СДСМ направи целосно бинационално Собрание – Талат го крши Уставот, СДСМ аплаудира

Talat-Dzaferi-Sobranie

Со поздравно обраќање на албански јазик, Талат Џафери од претседателската фотелја, на првата собраниска седница по спорниот избор за претседател на парламентот ги прекрши Уставот, Законот за употреба на јазиците и собранискиот Деловник. Додека Џафери го крши Уставот, СДСМ го фали и аплаудира, притоа правејќи целосно бинационално Собрание.

Злоупотребата на Џафери на претседателскиот пулт, со обраќањето на албански јазик предизвика тензичен почеток на седницата за избор на новата влада, на што реагираа пратениците Антонио Милошоски и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. На непочитувањето на Уставот, Законот и Деловникот не реагираше новото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ.

Џафери прво на албански и потоа на македонски јазик им се заблагодари и на тие што го поддржале и на тие што го оспоруваат неговиот избор за претседател.

– Свесен сум за сите предизвици со кои се соочувам и за сите обврски што ги презедов. До почетокот на исполнувањето на коалицискиот договор на мнозинството, односно до донесувањето на законот за јазиците, ќе продолжам да ја водам седницата на македонски јазик. Со тоа укажувам и докажувам дека сите сме подготвени за ниво на толеранција, која треба да ја рефлектираме сите ние во нашите односи и понатаму да создаваме демократски можности по демократски пат да се остварат сите очекувања од граѓаните – рече Џафери.

Но со ова, Џафери де факто потврди дека претседател на Собрание може да се обраќа и пленарните седници да ги води само на македонски јазик.

На ова реагира пратеникот Милошоски, кој му повтори на Џафери дека за ВМРО-ДПМНЕ, тој е само пратеник и му укажа дека ги крши Уставот, Законот за јазиците и Деловникот.

– Почитуван пратеник Џафери, веднаш почнувате да ги кршите Деловникот и Законот за јазиците. Собранието и пленарната седница не се работно тело за да се обраќате на албански јазик и бараме тоа да се почитува. Ова Собрание, за жал, почнува со голема политичка недемократска дамка, која ќе виси над пратеникот Талат Џафери, кој на нелегален начин беше избран за претседател. Вас ќе Ве почитуваме како пратеник, но ништо повеќе од тоа затоа што сами влеговте во игра и го прекршивте Деловникот – рече Милошоски.

Џафери обраќањето на Милошоски кон него како пратеник се обиде да го сврти во своја полза.

– Јас сум претседател избран од мнозинството и треба да се договорите во пратеничката група дали ќе комуницирате со пратеникот или претседателот. Ако ми се обраќате со пратеникот, согласно Деловникот, пратеникот има право да го користи својот јазик. С` дури така се обраќате, јас ќе ја користам мојата деловничка можност да си го користам својот мајчин јазик – одговори Џафери.

Но, и во таков случај, Џафери продолжува да ги крши Уставот и Законот, бидејќи како пратеник, тој на албански јазик може да се обраќа од говорница, од пратеничко столче или на комисија, но не и од претседателскиот пулт. Ова значи дека ако Џафери говори на албански јазик, за да не ги прекрши Уставот и Законот, ќе мора да го напушти претседателскиот пулт.

Додека претседателот на Џафери го крши Уставот, СДСМ тоа го одобрува и дополнително го фали собранискиот спикер за таквите постапки.

-Задоволство ми е што после 8 години можам да кажам од оваа говорница дека го почитувам претседателот на Собранието на Република Македонија што не беше случај во изминатиот период за претходниот претседател на Собранието, рече пратеникот од парламентарното мнозинство, Горан Мисовски.