Димовски: СДСМ треба да научи дека бегањето од дебатата не е решение на проблемите – со криење држава не се оправа (ВИДЕО)

На вчерашната емисија „Топ тема на ваша страна“, на телевизија Телма гостуваше пратеникот Илија Димовски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој на почетокот на емисијата истакна големо нездоволство од начинот на кој постапува сегашната влада на СДСМ и Зоран Зеав, и парламентарното мнозинството пратеници во Собранието. Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ поднел 6 интерпелации за ресорните министри во Владата на СДСМ. Генералната причина поради која се одлучиле на ваков чекор било сегашното политичко мнозинство кое ветувало транспарентност, дебата, дискусија, враќање на демократијата, а граѓаните ништо од тоа не виделе, освен бегање од дискусија за важни прашања.

-Секундарните причини директно се однесуваат на неможноста да отвориме дебата за некоја од темите, за која тие како ресорни министри се одговорни. Вие, знаете дека ние долго време баравме јавна седница на Собранието по однос на  Договорот со Бугарија а не ја добивме, баравме седница на Собранието  за пожарите во Република Македонија, не ги добивме, а како плод на тоа поднесовме интерпелација за Николовски, баравме дискусија за Националната стратегија за мигранти не ја добивме и поднесовме интерпелација за Царовска. Значи ова е искористување на деловничките можности, ние на пленарна седница да ја доведиме дебатата за клучни прашања за кои еве ние цениме дека се од интерес на граѓаните, истакна Димовски.

Тој додаде дека сегашниот состав на парламентот има многу тесни бројки односно 62 на власт наспроти 58 пратеници во опозиција.

-Никогаш не се случило во Собрание од денеска за денеска да се свика седница, без за тоа да се даде согласност и Сугарески како кординатор на пратеничката група на најголемата опозициона партија. Сега тоа се случува. Никогаш не се случило да се стави нешто на гласање во Собрание, без согласност на кординаторот на опозицијата, тогаш Горан Сугаревски. Сега се случува, објасни Димовски.

Димовски: Законот за употреба на јазиците е надвор од Уставот, дискриминирачки кон македонскиот и јазиците на помалите заедници

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Колицијата „За подобра Македонија“ имаат намера да гласаат позитивно за трите закони по скратена постапка што се поднесени од СДСМ, но бараме начин, политички начин како да извршиме притисок врз СДСМ тие да гласаат за трите закони кои што ВМРО-ДПМНЕ и Колицијата ги поднесе, а кои што се однесуваат на законот за обезбедување на 5% покачување на платата на војската, полицијата, вработените во јавните претпријатија и јавните служби, државната администрација, фондовите, агенциите, локалната самоуправа, шумските претпријатија и железницата, истакна Илија Димовски на денешната прес-конференција.

-Вториот закон е за обезбедување на вредносни бонови-ваучери за набавка на компјутери и компјутерска опрема за студентите и третиот закон во онаа форма во која што ние го поднесовме Закон за извршување со кои што драстично ќе се намалат трошоците и каматите во постапките за извшрување преку извршителите и нотарите во Република Македонија и тие никогаш да не смеат да бидат повисоки од вредноста на основниот долг, изјави Димовски.

Тој додаде дека она што досега е видено е дека СДСМ гласаше против законот за обезбедување на вредносно бонови-ваучери за студентите за компјутери и компјутерска опрема и предложи околу 7 амандмани кои што почна да ги усвојува на Комисијата за политички систем каде што имаат мнозинство. Амандмани со кои што законот за извршување го искасапи го направи безпредметен. Односно доколку законот биде донесен во таква форма нема да има апсолутно никаков ефект и нема да му помогне на ниту еден единствен граѓанин, со ниту еден единствен денар намалување на трошоците кои што ги има во постапката за извшрување.

-Во неформална комуникација ни беше кажано дека имаат намера да гласаат и против законот за покачување на платите, така да во Собранието на Република Македонија имаме јасно позиционирање кој е конструктивен спрема граѓаните, а кој е деконструктивен спрема граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ повторувам ќе ги гласа трите закони кои што ги предложи СДСМ, но СДСМ одбива да ги гласа законите кои што ВМРО-ДПМНЕ ги предложи. Ако едните закони обезбедуваат подобри услови за граѓаните, како и вторите закони тогаш сите закони без разлика кој е предлагач треба да бидат усовени, посочува пратеникот.

Димовски истакна дека грубо е оневозможено гласање на Комисијата за европски прашања по однос на Законот за употреба на јазиците. Од нашата страна беше побарано поединечно гласање, што ни следува и по деловник и по пракса во Собранието на Репбулика Македонија.

