УЗУНОВ ПРИЗНА ДЕКА ЗАЕВ ЛАЖЕ: Нема ништо за фалење, растот на БДП ќе биде меѓу 0 и 1%

Бруто домашниот производ на Македонија за 2017-та ќе биде под 1 %, изјави советникот во владата Узунов во емисијата КликПлус.

Тој потенцираше дека не смета дека Македонија ќе влезе во рецесија, но истакна дека нема да има никакво позитивно придвижување на економијата.

-Јас не мислам дека Македонија ќе влезе во рецесија со тоа што нема да влезе ни во никаква експанзија, истакна Узунов.

Експертите сметаат дека македонската економија во третиот квартал ќе бележи рецесија, рецесијата следи после три негативни квартали во кои економијата не бележи никаков раст. Во првиот квартал македонската економија имаше 0% раст на БДП, -1,8% во вториот квартал, додека експертите сметаат дека најверојатно во третиот квартал ќе има негативни вредности за кој што уште нема податоци бидејќи доцни извештајот од Државниот завод за статистика.

Во емисијата КликПлус Узунов потенцираше дека растот на БДП ќе изнесува под 1% односно околу 0,8 или 0,9%. Овие бројки се поразителни ако се земе фактот дека владата на Зоран Заев ветуваше раст на економијата и на стандардот на граѓаните со ветување и на плати од 30.000 денари.

Узунов уверуваше дека Македонија нема да влезе во рецесија, но дека ова сигурно не претставува посакувано економско сценарио.

-Растот ќе биде под 1 % меѓу 0 и 1 најверојатно 0,8 или 0,9%. Тоа формално не е рецесија меѓутоа не е ништо за фалење, изјави Узунов.

Ова е уште еден доказ дека владата на СДСМ е неспособна за менаџирање на економијата. Економијата не била во полоша состојба и бележи катастрофални економски индикатори кои ги чувствуваат граѓаните на Република Македонија. Не се покачи стандардот, но затоа се покачија трошоците за живот за граѓаните, давачките и даноците. Ако македонската економија бележи негативни вредности на БДП и во третиот квартал Македонија ќе биде официјално влезена во рецесија. Експертите стравуваат дека со сегашните мерки и вака скроениот буџет од страна на владата не е возможно постигнување на проектираниот БДП раст од 3,2 % за 2018 година, анализира порталот Економски.мк.

 

Анализа на Холгер Хајмс: Македонија е перспективна земја за инвестирање

Бруто-домашниот производ на Македонија, во времето на Владата на поранешниот премиер Никола Груевски, почна да бележи стабилен раст секоја година и сега се истакнува како една од најголемите стапки на раст во Европа од 4 проценти годишно, се вели во анализата на економскиот советник Холгер Хајмс во колумна објавена во „Ханделсблат глобал“ (Handelsblatt Global).

Помалите земји се помалку ранливи на нестабилноста што се појави по Брегзит и по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Благодарение на реформите и на постојаниот раст, Македонија e перспективна земја за инвестирање.

Во својот осврт за состојбите со економиите во западните земји по изгласувањето на референдумот за отцепување на Велика Британија од Европската Унија, како и по неочекуваниот избор на Трамп за претседател на Соединетите Држави, аналитичарот Хајмс нагласува дека помалите економии ќе останат стабилни.

Како пример за успешност и истрајување во целата таа светска економска турбуленција, аналитичарот ја издвојува Македонија, при што ги наведува повеќето параметри кои ја истакнуваат нашата земја како репрезентативен случај за економски раст и развој.

Ова е целосната анализата на Холгер Хајмс:

handelsblat-1

Естаблишментот на западните економии беше силно погоден по Брегзит и по неочекуваната, но успешна кандидатура на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави. Наместо да играат улога на меѓународни стабилизатори на пазарот, првата (САД) и петтата (Велика Британија) по големина светска економија вбризгаа шокантни бранови од страв на меѓународните трговски пазари, кога се случи неочекуваното. Фунтата драстично падна по референдумот. Американските пазари покажаа големи загуби, а потоа драматични добивки, со тоа што инвеститорите предвидоа голема непредвидливост во политичките чекори на новоформираната администрација на Доналд Трамп.

Големите економии доживуваат големи бранувања. Но, одредени помали пазари може да ги избегнат овие несигурни бранувања кои ги ослабуваат водечките глобални инвестициски центри. Во период на економска несигурност погледнете ги помалите економии кои нудат можности за инвестирање изолирани од надворешни превирања.

Македонија доживеа економски раст

Да погледнеме во Југоисточна Европа, во Македонија, мала балканска земја без излез на море, каде што се гледа микс од источната и западната култура. Земјата помина низ значителни економски реформи по стекнувањето на независноста во 1991 година. Како дел од републиките од социјалистичка Југославија, Македонија доживеа бавен, но стабилен економски раст од средината на деведесеттите.

Таа беше најсиромашна од републиките во времето на нејзината независност, но откако странска помош помогна да се ублажи првобитната нестабилност на пазарот, бруто-домашниот производ на Македонија, во времето на Владата на поранешниот премиер Никола Груевски, почна да бележи стабилен раст секоја година и сега се истакнува како една од најголемите стапки на раст во Европа од 4 проценти годишно.

Ekonomski-rast

Во последните неколку години македонската Влада е фокусирана на зголемување на странските инвестиции во земјата, како и за развој на програми за создавање поволна клима за раст на бизнисот. Македонија може да се пофали со пропорционален данок од 10 проценти од добивката и приходите, што е една од најниските стапки во светот, и нула проценти данок на реинвестирана добивка.

