Функционер на СДСМ од Прилеп прегазил жена: МВР заташкува тешка сообраќајка и ја притискаат жртвата да молчи

Прилепчанец испратил потресно сведоштво за сообраќајна незгода која се случила минатата недела, во која според него учествувал и локален функционер на СДСМ. Ова е дописот испратен до Инфомакс, пренесен во целост:

– Да се обратам до вас со писмо одлучив затоа што последниве неколку дена имам немир во себе. Немир предизвикан од немила случка на која јас и неколкумина мои сограѓани бевме сведоци. А, немирот кој го чувствувам беше разгорен со тоа што слушав, читав за убиството на младиот фудбалер Мартин.
Сега да се навратам и на целта на ова писмо. На 30.10.2017 бев сведок на сообраќајка во која кола која возеше со прилично голема брзина удри жена која со нејзината пријателка си разговараше на тротоар на уличка во близина на Поликлиниката „Алтеа“ во Прилеп. Одкако удри во жената, шоферот не застана. Со чкрипење со гумите замина кога неколку комшии и поминувачи почнаа да викаат: Застанете го! Заради тоа што излезе на улица на која имаше многу раздвижени возила шоферот мораше да застане и излезе. Шоферот всушност беше шефот на кабинет (барем како што се зборува низ прилепската чаршија) на новиот градоначалник на Прилеп, Илија Јованоски, М. Т. Инаку М. Т. е познат новинар, а во последно време и борец за човекови права. Учесник во шарената револуција. Новинар во Цивил и порталот Сакам да кажам. Ама најново, вдомена како и сите шарени во локалната самоуправа Прилеп.

– Но, тоа не е ни битно. Од кога ја видов оваа сообраќајка редовно секој ден го проверувам билтенот на МВР. Ни трага, ни глас од оваа случка. А во сите овие денови жената која е удрена со колата лежела во Прилепската болница. Од тоа што се слуша од вработените во болницата, повредената жена е редовно посетувана од М.Т., од градоначалникот и од неколку вработени во болницата во која до вчера беше директор токму Јованоски. Она што посебно иритира е што се кажува дека овие посетители вршат притисок на повредената да не презема никакви мерки против возачот кој ја удри. На повредената наводно и се изгубени снимките и неколку дена не може никој да ги најде и не и даваат никакви документи.

П.С. Не само што возеше со голема брзина, ами и колата не и била регистрирана.
П.С. До кога луѓето кои се блиски до функционерите ќе се однесуваат насилнички и до кога за нив нема да важат закони како и за останатите граѓани на оваа држава? А уште повеќе иритира што ваквите луѓе немаат ништо човечно во себе. Доказ за тоа беше фотографијата која ја видов по порталите на која се гледаат виновниците пресреќни, во славење.

Се надевам ќе го објавите ова мое писмо.
Разочаран Прилепчанец

За истиот случај преку својот Фејсбук профил реагираше и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антониот Милошоски кој исто така вели дека жената била под притисок да молчи…

СДСМ со закани по советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба: Ако не гласате за СДС крв ќе падне и молотови коктели

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека притисоците, заканите, уцените и дивеењето на СДС кое беше присутно пред изборите и за време на изборите продолжува.

-И во вакви едни услови ВМРО-ДПМНЕ со своите коалиционите партнери за време на изборите ја доби мнозинската поддршка од граѓаните на Гази Баба на советничката листа освојувајќи мнозинство на советници, изјави Тони Бојковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој кажа дека алармантноста на силеџиството од страна на структури блиски до СДС ги принудува јавно да го соопштаат она што се случувало во текот на вчерашниот ден при конституирањето на советот.

-Имено вршен е непосреден и дрзок притисок на советници, имајќи го во предвид тесното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да го поддржат СДС за да може да формираат мнозинство во Советот спротивно на изразената волја на граѓаните дадена на избори. Имено додека траеше конститутивната седница посетен е домот на советник на ВМРО-ДПМНЕ од непознати лица при што на родителите им било испратена директна закана, цитирам: „Ако гласа за СДС да го добие Советот ќе добие убаво работно место и ќе биде богато награден. Во спротивно, ако не гласа за СДС крв ќе падне и молотови коктели“, изјави Бојковски.

Бојковски кажа дека е фрапантно, до таму стигнаа, наместо проекти и дела, СДС сака да владее со молотови коктели и страв.

-Крајно недемократски и одлика на една заробена држава. Истиов случај е пријавен во полиција и ги повикуваме институциите да го расветлат во најбрз можен рок, во спротивно ќе сметаме дека тие стануваат заштитници на силеџиството. Вчера советниците не подлегнаа на заканите и ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалиционите партнери го формираше мнозинството на советот. И ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата ќе работи во интерес на граѓаните на Гази Баба и ќе биде остар критичар на сите непопуларни мерки и коректив на работата на градоначалник од СДС, Борче Георгиевски, изјави Бојковски.

Тој кажа дека граѓаните не се плашат. Порака до СДС, со закани и уцени не се владее. Кој се обидел со страв да владее брзо бил поразен од народ.

