Груевски: Тие говорат за воздух, ветер и магла, а ние за програма со план за реализација

Изборот е очигледен, тие се занимаваат со обвинувања, клеветења, црна пропаганда, а ние говори за решенија и за проекти. Тие говорат за воздух, ветер и магла, а ние зборуваме за програма со конкретни рокови и со план за реализација, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг кој Коалицијата го одржува во Берово.

-Тие покажуваат дека немаат стратегија за економија, ние кажуваме дека ја имаме новата ера со која Македонија ќе оди напред. Тие создаваат клима за бркање на инвеститорите и затворање на фабрики, ние работиме и говориме за нови работни места. Тие говорат за зголемување на даноци ние за намалување. Тие само зборуваат, но ние делуваме и создаваме, вели Груевски.

Тој рече дека се обидуваат да го засилат помрачувањето кое силно се чувствува во Македонија, но дека ВМРО-ДПМНЕ ја носи светлината која и треба на нашата земја.

-Време е. 15 е одговорот на помрачувањето. На 15-ти пуштете ја светлината. Светлината ќе ја донесете вие народот на Македонија. Во ваши раце е одлуката, ќе одберете светлина која и е потреба на нашата земја. Која ќе ја донесат земјоделците кои се обесправени, работниците чии плати се намалуваат, невработените чии шанси за работа постојано се намалуваат, докторите кои се уште не ги добија покачените плати, градежниците чија работа се уништува, просветните работници чии часови ќе ги кратат. Одлуката се носи на 15 октомври. Потребно е помрачувањето кое го донесоа да се победи, нагласи Груевски.

Тој посочи дека нема економски податок кој е добар за Македонија од 1 јули па наваму.

– Сиромаштија која расте, а граѓаните ја губат сигурноста. Афери кои се случуваат на дневна основа. Тендери кои си ги делат на луѓето од власта. Колата тргна надоле. Ова допира и влијае на сите граѓани. Ова се однесува на судбината на секој од вас. Се работи за нашата држава, посочи Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека уште неколку дена остануваат до изборите на 15-октомври и ги потсети граѓаните дека нивната одлука е многу важна за идната на државата, за тоа каква држава ќе имаме и во кој правец ќе се движи истата.