ЦРПНАТИОТ ПРЕДАВНИК ЗАЕВ: Македонија се откажува од јазикот, историјата и од суверенитетот

Zaev-dogovor-Bugarija

Исто како на филмскиот журнал од 1942 година за потребите на фашистичка Бугарија од церемонијата за „обединување“ на Македонија и на Бугарија среде скопскиот плоштад, сега Заев за Илинден организира церемонија на која и’ се дозволува на Бугарија да ги пишува македонските учебници, да ги воспитува децата, да ја заблуди јавноста преку контрола на медиумите, да ги цензурира непослушните. Дваесет и шест историчари, доктори по историски науки и универзитетски професори се спротивставуваат на обидите за редефинирање и за фалсификување на македонската историја, чијашто конечна цел е уништување на македонската нација

Договорот е лош. Договорот е манипулантски. Договорот е недобрососедски. Договорот е навредлив. Договорот е асимилаторски. Договорот е капитулантски.

Договорот што Зоран Заев прифати да го потпише таков каков што е, без никаква измена, е сѐ, само не во насока на градење добрососедство. Договорот е толку лош и навидум „општ“ што ниту Заев лично на презентацијата не смееше (а, можеби, и самиот не знае што) да гугне за неговата содржина. И – лаже. Излажа за комисијата за образование, излажа за комисијата за медиуми. Излажа и дека договорот е необврзувачки и дека би го прекинал! Не мора да го прекинува. Нека не го потпишува! Ама не – Заев, сепак, е задоволен од договорот. Делумно, ама задоволен.

Цело време, до потпишувањето, Заев не смогна сили да застане како маж и да каже што договорил. Се правдаше на опозицијата, се вадеше дека и тие работеле на договорот, за потоа да не ги почитува нивните забелешки, се обиде да ја префрли топката на парламентот, за да се потпира потоа на ратификација врз гласовите на македонските Албанци, се крие зад клаузулата за прекинување на договорот, иако на тоа воопшто не помислува. Само договорот да му помине, а потоа работата ќе ја преземе „министерството за вистина“.

Заев поведе цела една македонска влада, спротивно на македонските национални интереси, спроти сета јавност, па и спротивно на сопствената партија, по паметот на Бугарката Екатерина Захариева, покажувајќи ја својата марионетска позиција. Таа му порача дека текстот е затворен, дека договорот е за кабинетот на Заев, не за народот, и за него тоа беше последно. Нема сила да ѝ се спротивстави, да ѝ каже дека постои македонски народ со свој македонски јазик, кој не е бугарски „дијалект“, одделен поради Уставот, народ со историја во која Бугарите учествуваат како окупатори, кои го гмечеле македонскиот народ за насила да го асимилираат, но не успеале во тоа. Тој не ги почитува забелешките на јавноста. Се вадеше во Скопје, исто како и во Софија, со продавање флоскули за полуполна чаша, иако реата што извира од неа ќе ги отруе образованието, медиумите, јавноста, иднината на Македонија.

За Заев не е спорно тоа што „Добрососедски односи ќе развиваат народите на Република Македонија и на Република Бугарија“, притоа нагласено „имајќи ја предвид заедничката историја што ги поврзува двете држави и нивните народи“.

За Заев не е спорно тоа што „Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува… со цел заштита на статусот и на правата на лица што не се државјани на Република Македонија“ со што дигна раце од грижата за македонското малцинство во Бугарија.

За Заев не е спорно тоа што Бугари во „мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“ ќе „придонесуваат“ за „објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“, а за тоа еднаш годишно ќе му поднесуваат извештај. Тој, вели Заев, не би бил обврзувачки за него. Толку необврзувачки, колку што зборот на Захариева дека „договорот е затворен“ за Заев не значеше крај на дискусијата во Македонија.

Исто како на филмскиот журнал снимен во 1942 година за потребите на фашистичка Бугарија, од церемонијата за „обединување“ на Македонија и на Бугарија среде скопскиот плоштад, насилно наречен „Цар Борис Трети“, сега Заев за Илинден организира церемонија на која ѝ се дозволува на Бугарија да ги пишува македонските учебници, да ги воспитува децата, да ја заблуди јавноста преку контрола на медиумите, да ги цензурира непослушните.

А непослушноста расте. Дваесет и шест историчари, доктори по историски науки и универзитетски професори се спротивставуваат и ги отфрлаат обидите за редефинирање, промена и за фалсификување на македонската историја, чијашто конечна цел, според нив, е уништување на македонската нација со сите нејзини идентитетски обележја.

„Исправени пред конечната разрешница на македонското прашање, која може да биде со катастрофални последици за Република Македонија и за македонскиот народ, ние, како македонски интелектуалци, историчари, универзитетски професори, остро се спротивставуваме на обидите за промена на вековното историско име на нашата држава – Македонија. Се спротивставуваме и ги отфрламе обидите за редефинирање, промена и за фалсификување на македонската историја – чијашто конечна цел е уништување на македонската нација со сите нејзини идентитетски обележја“, пишува во обраќањето на историчарите, кои ги повикуваат македонската јавност и сите општествено-политички фактори во Македонија да застанат во одбраната на уставното име, македонскиот јазик и на македонската историја.

„Како интелектуалци ги повикуваме власта и опозицијата во Република Македонија да постигнат единство за македонските државни и национални интереси и да пристапат кон изработување македонска државна стратегија во која јасно ќе бидат дефинирани столбовите на македонската државност за кои ќе нема никакви преговори“, пишува во писмото потпишано од 26 историчари, меѓу кои Виолета Ачкоска, Тодор Чепреганов, Никола Жежов, Михајло Миновски, Александар Стојчев, Новица Велјановски…

Историјата на ревидирање, медиумите низ филтер

Заев дури и се осмели при очи да ја заслепи јавноста дека делот од договорот што се однесува на преземање „ефикасни мерки за спречување недобронамерна пропаганда од институции, агенции или приватни субјекти“, нема да биде злоупотребен од бугарска страна да се бара таа ефикасност да прерасне во чиста цензура за сѐ што ќе го сметаат за „недобронамерна пропаганда“, а ќе се однесува токму за историските и други факти што ја покажуваат и докажуваат македонската посебност, но и бугарската фашистичка политика во историјата и сега, кон македонскиот народ со свои особености.

Тоа што Заев го истакнува дека ќе било само „оградување“ на власта од новинарскиот израз, за Бојко Борисов веднаш значи друго.

– Очекуваме веднаш по потпишувањето на договорот Скопје да преземе акција за прекинување на антибугарската пропаганда и говорот на омраза – порача Борисов на владина седница во Софија, а стенограмите завршија во медиумите.

Еден ден пред пренесувањето на оваа изјава, софиските медиуми масакрираа колумна објавена во „Република“, со оцена дека е „Антибугарски македонски медиум, со грди напади против Борисов и Захариева“, а за „антибугарско расположение“ се посочуваат делови во кои авторот, меѓу другото, вели дека „За нив (Захариева и Борисов н.з.) не постои одделна македонска национална историја. За нив постои само заедничка бугарско-македонска историја, која, со оглед на непризнавањето на македонскиот народ, на јазикот и на културата и на традициите, според нив, всушност, е бугарска историја за која, како што рече министерката Захариева, по потпишувањето на договорот ‘ќе се пишуваат нови учебници врз основа на научните факти’“.

Делот, па и целиот текст што е посочен во бугарските медиуми јасно укажува што ќе биде задача на комисијата за ревидирање на историјата и на учебниците и за спречување „непријателска пропаганда. Захариева уште од посетата на Заев ги брои текстовите во македонските медиуми. Оттука не е тешко да се претпостави какви задачи од Захариева, преку Заев, ќе добива кабинетот на Роберт Поповски. Покрај на пласирањето вести за „полуполни“ чаши за доброто на народот од договорот и придобивките од „добрососедството“, ќе се врши масакар во македонскиот јавен медиумски простор. А во масакрирањето веќе се длабоко загазени. Од почетокот на јули позициските медиуми се соочуваат со тивко убиство на нивниот глас, со опструкции да бидат пласирани информации до поширока публика, закани и притисоци во секојдневното работење, во дистрибуцијата и комуникацијата со јавноста. Воопшто не е изненадување и овие опструкции да произлегуваат „шолјата кафе“ на Захариева и на Димитров, како „подадена рака“ од Скопје.

Илинден 2017 година

Овој број на „Република“ се подготвува во пресрет на најголемиот македонски празник, Илинден, празник – гордост на Македонија, па дури и празник во кој се содржи нејзиниот идентитет, како празник на македонскиот непокор, празник на македонската посветеност кон слобода и независност, празник на македонската издржливост, празник на македонската посебност, празник на сите карактеристики со кои се идентификува македонската нација.

Свети Илија, Илинден, со векови за Македонците не е само голем верски празник. На Илинден Македонецот ја чествува слободата и секој во себе ја чувствува заклетвата „Смрт или слобода за Македонија“. Во пресрет на овој Илинден, Македонецот е повторно исправен пред истите вековни предизвици. И воопшто не е случајно инсистирањето таканаречениот договор за добрососедство да биде потпишан на Илинден.

Добрососедството и како документ што се потпишува се однесува на народите, не на институциите. Да се однесува само за власта нема Заев до крај да бара поддршка од опозицијата во парламентот. А доколку е документот добар, со него нема да се негира една нација, нејзината посебност и да бара цензура над медиумите и замолчување на гласот на критичката јавност.

„На денот на свети Илија, симболот на македонскиот непокор, на Заев му е организирано да ги предаде македонскиот јазик, македонската историја, да се откаже од македонското наследство, од македонскиот народ и во Македонија и во соседството. Сета македонска историја е поврзана со тој свет ден и на тој ден е посакувано да заврши. Да се стави точка на Втори август. Да не се слави, да се замрази, да се врзе со предавство, да буди срам, гадење, нагон за повраќање. Место национална гордост, Втори август да биде чивија во ѓонот, која ќе боде на секој обид за исправање на ’кичмата‘“. („Република“ бр 251, 23 јуни 2017)

И колку и да е цел на бугарска цензура, па и во дослух со домашни соработници, „Република“ ќе продолжи со пренесување на вистината. За Македонија, Македонците, за македонскиот идентитет и национални интереси не постои чаша што би се гледала, ниту потпишан договор што делумно задоволува.

Ниедна бугарска цензура не го сопрела македонскиот глас. Ниедна наложено искривување на вистината не навлегло во ничија традиција. Ниеден документ нема да го смени тоа. Како и фактот дека Илинден е македонски и ничиј друг.

Нека ни е честит Илинден, Македонци!