УЧК со смртни закани до претседателот на МПЗ „Ќосето“ Горан Ангелов, МВР не превзема ништо!

По ултиматумот кој терористичката група од Косово УЧК го испрати како одговор на пресудите во случајот „Диво Насеље“, терористите со закани и кон поединци, поточно граѓански активисти и поранешни припадници на специјалните единици на безбедносните сили во Р.Македонија.

Една таква порака е и онаа објавена на социјалните мрежи, каде се гледа терористичка група, а во текстот објавен со фотографијата стои заканувачка порака до претседателот на МПЗ „Андон Лазов Јанев – Ќосето“ Горан Ангелов, кој во текот на 2001-та беше дел од безбедносните единици.

Пораката испратена до Ангелов гласи „…ова е специјално Горан Ангелов за тебе од овие на сликата, има уште живи и за брзо ќе се видите…“

Во меѓувреме полицијата не реагира, иако ваквите закани упатени од терористичка група кон граѓани би требало да биде процесуирана по службена одговорност. Немаше никаква истрага ниту по објавувањето на ултиматумот, а објаснувањето од МВР беше дека тоа било „документ кој бил многу пати копиран“.

Во краток разговор со претседателот на МПЗ „Андон Лазов Јанев – Ќосето“ Горан Ангелов, единствено нешто што имаше да порача е дека нема да чека од полицијата да го заштитува, бидејќи истата со непостапувањето ги поддржува терористите. Напротив, спремен е самиот да ја превземе одговорноста за сопствената безбедност.

ВМРО-ДПМНЕ: Заев потврди дека постои директна спрега помеѓу СДСМ и ЈО кое се користи за механизам за дисциплинирање, закана и уцена

Сакаме да алармираме за да остане забележано. Со изјавата на Зоран Заев дека обвинителството наводно водело истрага за криминал на двајца членови од владата, Заев потврдува дека постои директна спрега помеѓу СДСМ и јавното обвинителство кое се користи за механизам за дисциплинирање, закана и уцена, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Имено, постапките во обвинителствата се тајни и во ниту еден случај премиерот не би требало нити би можело да знае што работат обвинителите кои се посебен државен орган, но со оваа изјава на премиерот се потврдува дека Заев во суштина е нарачател на работата на обвинителите, факт кој е скандалозен и тотално незаконски. Сега е јасно дека Заев освен што е инсталиран премиер, е и шеф и на државното и на специјалното обвинителство, со што се врши директно загрозување на функционирањето на правниот систем , и од тука не е воопшто чудно што на срамен начин се организираа, легитимираа и легализираа најкриминалните избори кои се случија во изминатиот месец, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и се додава:

„Сето ова е театар во кој Заев аболиран за криминалот во Глобал од 8.5 милиони евра, човек против кој се одолговлекува судски случај за барање на мито од 200 илјади евра, и кој во Струмица на своите фирми, и фирмите на своите братучеди и блиски им делеше милионски тендери, сака да се престави како лажен борец за правда. Бидејќи веќе и јавно не се крие спрегата помеѓу обвинителство и СДСМ, го повикуваме Заев јавно да ги објави осомничените криминалци од неговата влада“.

ВМРО-ДПМНЕ: Полицијата и надлежните институции останаа неми на експлицитни видео и фото материјали од кои се гледа целиот криминал извршен од СДС

Изминативе локални избори беа најнедемократските и најнерегуларните избори во историјата на независна Македонија. Изборите во целост поминаа во знакот на уцените и поткупот на гласачи во скоро сите општини во државата, а граѓаните беа предмет на закани од страна на полициски службеници пред сопствените домови, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Медиумите, но и граѓаните на социјалните мрежи објавија безброј докази за насилството од страна на партиските активисти на СДС, кои во придружба на полицијата им се закануваа на граѓаните да не излегуваат да гласаат. Полицијата наместо да ги штити граѓаните во текот на вчерашниот ден ги напаѓаше и физички им се закануваше. Снимката од Бутел, каде полициски службеник му се заканува на граѓанин да не се осмелува да излезе од својот двор, видеото со поткуп на граѓани во Штип, аудио снимката од Зоре Темелковски како се вели дека ќе избрка 1100 луѓе од работа за само еден ден доколку не излезат да гласаат се доказ како функционираше СДС и какви избори имаше Република Македонија, се вели во реакцијат аод ВМРО-ДПМНЕ и се додава:

„Злоупотребата на полицијата во Кавадарци, Могила, Новаци и Македонска Каменица, но и поткупот на гласачи на ден на избори во Визбегово од страна на партиски шеф на СДС во Бутел се еклатантен пример за нефер избори и бришење на границата помеѓу државата и партијата. Полицијата и надлежните институции останаа неми на ваквите експлицитни видео и фото материјали од кои се гледа целиот криминал извршен од СДС, а со помош на државните органи, кои се под целосна контрола на власта. Институциите се узурпирани. Демократијата е уништена. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ излезе со 7 барања кои ќе ја вратат демократијата во државата и ќе влијаат на враќање на слободата кај граѓаните“.

