Груевски: Станавме држава каде полицијата наместо да ги апси криминалците, таа ги штити

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска во друштво со кандидатот на партијата за градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војлески беше на средба со граѓаните од оваа општина. Груевски кажа дека тој е човек кој добро го познаваат, човек кој покажал како со многу ограничени средства може да се направат многу проекти.

-Тој е проверена работа, проверен избор, избор кој што нема да ве изневери. Потребно е во недела да се излезе масовно и на обидот да втеруваат страв да им се одговори со вмровски пркос. Ние не сме се исплашиле од многу поголеми противници низ историјата гледано, а најмалку од овие неранимајковци и неспособни луѓе, изјави Груевски.

Тој ги повика граѓаните да не потпаѓаат под заканите, уцените и поткупот, да им порачаат дека не можат да си играат со народот.

-Како поминува времето секој ден гледаме како се случува терор, притисоци, закани, полициски хајки. Имаме корумпирани и криминални избори, станавме држава во која што полицијата наместо да го апси криминалот, таа го штити криминалот. Наместо да го применува законот, тие први го кршат, изјави Груевски.

Тој кажа дека тука не мисли на целата полицијата, туку на дел кои што се ставени во партиски сервис на СДСМ. Тој праша која заштита ја имаат граѓаните, кога полицијата е прва која што заплашува.

-Помина еден месец откако беа искршени штабовите на неколку места, нема никаква одговорност, нема пронајдени сторители, ниту пак има некои што се осомничени. Поминаа 30-тина дена откако кандидат за градоначалник беше застанат од полицијата, му беше вперено оружје и беше малтретиран, нема никакава одговорност нема ниту дисциплинска постапка. Пред половина месец имаше скршен череп на градоначалник и кандидат за градоначалник од нашата коалиција и сторителите поминаа само со прекршочна пријава. Како да тоа е обичен настан, обична кавга, а не обид за убиство, изјави Груевски.

Тој кажа дека и за лицата кои се сликаа со оружје нема никаква одговорност, а нив ги виде целата јавност. Груевски кажа дека дошло време луѓето да се фалат со криминал.

-Нашите кандидати за градоначалници пријавуваат во полиција поткупи и следење.  Ги следат нашите градоначалници, не следат и нас од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Не само што ни ги следат телефоните, имаме и физичко следење, кое што секојдневно го забележува, а имаме и информации за тоа, изјави Груевски.

Тој кажа дека нема никаква реакција од полицијата, дека само убедуваат дека се било фер и демократски, но напомена дека за тоа никој не им верува.

-Ќе дојде време да се врати правдата, нашата борба за Македонија ќе ја врати правдата. Ние имаме заробена држава, тие зборуваа во минатото за заробена држава, но зборуваа напразно, сега Македонија стана заробена држава. Заробена држава во која дел од полицијата го штити криминалот, криминалците се на сцена и главни по улиците, а народот не чувствува заштита, изјави Груевски, напоменувајќи дека се враќаат сликите од 90-тите кога криминалците беа главни по улиците.

Тој кажа дека и новинарите под контрола на СДСМ, пишуваат дека власта бара поткуп, а Груевски најави дека со криминалци на власт тек доаѓа времето на криминалот. Груевски кажа дека Заев не може да зборува чесност, напомена дека не може да се заборави како делеше тендери на свои луѓе во Струмица, како бранеше виткање на кичмата, како бараше едно евро за Вицето, едно за црвката.

-Треба да знаат дека оваа држава му припаѓа на овој народ и покрај богатите спонзори кои сега ги поддржуваат, нема пари кои може да го купат достоинството на народот во Македонија, изјави Груевски, надополнувајќи дека тие нема да дозволат  да биде скршен народот и кажа дека се ќе им се врати како бумеранг.

Тој кажа дека крајната цел на овие како што вели африкански држава е да се сузбие секој слободоумен македонци, да се создаде перцепција дека сакањето на државата е демоде. Тој напомена дека сега криминалците се на слобода, а патриотите во затвор. Тој најави дека партијата ќе им даде поддршка на лицата обвинети за 27 април, велејќи дека настанот бил намерно предизвикан.

-Економијата назадува, тоне, оди надолу, индустриското производство се намалува, извозот се намалува, девизните резерви се намалуваат. Македонија е сериозно економски разнишана, секоја недела имаме се пониска и пониска прогноза за економскиот раст, изјави Груевски.

Тој напомена дека просечната плата паѓа, пензиите не растат, заборавени се платите за докторите и многу други работи, но дека не заборавија да го потпишат штетниот договор со Бугарија. Груевски побара да има референдум за договорот со Бугарија, пред да го гласа парламентот.

-Целта на сето ова што ни се случува е промена на името и идентитетот на државата, тоа е главната цел. И затоа иако поразени на парлемантарните избори во декември, со помош од надвор ни ја залепија и направија таа марионетска Влада, затоа сеа со сила и даваат да го прават тоа што го прават, изјави Груевски.