УЗУРПИРАНА ДРЖАВА: Одземен имунитетот на Управниот судија Газменд Фејзуљи кој води предмет против Талат Џафери

Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, на 26 мај 2017 година поднесе барање за заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот, а повредени поради незаконско дејствие при избор на Талат Џафери за претседател на Сорбанието на Република Македонија.

Петров од Управниот суд побара да донесе решение со кое се уважува предлогот за заштита поради незаконско дејствие и да ја поништи Одлуката број 08-1108/1 од 2 мај 2017 година за избор на претседател на Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ број 53/2017).

Управниот суд на Македонија со допис Успи.бр.20/2017 од 16 јуни 2017 година, примен на 29 јуни 2017 година, побара од подносителот на барањето уредување на предлогот за заштита од незаконито дејствие.

Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров на 7 јули 2017 година до Управниот суд на Македонија поднесе допис со уредување на предлогот за заштита од незаконито дејствие.

Се чека одговор од Управниот суд.

Судија известител по предлогот на претседателот на СМК, Тодор Петров против одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, е управниот судија Газменд Фејзуљи.

Денес, пак, на 17 август 2017 година Судскиот совет на Македонија го одзеде имунитетот на петмина судии на Управниот суд на Македонија. Неофицијално, станува збор за управните судии Билјана Никодиновска Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Рангелова, Анета Џигерова и Газменд Фејзуљи. Судиите се осомничени за злоупотреба на судиската функција во партиски цели и судско решавање на приговори за изборни нерегуларности во 2013 година, пред, за време и по локалните избори.

Претседателот на СМК, поднесе барање до Управниот суд на Македонија да го изземе судијата Газменд Фејзуљи од предметот против Талат Џафери, поради сомневање за повторување на делото, злоупотреба на судиската функција во партиски цели во врска со изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија.

Тодор Петров: Според Уставот, граѓаните имаат загарантирано право на локална самоуправа

Мандатите на градоначалниците не се лимитирани и траат до изборот следните, но не подолго од оваа година. Според Законот за локална самоуправа, постои неизедначеност помеѓу мандатите на градоначалниците и советниците, вели Петров.

Уставниот суд мора да реагира за продолжување на мандатите на градоначалниците. Во спротивно ќе настане хаос во функционирањето на општините, смета Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес и добар познавач на Уставот. Според него, постои нелогичност во траењето на мандатите на градоначалниците и советниците и затоа Уставниот суд мора да реагира.

Мандатите на градоначалниците не се лимитирани и траат до изборот следните, но не подолго од оваа година. Според Законот за локална самоуправа, постои неизедначеност помеѓу мандатите на градоначалниците и советниците. Советниците се избираат за време од четири години и тој мандат истекува овој месец – објаснува Петров за Телеграф.мк.

Според него, граѓаните во ниеден случај не смеат да да останат без локална самоуправа која им е неопходна за секојдневните работи во местата каде што живеат.

– Според член 14, став 1 од Уставот, загарантирано е правото на граѓаните на локална самоуправа. Засега Собранието ја има суспендирано локалната власт бидејќи само претседателот на законодавниот дом може да ги распише локалните избори – додава Петров.

Петров бара и измена на делот во Изборниот законик каде што стои дека локалните избори се одржуваат во правата половина на мај. Се бара тој термин да се избрише и Собранието да утврди нов.

Покрај иницијативата на Петров, до Уставниот суд посебна иницијатива достави и Министерството за локална самоуправа. Во неа се бара да се преиспита уставноста на спорните членови 35 и 49 од Законот за локална самоуправа кои се однесуваат на мандатите на градоначалниците и советите. Таму стои дека тие се со мандат од четири години, но не е прецизирано што би се случило доколку не бидат распишани нови избори, како што е случај сега.

Засега нема информација кога и дали Уставниот суд ќе се произнесе за овие иницијативи. На интернет-страницата на судот стои дека на 10 мај ќе има разгледување на уставноста на две иницијативи, но тие не се поврзани со локалните избори.