Груевски: СДСМ спроведе класични корумпирани и криминални избори со притисоци, закани и полициски хајки

Гледаме што ни се случува и што прават, не можат со работа да го победат ВМРО-ДПМНЕ, па се обидуваат со криминали. Не можат со проекти, со визија, со идеи да бидат избори, па се обидуваат со притисоци, со закани со се што не е дозволено, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашната средба со жителите на Могила.

-Како поминува времето секој ден гледаме како се случува насекаде на Македонија терор за изборите. Разни притисоци, закани, полициски хајки. Имаме класични корумпирани и криминални избори. Станавме држава во која полицијата наместо да апси криминалци, таа го штити криминалот. Наместо да го применува законот, тие го кршат законот. Која заштита ја имаат граѓаните, кога баш тие кои треба да штитат се првите кои ги заплашуваат и притискаат. Помина еден месец откако без искршени штабовите на ВМРО на повеќе места, нема никаква одговорност, нема пронајдени сторители, туку има осомничени. Поминаа триесетина дена откако кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Кавадарци беше застанат од полиција и му беше вперено оружје и беше малтретиран. Нема никаква одговорност, ниту дисциплинска постапка. Веќе еден час повторно вечерва го држат во полициска станица. Тоа е СДСМ и нивното спроведување избори. Ова се најнедемократските избори во Република Македонија. пред половина месец имаше скршен череп на градоначалник од нашата коалиција и сторителите поминаа само со прекршочна пријава, како да е тоа обичен настан, обична кавга, а не обид за убиство. Пред две недели од СДСМ се сликаа со пиштоли, со огнено оружје пред нивниот штаб се фалеа чиј пиштол е поголем, помина време, нема ниту откриени сторители, ниту осомничени, истакна Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека дошло време во кое СДСМ се фали со криминал.

-Следат многу наши кандидат за градоначалници, нема реакции. На крај ќе испаднеме и виновни што бараме почитување на правото и правната држава. Гледаме дека и нивните коалициони партнери самите кажуваат дека ова се нерегуларни избори, дека има многу поткуп, многу застрашувања и уцени. Се е толку видливо што тие не можат да го скријат. Кого убедуваат дека се е фер и демократски, кога никој не им верува. За некое време кога ќе прелее чашата на толеранција, нема да знаат оние кои сега се силат, на кај да фатат. Народот трпи собира, ама народот кога ќе реши да казнува тоа ќе биде лошо за овие луѓе кои сега летаат во облаци. Ќе дојде време за да се врати правдата, нашата борба за Македонија ќе ја врати правдата. Ние сега имаме заробена држава во која дел од полицијата го штити криминалот, криминалците се на сцена и главни по улиците, а народот не чувствува заштита. Се враќаат сликите од ’90 кога криминалците се враќаат по улиците. Веќе и нивните нејверни новинарите пишуваат дека лица од СДСМ одат и малтретираат фирми и граѓани и бараат пари со порака „Или пари или ќотек ќе добиеш“, потенцираше Груевски.

Груевски: СДСМ спроведе избори со поткуп и закани, горди се дека ќе ги зголемат даноците

Имате кандидат кој е проверена работа, човек кој што знае да работи, човек кој што сака да работи, човек кој се докажа, човек кој го градеше своето работно искуство и во Скопје, во рамки на министерството за образование, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во Македонска Каменица.

-Дарко во последниве години направи многу проекти за кои вие сте свесни. Тој ја исполни програмата целосно 100 %, а и многу повеќе од тоа. Каменица доби одличен градоначалник, нема простор да се размислува за нешто друго, нема простор за експерименти. Имате човек кој знае да работи и многу ја сака оваа општина, кој ги сака овие луѓе. Тој се покажа во минатиот период. Со негова соработка се издејствува концесиите од рудникот да доаѓаат во буџетот на општината и со тие пари да се инвестира за поквалитетен живот тука за вас. Навистина, било кој експеримент ќе биде лош затоа што имате таков солиден градоначалник што било каква друга одлука ќе биде голема грешка и непоправлива понатаму, им порача Груевски на граѓаните на Македонска Каменица барајќи ја од нив поддршката за кандидатот за градоначалник Дарко Митевски.

Груевски посочи дека актуелната власт изминатиов период втерува страв, покажува агресија, ја злоупотребува полицијата.