Земјата има добиено признанија за нејзината економска стабилност. Светската банка ја рангира Македонија меѓу првите 10 во светот за водење бизнис. Македонија исто така нуди стабилна работна сила со изобилство на квалификувани работници со еднаква конкурентна вредност. Образовната програма е насочена кон развој на бизнисот, со голем број средни училишта кои се фокусирани на различни занаети.

Образовните стандарди во техничките високообразовни институции во Македонија се слични со оние од западните земји. Покрај тоа, Владата ги поддржува инвеститорите кои црпат работна сила промовирајќи стручни училишта. Како резултат на тоа, стапката на невработеност се намали, достигнувајќи рекордно ниско ниво од 24 отсто во вториот квартал од 2016 година.

doing-business-2017

Земјата доби пофалби за нејзината стабилност. Во октомври оваа година Светската банка го објави својот годишен извештај „Дуинг бизнис“, рангирајќи ја Македонија помеѓу првите 10 во светот за водење бизнис. Извештајот се потпира на 10 фактори при правењето на пресметките: започнување бизнис, добивање градежни дозволи, добивање електрична енергија, регистрирање имот, добивање кредит, заштита на помалите инвеститори, плаќање даноци, прекугранична трговија, спроведување на договорите и решавање на несолвентноста.

Извештајот на Светската банка доаѓа откако ИБМ и КПМГ објавија слични извештаи препорачувајќи ја Македонија како зрела земја за инвестирање.

Можеби е најважно, за разлика од постарите и поголеми соседи, Македонија останува значително незасегната од прашањата што ги потресоа меѓународните пазари, што е докажано од неодамнешното влијание на Брегзит.

Рејтинг-агенциите ги потценуваат најголемите светски економии, економските аналитичари предвидуваат тежок Брегзит кој може да има последователни ефекти на глобалната економија, додека економската политика на Доналд Трамп останува несигурна.

Во следната година и Германија и Франција, четвртата и шестата по големина економија во светот, ќе имаат национални избори кои вклучуваат т.н. антиестаблишмент кандидати кои се способни да го променат воспоставениот политички поредок што беше случај во САД и Британија оваа година. Драматични или неочекувани промени во секоја од земјите ќе влијаат не само на локалните економии туку и на низа глобални инвестиции.

Кај глобалните водечки пазари за инвестирање поризично е да се инвестира во време на глобални политички немири. Но, потпирајќи се на економија во развој, каква што е економијата во Македонија, со квалификувана работна сила и деловни концесии, може да се обезбедат алтернативни, стабилни можности за инвестирање.

Зошто е тоа важно

handelsblat-2

Економиите во развој, како што е Македонија, со квалификувана работна сила и стабилна стапка на економски раст, се ветувачки можности за инвеститорите, образложува авторот.

Факти

Македонија ќе одржи парламентарни избори на 11 декември 2016 година. БДП на Македонија е во пораст од 4 отсто годишно.
Стапката на невработеност во Македонија достигна рекордно ниско ниво од 24 проценти во 2016 година.

Европска есенска економска прогноза: Политичката криза и поплавите го намалија растот на БДП за годинава

Политичката криза и поплавите влијаеја за македонската економија да има намален раст на Бруто-домашниот производ (БДП) за оваа година и наместо предвидените 3,7 проценти, ќе изнесува 2,1 отсто, објави Европската комисија во најновата есенска економска прогноза за земјите-членки и земјите-кандидати за членство во Европската унија.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ЕУ со ова и официјално потврди дека политичката криза имала силно влијание врз македонскиот буџет, иако, според Еврокомисијата, истиот се очекува да доживее солиден раст во текот на идните години од 3,2 проценти во 2017 година.

Со наслов „Раст на инвестициите се очекува по изборите во декември“, Европската комисија го најавува есенското економско предвидување за Република Македонија. Притоа, во воведот се наведува дека среде продолжена политичка криза, економијата во земјата се ширела со побавно темпо во првата половина на 2016 година. Исто така, се вели дека „растот на производството е проектиран да се зголеми врз основа на растот на инвестициите во 2017 година, како и на робустната потрошувачка на домаќинствата, под услов политичката криза да заврши. Ова се предвидува да биде поддржано од страна на продолжениот фискален стимул, па ЕК додава дека „плановите на Владата за фискална консолидација се повеќе и повеќе таинствени, со оглед на недостатокот на утврдени мерки и повторливите фискална излети“.

Во прогнозата, Еврокомисијата посочува дека „политичката несигурност го зема својот данок на раст во Македонија“, па се наведува дека по растот до 3,7 проценти (на годишно ниво) во 2015 година, извршен со помош на силната приватна и јавна потрошувачка и извозот, растот на БДП забавил значително во првата половина на 2016 година (2,1 отсто годишно), главно на сметка на слабите потрошувачки инвестиции и забавувањето на растот на личната потрошувачка, како одраз на долготрајната политичка криза.

ЕК прогнозира дека сериозното намалување на невработеноста во Македонија ќе дојде до рекордно ниски 22 проценти во 2018 година и дека паралелно со истото ќе расте и вработеноста, што значи дека оваа проекција на официјален Брисел не предвидува иселување на македонските граѓани и на тој начин намалување на стапката на невработени, туку преку реални вработувања. Годинава, пак, невработеноста според ЕК изнесувала 24,4 отсто. Единствено проблематична е најавата за зголемување на јавниот долг, кој годинава изнесувал 40,5 проценти, а во наредните две години, ЕК прогнозира дека ќе нарасне до 43 отсто. Сепак, тоа е далеку од проектираните и зацртани минимум 60 проценти јавен долг на ниво на Европа.