Петров за РСМ: Нерелевантно е барањето на пратениците од СДСМ за прекин на седницата

За да се заврши оваа конститутивна седница мора да се испочитува Деловникот на Собранието. Изборот на Претседател се врши по предлог на Комисијата за избори и именување и најмалку 20 пратеници, вели за Радио Слободна Македонија, Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.

Според него, во тек е расправата по формирање Комисија за избори и именување, така што, како што вели, нерелевантно е барањето на пратениците од СДСМ за прекин на седницата, избор на Претседател па продолжување на расправата по точката за формирање Комисија за избори и именување, затоа што на тој начин се суспендира правото на членовите на Комисијата.

Петров вели дека Членот 90 е исцрпен.

– Членот 90 е исцрпен. Мандат за состав на Влада се дава само на еден мандатар. Постојат држави чии Устави предвидуваат втор, па дури и трет мандатар на партиите со најголем број на пратеници по редоследот на пратенички места во Собранието. Меѓутоа, таа можност кај нас во Уставот не постои, посочи Петров.

Вели дека е погрешно читањето на Уставот ако се смета дека наводно треба да заврши конститутивната седница, па оттогаш да почнат да течат роковите за доверување мандат.

– Доколку беше така, немаше пратениците да чекаат ред, туку веднаш ќе интервенираа за злоупотреба на службената должност од Претседателот кога го довери мандатот на 9-тиот во рок од 10 дена од верификацијата на мандатот на пратениците, на 30 декември. Меѓутоа, тоа не се случи, ниту од СДСМ како реакција, протест, ниту од ДУИ или од другите партии кои што имаат пратеници во Собранието, потсетува Петров.

Посочува дека партиите ја прифатиле логиката, бидејќи, како што вели, не постои други читање освен тоа дека конституирањето на Собранието не завршува со исцрпувањето на дневниот ред од конститутивната седница.

-Конституирањето на Собранието започнува и завршува со верификација на мандатот на пратениците. Тоа се врши како прва точка за да почнат да работат со сите права и обврски утврдени во Уставот и Деловникот за работа. Затоа Претседателот на Републиката во рок од 10 дена, според членот 90, го доверил мандатот на кандидат од партија, односно партии со мнозинство со Собранието, потенцира Петров.

Тодор Петров: ПУЧ И ТОНЧ

На 23 јануари 2015 година во полициска акција ПУЧ уапсен е поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски под сомнение дека нелегално поседувал оружје и детска порнографија. Подоцна, на Верушевски му е продолжен притворот под сомнение за шпионажа и насилство спрема највисоките државни органи. За истите дела, шпионажа и уцени спрема високи државни функционери со цел формирање на техничка влада, приведени беа и Соња Верушевска, сопруга на Зоран Верушевски, Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски вработени во ДБК, Бранко Палифоров вработен во општина Струмица и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Лидерот на СДСМ не беше приведен, меѓутоа тој ниту се јавуваше на закажаните рочишта, дури и под ризик на стражарно приведување. Неговите изјави беа “Не го признавам Судот, дојдете, уапсете ме!“

На 31 јануари 2015 година премиерот Никола Груевски одржа драматично обраќање пред јавноста за полициската акција ПУЧ поради незаконско прислушкување и изјавата на лидерот на СДСМ дека соработувал со странска разузнувачка служба која му предала голема количина прислушкувани разговори на државјани на Македонија. Никола Груевски тврдеше дека за тоа постојат цврсти и непобитни докази.

Петто обвинетиот Ѕвонко Костовски го призна делото кое му се ставаше на товар и се договори со Обвинителството да одлежи 3 години затвор.

На 8 февруари 2015 година, лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција од седиштето на СДСМ започна со објавување на таканаречените “бомби“ во рамките на проектот наречен “Вистината за Македонија”.

