Милошоски: Пред избори зборевте за евтина струја, а сега зборите за скапа платформа (ВИДЕО)

Antonio-Milososki-Sobranie

Ако господинот Зоран Заев лаже дека не постои договорена и прифатена платформа од Тирана, господинот Ејуп Халими не лаже. Ако госпоѓата Шекеринска лаже дека нема разговори за резолуција, за осуда на наводен геноцид врз Албанците, господинот Ејуп Адеми не лаже. Ако господинот Заев лаже дека не е разговарано за менување на Устав, на Закон, на територијална реорганизација, кантонизација, господинот Зијадин Села не лаже, истакна пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница.

Ако СДСМ преку господинот Тунтев лаже дека платформа од Тирана не постои, граѓаните во Охрид и во Битола и во Скопје и во Струга и во Велес знаат дека платформата постои и некој кој што е уценет, аболициран, заглавен во криминал, за да се извлече себе си од судските процеси ја прифатил таа платформа за да се избави како личност и како политичар, рече Милошоски.

Немаме против, додаде Милошоски, никој да има своја платформа, но имаме против кукавички да ја подметнува после избори.

Ако сакате платформата да биде верификувана, за неа да се разговара и да биде дел од проектите на било која идна влада или Собрание, излезете на избори и граѓаните нека се изјаснат. Не го лажете народот после избори. Пред избори зборевте за евтина струја, а сега зборите за скапа платформа. Пред избори зборевте за минимална плата, а сега гледаме дека платформата е минимална уцена за некој да ја исполни личната амбиција да дојде на власт и да се спаси од судскиот процес, истакна тој.

Милошоски побара да добијат стенограм и да може да се продолжи со дискусија.

Димовски до СДСМ: Ајде да го распуштиме Собранието, па излезете пред граѓаните со платформата на нови избори

Ilija-Dimovski-Sobranie

Платформа има, Ви ја прочита господинот Ејуп за што јас му благодарам, истакна на денешната собраниска седница пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

-Ајде да најдеме гаранција денеска. Денеска ако најдеме гаранција да го распуштиме Собранието на Република Македонија уште денес ќе биде избран претседател на Собранието што ќе има единствена улога да распише брзи локални избори и да распише брзи предвремени парламентрани избори. Па, со оваа платформа ако победите заедно со сите ваши ветувања за минимална плата, радиодифузна такса..ако победите ние нема со ниту една запирка да ве стопираме, за да ги реализирате ветувањата. Да најдеме гаранција, денес ќе избереме претседател и ќе го распуштиме Собранието- истакна Димовски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ немаат никаков проблем за претседател на Собранието или на било која друга функција која ја бира Собранието да биде избран Албанец, Турчин, Србин, Бошњак, Влав, Ром.

-Имаме проблем кога некој се обидува мнозинството од македонскиот народ и помалите етнички заедници да ги исклучи од процесот на одлучување. Да не се обидувате да манипулирате и ВМРО-ДПМНЕ да се обидете да ја претставите во било какво друго светло- нагласи Димовски.

Милошоски: Ќе избереме претседател на Собранието со кој ќе бидат задоволни граѓаните кои што победиле на изборите

Milososki-Sobrane

На најдобар можен начин ќе избереме претседател на Собранието со кој ќе бидат задоволни граѓаните кои што победиле на изборите, порача Антонио Милошоски на денешната конститутивната седница за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. На дневен ред на седницата е и изборот на претседател на Собранието на Република Македонија.

Вели дека мора да се почитува Дневниот ред, така како што е утврден и оти моментно најважен е квалитетот на дебатата.

– На крајот на краиштата, како што кажа еден политичар, сега е време за дебата и мислам поважен е квалитетот на дебатата и аргументите од било кое брзање. Брзањето може само да не однесе во погрешна насока. Ние од граѓаните сме избрани за максимално да ги искористиме можностите за дебата со аргументи и нормално дека тоа ќе го направиме, истакна Милошоски.

Укажа на потребата да се почитува дневниот ред, така како што е утврден, без како што вели, разгорување на какви било тензии и без какви било нервози и дофрлање.

