Бебињата масовно умираат, но за СДСМ коалицијата е поважна од животите на децата: Таравари е заштитен поради коалицијата Заев и Села

Низа трагедии ја потресоа Македонија. Бебиња и мали деца масовно умираат, но премиерот Заев бега од одговорност, а од истата го лиши и министерот за здравство Арбен Таравари.

Заев го штити министерот кој доаѓа од редовите на партијата на Зијадин Села, бидејќи без нив тој ќе го загуби мнозинството во македонското Собрание.

Пратениците на ДУИ не му беа доволни на Заев за да дојде на власт, па во тоа му помогна Села. Овие партии заедно едвај направија мнозинство од 62 пратеника.

СДСМ со освоени 49 пратеници беше далеку од формирање на мнозинство. ДУИ кои имаат 10 пратеници не беа доволно, па затоа Села со само 3 влезе во нивната коалиција за да направат Влада. Оваа математика е доволен доказ дека Заев не смее да побара од Села било какво разрешување, ако не сака да го загуби тенкото мнозинство.

Сега, дури и по цена на детските животи, Заев ја штити коалицијата со партискиот лидер на Таравари, Села. Очигледно за сите овие тројца политичари, политиката е поважна од трагедиите.

Три новороденчиња починаа на Клиниката за гинекологија и акушерство

Пациентката И.М. била хоспитализирана на 21 август на Клиниката за гинекологија и акушерство поради болки во абдоменот. Истиот ден е породена со царски рез во 27. недела со тројка, по претходно прснат воденик и пролабирана (испадната) папочна врвца и со цел да не биде прекинат доводот на кислород, веднаш е извршено породување.

Со семејството во неколку наврати од страна на персоналот на Клиниката било разговарано, со цел да се објасни состојбата на новороденчињата, третманот и можните шанси за преживување и веќе следниот ден е констатирана смрт на сите три.

Освен што го заштити Таравари, Заев застана во одбрана и на новата директорка на ГАК, Викторија Јовановска, која е блиска пријателка на неговата сопруга.

По овие три дечиња, на ГАК почина уште едно новороденче. Министерството за здравство молчеше додека не почна притисокот од јавноста.

Откако докторите ја вратиле дома, малата Анастасија почина

Голема трагедија се случи и во Охрид. Почина малата Анастасија Маркоска која била донесена на детското одделение при медицински центар Охрид со симптоми на малаксаност. Според информациите, лекарите го враќале дома детето за на крај родителите да ја донесат својата ќерка мртва. Одговорот на Таравари за оваа трагедија гласеше „Формирана е комисија“!

Новороденче почина во кичевска болница

На охридската гинекологија била примена мајка во својата 30-та недела од бременоста. Детето родено во таа гестациска недела по правило се пренесува во Скопје во инкубатор. За транспортот на вакви комплицирани случаи, постои веќе воспоставен протокол, кој најверојатно не бил испочитуван од страна на вработените во охридската болница, поради што состојбата на бебето се влошила некаде пред Кичево.

Бебето е префрлено во кичевската болница, каде два часа се обидувале да го реанимираат, но за жал не успеале.

Почина седуммесечно бебе во Струга

7-месечното девојче од Струга било донесено без знаци на живот на детското одделение во овој град, објави телевизија Алсат. Според директорот на болницата, Асим Муса, бебето имало тешка вродена болест на главата, а состојбата деновиве се влошила. Детето било донесено на детското одделение во Струшката болница. Лекарите им предложиле на родителите да го хоспитализираат, но родителите не прифатиле и го вратиле дома.  По кратко време детето повторно било донесено, но овој пат мртво.

Бебе од Гевгелија и новороденче од Гостивар починаа на Детска клиника

Четиримесечно новороденче од Гевгелија со респираторен инфект и тежок малформативен синдром со засегнувања на повеќе органи – срце, белите дробови…, почина денеска на Одделот за интензивна нега при Клиниката за детски болести.

Ова денеска го истакна директорката на Клиниката за детски болести, Катерина Ставриќ, која рече дека и новороденче од Гостивар донесено на Клиниката во тешка здравствена состојба и кое веднаш било ставено на респиратор починало денеска.

– Ова е терциерна установа. Сите најтешки случаи доаѓаат тука. Ние докторите и покрај тоа што имаме можности од опрема и знаење не секогаш можеме се да излечиме. Се случува тешки деца и да починат. Тоа се тешки деца кои престојуваат во интензивна нега на машини. Голем дел од нив преживуваат со овие можности и со несебичната заложба на докторите и на сестрите, но не секогаш тоа е возможно, посочи Ставриќ.

Таа рече дека новороденчето од Гевгелија од самото раѓање е донесено на Клиника со проблеми, престојувало на интензивна и тогаш стартно, било на респиратор. Со подобрување на состојбата, посочи таа, е пренесено на Одделот за интензивна нега.

Мајката на починатото бебе се сомнева дека се работи за лекарска грешка

Родителите на четиримесечното доенче кое почина на скопската Детска клиника се сомневаат дека станува збор за лекарска грешка. Бебето пред два дена било хопситализирано со белодробна инфекција. Иако било приклучено на апарати, здравјето не му се подобрило, пишува Република.

Според лекарите инфекцијата го потикнала мулти-малформацискиот синдром од кој боледувало бебето– слабо срце и оштетени бели дробови. Прогнозите да преживее биле мининални, затоа што со овој синдром, како што велат лекарите, бебињата не живеат повеќе од една година. Но мајката на бебето која не сакаше да зборува пред камерите рече дека се сомнева на лекарска грешка. Доенчето, како што наведе, тешко голтало и повеќе пати било лекувано на неонаталниот оддел, пишува порталот.

Смртта стана невидлива за невладините под контрола на СДСМ

Каде е сега активистот Огнен Јанески да му испорача ЦРВЕН КАРТОН на Таравари како што тоа го направи на поранешниот министер  Тодоров?

Каде е сега Мирјана Најческа која пишуваше секојдневно за лошата состојба во здравството и дека за секоја смрт одговара министерот. Или сепак овие критики само се однесуваа на министрите од ВМРО-ДПМНЕ?

Симница и Гостивар во грч и страв од епидемијата беа на погреби, Таравари си тераше посета во странство со изјава од хотелот

Наместо веднаш да излезат со информации за јавноста, смртта на таткото и синот од село Симница, беше мистерија. Надлежните молчеа, граѓаните на Гостивар живееја во страв бидејќи не знаеја од што починаа нивните сограѓани.

Жителите на околните места од Горна и Долна Ѓоновица, Маврово, Ростуше како и градот Гостивар беа вознемирени од  настанот со трагичен епилог каде што животот го загубија две машки лица на возраст од 50 и 23 години кои се во роднинска врска и се презиваат Мифтари.