На 25 февруари 2015 година, премиерот Никола Груевски повторно одржа прес-конференција посветена на странските служби, на која ги повтори истите детали од прес-конференцијата одржана на 31 јануари 2015 година. Никола Груевски изјави дека две лица според сознанијата кои ги добил, го признале делото пред истражните органи во кривичната постапка. Имено Ѓорѓи Лазаревски го признал делото, тврдејќи дека како познаник и повеќегодишен соработник на лицето Зоран Верушевски по негово барање го врбувал лицето Ѕвонко Костовски вработен во УБК од 1993. Наводно, Ѕвонко Костовски му кажал на Ѓорѓи Лазаревски дека на Зоран Верушевски му се потребни снимени материјали со цел нивно давање на странска разузнавачка служба, а заради нејзини потреби за следење на политичките и општите состојби во Македонија…

На 2 јуни 2015 година, со посредство на ЕУ и САД, четири политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА во Пржино постигнаа начелен договор за излез од политичката криза, финализиран на 15 јули 2015 година. Во Договорот меѓу другото стои: “Објавувањето на дополнителни материјали од прислушувањето ќе запре. По враќањето на СДСМ во парламентот, сите материјали што ги поседува СДСМ или било кој друг ќе бидат предадени на јавниот обвинител за негово итно постапување“.

На 1 септември 2015 година, пратениците на СДСМ се вратија во Собранието.

На 15 септември 2015 година Собранието на Република Македонија донесе Закон за формирање на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

На 14 декември 2015 година Специјалното јавно обвинителство воспостави стварна надлежност врз случајот ПУЧ, а јавната обвинителка Катица Јанева го повика лидерот на опозицијата да ги предаде сите прислушкувани разговори со кои располага.

На 29 декември 2015 година, по барање на Специјалното јавно обвинителство, Кривичниот совет на одделенито за организиран криминал и корупција при Основиот суд Скопје 1 Скопје, ја прифати гаранцијата и им ја укина мерката притвор на Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски, а како мерка на претпазливост донесена е забрана за напуштање на живеалиштето односно градот Скопје и привремено одземање на нивните патни исправи.

На 30 декември 2016 година, со големо задоцнување, на два дена пред Нова Година, Зоран Заев на специјалната обвинителка и’ ги предаде нелегално стекнатите материјали од прислушуваните телефонски разговори. Потврди дека во неколкуте кутии, што ги донеле со заменичката Радмила Шеќеринска и потпретседателот Дејан Манчевски, има транскрипти од стотици илјади разговори. Ниту еден, според социјалдемократите не останал на Бихачка. Тоа го сториле откако се увериле дека сефовите во специјалното обвинителство се безбедни.

На 12 април 2016 година претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов донесе одлука за аболиција на сите 56 политичари против кои се води истрага, против кои е покренато обвинение, како и за еден политичар кој издржува затворска казна, во врска со скандалот ПУЧ. Врз основа на аболицијата, затвореникот Ѕвонко Костовски беше ослободен од натамошно издржување на казната затвор.

На 27 мај 2016 година, Претседателот на Републиката Ѓорѓи Иванов ја поништи аболицијата за само 22 политичари.

На 6 јуни 2016 година, Претседателот на Републиката Ѓорѓи Иванов целосно ја поништи аболицијата и за преостанатите 34 лица.

На 10 јуни 2016 година, судија за извршување санкции од Основниот суд Скопје 1 Ѕвонко Костовски, да се врати на доиздржување на тригодишната затворска казна, на која е осуден за случајот ПУЧ.

На 18 јануари 2017 година, јавноста е информирана дека Специјалното јавно обвинителство со поднесок до Основниот суд Скопје 1 Скопје, се откажува од обвинителниот акт за предметот ПУЧ, со образложение дека фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки ТАРГЕТ и ТВРДИНА.

– Ваквата наша одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука. Појаснуваме дека, во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите отворени од наша страна. Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа. – се вели во соопштението на Специјалното јавно обвинителство.

После сето ова, што човек да каже? Ќе остане рашомонијадата и горчливото искуство од суспензијата на Уставот. Не преостанува ништо друго освен Уставниот суд да го поништи донесувањето на Законот за формирање на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и да престане оваа илузија наречена “Специјално јавно обвинителство“. За жал, борба против корупција со корумпирани не се води, не дава резултати…

И… време е за ТОНЧ!

