Трајановски: Скопје мора да дише чист воздух – нашата определба е поздраво и позелено Скопје

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски на денешната Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Скопје мора да дише чист воздух, па поради тоа приоритет во неговата програма имаат проектите за намалување на загадувањето на воздухот.

-Во програмата за овие избори имаме предложено проекти кои планираме да ги реализираме во наредниот четиригодишен мандат заедно со вас, граѓаните на Република Македонија. Во изборната кампања на Градот Скопје претставени се над 200 проекти за Град Скопје со прецизни рокови за реализација, опис и вредност на проектот. Посебен акцент посветувам на проекти за намалување на загадување на воздухот како најчувствителна тема со која се предизвикуваат сите наши постапки во однос на загадувањето на нашата околина, посочи Трајановски.

Тој нагласи дека согласно надлежностите на Град Скопје, предвидени се проекти за подигање на нови парковски површини за зелено Скопје, проширување на проектот „ВелоСкопје“ со иновативни решенија, но и изградба на нови велорути, со цел подигнување на свеста на граѓаните за велосипедот како превозно средство.

-Проекти за подобрување на јавниот простор наменет за пешаци и велосипедисти, проекти за модернизација на механизацијата на Јавните претпријатија. Следејќи ги најмодерните еколошки стандарди, преку кои Градот Скопје ќе се вброи во технолошко развиени и паметни градови. Проекти за пренамена на фрекфентни сообраќајници во пешачки зони централното градско подрачје и мотивирање на поголема мобилност на граѓаните преку кампања за денови без автомобили во Градот Скопје и другите општини ширум Република Македонија, рече Трајановски.

Потенцираше дека големо внимание ќе посвети и кон управувањето на јавниот превоз со употреба на нови електрични автобуси, безбедни и корисни за животната средина.

-Исто така, и проект за поддршка на жителите во социјален ризик со цел подеднаква инклузија во секојдневното градско живеење. Никако помалку важни не се ни младите во Градот Скопје бидејќи Скопје е град на младите, на средношколците, на студентите од цела Македонија. Младите кои се наша иднина и за кои вложив посебно внимание да бидат вклучени во сите текови на развојот на еден град, посочи Трајановски.

Тој во својот говор наброја и неколку конкретни примери на проекти кои ќе ги реализира по 15 октомври.

-Изградба на третата фаза на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ во општина Бутел во вредност од 180 милиони денари. Изградба на четвртата фаза од булеварот „Борис Трајковски“ од Пинтија до Драчево, изградба на „Јужниот булевар“, изградба на ново средно училиште во општина Аеродром, нов забавен парк. Ќе работам на изградба на централна причестителна станица, изградба на дел од булеварот „АСНОМ“, продолжување на нови велосипедски патеки и многу други патеки. Скопје мора да дише чист воздух, па затоа ветувам дека ќе направиме пола милиони квадратни метри со зелени површини и нови паркови во Скопје. Приватните компании за автобуски превоз ќе бидат субвенционирање од Град Скопје за инсталирање на уреди со кои ќе се намали загадувањето на воздухот. Ќе продолжиме со реконструкција на зеленилото покрај кејот на реката Вардар и ќе изградиме нова патека за џогирање со специјална подлога. Ќе субвенционираме 10.000 нови велосипеди за граѓаните на Град Скопје бидејќи поздраво и позелено Скопје е нашата определба, истакна Трајановски.

На крајот од својот говор, Трајановски потенцираше дека граѓаните веќе го познаваат по неговата амбициозна посветеност.

-Вие ме познавате по мојата амбициозна и повеќечасовна несебична посветеност на вас, на граѓаните на Градот Скопје. Знаете дека не ветувам доколку не можам да исполнам, а нашите завршени проекти зборуваат за квалитетот на живеење во една европска метропола како што е Градот Скопје. За Скопје секогаш можеме и повеќе и подобро. Да го направиме Скопје и градовите во Република Македонија уште поубави места за живеење заедно со вас, граѓаните на Република Македонија. За нова ера во уште поголеми победи и напредок. Да живее ВМРО-ДПМНЕ, да живее Коалицијата „За подобра Македонија“, да живее Скопје, да живее Република Македонија, да сте живи и здрави и на 15 октомври да славиме една голема победа во сите општини.