– Додека пазарот на работна сила стана уште подобар и реалните нето-плати, поддржани од долготрајната дефлација, продолжија да остваруваат солидна добивка, приход што се оствари имаше негативно влијание на ниските приватни трансфери од странство. Растот на кредитите на приватниот сектор забави значително во текот на летото, на годишно ниво, среде важно повлекување на депозитите во кеш депозит, предизвикано од политичката криза, се вели во прогнозата за Македонија.

Понатаму во прогнозата на Еврокомисијата за есен 2016 година за Македонија, се вели дека „очекуваното на оддалечување од кризата ја враќа довербата“, па гледајќи напред, под претпоставка дека политичкиот ќор-сокак ќе биде надминат по изборите закажани за декември 2016 година, дека постепено се враќаат инвестициите од страна на приватни домашни и странски компании, како и дека има големи предвидувања и за 2017 и 2018 година.

Овие очекувања, според Еврокомисијата се поддржани од силните показатели на висока фреквенција за третиот квартал, како што е индустриското производство, увоз на капитални стоки и производство, па и градежната активност. Исто така, се очекува потрошувачката на домаќинствата да расте стабилно, но со побавно темпо, со добивки во вработување и нето-плати. Приватните трансфери остануваат само малку над нивото од 2015 година, а апетитот на Владата за ад-хок зголемување на трансферите и субвенции да се намали.

– Скромниот пораст на притисок врз цените во 2017 година, со поддршка од зацврстувањето на цените на нафтата и зголемувањето на цените за увоз, придонесува за ваквиот развој. И покрај силно проектираниот раст на извозот, особено од нови и проширени производствени капацитети од страна на странските компании, странскиот биланс не е веројатно да оствари позитивен придонес кон економскиот раст во 2016 година, со оглед на брзото зголемување на увозот, кој се однесува на инвестициите и извозното производство. Во 2017 и 2018 година, придонесот е веројатно да биде позитивен, но мал – се наведува во извештајот.

Европската комисија, во продолжение на есенската економска прогноза за Македонија, наведува и дека надворешните слабости останале содржани и се зголемиле малку во првата половина на 2016 година, додека дефицитот на тековната сметка се зголемил како одговор на влошувањето на трговскиот биланс на стоки и падот на приливот од приватните трансфери. Некои потенцијални странски директни инвеститори, според ЕК, се двоумеле поради политичката несигурност, па приливот од овие инвестиции во текот на годината до јули бил 1,3 процент од планираниот БДП за целата година, што е помалку од една година порано и значително под нивниот долгорочен просек.

Одржувањето на приход од одлив на инвестиции го оптоварил примарниот биланс на успех, можеби, според Еврокомисијата како одраз на последните измени на оданочување на задржаната добивка. Движејќи се напред, дефицитот на тековната сметка е веројатно да остане скромен и да се прошири само малку во 2016 година, на сметка на силниот раст на увозот во однос на инвестициите и производството од страна на странските директни инвестиции, како и малку да оствари раст на приватните трансфери.

– Со зголемениот суфицит кај услугите и подобрување на трговскиот биланс на стоки се очекува во 2017 година и 2018 година, врз основа на зголемувањето на производните капацитети од страна на странски компании, како и очекувано заздравување на побарувачката од големите трговски партнер-економии, надворешниот дефицит веројатно повторно да се намали. Овие проекции се предмет на негативни ризици во случај да се задржи политичката криза. Негативни ефекти на доверба ќе ја ограничуваат личната потрошувачка, засилено со пад на примањата кои произлегуваат од намалените приливи на приватните трансфери. Инвестициите во приватниот сектор ќе останат слаби, а во случај на приливи на девизи од директни и портфолио инвестиции модерирани, додека надворешните пропусти ќе се зголемат, прогнозира ЕК за Македонија.

Неформалната Влада на Европската унија посочува и дека создавањето на работни места ќе продолжи во Македонија, но со помала брзина. Според прогнозата, ситуацијата на пазарот на работна сила веројатно ќе се подобрува уште повеќе, но со побавно темпо, додека добивката од вработувањата се предвидува да се забавува, против позадината на некои забавувања спонзорирани од владините програми за вработување по завршувањето на изборите. Веројатното натамошно намалување на вкупната стапка на невработеност од околу 3,9 проценти во блиска иднина, според есенската економска прогноза на Европската комисија доаѓа врз база на агрегатниот пораст на вработеноста од пет отсто, додека вкупната работна сила се предвидува да се намали.

Еврокомисијата предупредува дека постојаните фискални излети спречиле консолидација и тежат врз долгот на Република Македонија. Па, така, во есенската прогноза се нотира дека македонската Влада прибегнала два пати кон донесување на ребаланс на буџетот за оваа година, поттикнати од пониските проекции за раст за 2016 година, како и со одлуката за обезбедување на 35 милиони евра помош за жртвите од поплавите. Како резултат на тоа, по првичната цел за 2016 година, дефицитот беше зголемен за 0,8 проценти поени до четири проценти на БДП.

– Сепак, како што некои дополнителни трошоци се пренесуваат на 2017 година, дефицитот за оваа година може да остане под целта. Владата планира да го намали буџетскиот дефицит на 2,2 отсто до 2019 година, но ова се чини нереално во отсуство на конкретни мерки за консолидација. Со тоа што основното салдо ќе остане покачено, стабилизирањето на долгот во блиска иднина е малку веројатно да се случи, па наместо тоа, растот на трошоците на Владата за капиталните проекти, стоки и услуги и социјалните трансфери, вклучувајќи го и дополнителното просечно зголемување на пензиите од пет проценти, закажано за декември, најверојатно ќе продолжи да обезбедуваат стимул за економијата во блиска иднина, се наведува на крајот од есенската економска прогноза на ЕК за Република Македонија.