Ѓорчев: СДСМ не може да добие избори, зашто во 27 години нема отворено ниту една фабрика

Vladimir-Gjorcev-Sobranie

ВМРО-ДПМНЕ заедно со Коалицијата има најголем број на пратеници од повеќе причини и тоа првенствено од економски причини, истакна Владимир Ѓорчев на денешната конститутивна седница на која се избира претседател, заменик на претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

-Сакам да потсетам дека бројот на отворени фабрики споредени со оние кои во моментов дофрлаат е 70:0. Зошто оваа партија која седи тука лево, 27 години не може да добие избори во Македонија- затоа што во оваа партија ниту еднаш во 27 години нема отворено ниту една фабрика, 0 отворени фабрики, наспроти 70. Спортски сали 90:0. Ако сакате да зборуваме за зголемени пензии- ниту еднаш во 27 години СДСМ нема зголемено пензии, а сега пензиите растат секоја година, рече Ѓорчев пред пратениците.

Додаде и дека Македонија има модел на соживот кој функционира и дека Македонија не сака да и се приреди дисфункционалноста на Босна и Херцеговина.

Димовски: Наместо изборна измама, ајде на избори, па народот нека одлучи

Za-zaednicka-makedonija-23-den-1

Под овие услови нема да има стабилен парламент. Не само соодносот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, туку и соодносот меѓу бројот на пратеници кај албанските партии не гарантира стабилен парламент, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој утре на пленарна седница ќе биде избран за претседател на Комисијата за прашањата за изборите и именувањата.

Ситуацијата се затегнува во пресрет на утрешната седница. ДУИ излезе со Талат Џафери за свој кандидат за прв човек на Собранието, но и Беса најави дека има кандидат. Тоа значи дека нема согласност во самата коалиција за која се очекува да функционира.

-Соодносите меѓу партиите во македонскиот блок, но и во албанскиот не гаранитраат стабилен парламет, а оваа тензична атмосфера која ја има денеска, ќе ја гледаме и во иднина во Собранието. Затоа, и заради многу други причини кои сме ги збореле, заради Тиранската платформа, заради протестите на граѓаните, заради постизборната измама, тргнавме со ставот дека треба предвремени избори. Да се одговореше позитивно на нашето прво барање за предвремени зибори, ние сега ќе бевме во изборна кампања и ќе имавме 10-20 дена до момент кога граѓаните ќе ја расчистат целата дилема.

Груевски: Предвремените избори ќе бидат референдум на граѓаните за иднината на државата

Za-zaednicka-Makedonija-narod

Влада која ќе ја спроведува Тиранската платформа направена и оформена во друга држава, не може да биде реформска, туку е антидржавна. Влада која ќе работи по програма која не ја одобриле граѓаните на избори е влада без легитимитет од граѓаните, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на Фејсбук.

Тој уште еднаш потсети дека фактот што и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ нуди поддршка на Заев со своите 51 пратеници, само СДСМ да се откаже од платформата и фактот што тој упорно не го прави тоа, покажува дека сценариото е многу сериозно, а влогот многу поголем.

„СДСМ е заложник на платформата, а државата е уценета и е жртва на Заев и неколкумина од раководството за кои сето ова е можност за спас на своите кариери и избавувања од случаите каде се осомничени за криминал. Притоа, однесувањето на СДСМ е како да нема народ во државата или како тој воопшто да не е важен. Забораваат дека партиите постојат заради народот и државата, а не обратно.“

Наспроти ова, улиците на градовите се преполни со народ кој протестира и изразува незадоволство што јасно укажува дека ваквите политики на СДСМ се осудени на неуспех. Недозволиво е за најклучните прашања во оваа држава поврзани со нејзините суштински обележја да не се праша народот и да се носат одлуки кои се предмет на неколкумина кои прават меѓупартиски договор, а не базирани на изборна програма одобрена од граѓаните на избори. Тоа се вика изборна измама, потенцира Груевски.

„Доколку се оди по логиката на СДСМ, тогаш се губи суштината на одржување на избори. Ако може една или повеќе партии да носат суштински одлуки без да се прашаат граѓаните и ако мнозинството на Македонци се испратат во опозиција, со цел спроведување на таа изборна измама, тогаш демократијата се укинува. И тоа токму од оние чија главна реторика во последните 10 години е слобода и демократија. Истите тие, при првата можност да се доберат до власт по секоја цена, му забиваат нож во грб на народот во чие име претендираа дека бараат повеќе демократија. Нивниот прв чекор е голема изборна измама на народот.“

За ВМРО-ДПМНЕ првенствено се важни граѓаните и нивните интереси. Единствениот реален и логичен излез од целокупната политичка криза се брзи избори. Изборите, кои иако се толку непосакувана одлука за СДСМ, значат сигурно решение за излез од кризата. Тоа ќе биде референдум на граѓаните за иднината на државата. Тие нема да се никаков нов трошок или губење време, бидејќи и онака треба веднаш да се одржат редовните локални избори.