-Со тоа беше одбележан првиот круг од изборите на кој многу граѓани беа заплашени и имаше многу поткуп. Тоа беше една димна завеса за да не се види реалната слика во која живее народот. Погледнете како овие 5 месеци додека се на власт повеќе нема проекти, не се зборува за економски достигнувања или за некои нови инвестиции. Нема веќе нови спортски сали, нема нови училишта, нема фабрики, нема водоводи, нема нови канализациски мрежи. За пензионерите кои ги измамија и за нови проекти во земјоделието и да не зборувам. Не само што нема, туку и почнаа да кратат субвенции најавувајќи дека од следната година тој што има помали приноси нема да добие субвенции. Го укинаа покачувањето на пензиите. Не само што нема нови проекти туку нема ни во најава проекти. Немаат нов проект, а ги кочат тие што ние почнавме да ги градиме. Покажаа дека се неработници. Згора на се без срам, се фалат дека ќе ги зголемеле даноците. Јас знам  едно време и ние се фалевме дека ќе ги намалиме и ги намаливме даноците, ама да се фали Владата дека ќе зголеми даноци тоа не можам да го разберам. Денес слушнав изјава на потпретседателот на Владата, Анѓушев, вели дека „зголемувањето на даноците нема да биде на штета ниту на граѓаните ниту на компаниите, дури и од корист ќе им било“. Јас такво нешто не сум чул можеби човекот да конкурира за некоја Нобелова награда, некоја нова теорија е ова. Во светот паѓаат влади која ќе најават зголемување на даноци и кога ќе ги зголемат. Во Македонија, Владата се гордее дека ќе ги зголеми даноците. Дека ќе плаќате персонален данок повеќе што значи дека од вашата бруто плата ќе оди повеќе за државата, а помалку за вас. Дека можеби и ДДВ ќе се зголемува што значи дека цените ќе се зголемат, дека данокот на добивка може да се зголеми, тоа значи фирмите во кои работите профитот кој ќе го направат ќе им се намали и наместо да ви ги зголемат платите тие пари ќе ги дадат на државата. И со тоа се гордеат, посочува Груевски.

Тој потенцира дека откако СДСМ е на власт нормалното станува ненормално, а ненормалното-нормално.

-Видовме како спороведуваат избори. Нема да зборам само за пукнатиот череп на градоначалникот на Шуто Оризари, за убиениот носител на советничка листа, за искршените штабови, за измислените кривични пријави против градоначалниците. Ќе ви пренесам едно искуство од она што се случува сега на терен. Илчо Захариев од Штип ми вели „Се борам против цела Влада и цела полиција. Ме следат и првиот ден после првиот круг ми упадна финансиска полиција“. Го следат секој ден со цивилни коли, им влегуваат по домовите кои тој ќе ги посети. И методот е ист, ако не успее поткуп, следува закана или уцена. Тони Трајковски од Гази Баба ми вели „Со денови еден ист човек дели пари во Јурумлери и околните населени места. Среде бел ден и мака си нема. Пријавив во полиција, нема реакција. Ги информираме набљудувачките мисии, но тие се неми“. Во Новаци им се заканувале дека ќе ги избркаат од РЕК Битола, а во скопски Бутел полицијата, активистите на СДСМ и криминалното подземје се едно исто исповрзани и во најголемо партнерство. Тоа е слика во скоро секоја општина каде има избори во вториот круг. Така беше и во првиот круг, порача Груевски.

Освен за политичката ситуација, Груевски пред граѓаните на Македонска Каменица говореше и за проектите од новата програма со која ја бараат довербата.

Во 2006 година кога дојдовме на власт во Македонска Каменица работеа околу 800 луѓе, а заклучно со 2016 година вработеноста во Каменица изнесувала 1.800 вработени и ова е зголемување на вработеноста за 120 проценти, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Македонска Каменица.

-Вака се работи, а не да се продава ветер и магла и живот, треба да се обезбеди работа, квалитетен живот плата како и услови за живеење и развој за семејството. По победата на овие избори за учениците од прво до петто одделение ќе се обезбеди бесплатен здрав оброк кој ќе го финансира општината, а на тој начин родителите ќе добијат растеретување на нивните буџети. Општината и градоначалникот Дарко Митевски ќе обезбедат можности за стекнување на граѓаните со сопствен дом за оние кои што го немаат по симболична цена за само едно евро за квадрат, а ќе се укинуваат и трошоците и комуналиите за градење на куќи. Освен тоа ќе се отпишуваат и долговите за социјално ранливите категории заклучно со септември 2017. Нудиме концепт во кој ќе нема неосветлена и неасфалтирана улица и каде ќе има парк во секое маало, а ќе се изградат нови и ќе се реконструираат постоечките улици, потенцираше Груевски.

Тој додава и дека ќе се изгради и пречистителна станица на Каменичка река, а ќе се изградат и нови водоснабдителни системи во  руралните средини, а ќе се реновира и училиштето „Свети Кирил и Методиј“ и ќе се отвори нова детска градинка.