Инаку, според оваа прогноза на Европската комисија, Грција е единствената држава во Европа што и годинава ќе биде во рецесија (-3% на БДП), додека најголем раст ќе имаат Ирска (+4,9% на БДП), Романија (+4,2%) и Малта (+4,1%). Во однос на невработеноста, Грција продолжува да биде рекордер во Европа со 24,7 проценти невработени од работоспособните лица во оваа држава за оваа година, додека најмала стапка на невработеност имаат Германија (4,6%) и Велика Британија (5,0%).

Миноски: Успешното управување со јавните финансии останува приоритет

Успешното управување со јавните финансии останува приоритет и во 2016 година, што подразбира дисциплинирана буџетска потрошувачка, редовно исплаќање на обврските и поддршка на макроекономската стабилност, рече денеска министерот за финансии Кирил Миноски, образложувајќи го ребалансот на Буџетот пред пратениците.

Според него, политичката и економската состојба во земјата и остварените макроекономски параметри во првата половина од годината соодветно се одразуваат и врз остварувањата на Буџетот. Согласно очекувањата за овој период, расходите се извршуваат редовно и навремено.

Осврнувајќи се на макроекономските движења во 2016 година, Миноски рече дека во првото тримесечје БДП забележа реален раст од два отсто како резултат на растот на извозот и потрошувачката. Извозот на стоки и услуги се зголеми за 14,7 проценти на реална основа, придвижен од растот на извозот на компаниите во слободните економски зони, а увозот забележа скоро двојно понизок раст со што нето-извозот има позитивен придонес кон растот на БДП.

Потрошувачката забележа реален раст од 3,6 отсто, како резултат на растот на приватната и на јавната потрошувачка.

– Во првото тримесечје од 2016 година индустриското производство забележа раст од 10,7 отсто, бројот на вработени порасна за 2,5 проценти во однос на истиот период лани, а просечната нето-плата во периодот јануари-април 2016 година забележа раст од 2,8 отсто на номинална основа, односно раст од три отсто на реална основа споредено со истиот период 2015 година, истакна министерот.

Растот на вработеноста, додаде, е придружен со пад на бројот на невработени, така што стапката на невработеност во првото тримесечје од 2016 година се намали на 24,5 отсто, односно за 2,8 процентни поени споредено со истото тримесечје претходната година.

На почетокот на второто тримесечје од 2016 година се зголемија ризиците во однос на предвидениот раст на економската активност како последица на пролонгирањето на домашната политичка криза кое се очекува, оцени Миноски, да се одрази неповолно врз довербата на економските субјекти и да се рефлектира преку зголемена воздржаност од инвестиции и потрошувачка.

– Согласно ваквите очекувања за идното движење на домашната побарувачка, како и првичните резултати за економскиот раст во првото тримесечје, проекцијата за растот на економската активност во 2016 година е ревидирана на 2,3 отсто. Стапката на инфлација во периодот јануари-мај 2016 година изнесува -0,3 проценти. Имајќи ја предвид досегашната динамика на инфлацијата, како и очекуваните движења на светските цени на примарните производи, проекцијата за стапката на инфлација во 2016 година е ревидирана на 0,6 отсто, нагласи министерот.

Салдото на тековната сметка на платниот биланс во првото тримесечје од 2016 година е во благ суфицит, за разлика од истиот период лани кога тековната сметка беше во дефицит. Според Миноски, поволните движења во тековната сметка се резултат на намалениот дефицит на размената со стоки, зголемениот суфицит на сметката на услуги и зголемениот прилив на трансфери од странство.

Министерот се осврна и на странските директни инвестиции чиј приливво првите три месеци од 2016 година, како што рече, изнесува 58,7 милиони евра што е на приближно исто ниво како лани.

– Бруто девизните резерви на крајот на мај 2016 година изнесуваат 2.164 милиони евра и остануваат на адекватно ниво за водење на монетарната политика, додаде Миноски.

Во периодот јануари – мај 2016 се реализирани и 68.754 милиони денари вкупни приходи што претставува зголемување од 4,3 отсто во однос на истиот период лани, даночните приходи и социјалните придонеси изнесуваат 61.098 милиони денари или 88,9 отсто од вкупните изворни приходи.

– Во услови на задржување ниски, непроменети даночни стапки и неизвесна политичка состојба, даночните приходи се реализираа за 6,4 отсто повеќе во однос на истиот период лани, односно се остварија на ниво од 41.273 милиони денари. Во структурата на наплатените даночни приходи доминанираат приходите по основ на данокот на додадена вредност со учество од 48 отсто, подвлече Миноски.

Приходите од социјални придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско, здравствено осигурување и вработување во анализираниот период се остварија во износ од 19.825 милиони денари, што претставува зголемување од 5,7 отсто во однос на истиот период претходната година. По основ на пензиско осигурување се реализирани 13.330 милиони денари, додека по основ на здравствено осигурување се наплатени 5.649 милиони денари.

– Реализацијата на приходите во изминатиот период од годината е на задоволително ниво и покрај присуство на високи ризици како последица на актуелните состојби во земјата. Во првите пет месеци од 2016 година неданочните приходи изнесуваат 5.180 милиони денари, при што доминантни се неданочните приходи на буџетските корисници на сопствените сметки кои се остварија на ниво од 2.647 милиони денари и административни такси реализирани во износ од 744 милиони денари. Капиталните приходи изнесуваат 779 милиони денари и истите се наплатени од продажба на градежно земјиште и општествени станови, рече министерот.

