Груевски: Сè додека постоиме, ќе работиме за подобра сегашност и иднина, за подобро утре и напредок

Неколку дена не делат до гласање и до големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. Ова не се само обични локални избори, вашата одлука овој пат е многу важна. Не е само уште една обична одлука, ова е одлука за тоа каква иднина ќе градиме за вас, вашите деца, заедничката држава. Ние ја добиваме нашата моќ и сила од Македонија и народот, силата произлегува од нашата љубов кон нашиот народ и нашата земја, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг одржан во Велес.

-Нашата задача се создавање дела, нудење на решенија наместо празни зборови. Затоа создаваме и никогаш не се откажува затоа што патот мора да се изоди, идејата мора да се живее. Секој чекор направен остава трага, се додека постоиме ќе работиме за подобра сегашност и иднина, за подобро утре и за напредок. Нашите срца чукаат заедно со срцата на илјадници граѓани кои знаат дека може подобро и поинаку. Не се гази нешто што е со труд создадено. Не се негира нешто што е со жртва добиено, не се урива тоа што е со мака изградено. Работевме напорно за заслужена награда и субвенции за земјоделците за нивниот труд, младите да добија подобро образование со намалена партиципација, за пензионерите да живеат поспокојни и посреќни пензионерски денови и да имаат повисоки пензии. Работевме напорно за поквалитетно и подостапно здравство, работевме напорно луѓето да добијат работа, секојдневно се боревме за посилна економија, повисок стандард и подобар живот за сите во Македонија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека она што се случи во последните пет месеци во Македонија, како што рече, е вистинско помрачување кое длабоко навлегува во секој сегмент.

-Имаме преполовени капитални инвестиции. Индустрија која оди надоле, градежништво кое тоне. Странски инвеститори кои размислуваат да си заминат, а нови не доаѓаат. Извоз кој опаѓа, девизни резерви кои секој ден се повеќе се топат, само во последните ќетири месеци се намалени за 180 милиони евра. Просечни плати кои наместо да растат, како што ветуваа, се намалуваат. Пензии чие зголемување е укинато, субвенции за земјоделци за кои не само што не се зголемија за 10 отсто како што ветуваа, туку постизбори им најавија дека од догодина ако придосот е помал на земјоделецот и субвенциите ќе ги изгубат. Трошоци за живот и цени на производи кои секојдневно растат.Сиромаштија која расте, а граѓаните ја губат сигурноста. Афери кои се случуваат на дневна основа. Тендери кои си ги делат на луѓето од власта. Ветуваа евтина струја, а никаде ја нема, лицемерие, вели Груевски.

Тој ги повика граѓаните да се ослободат од помрачувањето и да ја пуштат светлината во Македонија на 15-ти октомври.

-Со сечиј живот доаѓа време на темнина, но и време на носење одлуки, одлуки со заедништво, храброст и љубов. Со љубов да се победи помрачувањето во сечиј живот. Доаѓа време кога внатрешната светлина се буди, светлина која ја има во секој од нас и која секогаш го победувала мракот. И овој пат ќе го победи. 15-ти е моментот кога треба да почне светлината. Тие повикуваат дека 15-ти е крајот. Јас ќе им порачам дека 15 октомври е почетокот на новата ера, на новиот напредок на доаѓањето на светлината во Македонија, нагласи Груевски.