Јовановски: СДС продолжува со притисоци, закани и поткуп, креирајќи тензична атмосфера и пред вториот круг од локалните избори (ВИДЕО)

СДС продолжува со притисоци, со закани, поткуп, креирајќи тензична атмосфера и пред вториот круг од локалните избори. Нема категорија на граѓани кои не се мета на криминогените структури кои партиски одработуваат за СДС, истакна Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Активисти на ВМРО-ДПМНЕ се константно следени. Во Росоман веќе подолг период десетина наши активисти се следени и се под закана. Истите тоа го пријавиле во полиција, која не реагира. МВР молчи и не реагира. МВР се става во служба на СДС. Злоупотреби на полицијата има во Штип и во Виница, каде припадници на полицијата влегувале по домовите на граѓаните во ромското маало и барале истите да се легитимираат. Сите ние видовме и слушнавме од потресното сведоштво на брачен пар од Демир Капија објавено во медиумите, како активисти на СДС, во друштво со криминалци, како што велат жрвите се заканувале со убиство, само затоа што во нивниот дом дошол кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, рече Јовановски и додаде:

„Случаи во кои активисти на СДС нудат пари и го поткупуваат населенито регистрирани се во Штип, во Гази Баба, во Бутел и во Прилеп. Граѓаните се охрабруваат и почнуваат да говорат за беззаконието на СДС и за нивните насилници и нема да дозволат некој да им го креира нивното мислење за кого треба да гласаат со закани, уцени или пак со поткуп. СДС ја залоупотребува државната и јавната администрација, каде вработените се под перманентен притисок од страна на директорите поставени од СДС. Такви случаи имаме во Новаци, во Кавадарци, Пробиштип, Македонска Каменица и во Штип“.

Притисокот, додаде тој, не може да трае вечно.

-Еден ден сите кои ја реализирале оваа криминална агенда има да одговараат. Граѓаните не смее да бидат стиснати од јаремот на уцените. Граѓаните ќе го казнат СДС за уништувањето на демократијата и на  слободата во Република Македонија. Граѓаните исто така нема да дозволат да носат одлуки под притисок, за кои ќе се каат утре. ВМРО-ДПМНЕ застанува на страната на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ застанува на страната на демократијата, на слободата, правдата и законот. Република Македонија е демократска држава и секој обид за поткопување на правната држава и кршење на законите ќе заврши со кривично санкционирање на секој еден кој се осмелил да и наштети на државата и граѓаните. Во тоа нека бидат сигурни и СДС и нивните послушници на терен, кои заслепени од моменталната власт која е минлива мислат дека законот за нив не важи. Сите тие заедно треба да знаат дека одговорност ќе има и мора да има.

Груевски: Главната алатка на СДСМ не е да ги чујат потребите на граѓаните, туку да ги заплашат со полицијата

Овие денови сме сведоци на една специјална психолошка војна. Втеруваа страв на сите страни, заплашувања, притисоци, закани за бркања од работа, а во исто време демонстрираат надменост и арогантност. Главната работа како Влада им е, не да привлекуваат инвестиции и инвеститори кои што ќе отвораат нови работни места, туку како да направат штета, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Греувски денеска од Градско.

-Главната алатка на СДСМ не е да ги чујат потребите на граѓаните, туку да ги заплашат со полицијата. Станавме држава во која наместо полицијата да апси криминалци, таа го штити криминалот. Но, забораваат, можеби сега се во облаците, но колку повисоко летаат, падот ќе им биде поболен, колку повеќе се закануваат, толку повеќе сме непокорни. Колку повеќе сакаат да внесат страв, толку повеќе им порачуваме дека не им се плашиме. Забораваат дека ние сме ВМРО и дека во нас гори таа пркосна идеја која се спротивставила на многу поголеми и пострашни закани од овие, на овие неспособни луѓе, истакна Груевски.

Според него, СДСМ нема никаква програма, ниту проекти, па затоа зборува за воздух, ветер и магла.

-Видоа дека не можат да се мерат со нас со работа, со резултати и удрија на криминални избори. Во првиот круг видовме како СДСМ организира избори, страв и притисоци на сите страни. Во Македонија спроведоа класични африкански избори. Стигнавме на рангот на Сомалија и Кенија. Пукнат череп на градоначалник, убиен носител на листа на една од листите, искршени штабови на ВМРО-ДПМНЕ, следени кандидатите за градоначалници, слики на партиски активисти во натпревар кој има поголем и поопасен пиштол, а полиција молчи. Молчи затоа што е соучесник во овие работи, посочи Груевски.

Вели дека секој ден се дознава за случаи на поткуп, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ реагираа на овие случаи, а СДСМ уште следниот ден продолжува со таа практика.

-Нема да не скршат, затоа што народот гледа што ни се случува и ќе им се врати како бумеранг и ќе има одговорност. Нема да не скршат, нема да им дозволиме да не скршат. Крајната цел на сето ова е да се сузбие секој слободомислечки Македонец кој се грижи за својата држава, го сака својот јазик и својот идентитет. Преку разни механизми да се делува, сакањето на државата, почитта кон својата земја да стане нешто што не е модерно, нешто што не е во тренд, нешто што е демоде, а модерно да стане легализација на геј браковите, посвојување на деца во хомосексуални браков,  модерно да стане легализација на марихуаната или максималното консумирање на алкохол и такви работи кои што во секоја земја не се нормални. Нормалното да стане ненормално, а ненормалното да стане нормално. Кон тоа не води СДСМ, потенцира Груевски.

