Рокот за поднесување кандидатски листи за градоначалници е до 14 септември

Крајниот рок за поднесување листи на кандидати за локалните избори е 14 септември, информира Државната изборна комисија. Од таму ги известиле сите општини и градот Скопје дека се должни најдоцна до денеска, 11 август јавно да ги објават локациите и цените за закуп на рекламните паноа и билборди, а најдоцна до 25 август се должни да ги објават условите за добивање право за користење на местата за истакнување изборни плакати.

Исто така, Државната изборна комисија ги известила општините и градот Скопје дека средствата за спроведување на локалните избори се обезбедуваат од буџетот на општината и градот Скопје и со нив располага општинската изборна комисија, односно изборната комисија на градот Скопје, освен средствата за изборниот материјал кои се обезбедуваат од буџетот на РМ и со нив располага Државната изборна комисија.

Локалните избори ќе се одржат на 15 октомври.

На полноќ завршува рокот за доставување на кандидатски листи за изборите на 11 декември

На полноќ завршува рокот за доставување на кандидатски листи за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември. Политичките партии во јавноста ги објавуваат носителите и листите за шесте изборни единици, но засега ниту една од нив не доставила листи до Државната изборна комисија (ДИК).

Кандидатските листи треба да бидат разгледани и потврдени од членовите на ДИК во рок од 48 часа од моментот на доставувањето односно до недела на полноќ. Доколку се констатираат неправилности учесниците во изборите треба да ги отстранат во рок од 48 часа. Жребувањето за редоследот на листите треба да се одржи на 20 ноември.

Истовремено на полноќ завршуваат и роковите за јавниот увид во Избирачкиот список, за пријавување на државјаните на Република Македонија за гласање во странство и за обновување на избирачкото право на лицата со спорни записи по последните теренски и административни проверки на Избирачкиот список.

Според пресекот на Државната изборна комисија, до вчера до 14 часот пријавени за гласање биле 16.720 македонски државјани кои живеат во странство од кои 14.156 се прифатени, одбиени 208, а во обработка се 2.356.

Во однос на 29.858 спорни записи по последните теренски и административни проверки на Избирачкиот список, за регулирање на избирачкото право  аплицирале 1.043 граѓани. ДИК прифатила 1.005 апликации додека 38 се во обработка. До утре на полноќ е последниот рок овие лица да го регулираат своето избирачко право.

Избирачкиот список ДИК треба да го потпише на 27 ноември.

РОКОТ ИСТЕКУВА: Околу 30.000 спорни гласачи нема да се пријават

Оваа обврска е дел од партискиот договор со цел конечно да се договори одржување на предвремените парламентарни избори, кои досега двапати беа одложени по барање на СДСМ

Денеска истекува рокот до кога 39.502 гласачи, кои беа означени за спорни, треба да се пријават во Државната изборна комисија. Од податоците во ДИК досега се пријавени нешто над 7.000 гласачи, а до крајот на денот се очекува тоа да го сторат уште илјада до две илјади граѓани. Со тоа станува јасно дека речиси 30.000 гласачи ќе останат незапишани, а со тоа постои можност да го изгубат гласачкото право.

Оваа обврска е дел од партискиот договор со цел конечно да се договори одржување на предвремените парламентарни избори, кои досега двапати беа одложени по барање на СДСМ.

Клучното барање на опозицијата беше прочистување на Избирачкиот список и затоа се побара овие 39.502 гласачи за кои СДСМ се сомнева дека не постојат да го докажат своето избирачко право. За таа цел им беше оставен период од дваесетина дена до кога требаше да го потврдат својот идентитет и место на живеење.

СДСМ не отстапува од тоа тие да не бидат запишани, а уште една можност ќе имаат додека трае увидот во Избирачкиот список.

Со тоа не се согласуваат ДУИ и ДПА бидејќи најголем дел од овие гласачи се Албанци. Се шпекулира дека голем дел од нив би можеле и да се жалат до Уставниот суд доколку им биде ускратено избирачкото право.