ВМРО-ДПМНЕ: Тиранската платформа ја разнебитува државата и од мултиетничка ја претвора во бинационална држава

Krste-Jovanovski-pres-VMRO

ВМРО-ДПМНЕ инсистира да се одржат нови предвремени парламентарни избори, рече денеска на прес-конференција Крсте Јовановски.

Видео и интегрален текст од прес конференција на Крсте Јовановски

Тиранската Платформа е против уставна и нејзиното прифаќање ја втурнува Македонија во процес на федерализација и растурање на државата. Тиранската Платформа ја разнебитува државата и од мултиетничка ја претвора во бинационална држава.

ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли Тиранската Платформа и остро се спротивставува на нејзиното реализирање. Таа претставува класична уцена и со неа се поткопува и руши уставниот поредок во Република  Македонија.

Криминогеното раководство на СДСМ во целост ја има прифатено Платформата од Тирана.Тоа беше потврдено и од нивниот пратеник Мухамед Зекири кој јавно пред преставник на ДУИ рече дека СДСМ се согласува со точките од платформата.

Затоа целосно се излишни секаков вид понатамошни изговори и измислици со кои ќе се обидат да ја релативизираат реалноста.

Граѓаните ја прочитаа ваквата перфидна политика на СДСМ и се чувствуваат измамени. Затоа се секој ден се помасовно и се помасовно излегуваат на улиците во градовите ширум нашата цела татковина Македонија.

СДСМ затоа бега и се плаши од распишување на локални избори. Знаат дека народот жестоко ќе ги казни.

Затоа ВМРО-ДПМНЕ инсистира да се одржат нови предвремени парламентарни избори. Гласот на народот мора да се слушне. Зоран Заев треба пред граѓаните да излезе со Тиранската Платформа која сака да ја реализира, наместо да им ја подметнува пост изборно како кукавичко јајце.

Во спротивно револтот ќе расте и секој ден се повеќе и повеќе граѓани ќе  го изразуваат својот гнев од антидржавниот и сервилен однос на аболицираниот криминалец Зоран Заев.

Народот е на нозе! Македонија се буди!

Тиранската Платформа не поминува!

Никовски: Решение за кризата се нови избори

Risto-Nikovski

Политичката криза во Македонија ќе продолжи и сите политичари мора да се запрашаат за одговорноста што ја имаат. Посетата на Хан и потегот на Иванов покажаа дека не може да си играат со Македонија, смета поранешниот дипломат Ристо Никовски.

Тој во разговор за Телеграф.мк нагласува дека единственото решение во овој момент се нови избори кои ќе ја покажат вистинската слика кај гласачите.

– Посетата на комесарот Јоханес Хан не донесе ништо ново, освен фактот што Македонија почна да покажува заби. Претседателот Иванов постапи сосема исправно, на Брисел му стави до знаење дека не може да си игра со Македонија како што сака, и дека нивните интереси, кои се спротивни на македонските, веќе не врват – вели Никовски за Телеграф.мк

Според него, останува фактот дека кризата и понатаму продолжува, дека светло на крајот од тунелот не се гледа и дека сите политичари во земјава мораат да се запрашаат за својата одговорност.

– Очигледно, решението е во нови избори кои ќе го дадат вистинското расположение на гласачкото тело по манипулациите од декември кога 50.000 или 70.000 Албанци апсолутно не случајно и не по сопствен избор гласаа за македонската опозиција – додава дипломатот.

Димитриев: Единствен излез од кризата се нови парламентарни избори

Emil-Dimitriev-Vlada

За мене единствена солуција за излез од оваа криза е одржување на нови парламентарни избори со отварање на сите прашања, бидејќи со овие прашања кои се содржани во платформата можат да дадат одговор само граѓаните на нашата земја – изјави вечерва Емил Димитриев, премиер на Македонија кој гостуваше во дневникот на телевизија „Сител“.

– Вие не можете да ги затворите очите дека имате сто или двесте  илјади луѓе на улица. Сега во овој момент е многу важно да се спомене дека темите кои што се отворија во јавноста не беа дел од предизборната кампања. Платформата во Тирана не беше дел од кампањата за да се придобијат граѓаните на оваа земја – изјави Димитриев.

Според Димитриев, по изборите видовме платформа и програма која класично изманипулира со граѓаните.

– СДСМ и Заев не сакаат да откријат што содржи таа платформа и не смее да се отфараат дебати за таа платформа, единствена дебата во моментов може да се води со граѓаните, а тоа е можно само преку нови избори и граѓаните да одлучат дали се за смена на името, знамето, јазикот и грбот на оваа земја – рече Димитриев.