-Пред само три дена при утврдување на дневниот ред на истата таа Комисија истиот претседател, г.Груби дозволи поединечно гласање за поставување на законот на дневен ред, денеска не дозвои за законот да се гласа поединечно и ни беше оневозможено да го соопштиме и да го кажеме нашиот став со гласање. Нашиот став останува ист дека законот за употреба на јазиците е надовр од Уставот на Република Македонија, не во рамки на Охридскиот рамковен договор и е дискриминирачки спрема македонскиот јазик, но и спрема јазиците на турската, бошњачката, српската, ромската и влашката заедница во Република Македонија, посочува Димовски.

Димовски: Колегите од СДСМ конструктивно се откажаа од секое добро за Македонија

Колегите од СДСМ конструктивно се откажаа од дискусијата за разрешување на Марко Зврлевски, но исто така колегите од СДС конструктивно се откажаа од дискусијата за информацијата за пожари, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на денешното продолжение на собраниската седница за разрешување на јавниот обвинител.

– Конструктивно се откажаа од отворената дискусија со договорот со Бугарија, одбегнуваат да дискутираат за плановите на Владата на Република Македонија за населување на неколку десетина илјади мигранти и делење на државјанства на мигранти. Конструктивно се откажаа од иницијативата да дискутираме за проблемот со депонијата во Струга, од идејата да дискутираме за продолжување на породилното отсуство, од идејата да дискутираме за зголемување за 5% на платите на вработените во армија, полиција здравство, образование, истакна Димовски.

Димовски додаде дека пратениците од СДСМ не се откажаа од идејата да ги сменат сите директорски позиции во Република Македонија, од идејата да ги кршат законите кога назначуваат в.д. раководители надвор од институциите и дека во градовите низ Македонија има преку 500 спротивни на закон назначувања.

– Не се откажаа од идејата со антидатирања да назначуваат лица и во неделата после распишување на изборите. Назначуваат лица за раководители на институции една недела после распишување на изборите и ги антидатираат документите на 5 август и претходно заради тоа што дека членот 8-а важи за сите. Тоа прашање еден ден ќе се отвори зошто сите документи се антидатирани, рече Димовски.

Димовски исто така потенцираше дека СДСМ воопшто не се откажаа од идејата да снема 177 милиони евра од државните девизни резерви и дека не се откажаа од идејата за 101 милион да го зголемат задолжувањето на Република Македонија, а утре е планирано ново од 44 милиони.

– Не се откажаа од идејата македонскиот јазик да биде понижен и ставен како јазик од втор ред при вчерашната прослава, не се откажаа од идејата да носат антидржавен закон за двојазичност на цела територија на Република Македонија, нагласи Димовски.

Димовски: Годишните одмори се приоритет за СДСМ, а не Јавниот обвинител- едвај 20 пратеници на СДСМ во собраниската сала

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара од Талат Џафери да ја прекине расправата за разрешување на Јавниот обвинител бидејќи е спротивно од Изборниот законик.

Димовски нагласи дека јавноста е манипулирана од СДСМ и Џафери за приоритетноста за разрешување на Јавниот обвинител, бидејќи денес во салата како присутни се пријавиле само дваесетина пратеници од парламентарното мнозинство.

-Еве денес и да се откажеме од дебата нема да може да се гласа бидејќи пола од пратениците на СДСМ и ДУИ се веќе на годишен одмор. Во салата има присутни дваесетина пратеници на парламентарното мнозинство што ја покажува приоритетноста што со денови ја слушаме од СДСМ. Затоа ве повикувам господине Џафери да ја ставите оваа точка во мирување и да преминеме на некои од наредните точки кои навистина се приоритет за граѓаните на Република Македонија, истакна Димовски.

Димовски додаде дека во моментот во собраниската сала има повеќе новинари отколку пратеници на СДСМ, што е јасен сигнал за сериозноста на ова тенко мнозинство во Собранието.

Димовски: Нашите апели да не се избира претседател на Собранието на нелегален начин не вродија со плод

И покрај сите апели да не се избира претседател на Собранието на нелегален начин, СДСМ се одлучија на таков чекор, изјави Илија Димовски во интервју за ТВ НОВА, коментирајќи ја ситуацијата во Собранието.

-Без правила, без ред на работите и со друг претседавач СДСМ прогласија т.н. претседател на Собрание, а тоа не смееше да се случи. Со оглед на настапите на Заев заклучивме дека ќе дојде до такво нешто и упативме молба да не се прави  дополнителна поделба. Немаше потреба да се настапи на овој начин бидејќи истиот создава само проблеми. Ова беше дел од сценарио, а претхоно во Собранието се пееше и албанската химна. Желбата беше да се испровоцира конфликт и меѓу пратениците, изјави Димовски.

