ЗНМ контра Владата: Македонија е заробена држава со медиуми во грч

Ветуваа слобода а воведуваат цензура. Остри критики од Здружението на новинарите на Македонија и од Институтот за општествени науки за предлог Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Предупредуваат дека со законските измени и паричните казни власта сака да ги цензурира и уредува медиумите, што е спротивно на уставот. Реагираат дека Македонија станува целосно заробена држава, а медиумите се во грч. Вака предложеното решение не смее да помине во собрание.

– Актуелниот Закон е совршен пример на илиберална демократија и нејзиниот главен механизам заробената држава, во која извршната власт до толкав степен ги потчинува законодавната и судската, што е практично е единствената власт. Карактеристично за сите илиберални демократии е дека законите премногу се детализираат, што е случај и во овој Закон, со што фактички е сведен на правилник, вели Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ја обвини Владата дека со обидот за воведување на парични казни за неетичко известување на медиумите сака да воведе цензура, која е забранета со македонскиот устав. Алармираат власта да ги тргне рацете од уредувачката политика кај приватните медиуми, зашто за програмата на телевизиите треба да одлучи пазарот, а не политичарите, кои преку казни, дополнително би се офајдиле.

– Ако помине овој член власта во иднина ќе ја утврдува вистината во медиумите, она што според нејзиниот вкус ќе биде лага ќе го казнува со пет илјади евра за медиумот и 1.500 евра за одговорното лице. Овој член од законот ќе има застрашувачки ефекти врз слободата на медиумите и слободата на говорот, ќе ја зајакне постојната самоцензура и ќе ја задуши критиката во медиумите, нагласи претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Новиот предлог Закон со кој се регулира работата на медиумите е веќе скроен. Министерството за информатичко општество го стави на хартија, но без да ги консултира сите засегнати страни.

Главниот акцент е ставен на намалување на политичкото влијание, но со мерки кои отвораат простор за казни врз новинарите и слободата на изразување.

Инаку, ЗНМ во изминативе години беше меѓу најгласните во борбата за слобода во медиумите и немешањето на власта во уредувачката политика. Сега предупредуваат дека Владата практично сака да стави рака врз медиумската содржина и да изигрува главен и одговорен уредник и да им каже на новинарите што е етичко а што е неетичко известување.

ВМРО-ДПМНЕ: Заложбите на владата и Поповски за наводни слободни медиуми се лажни, тие се уценети и притиснати, владее медиумски мрак

Протоколарните заложби за слободни медиуми на владата и Роберт Поповски се лажни. Медиумите и газдите на медиумите се уценети и притиснати од полициската алатка на СДС, СЈО, што придонесува за целосен медиумски мрак и пристрасно известување, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

– Го прашуваме министерот за пропаганда на владејачката партија СДС, платен со парите на граѓаните Роберт Поповски: како ја подобри слободата на медиумите и каде го гледа напредокот? Вработи над 40 луѓе во владата за да го подобри информирањето, но освен што тие ја чинат државата илјадници евра транспарентноста на владата не е подобрена и зошто се уште се одбегнуваат одговори на вистинските прашања кои ги бара јавноста поврзани со трошењето на јавните пари и давањето на тендери во 4 очи како што беше тоа случајот со вицепремиерот Анѓушев? Има ли подобар пример за рушење на независноста на новинарството од самиот Роберт Поповски кој од првото место во ЗНМ, се најде за одговорен на партискиот прес центар на СДС, за да седне во министерската фотелја, порачуваат од партијата.