Робин О’Нил: За мир на Балканот, Македонија веднаш да стане членка на НАТО

Медијаторот во грчко-македонскиот спор Робин О’Нил смета дека Македонија треба да стане членка на НАТО без натамошно одлагање.

– Силно ја поддржувам иницијативата на поранешниот премиер Никола Груевски за Македонија да стане членка на НАТО без натамошно одлагање. Македонија веќе се има истакнато со рекордна поддршка за операциите на НАТО, дури и без да се биде членка на Алијансата, изјави амбасадорот и медијатор во грчко-македонскиот спор Робин О’Нил за програмата „Гласот на народот“ на Радио Слободна Македонија.

За мир на Балканот, додава О’Нил, Македонија мора веднаш во НАТО.

– Со целосното членство во НАТО, Македонија ќе игра важна улога во обезбедувањето на стабилноста на балканскиот регион. Со зачленувањето на Македонија во НАТО ќе отпаднат сите идеи и апетити за големи држави или други сценарија, односно идеи за прекројување на геополитичката мапа на Балканот, вели О’Нил.

Британскиот амбасадор смета дека Македонија сега треба да аплицира за членство во НАТО како ПЈРМ и да не се дозволи какво било попречување од страна на Грција на патот за полноправното членство во Алијансата.

– Се разбира, прашањето за севкупното прифаќање на меѓународното име Република Македонија и натаму останува да се реши, но сега никој не смее да дозволи и да застане на патот на Македонија да стане членка на НАТО под референцата ПЈРМ, изјави амбасадорот и медијатор во грчко-македонскиот спор Робин О’Нил.

Робин О’Нил: Лажната историја на Грција е затвор за сите грчки влади и сопствениот грчки народ

Непристоен е коментарот на шефот на грчката дипломатија г-дин Никос Коцијас, даден  за грчките медиуми. Се согласувам, со него дека историјата не е затвор. Но, историјата, односно лажната историја, е затвор кој што последниве грчки влади го направија за себе и за Грчкиот народ!, изјави за Програмата „Гласот на народот“ со Слободан Томиќ првиот медијатор во грчко-македонскиот спор, Робин О’Нил.

– Коцијас вели дека не станува збор за иредентизам од грчка страна, и јас му верувам, но тој треба да знае подеднакво добро, дека не постои иредентизам ниту од страна на Република Македонија. Македонија повеќепати тоа го потврди многу јасно, во повторените декларации дека нема никакви барања од таков вид кон Грција, појаснува О’Нил.

Во интервјуто за „Гласот на народот“, медијаторот О Нил, потенцира:

Жалам што морам да кажам дека, последната изјава на Коцијас потврдува дека политиката на Грција не е променета во целост за изминатите повеќе од дваесет години во врска со спорот покренат од страна на Грција околу името на Република Македонија, во голема мера поради внатрешни политички причини во самата Грција.

– Моето мислење е дека сите грчки влади не сакаат решение на овој проблем, којшто самите го создадоа, бидејќи знаат дека единствено решение ќе биде признавањето од страна на сите земји, дека Македонија има право според меѓународното право да го користи името по свој сопствен избор, име кое, се разбира, не претставува закана во целост кон Грција или кон Грчкиот народ, вели овој угледен британски дипломат и познавач на ситуацијата во грчко- македонскиот спор.

– Мојот совет останува како и сиве изминати години, како што честопати сум ти кажувал, дека Грција не сака да преговара сериозно за ова прашање, и Владата на Македонија сега треба да го покрене ова прашање во Обединетите Нации и да добие признавање на Македонија под нејзиното правилно име – Република Македонија, што ќе го отстрани секој меѓународен сомнеж во врска со ова прашање., изјави О’Нил во екслузивното новогодишно интервју за Програмата „Гласот на народот“ со Слободан Томиќ.