ССМ најави дека ќе организира масовни протести и штрајкови: Процесот за постапка за промени исклучиво е работа на синдикатите, а не на државните органи

ССМ како Репрезентативна синдикална организација за приватен и јавен сектор на ниво на Република Македонија и членка на ЕТУЦ и ИТУЦ сака да ја информира јавноста за уште еден обид за незаконска смена на раководството на ССМ и правењето на нов анти синдикален чин и историски скандал незапамтен во синдикалната историја во Европа и пошироко од страна на Министерката за труд и социјална политика од СДСМ Мила Царовска, изјави претседателот на ССМ Живко Митрески.

-Со поништувањето на претходното Решение на Министерот за труд и социјална политика се кршат темелните Меѓународни конвенции посебно Конвенцијата 87 за слободата на синдикално организирање посебно член 2 и 3 во кои јасно се забранува мешање во синдикалното организирање и избори од страна на државната власт, повреда на член 37 од Уставот на РМ за право на слободно синдикално здружување, повреда на Законот за работните односи член 184-193, повреди на Статутот на ССМ член 7,8, 16 кои сите предвидуваат слобода на синдикалното организирање и слобода во изборот на органите и телата на Сојузот на синдикатите на Македонија, изјави Митрески.

Митрески смета дека новиот обид за промена на раководството на ССМ од страна на Министерката за труд Мила Царовска и од страна на партијата која што ја застапува е резултат на константниот притисок и уцени врз раководството на ССМ да биде пасифизирано и да не се бори за работничките права, а посебно да се пасифизира борбата за барање за повисоки плати и во јавниот сектор, плати за администрацијата , војската , полицијата, правосудството и другата администрација , борбата за Репрезентативен социјален дијалог и слични притисоци кои не им успеваат, смета Митрески.

-Процесот за постапка за промени исклучиво е работа на синдикатите , а не на државните органи, Министри и Владата, 13 синдикати се единствени кои согласно Статутот можат да извршат промени на раководството в рз основа на постапка која оди помеѓу синдикатите и врз основа на Одлука на Советот и Конгресот на ССМ. Вакви постапки немало, а тоа го потврдија и предходно 13 Грански синдикати здружени во ССМ, а обидот за кафанска смена на Претседателот на ССМ и предходно не беше успешен, изјави Митрески.

Митрески обвини дека претходната министерка Фросина Ременски исто така од партијата од каде што доаѓа Царовска врз основа на фалсификувани документи претходно на ист начин направи обид за насилна смена, за што доби и Кривична пријава, беше покрената Кривична постапка пред ОЈО и ОЈО со наредба, а потоа и врз основа на два заклучоци од Централен регистар ја запреа постапката за нелегитимна промена на Претседателот на ССМ и легитимното раководство едногласно избрано на 19 Конгрес на ССМ, а постапките беа запрени пред се заради тоа што истите беа врз основа на фалсификувани исправи, незаконски и спротивно на Меѓународните конвенции.

-Против ваквиот антисиндикален чин насочен против автономијата на синдикатите и синдикалното движење и правото на избор реагираа од Светската конфедерација на Синдикати која застапува 181 000 000 работници од 163 земји со над 340 национални членови како и од Европската Конфедерација на синдикати која застапува 45 000 000 членови од 39 земји со 89 синдикални организации и над 10 Европски грански синдикати, изјави Митрески.

Митрески кажа дека ваквата подршка јасно била изразена за него и за секретарот Методија Димески и јасно беше укажано дека поради кршењето на синдикалните права ова прашање ќе биде поставено пред Европската унија и пред МОТ како што во своето писмо се обратија Генералниот секретар на ИТУЦ Шарон Бароу и Генералниот секретар на ЕТУЦ и ПЕРК Лука Висентини.

-Ваква подршка ССМ и КСС добија и по однос на најновите кршење на Социјалниот дијалог во ЕСС на РМ. Поради сите овие активности спротивно на Уставот, Законот, Меѓународните конвенции и заради повторување на обидот за упад во автономијата на синдикалното движење и обид за насилна смена на Претседателот на ССМ сите инволвирани заради очигледните фалсификати кои служат како основа ќе сносат Кривична одговорност, а посебно Министерката Мила Царовска за која е поднесена Кривична пријава што е прв чекор превземен од страна на ССМ уште повеќе што се прави обид да се стави за претседател на ССМ и да се инсталираат раководства кои не само што не се членови на ССМ туку уште повеќе се структури кои се блиски до партијата на Царовска, изјави Митрески.

За ваквата насилна смена веднаш биле информирани и Меѓународните синдикални организации и МОТ, Делегацијата на ЕУ и сите амбасади за што од некои веднаш добивме и подршки. Од министерката Мила Царовска побарано било веднаш да биде повлечено новото Решение, а доколку истото не биде направено ССМ ќе организира масовни протести и штрајкови.

-Сојузот на синдикатите на Македонија сака да го информира членството да биде спокојно бидејќи ваквата насилна промена неможе да се случи бидејќи постои наредба од ОЈО за да се спречат сите обиди за промена на претседателот на ССМ и раководството на ССМ, постојат два заклучоци на Централен регистар со кој се прекинува секакава постапка за менување на претседтелот на ССМ, а исто така постои Решение на Управниот суд со кое што предлогот за промена на друго лице во ССМ се одбива. Со сите овие дејствија кои ги превзема Министерката за труд Мила Царовска не само што прави директно кршење на законот и на меѓународните конвенции, се спротиставува и на Судските одлуки и на судската власт и сака дури да врши влијание врз судовите, институциите и Централниот регистар, изјави Митрески.

Од ССМ ги повикуваат сите државни институции вклучително и Централниот регисатар да ги почитуваат судските одлуки и заклучоците за прекин на постапката за промена на претседател на ССМ, наредбите од Јавното обвинителство кои забрануваат секаква промена на претседател на ССМ заради фалсификување на исправи и предупредуваме дека секој кој ќе постапи спротивно на законот и на наредбите на Јавното обвинителство ќе сноси Кривична одговорност за злоупотреба на службена положба и овластување и ќе му бидат поднесувани Кривични пријави за кој е предвидена казна затовор од 3 до 5 години.

-Поради сите овие против законски дејствија доколку не биде под итно повлечено против законското Решение бараме итна и неотповиклива оставка на Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска за која е поднесена Кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување казнива по член 353 од Кривичниот законик на РМ, а доколку тоа не го направи бараме од Премиерот на Владата н РМ Зоран Заев под итно да ја разреши и да овозможи нормално функционирање на синдикалното движење во Република Македонија. ССМ сака да го увери своето членство дека без оглед на притисоците и уцените неприкосновено ќе остане да ја брани автономијата на синдикалното движење во Р. Македонија и понатаму ќе се бори за зголемување на минималната плата за чиј што историски Закон е една од најзаслужните, ќе се бориза зголемување на платите во јавниот сектор, ќе се бори за реален социјален дијалог, за понатамошно важење на Колективниот договор за приватен сектор, за потпишување на нов колективен договор за јавен сектор и за заштита на правата и интересите на работниците во Република Македонија, изјави Митрески.