Другиот услов во партискиот договор е прашањето со медиумите. Тука работите се многу појасни бидејќи веќе се формираше ад хок телото кое на сто дена ќе треба да ги мониторира медиумите.

Доколку на 31 август Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи оценат дека се исполнети условите, Македонија на 11 декември конечно ќе оди на предвремени парламентарни избори.

Истекува рокот за промена на сопственоста на градежно земјиште

Граѓаните кои досега не поднеле барање за трансформација на корисничкото право на градежно неизградено земјиште во право на сопственост по сила на закон, заклучно со среда 15 јуни во 19 часот можат да ја искористат последната можност да поднесат пријава за промена на правото до Агенцијата за катастар на недвижности.

Од Агенцијата ги повикуваат граѓаните кои не поднеле барање за приватизација до Управата за имотно правни работи до 15 декември 2014 година, тоа да го направат до среда и најавуваат дека шалтерите во Центарот на катастар на недвижности во Скопје во наредните три дена ќе работат со продолжено работно време до 19 часот.

– Со измените на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост од септември 2015 година со повеќе законски решенија значително ја поедноставивме постапката за приватизација на градежното земјиште. Една од позначајните новини беше создавањето можност градежното неизградено земјиште кое не е опфатено со акти за урбанистичко планирање, а на кое право на користење имаат физичките и правни лица врз основа на Заклучок донесен од Управата за имотно правни работи, Агенцијата за катастар на недвижности да изврши промена на правото на користење во право на сопственост, рече директорот на Управата за имотно правни работи Зоран Крстаноски на денешната прес-конференција во Агенцијата за катастар.

Прецизира дека беше утврдена и дополнителна можност корисниците на градежното неизградено земјиште, поранешни сопственици кои не поднеле барање за приватизација да можат во постапка преку Катастарот да стекнат сопственост врз земјиштето врз основа на поднесена пријава за промена на правото на користење во право на сопственост.

– Рокот за поднесување на пријавите истекува на 15 јуни 2016 година и тоа е последната  можност за трансформација на корисничките права на градежното земјиште. Токму поради тоа 15 јуни е почетокот на крајот на егзистирањето на корисничките права на градежното земјиште, бидејќи  согласно законските одредби Катастарот после овој датум нема да  запишува нови кориснички права, рече Крстаноски.

Потенцира дека најдоцна до 15 декември годинава Катастарот ќе ги избрише запишаните кориснички права на градежното земјиште.

– Бришењето на корисничките права на земјиштето нема никакво влијание врз поднесените барања за приватизација во Управата  за имотно правни работи и одделенијата ќе продолжат со започнатите постапки. Управата во законскиот рок до Агенцијата за катастар на недвижности ги достави сите податоци за поднесени барања за приватизација и во иднина во имотниот лист за замјиштето на местото на досегашната прибелешка за право на користење ќе биде даден податокот за боројот на предметот, односно поднесеното барање под кое се води постапката за приватизација на соодветната катастарска парцела, појасни Крстаноски.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески потенцира дека од септември 2015 година до сега 1.447 граѓани ја искористија можноста и корисничкото право го трансформираа во право на сопственост во брза и ефикасна постапка.

Потсети дека постапката за поднесување барање е многу едноставна и покрај пријавата која ја има на шалтерите неопхден е доказ за идентифиација на поднесителот,  актот врз основа на кој е стекнато правото на користење на катастарската парцела, доказ дека не е поднесено барање за утврдување на правен статус на објект на катастарската парцела која е неизградено градежно земјиште и доказ за платен надоместок за имотен лист.

– Агенцијата за катастар по службена должност од Управата ќе обезбеди доказ дали за градежното неизградено земјиште за кое е поднесена пријава во катастарот, веќе е поднесено барање за приватизација на градежно земјиште во Управата за имотно правни работи, рече Трпески, нагласувајќи дека граѓаните  дополнително до катастарот ќе можат да го достават доказот од општините дека не се води постапка за легализација на објект на катастарската парцела за која се однесува пријавата, што беше најголемиот проблем на граѓаните во измнатите девет месеци.