Пишува: Тодор Петров

Колумна на Тодор Петров: Помирувањето и обединувањето почнува сега и од тебе!

Годинава одбележуваме 103 години окупација врз Македонија, 103 години геноцид врз македонскиот народ кој се’ уште трае. Во Балканските војни 1912-1913 година Македонија и Македонците беа окупирани и поделени. И оваа 2016 година Светскиот Македонски Конгрес повикува на семакедонско помирување и обединување. Но, нема обединување без помирување, нема помирување без простување!

Помирувањето и обединувањето не се приказна за мали деца. Помирувањето и обединувањето не се научно-фантастичен филм на малите и големите екрани.

Честопати ќе се скарате со некого, ќе помине време, сте заборавиле зошто воопшто не зборувате или се одбегнувате.

Помирувањето не е обврска на другиот, помирувањето започнува сега и од тебе! Помирувањето не е идно несвршено време, тоа е реална потреба во сегашно време и за секое време.

Затоа, запрашај се што стори ТИ за помирување со братот од фамилијата, со комшијата од соседството, со колегата од работа? Што стори ТИ за помирување со луѓето од улицата, од твоето маало, во местото на живеење, во татковината, со Македонците дома и надвор од Македонија?

И никогаш не заборавај, дека простувањето ја брише негативната енергија во тебе, простувањето те ослободува од злото на омразата и одмаздата. Простувањето те исполнува со позитивна енергија, ти ги враќа мирот и љубовта, влијае за твојот здрав дух во здраво тело.

Само единствени и обединети никој не ќе може да не’ совлада и во татковината и од соседите на Македонија!

Поради сето ова, започни сега, твоја е обврската и одговорноста! Никогаш никој друг нема да го стори тоа место тебе!

Почни ТИ и СЕГА!

Како што вели молитвата: Оче Наш, Ти Кој си на небото и на земјата, лебот наш насушен дај ни го и прости ни’ ги долговите наши, како што ги простуваме и ние на нашите должници и не воведувај не’ во искушение, но избави не’ од лукавиот, Амин!

Сите Македонци еден за друг! Македонија од исконот до бескрајот! Македонија вечна! Амин!

Пишува: Тодор Петров

Колумна на Тодор Петров: МАКЕДОНИЈА – ПИРЕЈ И ФЕНИКС!

Европскиот центризам и американскиот унилатерализам се трајно минато свршено време.

Светот ниту почнува во Брисел и Стразбур, ниту историјата таму завршува.

Светот се гради на мултиполарни основи и Македонија мора да се прилагоди на новата светска геополитичка карта.

Македонците отфрлаат пристапување на државата Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО Алијансата поради антимакедонизмот на Грција и Бугарија, грчкиот и бугарскиот геноцид врз Македонскиот народ и наци-фашистичкото барање на Атина за промена на името на државата и идентитетот на нацијата и наци-фашистичкото барање на Софија за промена на македонската историја и култура, како вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Атина и Софија.

Европската Унија и НАТО Алијансата се гробари на слободата и демократијата и креатори на омразата и војните во светот.

Европската Унија и НАТО Алијансата не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, македонската историја и култура.

Македонија покрај евро-атлантските, преферира и евро-азиски интеграции, Македонија мора да гради активен мултилатерализам, соработка со сите, од пријатели никогаш доста.

После дисолуцијата на поранешна СФР Југославија, Македонија повторно е суверена држава, Македонците повторно се суверена нација, Македонија е одржлива демократија, Македонците се посветена нација и таа историја и вистина повеќе никој и никогаш не може да ја смени!

Македонската историја повеќе не се пишува во Берлин, Лондон, Париз, Вашингтон и Москва. Македонската историја ја пишуваат Македонци, на македонски јазик и во Македонија.

Македонија има милениумско империјално и републиканско државно искуство. За жал, Македонците со векови биле под туѓо ропство. Но, Македонците се пиреј и феникс и пак Македонија ќе биде мајка на светот како што била и како што Бог ја создал во почетокот.