Според него, само дијалогот е начин да се излезе од политички проблем и во сите демократии работите се решаваат преку комуникација.

Димовски го осуди насилството во Собранието и истакна дека физичката пресметка никогаш не е начин за справување со политичките делувања. Истовремено, како што рече, го осудува и политичкото насилство од страна на СДСМ кои одлучија да тргнат по нелегален пат до остварување на целта.

Димовски до Заев: Одземање на правото на говор на пратеник значи одземање на право на говор на народ кој гласал

Член 85 од Деловникот на Собранието на РМ во својот став 1 вели – Претседателот на Собранието се грижи говорникот да не биде прекинуван или со друга постапка да не биде ограничуван во слободата на говорот, истакна пратеникот Илија Димовски на денешната конститутивна седница.

-Господине Заев, се обидовте со убави зборови да упатите многу закани од ова Собрание. Јас сакам искрено да ве замолам да не се обидувате да го одземете основното право на пратениците на говор. Знаете зошто? Заради тоа што одземање на правото на говор на пратеник, значи одземање на право на говор на народ кој гласал – прва работа. Втора работа, да ве замолам многу искрено и многу човечки да не се обидувате да направите државен удар. Ве замолувам искрено, да не мислите дека избор на претседател на Собрание, надвор од процедурите, надвор од оваа сала, надвор од оваа зграда, ќе е нешто што ќе направи добро за Македонија. Ве замолувам да разберете дека нити тој претседател ќе биде аирлија претседател, нити таа влада ќе биде аирлија влада, заради тоа што на таков начин ќе ја дотолчите и ќе ја дотерате до крај поделеноста којашто и ден-денеска, за жал, е на високо ниво во Македонија – подвлече Димовски.

Можам да разберам, рече Димовски обраќајќи му се на Заев, дека сте под притисок на многу луѓе коишто се надеваат на функции и на позиции, но вие ја носите одговорноста.

-Затоа што ако пратениците не зборат, не дај боже, ќе дојде време народ да зборува, а тоа не е добро ни за вас, ни за нас, ни за некој друг. Тоа ќе направи најголема штета за Република Македонија – потенцираше Димовски.

Димовски распали по Села: Свесен си за твојата неспособност, па мора да изиграваш најголем Албанец

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница го предупреди Зијадин Села да престане својата неспособност како градоначалник на Струга да ја префрла на ВМРО-ДПМНЕ и немајќи што друго да изиграва најголем Албанец со тоа што со сите свои изјави ги навредува Македонците.

-Господине Села вие си играте со чувствата на граѓните кога тврдите дека не постојат Македонци, а исто и колегите од СДСМ заради тоа што вашите три пратеници се клучни во ова Собрание и ниту еднаш не ја осудија вашата изјава со која што тврдите дека Македонци не постоеле од пред 100 години. Знаете, за да постои геноцид мора да има тенденција на намалување на население, а не на зголемување на население. Пример, во вашето родно село пред 100 години пола од населението биле Македонци. Денес нема ниту еден Македонец. Во вашето родно село пред 100 години имало црква но во 1960 година таа црква е срушена. Можеби на тоа треба да дадете одговор, рече Димовски.

Димовски го потсети Села дека Струга се дави од запалената депонија која што им смета и на Македонците и на Албанците, но дека Села наместо да го реши проблемот продава приказни за некакви геноциди и празен национализам.

-Ве молам немојте да отварате вакви теми и да ги злоупотребувате чувствата на граѓаните за дневна политика и да се правите најголем Албанец тука поради тоа што немате што друго да понудите. Заради тоа што десет дена Струга е загадена од запалената депонија за која што ништо не сте направиле додека бевте градоначалник па да одговарате зошто не само Македонци, туку и Албанци да дишат најнечист воздух во Република Македонија последниве 10 дена и тука ќе продавате патриотизам и ќе кажувате геноциди и ќе хушкате народ против народ. Немој да заборавите дека дека обичните луѓе и Македонци и Албанци и Турци и сите останати кои што живееле и во Струга и во Велес никогаш немале проблем помеѓу себе да живеат, никогаш немале проблем да си помагаат, никогаш немале проблем да си честитаат Велигден или Курбан Бајрам, си помагале во секоја прилика. Немањето концепт како да се дојде на власт освен да се крене омраза на Албанците спрема ВМРО-ДПМНЕ е метод во кој што вие учествувавте, а го водеше СДСМ. Ги злоупотребувате луѓето. Еден ден вие ќе ја плаќате цената од Албанците не од Македонците, заради тоа што вие потфрливте како градоначалник на Струга. Заради тоа што некој друг во Тетово потфрли како градоначалник и сите ваши неуспеси ги префрлате на сметка на ВМРО-ДПМНЕ. Зошто? Заради тоа што треба да се вратите во Струга и да кажете што не сте направиле? Е не го кажувате то вам ви е полесно да кажете овие ВМРО се вакви, овие ВМРО се такви, овие ВМРО се незнам што. Ве молам, не чепкајте по теми кои што не ги познавате, второ по теми кои што предизвикуваат негативни реакции, додаде Илија Димовски.