РОКОТ ИСТЕКУВА: До 1 јули може да се увезуваат половни возила постари од 2005-та година

Рокот за увезување на половни возила, односно постари од 2005 истекува на 1-ви јули. Од тогаш ќе можат да се увезуваат само автомобили со стандард Еуро 4 или повисоки.

Од јули граѓаните ќе можат да увезуваат само возила понови од 2005 кои исполнуваат повисоки стандарди во насока на помало загадување на воздухот, но истото значи и повисока цена.

Според Царинската управа, податоците велат дека во првите 2 месеци од 2016 во Македонија се увезени 4.209 половни возила. Тоа е дупло повеќе од истиот период лани, кога во Македонија биле внесени 2.514 возила. Рекордна година за увозот на половни возила е 2010, кога со законски измени беше олеснет увозот на стари коли со стандар понизок од Еуро 4. Во текот на 2010 година увезени биле над 51.000 возила.

РОКОТ ИСТЕКУВА УТРЕ: Поднесени 50.000 нови барања за легализација

Педесет илјади нови барања за легализација на дивоградби се доставени во пролонгираниот рок кој истекува утре, информира денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Апелира да се искористи можноста за легализација, потенцирајќи дека по истекот на рокот нема да се примаат нови барања.

– Апелирам секој граѓанин кој има потреба да достави барање да си го фати редот. Утре завршува законскиот рок по што нема да можат да достават дополнително барање, изјави Мисајловски, кој присуствуваше на доделување нови 74 решенија за легализација во општина Ѓорче Петров.

Мисајловски очекува денеска и утре да се зголеми бројот на новите барања покрај досега поднесените 50 илјади. Најмногу нови барања, како што рече, има во поголемите општини, како Гостивар, Струмица, Куманово, Охрид… Има по илјада, две илјади барања, но бројките постојано се менуваат затоа што секогаш во последните два дена има најмногу, посочи Мисајловски.

Во Општина Ѓорче Петров, според ресорниот министер, процесот на легализација се одвива одлично. – Над 80 проценти од комплетната документација веќе е решена, што значи дека во Општина Ѓорче Петров навистина се работи на ова прашање, рече Мисајловски.

Според градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митровски, општинските служби денеска и утре ќе работат со продолжено работно време. – Имаме голем број граѓани кои доаѓаат и пријавуваат нелегализирани објекти. За да им излеземе во пресрет на заинтересираните и да им овозможиме на тие што не можат во работно време да дојдат во Општината го продолживме работното време за денеска до 20 часот, а утре ќе работиме од 8 до 24 часот, изјави Митровски, апелирајќи и навреме да се доставуваат потребните геодетски елаборати  за да се комплетира постапката за легалзиација.

Процесот на легализација на бесправно изградени објекти почна во 2011 година, кога беа доставени над 360.000 барања. Со последните измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти, се овозможи дополнителен рок за поднесување барања. Услов е објектот што е предмет на легализација да е изграден заклучно со 3 март 2011 година. Со законските измени се утврди рок за доставување геодетски елаборати до крајот на следната година, а за претходно поднесените барање рокот беше пролонгиран до крајот на годинава. Се уште трае и можноста за изработка на бесплатни елаборати за социјално ранливите категории. Досега по тој основ се изработени  5.300 елаборати.

Од почетокот на процесот на легализација правен статус добија над 147.000 нелегално изградени објекти.

ИСТЕКУВА РОКОТ: Денес е последен ден за поднесување годишна даночна пријава

Истекува рокот за доставување годишни даночни пријави за остварен дополнителен приход во текот на 2015 година. Годинава во Управата за јавни приходи очекуваат да бидат поднесени 400.000 пријави.

