Тодор Петров: Според Уставот, граѓаните имаат загарантирано право на локална самоуправа

Мандатите на градоначалниците не се лимитирани и траат до изборот следните, но не подолго од оваа година. Според Законот за локална самоуправа, постои неизедначеност помеѓу мандатите на градоначалниците и советниците, вели Петров.

Уставниот суд мора да реагира за продолжување на мандатите на градоначалниците. Во спротивно ќе настане хаос во функционирањето на општините, смета Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес и добар познавач на Уставот. Според него, постои нелогичност во траењето на мандатите на градоначалниците и советниците и затоа Уставниот суд мора да реагира.

Мандатите на градоначалниците не се лимитирани и траат до изборот следните, но не подолго од оваа година. Според Законот за локална самоуправа, постои неизедначеност помеѓу мандатите на градоначалниците и советниците. Советниците се избираат за време од четири години и тој мандат истекува овој месец – објаснува Петров за Телеграф.мк.

Според него, граѓаните во ниеден случај не смеат да да останат без локална самоуправа која им е неопходна за секојдневните работи во местата каде што живеат.

– Според член 14, став 1 од Уставот, загарантирано е правото на граѓаните на локална самоуправа. Засега Собранието ја има суспендирано локалната власт бидејќи само претседателот на законодавниот дом може да ги распише локалните избори – додава Петров.

Петров бара и измена на делот во Изборниот законик каде што стои дека локалните избори се одржуваат во правата половина на мај. Се бара тој термин да се избрише и Собранието да утврди нов.

Покрај иницијативата на Петров, до Уставниот суд посебна иницијатива достави и Министерството за локална самоуправа. Во неа се бара да се преиспита уставноста на спорните членови 35 и 49 од Законот за локална самоуправа кои се однесуваат на мандатите на градоначалниците и советите. Таму стои дека тие се со мандат од четири години, но не е прецизирано што би се случило доколку не бидат распишани нови избори, како што е случај сега.

Засега нема информација кога и дали Уставниот суд ќе се произнесе за овие иницијативи. На интернет-страницата на судот стои дека на 10 мај ќе има разгледување на уставноста на две иницијативи, но тие не се поврзани со локалните избори.