Македонија е основа на Нова Европа, Македонија е основа на Балканот како акроним на Македонскиот Полуостров.

Македонија е лулка на писменоста и првославието, Македонија е седиште на првиот Светиклиментов универзитет во Европа, првата покрстена христијанка од Светиот Апостол Павле во Европа е Лидија Македонката, првите цркви во Европа се изградени во Македонија во Бер Солун и Филипи, Македонија е седиште на древната Охридска Архиепископија односно Патријаршија и на Јустинијана Прва, Македонија ги покрстила и описменила народите на Источна Европа, Светите солунски браќа Македонците Кирил и Методиј со одлука на Папата се патрони на Западна Европа.

Македонската цивилизација е основа на културниот глобализам што значи интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам на британскиот империјализам којшто врз основа на профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, се’ до нивна физичка ликвидација од земјината топка. За последните двеста години исчезнаа стотици етноси, јазици, религии и култури во светот.

Оттука и Гоцевата мисла, на великанот на македонското револуционерно движење од дваесеттиот век “Светот како поле за културен натпревар меѓу народите”, не само како негова лична импресија, туку како експресија на генетскиот код на македонската цивилизација.

Големината на секоја цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности, а универзални вредности на македонската цивилизација се: мирот и љубовта наспроти војната и омразата, толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата, и културниот глобализам наспроти корпоративниот глобализам.

И покрај се’ и после се’, иако по меѓунардно право Македонците се единствен носител на државното име Македонија, и бидејќи Републиката не ја супституира Империјата, макар и еднострано, ние Македонците велиме: Културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу совррмените литературни јазици како производ на современите литературни јазици.

И покрај се’ и после се’, никогаш не заборавајте дека, Македонија нема вечни пријатели, Македонија нема вечни непријатели, Македонија има вечни интереси: Името на државата, идентитетот на нацијата, развојот на земјата, стандардот на населението, добрососедството и соработката со сите во светот врз основа на заемно почитување, немешање во внатрешните работи и еднаква сувереност!

Македонија од исконот до бескрајот! Македонија вечна! Сите Македонци еден за друг! All Macedonians for one another! Амин!

Пишува: Тодор Петров

Обвинителен предлог за напаѓачите на Тодор Петров

По спроведената истражна постапка и комплетирање на доказниот материјал, Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје денес, поднесе Обвинителен предлог против Б.Е., Б.А. и Е.А. за сторено кривично дело – Насилство од чл. 386 ст. 3 вв ст.1 од Кривичниот законик, информираат денес од Обвинителството.

-Кривично правниот настан се случил во ресторан во близина на Скопскиот саем, на 27 февруари годинава, околу 12,30 часот. Оштетениот Т.П. кој бил гостин во ресторанот во придружба со уште едно лице, бил физички нападнат од обвинетиот Б.Е. и едно НН лице кои со тупаници го удирале во пределот на главата. Сакајќи да се заштити, оштетениот се повлекувал наназад и влегол во блиското сепаре и сместувајќи се во агол со рацете ја покривал главата. На нападот се приклучиле и обвинетите Е.А. и Б.А. со уште едно НН лице и продолжиле да го удираат оштетениот со тупаници и клоци во пределот на главата и телото. Обвинетиот Б.А. го фатил оштетениот за врат и го турнал, при тоа заканувајќи му се, стои во соопштението.

Оштетениот од ударите се здобил со потрес на мозок, контузии на коски на лицето, како и површински повреди во пределот на лицето.

Во исто време кај оштетениот, како и кај други лица кои во моментот се наоѓале во ресторанот, било предизвикано чувство на страв, загрозеност и несигурност, се вели во соопштението.