Димовски: Не лажете нѐ со тој лист владина програма, сте прифатиле Тиранска платформа (ВИДЕО)

Пратеникот Илија Димовски денес на конститутивната седница во Собранието спомна дека документот којшто СДСМ сака да го претстави како програма на идната влада е обична лага, односно по изјавите на албанските политичари, јасно е дека основа за формирање на парламентарно мнозинство е тиранската платформа којашто од СДСМ ја прифатиле, а не некаква набрзина напишана програма што треба да служи само за замајување на јавноста.

Имавме неколку изјави од колеги коишто доаѓаат од Беса, од ДУИ, од Алијанса за Албанците, кои тврдат дека оној лист програма што вие го покажувате како програма за влада е само на СДСМ, дека не е тоа заеднички документ и дека не е документот на којшто врз база се формира парламентарното мнозинство, туку дека во документот за парламентарно мнозинство непрескоклив дел е и платформата, декларацијата, резолуцијата, од Тирана, од Скопје, небитен е насловот, содржината е битна – рече Димовски.

Тој ја потенцираше изјавата на Али Ахмети од 2011 година во којашто кажува дека Македонците вршеле геноцид врз Албанците во 1945 година и дека тоа за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо, додека СДСМ со прифаќањето на платформата истото го поддржува.

Во содржината ние видовме дека треба да се осуди геноцидот. Ние вчера видовме во изјава на Али Ахмети дека е насочен во Македонците после 1945 година. Значи има многу содржински работи коишто низ убави зборови не можеме да ги прескокнеме. Не можеме да прескокнеме дека Македонците се геноциден народ. Има изјава од Ахмети во 2011 година каде што тврди дека Македонците вршеле геноцид во 1945 година и тоа денес е дел од платформата којашто е прифатена од СДСМ – додаде Димовски.

Димовски: СДСМ е под притисок, не сака да изгуби албански и македонски гласови добиени со лажни ветувања (ВИДЕО)

СДСМ е под притисок, затоа што не сака да изгуби ниту од албанските гласови кои ги добил врз база на лажни ветувања, ниту од Македонците кои ги добил врз база на лажни ветувања, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во вчерашното гостување во емисијата „Арена“ на телевизија „Шења“.

-Политичкиов проблем не е на релација Македонци-Албанци, проблемот е на релација ВМРО-ДПМНЕ – СДСМ, затоа што СДСМ или ги излажа Македонците или ги излажа Албанците. На крај треба да се знае или е вистина она што се тврдеше дека нема платформа, нема двојазичност на цела територија или ќе има. Суштината е во тоа што СДСМ е под притисок, затоа што не сака да изгуби ниту од албанските гласови кои ги добил врз база на лажни ветувања, ниту од Македонците кои ги добил врз база на лажни ветувања.  Каква глупост, намерно го употребувам тој збор, би било ако утре теоретстки се случи на избори по три месеци, по 6 месеци, по две, по четири години, ВМРО-ДПМНЕ да однесе победа со 62 пратеници или со 61 што е многу возможно, се случувало и досега и ние речеме има бројка, чиста е работата и не мора ние да зимаме ни БЕСА, ни ДУИ, ни ДПА, ни Села, вели Димовски.

Тој одговарајќи му на пратеникот од СДСМ Мухамед Зекири потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ги почитуваат Албанците.

Димовски до Туфегџиќ: Во твојот глас се препознава само гласот на Сорос

Илија Димовски денес во својата процедурална забелешка и нагласи на пратеничката од СДСМ Ивана Туфегџиќ, дека таа едиснствено што зборува е во име на СОРОС во македонското Собрание.

Имено, Димовски рече дека пред Туфегџиќ да зборува за иселување нека се обрати на функционерите во СДСМ и нека праша зошто Кумоново е градот со најмногу иселени и зошто Струмица е градот со најголем број на бугарски пасоши. Тој посочи дека во овие два града резултатот на владеењето на СДСМ е причината за иселувањето на младите.

Димовски исто така се задржа и на Законот за јазици кој што се крие не само од граѓаните на Македонија туку и од 70% од пратениците на СДСМ. Тој посочи дека законот мора итно да биде ставен на очиглед на јавноста и да се види како Заев се пазарел со државните интереси.