Тој вели дека е оптимист дека во скоро време ќе има нов претседател на собранието.

ВМРО-ДПМНЕ: Мнозинството не може да биде оставено во опозиција и без право да одлучува за иднината на својата држава

gruevski-han-sredba-3

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Претседателот Никола Груевски, а во состав Антонио Милошоски, Илија Димовски, Александар Николоски и Христијан Мицковски во вторникот оствари средба со еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Вајгел, Кукан и Фланкенштајн.

На средбата која траеше три часа делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ многу директно, јасно и прецизно ги претстави своите позиции за моменталната политичка состојба, но и за сите причинители, поттикнувачи и извори на неколкугодишната криза во Република Македонија, која СДСМ ја започна вечерта на изборите на 27-ми април 2014-та кога не ги призна резултатите и одлучи да не учествува во парламентот, соопштуваат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ отворено зборуваше за директното мешање на надворешни фактори во создавањето на кризата, неприфатливата улога и мешање на неколку амбасадори во процесот на формирање на Владата, улогата на СЈО како политичка испостава на СДСМ и на некои надворешни центри за уцени, притисоци, замолкнување и закана кон политичари, новинари и медиуми, политичката измама со пост-изборното презентирање на платформата од Тирана како документ предуслов за составување на Влада, неприфатливоста на вмешувањето на други држави во внатре-политичките процеси во Република Македонија, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата го потенцирале и свесното кочење и одложување на локалните избори од страна на СДСМ, разочараноста што Европската комисија не ја осуди платформата, намерата на одредени центри да се скрши и по можност елиминира ВМРО-ДПМНЕ со цел да се редефинира државата со клучна цел да се промени нејзиното име и идентитет и многу други теми за кои очигледно на претставниците на ЕУ беше добро да им се предочат јасно и без задршки, со прецизни факти, аргументи и информации, и со разјаснување на некои работи за кои беа дезинформирани или лошо разбрани.

Од страна на делагацијата на ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека партијата направи огромен број на сериозни чекори во минатите неколку години со цел да се надмине политичката криза, но и фактот дека таквите чекори и добрата волја беа злоупотребени.

ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата дека на последните избори се случи политичка измама на граѓаните со тоа што платформата од Тирана, поставена како предуслов за формирање на Влада, воопшто не беше претставена пред граѓаните и тие не беа информирани за намерата на некои партии да извршат редефинирање на државата и изигрување на нејзиниот Устав, велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ го потенцираше фактот дека мнозинството од македонскиот народ не може да биде оставено во опозиција и без право да учествува во раководењето и одлучувањето за иднината на својата држава, при тоа почитувајќи го истото право и на сите други граѓани.

Македонските граѓани се крајно сензибилизирани и револтирани затоа што не само што се крши принципот „победник со победник“, кој меѓународната заедница го наметна, туку јасна е намерата преку тоа кршење, мнозинството Македонци да одат во опозиција за да можат албанските партии заедно со СДСМ како поразена партија поддржана од малцинството од граѓаните и особено од малцинството од Македонците, да го сменат името и идентитетот, и да ја применат Тиранската Платформа со цел редефинирање до непрепознавање на земјата, и дека СЈО е главната алатка за олеснување и спроведување на тој план, чии планер заборавил дека Македонија освен партии и политичари има и народ, и дека ова што се случува е „политичко силување“ на државата и на народот и неговата волја.

Заеднички беше констатирано дека Република Македонија под раководство на ВМРО-ДПМНЕ спровела огромен број на значајни проекти и реформи кои помогнале на граѓаните, но и ја доближиле државата кон Европската унија.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше предочено дека одговорност за понатамошниот развој на состојбата носат сите политички чинители, вклучувајќи ги претставниците на меѓународната заедница. Многу избрзани и непромислени чекори и изјави од било кој фактор создаваат и можат да создадат сериозни тензии во целокупното општество.

ВМРО-ДПМНЕ посочи дека предвремени избори секако ќе има, но колку побрзо се одржат тие, толку подобро за Република Македонија. Потребно е да се искористи можноста тие избори да се одржат заедно со локалните избори, во најбрз можен рок, со цел ставање конечен крај на долгогодишната криза, која во овие денешни околности очигледно не е во можност да заврши.

На средбата беа опфатени и други теми како опасностите од повторување на мигрантската криза, проблемите, перспективите и потребите на целиот регион за побрза интеграција во ЕУ, заклучуваат од партијата.