Тодор Петров: БАЛКАНСКИОТ БУМЕРАНГ ВО ЕВРОПА

За бумерангот чувме откако Англичаните ја колонизираа Австралија. Денес бумерангот и’ се враќа на Европа. Тоа што европските колонијални сили со векови им го правеа на народите и државите во светот, сега како бумеранг им се враќа со референдумот во Велика Британија. Историскиот референдум на 23 јуни 2016 година за истапување на Велика Британија од сојуз со Европската Унија е почеток на крајот на Британската Империја, но почеток на крајот и на Европската Унија!

После британскиот референдум, Папата предупреди на можна “балканизација на Европа” и ја повика ЕУ да изнајде креативни нови начини да остане заедно давајќи им на државите повеќе независност и слобода.

Независно што Балканот е туѓото име за Македонија.

Во изјава дадена за новинари на лет до Ерменија, Папата укажа дека Шкотска и Каталонија може по брегзит, да се залагаат за сецесија, што може да предизвика “балканизација на Европа“. Но, не се само Шкотска во Велика Британија и Каталонија во Шпанија, туку у Ирска во Велика Британија, Баскија во Шпанија, Крит во Грција, Корзика во Франција, Паданија во Италија, Валонија во Белгија…

За волја на вистината, Балканот не е производ на балканските народи, туку на интересите на западните колонијални сили. Како и насекаде во светот, си цртале граници за свои сфери на влијание на овие простори, формирале нации-држави со суверени од свои династии, пишувале лажни истории за териториите што ги владееле, креирале војни и вршеле окупации и експлоатации.

Затоа, Европа не може да се “балканизира”! Своевремено Балканот го “европеизираа”. Сега европскиот бумеранг од Балканот и’ се враќа на Европа. Тие што сееле ветар на Балканот и во светот, бура во Европа денес ќе жнеат!

Пишува: Тодор Петров

Петров: Трајковски во 2004 не слета во Сараево, Иванов во 2016 не полета од Сараево?!

Во авионската несреќа со владиниот Кингер што се случи на 26 февруари 2004 година во близина на Мостар, покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија уште осум лица кои беа дел од неговиот кабинет, како и членови на екипажот.

Ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро исланирано…

Дали Босна ни е впишана судбина, а авионите предупредување, посебно ако во нив летаат претставници на државниот врв кои не им се по волја на некои “меѓународни заедници“.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на 28 и 29 мај 2016 година учествуваше на состанокот на лидерите на “Брдо-Бриони Процесот“ и на регионалната бизнис иницијатива “Самит 100“, што се одржаа во Сараево. На состанокот на лидерите на “Брдо-Бриони Процесот“ во Сараево, претседателите ќе разговараат за актуелните состојби во регионот, евроинтеграциите и проширувањето на Европската унија, како и за унапредување на регионалната соработка. На “Самит 100“, покрај македонскиот претседател Иванов учествуваа и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателите на Хрватска Колинда Грабар- Китаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишани и на Косово Хашим Тачи.

На 30 мај 2016 година утрото, владиниот Лирџет со кој патува претседателот Ѓорге Иванов, откажа во Сараево. Според техничарите откажала “бек-ап” електронската поддршка на авионот, со кој македонскиот претседател требаше да се врати во Скопје. Претседателскиот кабинет ја потврди информацијата. Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов во земјава ќе се врати со редовна авио-линија, преку Истанбул, а авионот ќе остане во Сараево додека не се санира дефектот.

21 мај 2015 година владиниот Лирџет во кој беше премиерот Никола Груевски и делегација која се враќаше од Стразбур принудно слета во Цирих. При враќањето од Стразбур се случи дефект во летот на владиниот авион во кој бил и премиерот Груевски со своите соработници по што авионот принудно слета во Цирих. Во авионот кажале дека се слушнал гласен и продорен звук по што дошло до пореметување на внатрешниот притисок. Пилотот веднаш се обидел да ја намали висината за да се обиде да го намали притисокот и според протоколот за вакви ситуации да го слета авинот на најблискиот аеродром. Авионот од Цирих, беше префрлен во Нирнберг каде е седиштето на овластениот сервисер.

Лирџетот досега неколкупати имал технички проблеми. 2008 година откажаа сензорите во авионот поради прекин на жица со која биле поврзани 18 системи на леталото. Потоа неколку пати откажала електрониката. Еднаш и моторите на авионот не стартуваа заради што не полета за Сочи на 6 февруари 2014 година на отворање на Олимпијадата. Тогаш во авионот требаше да лета претседателот Ѓорге Иванов со сопругата.

Лирџетот е купен пред 11 години и државата го плати 11 милиони долари.

Производителот има вградени инсталации за далечинска навигација во авионот…

Во авионската несреќа со владиниот Кингер што се случи на 26 февруари 2004 година во близина на Мостар, покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија уште осум лица кои беа дел од неговиот кабинет, како и членови на екипажот. 2004 година Борис Трајковски требаше да слета во Сараево, а оваа 2016 година од Сараево Ѓорге Иванов требаше да полета.

Впрочем, претседателот Иванов упати остри критики кон ЕУ и НАТО во Сараево.

Ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро исланирано…

Пишува: Тодор Петров

Тодор Петров: Уставните судии го суспендираат уставот

Во политиката ништо не е случајно. А, ако е, тогаш е доста добро испланирано!

Веројатно циркусот ќе заврши, но последиците ќе бидат долгорочни… Важно, Калето функционира… Од држава на дланка, на крајот да останеш со шарени балони в раце е преседан во историјата на човекот и на светот! Можеби се сеќавате на романот “Водачот“ од Радивоје Домановиќ, кога стигнале на крајот до провалијата, преполовени, остакатени, поболени, поради голготата низ која поминале, народот дознал дека водачот им бил слеп, не знаел ни каде ги води… За вакви сценарија, народот е полн со мудрости и приказни… Како онаа: прост народ силна држава! Ама и онаа со волкот, овчарот, овците и селаните. Ги лажел овчарот селаните ноќе, не еднаш туку двапати, викајќи сред село “волк, волк“, кога ќе притрчале да ги одбранат овците, овчарот им се смеел бидејќи ги лажел. Арно ама, кога третиот пат вистински дошол волкот, овчарот викал за помош до селаните, но никој не излегол, волкот ги изел овците, овчарот и без нив останал…

Времето ќе покаже се’! Веројатно партизаните и германците го чекаа шумарот да ги избрка од шумата и да престане “пукањето“…

Да почнеме со ред. На 18 јануари 2016 година, на 87 седница, Собранието на Република Македонија донесе Одлука за негово распуштање, со одложно правно дејство, распуштањето на Собранието да стапи во сила на 24 февруари 2016 година, а изборите да се одржат на 24 април 2016 година.

На 22 јануари 2016 година Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието, поради несогласност со членот 63 став 3 од Уставот во кој е наведено дека: “избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од распуштање на Собранието“. Односно, одлуката за распуштање на Собранието не може да има одложно дејство, туку стапува во сила веднаш!

На 26 јануари 2016 година, иста иницијатива до Уставниот суд поднесе и Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес.

Уставниот суд на Македонија на седницата одржана на 18 февруари 2016 година, донесе Решение број 9/2016-0-0, во кое се вели: “1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ број 9/2016).“ Единствено издвоено мислење имале уставните судии Д-р Наташа Габер-Дамјановска и Исмаил Дарлишта.

Во образложението, за отфрлање на иницијативата, Уставниот суд вели:

“4. Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Имајќи ја предвид досегашната уставно-судска практика, пред Уставниот суд се постави прашањето дали оспорената одлука воопшто претставува пропис, односно акт подобен за уставно-судска оцена.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото.

Оспорената одлука според Судот е конкретен акт и не содржи општи норми на однесување, односно не уредува воопшто односи на општ начин. Таа според нејзината форма и доносител спаѓа во групата правни акти што имаат поединечен карактер, односно со кои се одлучува за поединечни правни ситуации во кои примената на некој општ пропис се исцрпува еднократно. Според Судот, оспорената одлука според нејзината содржина не уредува правни односи на општ начин и нејзината функција се исцрпува единствено на еден конкретен случај на распуштање на Собранието.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањата.