-Криминалците на слобода, а патриотите по затвори. Красниќи, а Едмонд Темелко, борецот за човекови права на Македонците во Албанија, во затвор. Убијците на децата од Смилковското езеро кои што свирепо ги убија ќе ги пуштаат на слобода, а дедото за кубење коса – четири години затвор. Немилите настани на 27 април беа намерно испровоцирани. Тие беа реакција на реакцијата за нелеглен избор на претседател на Собранието, вели Груевски.

Нагласи дека со помош од надвор, Заев од криминалец се направил жртва, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се во рамки на инстутциите  овие луѓе да се ослободат.

-Тие згрешија што влегоа и физички се пресметаа со дел од пратениците во Парламентот. Тоа беше погрешен чекор. Но, тоа го направила луѓе кои беа таму од патриотски причини. Кога гледаме како на слобода се пуштаат тешки криминалци како Бајруш, како Красниќи, како Рахиќ, дилер на дрога. Кога гледаме дека над 1.000 затвореници ќе ги амнестираат од кои што најголем дел за тешки телесни повреди, па што е тоа што го направија оние луѓе на 27 април во споредба со криминалите и се она што го правеле овие криминалци кои што сега, само затоа што дојде Заев на власт ќе ги пуштат на власт, нагласи Груевски.

Потенцира дека додека се прават овие спектакли, економијата во Македонија оди надолу, додавајќи дека се бележи пад на индустриското производство, извозот, девизните резерви, инвестициите, работните места, просечната плата. Тој нагласи дека пензиите не се зголемуваат, а стандардот се намалува, а со тоа расте и сиромаштијата.

-Ниту се зборува за зголемување на платите на докторите, а ветуваа дека ќе им ги зголемат на 1.500 евра, ниту за субвенции, ветуваа раст од 10 отсто, за повисока просечна плата и да не зборувам, ветуваа 500 евра, а таа веќе се намалува. Сето ова го заборавија, но не заборавија да склучат штетен договор со Бугарија без да го прашаат народот, рече Груевски.

Тој побара референдум за народот да се изјасни по ова прашање. Груевски посочи дека со Договорот за добрососедство со Бугарија, Македонија се откажала од своето малцинство во таа држава, од македонскиот јазик и се кажува оти македонската историја била бугарска, а со тоа се согласува на промена на учебниците.

-Нашите деца во иднина да учат дека Илинденското востание не било македонско, туку било бугарско, дека првата пушка на Македонскиот народ против фашизмот во Прилеп и Куманово не било тоа, туку била идеолошки конфликт на различните страни на бугарското население во Македонија, појасни Груевски, додавајќи дека тоа е големата слика каде што основно е промена на името и на идентитетот на Македонците.

Според него, дел од таа слика е и воведувањето двојазичност во Македонија со, како што рече, неуставен закон за кои тие знаат дека е неуставен, но го туркаат. Груевски потенцира дека дел од таа слика е и трајното населување на мигранти во Македонија, како и зголемувањето на даноците.

-Она за што почнаа да градат атмосфера е легализација на хомосексуалните бракови и можност тие да усвојуваат деца. Тоа е тоа редефинирање, целосно спротивно на волјата на народот кое го тераат на сила, со закани, со присилување на луѓето да гласаат, со уцени, со заплашувања и најмногу со потплата и со поткуп, рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им се обрати и на фунцкционерите на СДСДМ посочувајќи им дека за неколку години ќе се срамат и ќе одат со наведната глава. Според него, СДСМ има богати спонзори, но ги нема парите со кои може да го купи достоинството на народот. Груевски потенцира дека нема аир од функции кои се добиени лажејќи го и народот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ побара од неопределените кои се загрижени од она што се случува во Македонија, да излезат и да го дадат својот глас во вториот круг на локалните избори, на 29 октомври.

-Сакам да ве поттикнам се спротивставите, да излезете на гласање и да го дадете вашиот глас, гордо и достоинствено, знаејќи дека ние сме тука секогаш кога на Македонија, на вашата општина, тоа и е потребно. И секогаш така ќе биде. Тие што владеат со криминалци и со корупција, треба да знаат дека нема хунта која не била победена од народот, истакна Груевски, додавајќи дека нема помрачување кое не било осветлено од народот.

Според него, СДСМ лажел дека се бори против режи, а сега тие станале најголем режим.

-Лажеа дека нема слобода и демократија, а прво нешто што направија кога дојдоа на власт – ја укинаа демократијата, и секој ден, чекор по чекор, ја земаат слободата. Велеа дека нема независно, а прво што направија кога дојдоа на власт, ги уценија сопствениците на медиумите и ја одземаа нивната независност, рече Груевски.

Порача дека Македонија и припаѓа на народот, и оти СДСМ нема да успее да ја украде. Нагласи дека нема да успеат да ги скршат, ниту да ги уплашат. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека граѓаните заедно не смеат да дозволат СДСМ да има апсолутна власт, но и да не дозволат тие да ги одземат бастионите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Сите овие години на власт, кога СДСМ беше на власт покажаа како со ништо не придонеа за Градско. И овие 5 месеци откако се на власт апсолутно ништо не направија за општина Градско. Во општина Градско во 2006 година бројот на вработени лица беше околу 250, толку беа се на се, вработени регистрирани лица во општина Градско, а бројот на вработени на крајот на минатата година е 550. Невработеноста во Градско драстично опадна, вработеноста повеќе од дуплирана. Истовремено сакам да ви најавам дека ќе обезбедиме учениците од прво до петто одделение да имаат бесплатен, здрав оброк, најави Груевски.