Годишна даночна пријава (ГДП) задолжително се поднесува за остварен приход освен плата или пензија или приход од земјоделска/самостојна дејност, приходи од кирии од издавање имот – закуп или подзакуп, авторски права, индустриска сопственост; исплатена дивиденда, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, добивка од наградна игра во износ поголем од 5.000 денари, приходи остварени од игри на среќа преку специјализирани странски интернет страни.

Годишна даночна пријава треба да се поднесе и за лични примања од странство, работно ангажирање во амбасада, мисија на меѓународна организација…, приходи остварени преку интернет како е-трговија, услуги извршени преку специјализирани страни на пример www.freelancer.com, www.upwork.com, поставување реклами на сопствени интернет страни, прогнози на типови за спортски натпревари и други дополнителни приходи, надвор од редовнаta плата или пензија.

Граѓаните кои во текот на минатата година оствариле приходи по основ на надомест од договори за дело, авторски договори и други договори за кои постоеше обврска за плаќање социјални придонеси за т.н. „хонорарци“ согласно одредбите на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во примена од 1 јануари 2015 до 31 јули 2015 година, потребно е да ги искажат соодветно и во годишната даночна пријава, во зависност од видот на исплатата.

Годишната даночна пријава е бесплатна и може да се преземе од веб страницата на УЈП, а може да се достави дирекно во УЈП, преку пошта или електронски.

Заглавени во преговорите: Истече рокот, а партиите сè уште не се договорија

Партиските работни групи и на синоќешната рунда разговори во Клубот на пратениците не постигнале согласност околу отворените прашања од Договорот од Пржино. 

Дел од медиумите, повикувајќи се на партиски извори, објавија дека главните несогласувања се околу ингеренциите на новите министри и заменици министри што треба да ги предложи опозицијата. Според Договорот од 2 јуни и 15 јули, рокот за избор на нови министри за внатрешни работи, за труд и социјална политика, како и заменици министри во ресорите финансии, земјоделство и администрација и информатичко оштество, истече ноќеска на полноќ.

Медијаторот во работните групи, Питер Ванхауте пред почетокот на синоќешната средба изјави дека на маса ќе бидат законите за влада, за т.н. „свиркачи“ и за прислушуваните материјали.

Засега нема закажано собраниска седница на која би се разгледале точки предвидени со Договорот од Пржино.

Денеска претпладне треба да биде одржана седница на Советот за јавни обвинители, но нема официјална потврда дека ќе се разгледува предлогот што завчера го доставила специјалната обвинителка Катица Јанева за избор на преостанатите седум нејзини помошници. Седницата на Советот претходно беше најавена за вчера.

Претседателот на Советот Петар Аневски претходно потврди дека го добил дописот од министерот за правда Аднан Јашари, во кој по постигнатат согласност меѓу четирите најголеми политички партии, се бара да се изберат и останатите седум обвинители во Специјалното јавно обвинителство.

Комплетирање на тимот на Јанева е условот што го постави опозицијата за продолжување на разговорите околу другите прашања меѓу кои и Изборниот законик, за кој, како што информира европскиот посредник во меѓупартискиот дијалог Питер Ванахауте, е постигната согласност.

Загриженост поради застојот во спроведувањето на политичкиот договор вчера искажаа еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и американскиот амбасадор Џес Бејли.

Хан побара од партиските лидери одговорност и водење грижа за интересите на земјата и нејзината иднина. Бејли, пак, укажа дека е потребна политичка волја за справување со преостанатите прашања од Договорот од Пржино, кој, според него, е начин за да се обезбеди отченост и да се подобрат условите за слободни и фер избори и да и се стави крај на политичката криза во Македонија.

Продолжен рокот за доделување на средства за отворање нови работни места

Со цел да се обезбеди поголем опфат на компаниите кои изразија интерес за учество во проектот за поддршка на микро и мали претпријатија, рокот за заинтересираните работодавачи се продолжува до 30-ти септември годинава. Претпријатијата кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис, со отворање на нови работни места, треба да се пријават во работните клубови на Центрите за вработување на АВРМ.