Буџетските корисници реализираа 1.697 милиони денари по основ на донации од меѓународна мултилатерална и билатерална соработка.

Вкупните расходи на Буџетот за јануари – мај се реализираа во износ од 75.071 милиони денари, при што тековните расходи изнесуваа 69.810 милиони денари. Во овој период се исплатени 10.670 милиони денари за плати и надоместоци за вработените во институциите кои се буџетски корисници. Расходите за стоки и услуги се реализираа во износ од 6.423 милиони денари со што се обезбеди непречено подмирување на обврските на буџетските корисници.

Најголемо учество во структурата на тековните расходи имаат трансферите, за кои во овој период се исплатија 50.918 милиони денари.

– Редовно се сервисираа обврските на државата по основ на исполнување на правата за загарантирана социјална заштита на населението за чија намена се реализираа 3.054 милиони денари. Најголем дел од овие средства се парични надоместоци за социјална и постојана помош, надоместоци по основ на детски и родителски додаток, како и други надоместоци за ранливите категории на граѓани. За редовна исплата на пензиите се наменија 19.915 милиони денари, а за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност се наменија 420 милиони денари преку Агенцијата за вработување, додека за финансирање на здравствените услуги и надоместоци се исплатија 10.548 милиони денари, нагласи Миноски.

Од Буџетот на Република Македонија кон општините се трансферираа 6.260 милиони денари како блок дотации за финансирање на пренесените надлежности, за финансирање на материјалните трошоци во локалните јавни установи. Исто така, се трансферираа и 825 милиони денари од приходот остварен од данок на додадена вредност.

– Во овој период континуирано и навремено се исплаќаа субвенциите во областа на земјоделството, со цел подобрување на квалитетот и конкурентноста на овој сектор. За редовно сервисирање на обврските по основ на камати беа одвоени средства во износ од 1.799 милиони денари согласно амортизационите планови за домашно и надворешно задолжување. Од овој износ 853 милиони денари беа наменети за исплата на камати по надворешно задолжување, рече Миноски.

Капиталните расходи во период јануари-мај се реализираа во износ од 5.261 милиони денари. Во овој период од годината, посочи, послабата реализација на капиталните расходи главно се должи на законските ограничувања кои постојат во предизборни периоди.

– Во рамки на реализираните средства навремено се исплаќаа доспеаните обврски за сите инфраструктурни проекти, како доизградбата на автопатот-Коридор 10, инвестиции во реконструкција и доизградба на железничката инфраструктура, проекти за подобрување на инфраструктурата во образованието, здравството, комуналната инфраструктура, преку изградба на училишта, спортски сали, игралишта, водоводи и канализации, како и реконструкција на здравствени објекти. Во овој период остварен е дефицит на Буџетот на РМ во висина од 6.317 милиони денари или 1,07 отсто од БДП. Реализираните приливи во Буџетот овозможија редовна отплата на главницата за преземените обврски по кредити во износ од 2.989 милиони денари, потенцира министерот.

Марјанчо Николов од СДСМ рече дека е против ребалансот на Буџетот и побара негово повлекување зашто ги опфаќа, како што образложи, и средствата од еврообврзницата чие издавање е незаконско.

Со ребалансот, укажа Николов, воедно се кратат парите за капиталните проекти за 46 милиони евра, а се зголемува дефицитот за 36 милиони евра.

– За ребалансот денеска не треба да се расправа и тој треба да биде повлечен зашто, меѓу другото, во него е впишана и еврообврзницата за чие издавање законската процедура не е испочитувана, истакна Николов.

На ваквото тврдење реагираше и Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи му на Николов дека ако неговата партија воопшто имала чувство и срам, немала да присуствува на седницата за Буџетот зашто сите негативни последици по македонската економија, како што посочи, се заслуга на СДСМ.

ЕК: Македонија во „Топ 5“ земји со најголем раст во Европа

Република Македонија ќе има 3,5 проценти раст на Бруто-домашниот производ (БДП) за оваа и следната година со што ќе биде меѓу „Топ 5“ земјите во Европа со најголем економски раст за периодот, се наведува во најновата пролетна економска прогноза што денеска ја издаде Европската комисија.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, единствено Ирска со 4,9 проценти раст на БДП, Романија (+4,2%), Малта (+4,1%) и Полска (+4,2%) се земјите што според прогнозата на неформалната Влада на Европската унија се очекува годинава да имаат поголем економски раст од Македонија. Грција, пак, ќе биде единствена европска држава што годинава ќе остане во рецесија со негативен раст од 0,3 проценти на БДП, а на ниво на ЕУ истиот изнесува 1,8 отсто. Сепак, Еврокомисијата во однос на македонската економија предупредува дека „инвестициските можности се, сепак, предмет на значаен ризик што произлегува од одложената примена на јавните инфраструктурни проекти и од продолжувањето на политичката несигурност“.

Исто така, се предвидува продолжување на намалувањето на невработеноста во Македонија која годинава се очекува да падне на 24,7 проценти, а догодина да изнесува 23,5 проценти, што е за повеќе од десет отстотно намалување на невработеноста во однос на состојбата од пред десет години кога таа во Македониај изнесувала 33,8 проценти.

Во однос на невработеноста, македонската држава ќе има идентичен просек со Грција (24,7%), а за 0,1 отсто и да го надмине јужниот сосед во 2016 година. Со овој просек, Грција останува единствена ЕУ-земја со најголем процент на невработени лица, а по неа следува Шпанија со 20 отсто, додека Чешка со 4,5 отсто невработени е земја со највисок просек на вработеност. На ниво на ЕУ, просекот на невработеност е околу девет проценти.