Потенцира дека градоначалничката на општината ќе овозможи, жителите кои немаат сопствен дом, да се стекнат со дом, со тоа што ќе имаат можност да купат земјиште по 1 евро, почетна цена за метар квадратен. Груевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нуди концепт со кој нема да има неосветлена и неасфалтирана улица. Според него, градоначалничката ќе изврши санација на мостот во село Уланци.

-Реконструкција на локалниот пат Градско – Долно Чичево. Истовремено, планираме изградба на алтернативен пат за село Уланци, како и реконструкција и проширување на локалниот пат за село Виничани. Предвидуваме реконструкција на улицата „Илинденска“ во Градско, како и реконструкција на улиците „Александар Македонски“, „Панко Брашнаров“ и „Питу Гули“, најави Груевски, додавајќи дека планирана е и реконструкција на улиците во населените места Виничани, Кочилари, Уланци, Стопанство.

Нагласи дека е планирана реконструкција на водоводната мрежа во Градско, изградба на причестителни станици. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави и изградба на канализација во Стопанство и Долно Чичево. Според него, ќе се изградат тротоари и паркинзи во централното подрачје на Градско, а со тоа населбата ќе добие нов, урбан лик.

Планирана е и изградба на нова индустриска зона со што ќе се отворат нови работни места. Груевски посочи и дека се планираат две нови градинки, со што капацитетот на згрижување на децата ќе се зголеми за нови 100.

Милошоски: Граѓаните да не подлегнуваат на притисоци – За сите изборни документирани насилства и уцени одговорност ќе мора да има

На Република Македонија и понатаму се случуваат едни избори во кои што се загрозени основните демократски процеси и со кои што директно се врши влијание на изборната волја на гласачите. Ова се избори каде што сеуште со сеење и со закани се атакува на ограничувањето на основното право на граѓанинот, а тоа е правото на слободен избор. Притоа не е страшно што ова се случува скоро во сите општини каде што ќе има втор круг на гласање, туку поопасно е што нема ниту заштита од државните институции, а многу државни институции се дел од овој процес на вршење притисок врз граѓаните, истакна Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

-Тоа што беше слика за изборите во предизборието пред првиот круг, сега се пресликува и продолжува со зголемен интензитет секој ден, се посилно да се врши притисок врз гласачите. Институциите наместо да го спречат ваквиот притисок врз гласачите, министерството за внатрешни работи, труд и социјала, министерството за земјоделие, други агенции стануваат дел од притисокот врз гласачите. Нема општина која што влегла во вториот круг на гласање, а да не се следени активистите на ВМРО-ДПМНЕ на Коалицијата „За подобра Македонија“, кандидатите за градоначалници или нивни соработници, или претседатели на општински комитети, рече Милошоски и наброја неколку примери:

„На пример, во општина Росоман десетина наши активисти се следени, на дневна основа, истите пријавиле уредно во полиција дека се следени и дека им се закануваат, пријавиле со име и презиме кои луѓе им се закануваат, но полицијата не реагира. На денот на избори во недела кандидатот и претседател на ОО на СДС биле пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а целта била да се испровоцира инцидент, создавана е тензија, испратени се навреди, провокации, нашите активисти пријавиле во полицијата, но нема никаква интервенција сеуште. Присебноста на дел од луѓето овозможило она што се случувало во Росоман, акцијата за предизвикување на инцидент пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ да не прерасне во поголем конфликт.

Во Гази Баба постојано ни пристигнуваат информации дека има масовен поткуп од страна на активисти на СДС. Во селото Виниче и во селото Булачани активисти на СДС вршат поткуп со делење на дрва за огрев. Додека едно лице, познат активист на СДС од Јурумлери, два дена по ред, отворено нуди и дава поткуп кај дел од населението во одредени парични суми. Медиумите го објавија неговото име на ова лице од Јурумлери, но ниту полицијата, ниту обвинителството, ниту ДИК досега се имаат изјаснето ниту пак истото го повика на информативен разговор.

Во населеното место Инџиково вработени од платежната агенција одат и лажно ветуваат дека за 50% поевтино ќе може да се набави механизација ако за возрат одреден земјоделец и неговото семејство гласаат за кандидатот на СДС. Ова е отворен притисок и силен притисок кон гласачите за менување на нивната изборна волја или за оневозможување за слободно изјаснување.

На кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, господинот Тони Трајковски постојано му се следи движењето од цивилно возило во кое што сметаме дека има вклучено и луѓе кои што припаѓаат на единицата Алфи.

Полицијата се става во заштита на сите активисти на СДС и во општина Виница, каде што на денот на изборите припадници на МВР влегувале во домовите на луѓето во ромското мало, ги легитимирале граѓаните и барале лични карти. Истите вакви злоупотреби се евидентирани и во ромското маало во Штип. Пријавени се во МВР овие луѓе и овие активисти и ваквите притисоци, но никаков извештај ниту реакција од МВР нема. Напротив МВР станува дел од механизмот преку кој што СДС врши притисок кај одредени гласачи.

Таму има случај на поткуп, во општина Штип каде што активисти на СДС нуделе пари на други граѓани кои што истите ги одбиле и случајот го пријавиле во полицијата. Но по случајот ниту не е постапено, ниту пак е евидентирана ваквата пријава за обид за поткуп во полицискиот билтен, иако е наведена пријавата со име и со презиме.

Во населбата Три Чешми во Штип, населението кажува дека секој ден доаѓаат луѓе од СДС и нудат пари, а тарифата се движи од 1.000 до 3.000 денари за глас за кандидатот за СДС.

Во општина Демир Капија активисти на СДС со познати досиеја на полицијата за одредени злоупотреби во минатото им се закануваат на граѓаните со насилство, со физички повреди, само затоа што кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ бил во посета на едно домаќинство. За ова видовме и едно сведоштво на повозрасен брачен пар, кое што беше објавено во медиумите. Полицијата, МВР повторно не реагира и се става во заштита на оние кои што во името на СДС вршат притисоци врз граѓаните.

Во општина Новаци раководството на РЕК Битола врши притисок врз вработените со цел истите за да ги зачуваат своите работни места во РЕК Битола да мораат да гласаат за СДС, во спротивно ќе бидат ставени на список за бркање од работа. А притисок има и се врши и врз вработени од Кавадарци и во Кавадарци, каде што вработените во општа болница и во пограничната полиција добиваат закани да не излегуваат на гласање и директно добиваат јавувања од штабот на СДС во Кавадарци, во спротивно им се ставаат отворени закани до знаење дека би го изгубиле работното место. Во општина Пробиштип вработените во јавната администрација и во подрачните единици на неколку министерствата се повикуваат од директорите или од ново поставените началници каде што директно им се врши притисок или да гласаат за СДС или да не излегуваат на гласање доколку сакаат да немаат проблеми на работното место во иднина.

Во општина Македонска Каменица се врши силен притисок врз менаџментот на рудниците да ги убедуваат своите вработени да не излегуваат на гласање на денот на изборите, или да гласаат против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ доколку сакаат да ги зачуваат своите работни места.

Во општина Прилеп постои и видео снимка, која што заради од страв од реваншизам се споделува само на социјални мрежи и на која има сведоштво на луѓе од СДС кои признаваат дека го следеле градоначалникот Марјан Ристески. Веднаш откако ќе посетел некои домаќинства, активистите на СДС доаѓале, и имале два методи, или поткуп со пари, да ги предомислат тие како да гласаат или доколку се одбие тој начин, се преминува на притисоци и закани. Поради заштита на идентитетот на личноста нема да објавуваме вакви снимки. Но сепак истата претставува значаен доказ во методологијата како активисти на СДС со поддршка од МВР и други државни институции прават притисок на граѓаните и оневозможуваат слободно изразување на изборната волја.

Во општина Бутел забележано е исто така поткупување, нудење на пари, или други материјални средства, а на терен добиваме информации за тесна соработка на одредени луѓе со криминални досиеја од Косово со партиски структури на СДС во општина Бутел“.

Ова, подвлече Милошоски, е дел од сликата која што е карактеристика за овие избори.

-Додека сето ова се случува, за жал имаме и еден гласен молк и игнорирање од набљудувачките мисии ОБСЕ и ОДИХР. Ние сметаме дека ОБСЕ и ОДИХР мора поактивно да вложат напори и да бидат вистински набљудувачи и да ги осудат сите вакви појави на закани, изборна корупција и на изборен инженеринг. Во Македонија се случува изборно недемократско однесување на голем дел од активистите од СДС на голем од државните институции што им служат како покритие, а крајната цел на сето ова е креирање на една нова реалност во која што полесно или без поголеми забелешки ќе се протуркаат одредени решенија кои се штетни за Македонија и македонскиот народ на кои што господинот Заев претходно веќе се обврзал. Демократијата со овие избори не е унапредена туку е уназадена, институциите не се департизирани и нема разлика помеѓу државата и партијата, туку гледаме дека државните институции делуваат во корист на една партија, истакна Милошоски и додаде:

Нашиот апел е граѓаните да си ја заштитат државата, граѓаните да ја одбранат демократијата и граѓаните да не подлегнуваат на притисоци за кого ќе го дадат својот глас. Сите оние кои што со поткуп, со закани или со криминал се обидуваат да влијаат на нивната волја им треба да знаат дека граѓанинот има суверено, загарантирано право зад избирачката кутија да ја својата волја. За сите вакви изборни документирани насилства, закани, притисоци или уцени одговорност ќе мора да има“.