Програмата за поддршка се однесува на микро и мали претпријатија регистрирани најмалку 1 година сметано до денот на објавување на јавниот повик, кои на денот на пријавувањето не се во стечајна постапка и ликвидација, кои ги имаат измирено сите обврски по основа на даноци и придонеси, кои имаат остварено добивка во 2014 година и кои не го намалиле бројот на вработените лица 6 (шест) месеци пред и за време на јавниот оглас, со исклучок на природен одлив (смрт или пензионирање).

-Како резултат на барањата на бизнис заедницата и со цел да опфатиме што поголем број на компании коишто изразија идеја да се вклучат во рамките на овој проект, одлучивме да го продолжиме рокот за поднесување на апликации до 30 септември оваа година. Процедурата е навистина едноставна. Се поднесува барање до Агенцијата за вработување со едноставен план за развој на компанијата, каде што во кратки црти се предвидува на кој начин компанијата планира да го зголеми својот обем, односно да ги инкорпорира овие вработени кои ги побарува. Агенцијата потоа тоа во еден ефикасен временски период би го разгледала и по добивањето на позитивен одговор од страна на Агенцијата, компанијата само ги доставува економско правните акти, документите и фактурите за опремата и репроматеријалите коишто ги има набавено, за потоа веднаш да бидат исплатени средствата по основ на вработувањето на новите кадри. Преку овој проект државата планира да финансира околу 200 вработувања, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Финансиската поддршка по едно ново отворено работно место (најмногу до 5 ново отворени работни места по фирма) опфаќа исплата на неповратни средства за набавка на опрема и/или материјали во висина од 92.000 денари (за секое ново отворено работно место), со обврска работодавачот, ново вработените лица да ги задржи во работен однос со полно работно време, најмалку 1 година од денот на вработувањето.

Од програмата ќе бидат изземени микро и мали претпријатија регистрирани во дејност земјоделство. Истовремено, корисниците на оваа програма ќе бидат изземени од користење на можностите, што ги уредува Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност во однос на членот 98.

Заинтересираните работодавачи пријави можат да поднесат најдоцна до 30.09.2015 година во работните клубови на 30-те центри за вработување во РМ. Детални информации можат да се добијат во работните клубови на 30-те центри за вработување на Агенцијата за вработување на РМ, контакт центарот 02-3298-297 и веб страната www.avrm.gov.mk.

Утре истекува рокот за избор на специјалниот обвинител

Утре истекува рокот за избор на специјалниот обвинител, согласно Договорот од Пржино за надминување на политичката криза. Работните групи на политичките партии и белгискиот експерт Питер Ванхауте работеа за време на викендот. Засега нема официјални информации дали е постигнат договор.

Според изјавата на Ванхауте од петокот, подготвена е предлог верзија за измена на Законот за избор на специјалниот обвинител, која тој ја претстави пред работните групи.

Според Договорот од Пржино до 15 септември треба да има нов специјален обвинител со целосна автономија да ја води истрагата за случаите „Прислушување“ и „Пуч“. Специјалниот обвинител го именуваат потписниците на Договорт.

Опозицијата предводена од СДСМ, согласно договореното, на 1 септември се врати во Собранието на Република Македонија. Со Договорот од Пржино е предвидено и инаугурација на нова влада на 15 јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори што ќе се одржат на 24 април 2016 година. На чело на новата влада ќе биде нов премиер номиниран од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Програмата на Владата е ограничена на организирање предвремени парламентарни избори. Предвидено е на 20 октомври да бидат именувани нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика по предлог на СДСМ. Во тие министерства истовремено ќе бидат именувани нови дополнителни заменици министри на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Заменици министри, по предлог на СДСМ, пак, ќе бидат именувани во министерствата за финансии, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за информатичко општество и администрација. Тие заменици-министри ќе имаат полно право на преглед и вето во соодветните министерства по сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите