СМОГ НАМЕСТО ЖИВОТ: Цели градови се гушат во смог, ветувањето на СДСМ за чист воздух доживува фијаско

Во недостаток на идеи, главно ветување на кандидатите за градоначалници на СДСМ пред локалните избори беше чистиот воздух, но без никакви конкретни мерки како би дошло токму до тој почист воздух. Но, не само што нема ништо од чистиот воздух кој беше ветуван, туку во најголем дел од градовите во Македонија, би можело да се каже и дека е ризично да се излегува од домовите.

Во текот на вчерашниот ден најзагадени градови во Република Македонија беа Битола и Скопје, каде концентрацијата на ПМ 10 честички беше на доста високо ниво.

Во Битола тие изнесуваа 340 мг/м3, додека во скопско Лисиче тие изнесуваа 228 мг/м3.

Наместо конкретни мерки за справување со загадувањето, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој и самиот призна дека нема целосен план за справување со овој проблем, реши да удри директно по џебот на граѓаните, со најава дека ќе се поскапува паркингот во Скопје.

-Една од мерките што ја замисливме е скалесто покачување на паркирањето во центарот за оваа зима и намалување на јавниот билет, додека не дојдеме до состојба на бесплатен јавен превоз, изјави Шилегов.

Од градот Скопје наведоа дека сите мерки за справување со загадувањето се во фаза на предвидување и планирање.

-Планот предвидува краткорочни и среднорочни мерки во однос на загадувањето. Планираме уште зимава да воведеме забрани за градежни активности во најзагадените делови на градот. Предвидуваме и нови политики во јавниот превоз и промоцијата на велосипедизмот, пишаа од градот Скопје.

Но, место кои навистина ќе помогнат за почист воздух, денеска видовме како се сечат дрва во скопската населба Чаир, додека пак градоначалникот кажа дека не знаел дека тоа се правело, иако е под негова ингеренција.

Експертската јавност коментира дека празното ветување со кое СДСМ дојде до гласови на изборите, сега им се удира од глава. Како што велат тие, СДСМ ветуваше чист воздух, но без никаков план и мерки како до тоа би дошле, што може да се види сега.

Инаку освен Скопје и Битола, големо е загадувањето и во другите градови и населени места во Македонија.

ШИЛЕГОВ ДРВОСЕЧАЧОТ: Прв проект – ги исече дрвата во Чаир, паркобраните не смеат да му писнат

Од ветуваното зеленило, добивме сечење на дрвата токму од оние кои најмногу се бунеа за секое едно исечено дрво. Градоначалникот Петре Шилегов вели пак дека не знаел дека дрвјата биле сечени, нешто што секако е негова работа.

Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ вчера ги исече дрвата во паркот кај поликлиниката во Чаир во Скопје, а од Кабинетот на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ги предупредија во иднина да ги известуваат за секоја сеча на дрва пред да ја направат, пренесува СДК.МК

Граѓаните кои живеат во околните згради остро реагираат и бараат објаснување од Град Скопје зошто е исечен пола парк, во моментите кога Скопје се соочува со високо ниво на загаденост.

Од ЈП„Паркови и зеленило“ велат дека ги исекле дрвата бидејќи се работело за тополи кои биле опасни.

-Сечењето е според програмата на Град Скопје. Стануваше збор за тополи кои беа накривени и малку фалеше да паднат врз зградите или не дај боже врз некој човек во паркот. Заради вакви случаи ние плаќаме оштети на граѓани, само пред неколку недели плативме еден милион денари, на граѓанин бидејќи дрво му паднало врз колата. Предвидено е во наредниот период да се сечат тополите спроти поранешна Нова Македонија“, вели директорот на ЈП„Паркови и зеленило, Душан Авировиќ.

Граѓаните сега гласно прашуваат каде се паркобраните на СДСМ кои додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт за едно исечено дрво, се бунеа како да е крај на светот, а сега кога се сече цел парк ги нема никаде.

Гласно се коментира дека наместо директно удирање по џебот на граѓаните со поскапувањето на паркингот во Скопје, градоначалникот Шилегов би можел да се погрижи да не се сечат дрвјата во градот кој во овие моменти се мачи со голема загаденост.

И поистакнатите членови на СДСМ, како што е Ивор Мицковски. Тој на Фејсбук праша „Нагрна ли живот доволно хипокритчиња?!“.