Полициската потера траела 45 минути: Десет мигранти пронајдени во возило близу Струмица

Десет мигранти се пронајдени во возило и три во непосредна близина. Откако полицијата дала сигнал на возилото да застане, возачот со зголемена брзина упатил по регионалниот пат кон Струмица.

Вчера од 20 часот од страна на патрола од униформирани полициски службеници од Полицската станица за гранично преминување и граничен надзор “Богородица“ и униформирани полициски службеници од Република Хрватска на автопатот Гевгелија – Скопје во близина на бензинската пумпа од правец кон с.Удово биле забележани две сомнителни патнички моторни возила, „Опел Вектра“ со штипски регистарски ознаки и „Форд Мондео“ со гевгелиски регистарски ознаки.

Патролата им дала светлосен и звучен знак на возилата да застанат, но истите со зголемена брзина се упатиле по регионалниот пат кон Струмица. На раскрсницата кај с.Раборци го промениле правецот на движење по што се упатиле кон с.Попчево.

Во 20:45 часот на шумскиот пат во близина на браната во с.Водоча, возачот на Форд Мондео излегол од возилото додека истото било во движење и се качил во Опелот, кој бил во близина, и со голема брзина се упатиле кон с. Водоча-Струмица. При претресот на возилото Форд Мондео пронајдени се 10 мигранти и уште тројца мигранти кои биле во непосредната околина. Тие се однесени во Полициската станица за граничен надзор и граничен премин Богородица за понатамошна постапка.