Во однос на јавниот долг, ЕК прогнозира дека ќе продолжи да расте во Македонија. Тој изнесувал 37,9 отсто на БДП минатата година, годинава се очекува да нарасне на 39,6 проценти, додека во 2017 година се очекува да дојде до 40,6 отсто на БДП, што е далеку од поставенито лимит од 60 проценти на БДП од страна на Европската унија. На ниво на земји-членки на Унијата, Естонија има најмал јавен долг од 9,6 отсто (годинава), додека негативни рекордери се Грција (182,8% на БДП), Италија (132,7%) и Португалија (126%), додека на ниво на цела Еворпска унија, јавниот долг се очекува годинава да изнесува 86,5 отсто на БДП.

– Растот во Европа се одржува и покрај се потешката глобална околина. Има се повеќе знаци дека политиките за обезбедување на повеќе работни места и поддршка на инвестициите двааат разултати. Сепак, ние мораме уште многу да направиме за да ја допреме нееднаквоста, истакна еврокомесарот за економски и финансиски прашања Пјер Московиси.

Со наслов: „Се зголемува ризикот од раст на домашната побарувачка“, ЕК наведува дека „економската експанзија во Македонија го забрза темпото во 2015 година, со поддршка од страна на домашната потрошувачка, извозот и значителниот јавен стимул“. Според ЕК, „фискалната дисциплина повторно разочара, иако македонската Влада успеа значително да го намали дефицитот“. Неформалната Влада на ЕУ посочува дека „изгледите остануваат оптимистички, со тоа што домашната побарувачка станува единствен двигател на растот во иднина, но негативните ризици се зголемија“.

Еврокомисијата наведува дека растот на БДП во Македонија се зголемувал на подобро балансирана основа. Според прогнозата, понесен од солидното зголемување на потрошувачката на домаќинствата, растот на трошоците на Владата и позитивниот придонес на нето-извозот, растот на производството во Македонија се зголемил на околу 3,7 проценти од БДП во 2015 година, откако го имаше истиот раст и во 2014 година. А, индустриското производство, севкупно производство, според ЕК, разочарало, градежниот сектор продолжил со својата робусна изведба, поддржан од страна на побарувачката од агендата за јавни работи на Владата. Сепак, комисијата наведува дека акумулираниот капитал останал рамен во Македонија.  Европската комисија посочува дека „домашната побарувачка, како единствен двигател на растот, во иднина во Македонија може да биде предмет на ризик од значајно намалување“. ЕК очекува експанзијата да продолжи со побавно темпо и во потесна база.
– Домашната побарувачка е веројатно да биде единствен извор на раст, со тоа што приватната потрошувачка обезбедува најголем придонес во двете години, како и придобивките од позитивните трендови на платите и вработеноста, бенигната цена на животната средина и понатамошното зголемување на социјалните трансфери и пензиите. Сепак, личната потрошувачка би можело да биде погодена од забавување на растот на кредитите на населението, како одговор на прудентните мерки на Централната банка за спречување на зголемување на потрошувачките кредити. Освен тоа, растот на реалните нето-плати, кои се зголемуваат 20 месеци по ред беа малку стеснати неодамна, додека номиналните плати се зголемуваа побавно, наведува Еврокомисијата за македонската економија.

Според официјален Брисел, динамиката на платите може да ослабне уште повеќе на сметка на проектираниот пораст на инфлацијата. Исто така, приватните инвестициски трошоци се очекува да да се водат од зајакнување на довербата на инвеститорите, како и „на намалувањето на политичката криза“. Инвестициските расходи на Владата, пак, ЕК наведува дека „е веројатно да се зголемат малку како удел во БДП-то во 2016 година“, но и тие да останат на тоа ниво во 2017 година.

– Инвестициските можности се, сепак, предмет на значаен ризик што произлегува од одложената примена на јавните инфраструктурни проекти и од продолжувањето на политичката несигурност – предупредува Европската комисија.

Во продолжението на пролетната економска прогноза на неформалната Влада на ЕУ за Македонија, се предупредува дека „обновениот пораст на увозот е веројатно да го претвори нето-извозот во препрека за раст“. Имено, Комисијата наведува дека краткорочните надворешни слабости останале содржани во 2015 година и дека поради тешката надворешна средина, нето-извозот позитивно придонел за раст на македонскиот Бруто-домашен производ (БДП).

Трговскиот биланс на Македонија, според ЕК, се подобрувал на сметка на побавниот раст на увозот и поддржан од пониските цени на нафтата и силниот раст на извозот. Сепак, дефицитот на тековната сметка се зголемил, а примарното салдо се влошило, но, според Комисијата, на на ниво од 1,4 отсто од БДП и истиот останал умерен.

– Надворешната рамнотежа се предвидува да се влошува со негативен придонес на нето-извозот во растот во наредните години. Посилен раст на извозот е веројатно да биде компензиран од порастот на увозот, како и голем дел од инпутите за производство од страна на странските компании, кои сочинуваат две третини од извозот на економијата, како и од јавните инфраструктурни работи што доаѓаат од странство. И покрај натамошното зголемување на суфицитот на услуги, дефицитот на тековната сметка ќе се прошири, а трговскиот биланс на стоки се влошува и приливите од трансфер се намалија, се додава во прогнозата на ЕК за Македонија.

