Героски до Заев: Покачувањето на даноците ли е лекција за економија која ја ветуваше?

Преку текст со наводна критика кон Зоран Заев и политиките на Владата, уредникот на ПлусИнфо Бранко Героски сака да се прикаже како објективен новинар кој не штеди никого.

Ваквиот обид е неуспешен бидејќи Героски нема храброст да распали по Заев како што тоа би го сторил доколку премиерот беше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – но сепак останува фактот дека дури и за најголемите перјаници на СДСМ меѓу новинарите, ова што го прават Заев и Владата на СДСМ нема врска ниту со економија, ниту со она што беше најавувано во предизборието.

Во текстот насловен „Друже Заев, да си ја повториме лекцијата!“ провладиниот Героски пишува:

„И јас се сеќавам на спектакуларната изјава на премиерот Зоран Заев, човек со бекграунд на успешен бизнисмен, кој во кампањата за локалните избори рече дека СДСМ ќе одржи лекција по економија и дека ќе оди со концептот „повеќе пари кај граѓаните“. И токму затоа, она што се случува деновиве, мене, најблаго речено, ме збунува“

Героски немаше да биде толку збунет, туку во најмала рака бесен и лут, ако на место Заев владата ја имаше ВМРО-ДПМНЕ. Но Александар Обрадовиќ, сопственикот на Слободен Печат каде уредник е Героски, е добар пријател и помагач на Заев, па ваквата емотивна состојба на Героски е дури и разбирлива.

Понатаму Героски вели:

-На пример, не можам да сфатам како тоа зголемувањето на акцизата на дизелот, кој учествува со 64 отсто во вкупната потрошувачка на горива, ќе донело повеќе пари кај граѓаните, а ќе ги насекирало богатите, оти сиромашните ионака не возеле автомобили (?!). Такво објаснување чувме од човек од ресорот финансии.

Исто така, не ми е јасно како е можно со години да трубиме дека имаме прекубројна и неефикасна администрација, која го оптоварува стопанството, а сега одеднаш да се ветува зголемување на платите во здравството, во образованието, во јавниот сектор, пишува Героски.

Отворениот поддржувач на СДСМ вели дека не му е јасна ниту работата со субвенциите.

– Да бидам искрен, мене тој концепт со субвенциите никогаш не ми се допаѓал и се уште мислам дека тој механизам повеќе го умртвува отколку што го заживува производството на храна. Но, еве, не полемизирам, да не се правам експерт за сѐ и сешто. Ама, факт е дека на луѓето им беа ветени субвенции во износ од 160 милиони евра годишно, а во буџетот за 2018 година се испланирани само 138 милиони. Зошто? 

И уште нешто. Многу важно. Кога сегашната власт беше опозиција, многу се зборуваше за кратењето на непродуктивните расходи, за кои се тврдеше дека изнесуваат неколку стотици милиони евра на годишно ниво. И јас сум убеден дека навистина зборуваме за толкави суми. Сега, кога полемизираме за зголемената акциза за дизелот, зборуваме за потег што во државната каса ќе донесе одвај 30 милиони евра годишно. Па добро, што стана со оние „стотици милиони“ непродуктивни трошоци? Се скратија?

На крај Героски заклучува дека сето она што СДСМ го зборуваше во предизборието било голема лага. Но, бидејќи новинарот потсвесно кон Заев сака да гледа како кон „другарот“ Тито, наместо  да каже отворено дека СДСМ пласирале лаги и предизборни манипулации, тој овие лажни ветувања на Заев ги ословува со „скршнување од патот“.

„Мислам дека е време, друже Заев, да си ја повториме лекцијата – кога социјалдемократите беа во опозиција, ветуваа поскромни буџетски зафаќања од реалниот сектор на економијата (за да има повисоки плати за работниците), кратење на непродуктивните трошоци, повеќе капитални инвестиции и општо – повеќе пари за граѓаните. Натаму одиме? Да не сме скршнале малку?

Со ваквата мека критика, односно со „контролирана реакција“, Героски и СДСМ сакаат да се релативизира темата за изборните лаги на СДСМ, тема која инаку има бурен потенцијал. СДСМ и Героски мислат дека доколку тие сами се критикуваат себеси „ќе ја издишат“ евентуалната бурна реакција на јавноста. Но, како што тоа досега се покажало – едноставно не е можно и прашање на време е кога граѓаните ќе им кажат на СДСМ дека им се потрошил кредитот и дека народот не пие нафта, особено со покачена акциза.