„Железни дами“ во првите редови со аргументи и факти: Професорките согласни, Законот за двојазична Македонија е неуставен

Неколку еминентни професорки се меѓу најхрабрите и најгласните стручњаци кои решија да не молчат на една тема која ја засега целата држава и нејзината иднина, системот кој го градиме и правниот поредок на чие почитување барем формално се заколнуваат сите функционери во државата.

Билјана Ванковска, Гордана Силјановска, Симона Груевска Маџовска, Александра Ѓуркова, Тања Каракамичева-Јовановска се меѓу повеќето професори и експерти кои, секој од свој агол, зборува за големите пропусти при носењето на Законот за двојазичност.

ИЗБРЗАНО РЕШЕНИЕ ДОНЕСЕНО БЕЗ ДЕБАТА КОЕ ГО НАРУШУВА УНИТАРНИОТ КАРАКТЕР НА МАКЕДОНИЈА 

Забележуваат на тоа што Заев иако најавуваше дебата „преку ноќ“ без консултирање на стручната јавност го помина законот на седница на Влада. Со цел да обезбеди задоволство кај коалиционите партнери, односно да го спречи незадоволството кај мнозинството граѓани на Македонија, законот изобилува со чудни формулации, недоречености кои во ризик го доведуваат унитарниот карактер на Република Македонија, како што приговараат лингвистите од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје.

„На почеток, мора да го повториме повеќекратно искажаниот став дека мора да се надмине терминолошката мешаница којашто се јавува во законите што ја третираат оваа материја – официјален јазик, службен јазик, јазик во службена употреба. Мора да се назначи дека на целата територија на Република Македонија, како и во меѓународните односи, според Уставот на РМ, како и според Охридскиот рамковен договор, е официјален само и единствено македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, што произлегува од унитарното уредување на нашата држава, а другите јазици можат да бидат во службена употреба во законски предвидените случаи. Таква е јазичната политика во светот – повеќе официјални јазици има во држави во кои има повеќе автономни делови, а Република Македонија нема такво уредување“ – стои во приговорот на Груевска Маџовска и Ѓуркова објавен на фејсбук.

Особен фокус стручњаците даваат и кон дискримиинаторскиот однос кој другите помали етнички заедници во Македонија, со фаворизацијата на албанската и мајоризацијата која произлегува како консеквенца на вака поставната легислатива која треба да се усвои. Целиот обемен опис на сите забелешки може да го прочитате подолу:


ЗАКОНОТ Е НЕУСТАВЕН И ИЗЛЕГУВА НАДВОР ОД РАМКАТА НА ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР 

Реагираше и професорката Гордана Силјановска која истакна дека најголем проблем е што не била консултирана стручната јавност кој го објасни кратко и јасно како „право во границите на политиката, наместо обратно – политика во границите на правото“. Зошто? „Затоа што со Закон не можете да смените Устав ниту да дополните Устав. Овој закон ги надминува уставните рамки, но е и надвор од рамковниот договор.“ вели Силјановска.

Целото интервју може да го слушнете тука:

„УСТАВНИТЕ ПРАВНИЦИ НА ДУИ ГИ ПОБЕДИЛЕ ОНИЕ НА СДСМ, АКО ОВИЕ ВООПШТО И СЕ БОРЕЛЕ ДА ДОКАЖАТ НЕШТО“ 

Професорката Билјана Ванковска пак додава дека една од најскандалозните и најнеуставни делови од Законот, кој нема никаква врска со човековите права и односот на граѓаните со државните институции е одредбата на граничните премини на Република Македонија и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик називите на институциите, другите натписи и патокази да се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Ванковска коментира:

„А чуму гранични премини, побогу!!! Тие написи постојат за трети држави, институции, поединци, а не за нашите граѓани! Не, не, ова е абдалска држава – и ќе прештампуваме и пари и униформи и уплатници и марки – небаре сме Швајцарија (и културно и финансиски). Очигледно уставните правници на ДУИ ги победиле оние на СДСМ, ако овие воопшто и се бореле да докажат нешто.“

