Милошоски: Неуставниот закон на СДСМ и албанските партии води кон целосна двојазичност што ќе предизвика федерализација на Македонија

Antonio-za-dvojazicnosta

Законот кој СДСМ и албанските партии го предлагаат во оваа форма води кон целосна двојазичност, што ќе предизвика федерализација на Република Македонија. Овој закон не е уставен, истакна денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, каде се расправа за Законот за употреба на јазиците.

Тој потсети дека албанските политичари Али Ахмети и покојниот Арбен Џафери по потпишување на Рамковниот договор сами истакнале дека не успеале да направат двојазичност зашто не успеале да го променат Уставот.

Милошоски образложи дека двојазичноста само ќе ја зголеми недовербата меѓу Македонците и Албанците, но ќе ја зголеми и дискриминацијата кај помалите етнички заедници.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овој закон не е договор меѓу Македонците, Албанците и сите други етнички заедници во Македонија, туку едноставно е договор меѓу СДСМ и ДУИ со кој сакаат пред изборите да ги прикријат неуспесите на ДУИ од изминатите години и сакаат законот да служи како компензација, замачкувајќи им ги очите на незадоволните граѓани, Албанци.

Милошоски истакна дека донесувањето на овој закон ќе повлече глоби, казни и санкции за секој суд, универзитет или која било друга установа која нема да ја спроведе двојазичноста.

Според него, овој закон се обидува да се протне во Собранието со европско знаменце, иако ниту една земја од Европа не побарала двојазичност како услов за членство на било која друга земја.