Продолжен рокот за доделување на средства за отворање нови работни места

Со цел да се обезбеди поголем опфат на компаниите кои изразија интерес за учество во проектот за поддршка на микро и мали претпријатија, рокот за заинтересираните работодавачи се продолжува до 30-ти септември годинава. Претпријатијата кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис, со отворање на нови работни места, треба да се пријават во работните клубови на Центрите за вработување на АВРМ.

Програмата за поддршка се однесува на микро и мали претпријатија регистрирани најмалку 1 година сметано до денот на објавување на јавниот повик, кои на денот на пријавувањето не се во стечајна постапка и ликвидација, кои ги имаат измирено сите обврски по основа на даноци и придонеси, кои имаат остварено добивка во 2014 година и кои не го намалиле бројот на вработените лица 6 (шест) месеци пред и за време на јавниот оглас, со исклучок на природен одлив (смрт или пензионирање).

-Како резултат на барањата на бизнис заедницата и со цел да опфатиме што поголем број на компании коишто изразија идеја да се вклучат во рамките на овој проект, одлучивме да го продолжиме рокот за поднесување на апликации до 30 септември оваа година. Процедурата е навистина едноставна. Се поднесува барање до Агенцијата за вработување со едноставен план за развој на компанијата, каде што во кратки црти се предвидува на кој начин компанијата планира да го зголеми својот обем, односно да ги инкорпорира овие вработени кои ги побарува. Агенцијата потоа тоа во еден ефикасен временски период би го разгледала и по добивањето на позитивен одговор од страна на Агенцијата, компанијата само ги доставува економско правните акти, документите и фактурите за опремата и репроматеријалите коишто ги има набавено, за потоа веднаш да бидат исплатени средствата по основ на вработувањето на новите кадри. Преку овој проект државата планира да финансира околу 200 вработувања, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Финансиската поддршка по едно ново отворено работно место (најмногу до 5 ново отворени работни места по фирма) опфаќа исплата на неповратни средства за набавка на опрема и/или материјали во висина од 92.000 денари (за секое ново отворено работно место), со обврска работодавачот, ново вработените лица да ги задржи во работен однос со полно работно време, најмалку 1 година од денот на вработувањето.

Од програмата ќе бидат изземени микро и мали претпријатија регистрирани во дејност земјоделство. Истовремено, корисниците на оваа програма ќе бидат изземени од користење на можностите, што ги уредува Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност во однос на членот 98.

Заинтересираните работодавачи пријави можат да поднесат најдоцна до 30.09.2015 година во работните клубови на 30-те центри за вработување во РМ. Детални информации можат да се добијат во работните клубови на 30-те центри за вработување на Агенцијата за вработување на РМ, контакт центарот 02-3298-297 и веб страната www.avrm.gov.mk.