Љубчо Георгиевски со остра реакција кон Стојан Андов: Името ВМРО го ставивме поради таквите како тебе!

На исказите на Стојан Андов за прашањето: Зошто било потребно во 1990 година да се стави името ВМРО? реагираше екс премиерот, Љубчо Георгиевски. Во острата реакција тој меѓудругото истакува дека името ВМРО било ставено поради таквите како Стојан Андов.

– Господине Андов, еве ќе ви одговорам. Името ВМРО го ставивме поради таквите како тебе. Затоа што ти во таа 1991 година, партијата што ја водеше, ти се викаше Реформски сили на Југославија, затоа што беше еден од поголемите симболи на југословенството. И, треба да знаеш, секогаш кога зборувавме за Киро Глигоров како за голем Југословен и тебе те стававме во тој пакет, рамо до рамо со него. А такви како тебе имаше многу во тоа време и токму на таквите луѓе сакавме да им создадеме една експлозија во главата за да сфатат дека имало идеја за самостојна и независна Македонија!, вели Георгиевски.

ЛУЗЕРСКИ МЕНТАЛИТЕТ: Стојан Андов мнозинството од 455 илјади граѓани ги множи со нула!

Првиот претседател на Собранието на Република Македонија, Стојан Андов, ги множи со нула мнозинството од 455 илјади граѓани кои својот глас на изборите на 11-ти декември го дадоа за коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ која победи на изборите.

Наспроти очигледната победа на ВМРО-ДПМНЕ и освоените околу 20 илјади гласови повеќе, Андов тврди дека на овие избори немало победник и затоа Владата немало да ја формира победникот на изборите, туку таа ќе се формирала со создавање на постизборни коалиции.

-Изборите се фактички готови. Нема победник кој би можел да формира влада без постизборна коалиција. Парадите со победата на ВМРО-ДПМНЕ се тажни, но неодговорни. Се собраа, да го излеат „гневот на народот“ пред ДИК, бранејќи ја „победата“, пишува Андов.

Според логиката која Андов ја искажува, излегува дека волјата на 455 илјади граѓани кои на слободни и фер избори го дадоа својот глас е еднаква на нула и најважно според Андов е тоа кој ќе биде полукав во формирањето на владата, а не која коалиција освоила мнозинство гласови. Ова значи дека според Андов мнозинството не е важно, со што првиот претседател на Парламентот го урива основниот постулат на демократијата.

Стојан Андов: Опозицијата нема сила да го сруши Груевски

Не е точно дека ЕУ и САД креваат рака од Македонија и од нејзината евроатланска иднина. Промените на ставот околу изборите кај нашите западни сојузници значат само барање за побрз и поефикасен пат за разрешување на кризата, пишува Стојан Андов во својата колумн за Утрински весник.

-Работите се едноставни: ЕУ гледа дека опозицијата нема сила да го сруши Груевски, ни институционално ни вон институционално и дека самата ЕУ не може повеќе поинтензивно да се меша во Македонија ако не се промени статусот на земјата, т.е. почеток на преговорите за полноправно членство на Македонија. За таа цел е потребно што побрзо да се одржат избори и оттаму е нивното мислење дека погоден датум е 24 април или најдалеку 5 јуни, за евентуалниот европски самит одржан на средината или крајот на јуни да го промени статусот на Република Македонија во односите со ЕУ, со тоа што ќе донесе одлука за почеток на преговори за полноправно членство на нашата земја во ЕУ. Според тоа не е точно дека ЕУ и САД креваат рака од Македонија и од нејзината евроатланска иднина. Промените на ставот околу изборите кај нашите западни сојузници значат само барање за побрз и поефикасен пат на разрешување на кризата. Тоа што евентуално ќе победи Груевски на тие избори, за политиката на САД и ЕУ кон Македонија не е од решавачко значење, туку им дал можност за посилен притисок за демократски промени во Македонија, пишува Андов.

Тој додава дека во целиот овој период од потпишување на пржинските договори до денес се добива впечаток дека, поради разни причини во спроведувањето на договорите, Груевски речиси во сите фази неколку чекори бил пред опозицијата.

-Имено, тие оценуваат дека дошло до критична точка во која се покажало дека опозицијата, особено СДСМ, ги исцрпува сите можности за своето дејствување, а резултатите се недоволни. Истовремено експертите во ЕУ, оние што се занимаваат со утврдување на европската стратегија, заклучуваат дека институционалните рамки и степенот на развиеноста на односите меѓу ЕУ и Македонија се такви што институциите на Европската унија ги искористија сите легални можности за интервенција во политичката криза во Македонија. Според тоа ако ЕУ има намера посилно да влијае на внатрешните процеси на имплементација на европските вредности во македонската политика и македонскиот општествен живот, тогаш на ЕУ и’ се потребни нови пошироки рамки за нејзина интервенција во Македонија. Најзначаен чекор во тој правец би била одлуката што би била донесена во следниот јуни за отворање на преговори за полноправно членство на Македонија во ЕУ. Без таква одлука ЕУ не може да оди понатаму во своето вмешување во Македонија, од она што го стори досега. А ако биде донесена таква одлука, тогаш работите би оделе многу полесно, пишува Андов.