Ѓорчев: Над 217.000 граѓани на Македонија бараат работа, а Заев ќе вдомува и ќе вработува бегалци

Vlatko-Gjorcev-komisija

Претседателот на собраниската Комисија за труд и социјална политика Влатко Ѓорчев на денешната јавна расправа за Предлог-нацртот на Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година и Предлог-нацртот на Национален акциски план за интеграција на бегалци 2017-2027 година, истакна дека приоритет за Владата на Зоран Заев треба да бидат граѓаните државјани на Република Македонија, а не странци.

Ѓорчев посочи дека стратегијата и акциоскиот план ќе влијаат на иднината и буџетот на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, но и сите други министерства.

Тој потенцираше дека со акцискиот план се предвидува до крајот на годината да започне 71 проект.

ВМРО-ДПМНЕ од министерката Царовска и премиерот Заев бара итно да ги повлечат стратегијата и акцискиот план, истакна Ѓорчев додавајќи дека Македонија наместо транзитна зона ќе стане земја-домаќин на бегалци и странци од многу други земји.

Приоритет треба да имаат граѓаните и државјаните на Република Македонија, многу луѓе и семејства немаат домување, а повеќе од 217.000 бараат работа, посочи претседателот на собраниската комисија.

Тој појасни дека трајното доселување ќе направи дисторзија на пазарот на труд и многу млади ќе ја напуштат Македонија, и повтори дека граѓаните на Македонија се оние кои за Заев и владата на СДСМ треба да бидат приоритет.

Во однос на акцискиот план, Ѓорчев истакна и дека за некои од точките во истиот не е појаснето колкави средства ќе треба да се одвојат за истите и праша колку финансиски средства владата на СДСМ планира да потроши за овие проекти.