина ако не дојде на власт, невозможно е да се разговара.

– За нив е приоритет да го реализираат тоа што го ветиле, без разлика што се во прашање највисоките државни и национални интереси, само за да избегаат од одговорност. ВМРО-ДПМНЕ веќе понуди неколку решенија како излез од кризата. Првиот предлог што најбргу би дал резултати е договор за одржување предвремени парламентарни избори, заедно со редовните локални. Вториот беше за прашањата отворени со Патоказот, а третиот кој требаше да гарантира долгорочна политичка стабилност беше Манифестот за единствена Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако празнично, пратеничката расправа во Собранието паузира 5 дена, СДСМ преку соопштение до јавноста повтори дека наскоро новото парламентарно мнозинство ќе донесе демократско деблокирање и ќе избере нова влада. Засега останува непознато на кој начин ќе го реализираат тоа, во ситуација кога не се знае нивната стратегија, односно т.н. план Б, за кој прво тврдеа дека го имаат, ама не го обелоденуваа, а потоа дека не постои.

На соопштението реагира партијата предводена од Груевски.

– СДСМ покажува дека за него нема ништо свето, ниту празници ниту национални и државни интереси. Но што впрочем да се очекува од партија која се однароди и се врза со нарко-мафијашкото подземје. Народот јасно им порача дека нивното дилетантско политиканство не поминува. Народот јасно им порача дека не поминува ниту тиранската платформа ниту негирањето на македонскиот народ, химна и знаме, сè она за што СДСМ упорно молчи, а под маса го договара, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Пишува: Искра Kоровешовска за Дневник