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: ЗАЕВ И НЕГОВАТА ВЛАДА ПОДГОТУВААТ ПРАВНА „БОМБА“ СО КОЈА ЌЕ ВОВЕДАТ ДВОЈАЗИЧНОСТ НА ЦЕЛАТА ТЕРИТОРИЈА НА ДРЖАВАТА

Од вчерашната прес-конференција на владата јавноста имаше можност да види дека со владиниот план за реформи во наредните 3-6-9 месеци, во првите три месеци најударна и најважна за албанските коалициони партнери во Владата ќе биде обврската за затворање на прашањето за носење нов закон за јазиците како најважен политички чекор за албанските партии пред локалните избори. Под превезот „заокружување на легислативниот дел од обврските преземени од Охридскиот рамковен договор“ Заев и неговата влада подготвуваат правна „бомба“ со која де факто и де јуре ќе воведат двојазичност на цела територија на државата, вели проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска.

Под флоскулата заокружување на легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор, според Каракмишева- Јовановска, всушност, се крие вистинската потреба на потегот да се донесе нов закон за јазиците со кој ќе треба да се овозможи практична и официјална двојазичност на цела територија на РМ.

-Согласно информациите што доаѓаат од албанскиот блок партии со овој нов закон ќе биде дозволено пленарните седници на Собранието да се водат на албански јазик, во работата на Владата, на седниците исто така ќе биде дозволено да се зборува на албански јазик, а албанскиот јазик ќе биде дозволено да се користи насекаде и во другите државни органи по принципот на автоматизам, а не само согласно лично поднесено барање на странките. Ова значи дека по усвојувањето на новиот закон, албанскиот јазик ќе стане втор службен јазик во земјата, бидејќи неговата употреба во клучните државни органи ќе значи и негова правна официјализација на целата територија. Државните органи се на Република Македонија. Непречената употреба на албанскиот јазик во сите државни органи ќе ја заокружи реализацијата на барањето на Албанците содржано во Тиранската платформа.

Не случајно, додава таа, Села како коалиционен партнер во владата на Заев се заканува дека ќе излезе од владината коалиција ако истиот не биде донесен во првите 100 дена од формирањето на владата.

-Ако во тој закон не е содржано значително унапредување на употребата на албанскиот јазик на цела територија на државата, тогаш албанските партии немаше толку силно да притискаат за негово донесување пред локалните избори во земјата. Јавна тајна е дека тој закон произлезе од Тиранската платформа како постизборно барање на албанците за кое барање Заев даде недвосмислена подготвеност дека ќе го реализира без никаква заддршка.Еве доаѓа време за исполнување на барањето. Прашање е како сега Заев ќе маневрира или како Заев планира да ескивира од даденото ветување. Иако странците повторно трчаат на помош и „гаснат оган“ во владината коалиција прашање е како амбасадорите мислат да ја гаснат јавноста кога токму таа ќе стане свесна што се им прифатил Заев на коалиционите партнери, и на каков противуставен дил се согласил. Дилот на Заев, да не се лажеме, значи практично на мала врата буткање на двојазичноста на цела територија на државата под завесата дека со тоа се заокружува Охридскиот рамковен договор, вели Каракамишева-Јовановска и додава:

„Прво, јавноста знае дека ОРД е одамна затворен политички договор, бидејќи истиот во целост, 100% е имплементиран во уставно-правниот систем на земјата.

Второ, новиот закон за јазиците иако се уште никој го нема видено со оглед што неговата содржина се крие во најголема тајност сосемае јасно дека ќе излегува од рамката и од содржината на ОРД, но и од Уставот на РМ. Заев очигледно се крсти на помошта што странските мускули му ја обезбедуваат на терен, но и на годишните одмори што се во тек. Ама се што Заев ветил нема да може да го оствари со употребата на овие додатоци. На крај сепак ќе мора да се соочи со граѓаните, и со оние на кои им ветуваше брда и долини, но и на мнозинството останати кои не гласаа за него.“