Во продолжението на прогнозата, Брисел наведува дека „растот на вработеноста во Македонија продолжува, а инфлацијата е поставена да остане ниска“. Притоа, се образложува дека растот на вработеноста забрзал во 2015 година во Македонија со отворање нови работни места што претставува зголемување од 2,3 проценти на годишно ниво. Голем дел од овој раст, според Комисијата, се одвива во производствениот сектор на странските директни инвестиции, а како резултат на владините програми за субвенции за вработување.

– Растот на вработеноста најверојатно ќе продолжи со солидни стапки, со просек од 2,1 отсто во текот на наредните години, но со мало подобрување на структурата на новите работни места. И покрај понатамошното намалување на работната сила, стапката на невработеност ќе продолжи да се намалува, децидна е ЕК во економската прогноза за Македонија.

Брисел прогнозира и дека потрошувачките цени повторно ќе се намалат кон крајот на годината во Македонија, но и во иднина, со привремен пораст во текот на летото. Годишната дефлација во 2015 година изнесувала 0,3 проценти, исто како и во 2014 година, а главно на сметка на намалувањето на енергетските интензивни услуги за транспорт, како и на цените на храната (41 отсто од индексот). Исто така, цената на животната средина се очекува да остане бенигна, додека умерен притисок може да се јави од очекуваното зголемување на цената на нафтата и другите увезени стоки, како и на цените на храната, без да се очекува понатамошно зајакнување на притисоци врз домашната побарувачка.

Во оваа многу позитивна економска прогноза на Европската комисија за Република Македонија, единствено се предупредува дека „фискалната консолидација останува предизвик“. Притоа се наведува дека извршувањето на буџетот „се лизнал“ повторно во 2015 година, со тоа што општиот владин дефицит се зголемил во текот на летото за 0,3 проценти. Ова се случило и покрај означените перформанси на приходите во текот на првата половина на годината, за сметка на порастот на наплатата на данокот на добивка, откако владата ги намалила исклучоците.Фискалниот исход за 2015 година изнесувал 3,5 проценти на проектираниот БДП, што ја надминало првичната цел за 0,2 отсто, но било пониско за 0,7 проценти во споредба со реализацијата во 2014 година.

– Јавните финансии, најверојатно, ќе продолжат да го поддржуваат економскиот раст, со планираниот пораст на јавните инвестиции и правото за потрошувачка. Тоа ќе ги задржи целите на дефицитот за 2016 и 2017 година, предвидувајќи пад до 2,9 отсто, но не се наведени конкретни мерки за консолидација. Односот на државниот долг остана стабилен во 2015 година, управуван од отплата на заемот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и издавањето на еврообврзница. Одржлива стабилизација останува предизвик, како отстапување од фискалниот пат или разочарувачки раст на БДП-то, што може значително да ја попречи траекторијата на долгот, заклучува ЕК во економската прогноза за Македонија.

Двојно зголемување на македонскиот БДП од 2005 година наваму

Последните податоци од Статистика покажуваат дека владината проекција за раст на БДП од 3,5 отсто годинава ќе се оствари, со што Македонија во споредба со 28 земји од ЕУ би остварила втор најдобар раст на економијата, пишува Економски.мк.

Македонскиот БДП е речиси удвоен за девет години. Ако во 2005 година бруто домашниот производ изнесувал 308,4 милијарди денари во 2014 година изнесува 525,6 милијарди денари.

БДП-то по жител како основен индикатор за степенот на развој на економијата е зголемен од 3.072 долари во 2005 на 5.477 долари во 2014, или пораст за цели 78,3%.

Највисока стапка на раст на БДП на годишно ниво е забележана во 2007 година од 6,5%, пишува порталот.

BDP-2003-2014Вчера Државниот завод за статистика ги објави резултатите за бруто домашниот производ за третиот квартал кои покажуваа раст од 3,5 отсто, или во просек за сите три квартала 3,4 отсто раст на БДП што оди во прилог дека владината проекција за раст на БДП од 3,5 отсто годинава ќе се оствари. Со тоа Македонија во споредба со 28 земји од ЕУ би остварила втор најдобар раст на економијата.

BDP-2003-2014-1Статистиката покажува дека растот се должи најмногу на растот во градежништвото, но и на растот во услужните дејности и индустријата. Економските аналитичари коментираат дека во растот на бруто-домашниот производ голем удел имаат бруто инвестициите кои од 20 отсто од БДП во 2006 се зголемиле на 30 отсто од БДП во 2014, или за цели 10 процентни поени. Во бруто инвестициите спаѓаат капиталните инвестиции во јавниот сектор, како автопатиштата, училиштата, болниците, но и инвестициите во приватниот сектор, како фабриките кои ги отвараат странските инвеститори во Технолошко индустриските зони.

Според експертите намалувањето на невработеноста е директно поврзано со економскиот раст.

– Невработеноста е негативно поврзана со БДП, економскиот раст кој македонската економија го остварува последниве неколку години нормално значи и намалување на самата невработеност. Странските инвестиции претставуваат голема категорија преку која се зголемува БДП. Самото зголемување на БДП, пак, значи зголемување на вработеноста или пад на нејзината негативна манифестација, односно невработеноста, вели универзитетскиот професор Љупчо Давчев.

Инаку, според последните бројки на Државната статистика, невработеноста во Македонија е најниско историско ниво, проследена со отварање на нови 150.000 работни места.

Македонија ги враќа стапките на раст од пред кризата

Македонија полека се враќа на преткризните стапки на економски раст. Домашното стопанство закрепнува од кризата, индустриското производство 17 месеци по ред е во позитива, невработеноста се намалува, а се подобруваат деловниот амбиент и странската побарувачка, пишува Лидер.
rast-ekonomija.jpg-500

2014-та ја завршивме со економски раст од 3,8 проценти, а за годинава, и Централната банка и Владата очекуваат растот на БДП да достигне 4 или нешто над 4 проценти. Ова е сосема реална проекција – вели универзитетскиот професор Сашо Кожухаров,  иако потсетува дека креаторите на економските политики  и лани одеа со попретпазливи прогнози, кои потоа беа натфрлени.

-Тој раст веќе овозможува натамошно акцелерирачко или мултипликаторно делување во рамките на антицикличната монетарна политика. Ние сме лидери во антицикличната монетарна политика, споредено со земјите кои се уште не се членки на ЕУ. Сепак, проекција е едно нешто. Ако се сеќавате, ние и лани имавме пониски проекции, повнимателни проекции, а ревандикациите во делот на реализацијата овозможија натамошни развојни концепции, изјави Сашо Кожухаров, универзитетски професор

Главни двигатели на економскиот раст се очекува повторно да бидат странските инвестиции и капиталните проекти. Државата е влезена во сериозен инвестициски циклус, кој опфаќа изградба на три автопати, магистрални, регионални и локални патни правци, изградба на железницата и на гасоводниот систем, вложувања во образованието и во здравството, а во реализацијата на овие проекти се ангажирани голем број домашни фирми и домашни работници.

-Јас внимателно ја следам реализацијата на проектите. Тие немаат за цел едноставно да се делат пари во социјала, здравство, образование, армија и слично, туку овозможуваат долгорочно развојно ниво, кое ќе овозможи задоволување на потребите и на пониските социјални нивоа, изјави Сашо Кожухаров, универзитетски професор.

Паралелно, годинава се очекува со работа да почнат повеќе странски компании, во и надвор од слободните економски зони, во нови или во постоечки производствени капацитети. Странските инвестиции во комбинација со активните мерки и домашниот приватен сектор се очекува да генерираат нови работни места, а со тоа да продолжи и трендот на намалување на невработеноста.

-Големо влијание за намалување на невработеноста имаат работните места коишто се отвораат во новите капацитети од странските компании, како и во домашните фирми. Мене навистина ме радува што во Штип се отвори еден огромен капацитет, во кооперација со странска компанија која веќе инвестирала во Македонија. Тоа е нов модел, бидејќи не се работи ниту за greenfield, ниту за brownfield, ниту за joint – venture. Ова е еден нов модел. Морам да напоменам дека странските инвеститори се ослободени од дел од данокот на профит, но не се ослободени од даноците и придонеси по основ на исплатени плати на невработените. Ценам дека ова често се занемарува во јавноста, изјави Сашо Кожухаров, универзитетски професор.

Намалување на невработеноста и раст на економијата на Македонија прогнозираат сите релевантни меѓународни финансиски институции. ММФ оди со проекција за раст од 3,6 проценти, а Светската банка, ЕБОР и ЕК ни прогнозираат раст на БДП од 3,5 проценти.

Економијата ќе продолжи да расте

Растот на бруто домашниот производ од 3,8% во 2014-та, кој воедно е и еден од највисоките во Европа, е охрабрувачки сигнал за стопанството, сметаат експертите. Економијата бележи стабилен и континуиран раст, индустријата стои цврсто на здрави нозе. Невработеноста се намалува, пишува Лидер.

rast-ekonomija.jpg-500

За економските аналитичари, минатогодишниот раст на економијата практично е резултат на зголемениот број странски инвестиции, но истовремено и вложувања на домашните компании, зголемувањето на извозот, како и растот на личната потрошувачка. Континуиран раст на економијата, познавачите очекуваат и годинава.

„Годинава ќе има засилено темпо на странските инвестиции. Беа најавена над 25 компании  кои ќе инвестираат,  потоа засилено искористување на планираните капитални инвестиции од централниот буџет, кои водат кон засилена градежна активност која што е локомотива на економијата“, смета професорот Томе Неновски.

„Проекциите за годинава се дека ќе имаме поголем раст на бруто- домашниот производ во 2015-та од минатогодишниот. Очекуваме економски раст од 4 проценти. Тоа би било доста успешно“, прогнозира извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Индустријата и капиталните инвестиции- локомотива на економијата

Според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година бруто инвестициите пораснале за 13,5%. Извозот достигна раст од 17%, додека увозот пораснал 14,5%. Меѓу секторите кои бележат најголем раст се преработувачката индустрија, со 10%, градежништвото со раст од 6,1%, како и финансискиот сектор со раст од 4,7%.

Во континуитет 16 месеци имаме раст на индустриското производство. Тоа е дополнителен сигнал дека во иднина токму компаниите од индустријата ќе придонесат за дополнително поттикнување на растот на економијата, како и на вработеноста во Македонија, сметаат експертите.

-Со оглед на тоа што се најавуваат нови фабрики да влезат во земјава, нови капитални инвестиции, инфраструктурни проекти, изградба на коридори, железницата, се очекува и понатамошен раст, како и отворање на нови работни места, смета бизнисменот Сеад Кочан.

Според податоците на Статистика, стапката на невработеност минатата година се спушти на историски најниското ниво од 27,6%. Според прогнозите на владата, за три години невработеноста се очекува да се намали на 22%.

Надлежните очекуваат позитивниот тренд за раст на економијата да продолжи и во идниот период, паралелно со растот на инвестициската активност. Од друга страна, пак, економистите очекуваат релоцирање на капиталот, особено странскиот, и тоа во помалите општини, со цел да се постигне рамномерен економски развој.