Имајќи ги предвид наведените причини, Судот оцени дека оспорената одлука не претставува општ правен акт, односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија по кој би постапувал Уставниот суд и дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Во врска со предлогот во иницијативата за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука, имајќи ја предвид одлуката на Судот да ја отфрли иницијативата, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот за донесување на вакво решение.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. “

Значи, Уставниот суд иницијативата ја отфрли бидејќи таа не е општ пропис по кој е надлежен да одлучува, туку претставува поединечен акт, а истовремено, го отфрли барањето за изрекување на времена мерка.

Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 24 февруари 2016 година, на предлог на ДУИ, донесе Одлука за изменување на Одлуката за негово распуштање, наместо на 24 февруари распуштањето да биде на 7 април, а изборите наместо на 24 април да се одржат на 5 јуни.

Откако само од ним познати причини ги бојкотираа изборите, пратеникот на ДУИ Талал Џафери на 13 мај 2016 година поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија. Иронијата да биде поголема, тие што предложија распуштање на Собранието, сега од Уставниот суд бараат поништување на Одлуката за негово распуштање којашто самите ја предложија.

Иронијата да биде уште поголема, Уставниот суд на седницата одржана од 18 мај 2016 година едногласно одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија. Донесе и времена мерка со која се запираат сите изборни дејства, што е во спротивност со неговото претходно решение од 18 јануари 2016 година! Како мисли Уставниот суд да ја правда оваа своја одлука, само Господ знае! Затоа што со претходното решение од 18 февруари 2016 година потврдил дека е ненадлежен бијдеќи Одлуката за распуштање не е општ акт туку поединечен акт! Освен ако прифатил жртвеник за да ја извади работата од пат-позиција, до каде што ја донесе неодговорното однесување на четирите партии. Но, да не се заборави, дека дотука се дојде и затоа што Уставниот суд не ги поништи законите од Пржинскиот договор и се уште калкулира со иницијативите на Тодор Петров. Но, до кога?

Наводно, тоа било услов претседателот Трајко Вељановски да свика седница на Собранието и сите сложно да продолжат да работат како ништо да не било!

Ќе ни останат само офарбаните споменици на културата и оштетените објекти на институциите на власта и локалната самоуправа.

Останува да се реши уште претседателот на Републиката со неговите одлуки за помилување, односно аболиција… И дали некој ќе оди во затвор… Како во приказната со волкот, овчарот, овците и селаните…

Уставниот суд следната недела треба да донесе конечна мериторна одлука за иницијативата за распуштање на Парламентот.

Како што не може исто лице давпати да биде судено за исто дело, така и Уставниот суд не може за иста одлука двапати различно да суди и тоа при повторената постапка да изрекува времена мерка за отпосле мериторно да одлучи. А, притоа да молчи за иницијативите за поништување на законите од Пржинскиот договор, поднесени со барање за приоритет и итност и времена мерка, затоа што го суспендираат уставно-правниот поредок и создаваат преседан со долгорочни последици по државноста. Кога друг би создал паралелни институции, не ќе има сила во државата да го одврати од намерата или елиминира епилогот откако тоа ќе се случи!

Оттука и јавиот повик, Уставниот суд на Македонија, заради заштита на уставно-правниот поредок суспендиран со Пржинскиот договор, заедно со иницијативите за оценка на законитоста на одлуката за распуштање на Собранието и одлуките за помилување на претседателот на Републиката, под итно да ги разгледа и иницијативата на претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров од 21 октомври 2015 година за оценка на уставноста на Законот за специјалното јавно обвинителство и на иницијативите од 17 ноември 2015 година за оценка на уставноста на Законот за Владата, Изборниот законик и Законот за заштита на приватноста! За кои е побара, исто така, времена мерка!

Светскиот Македонски Конгрес веќе протестираше поради селективниот пристап на Уставниот суд во изборот на поднесените иницијативи, вршејќи дискриминација на подносителите, со што се суспендираат правата и слободите на граѓаните и се продолжува агонијата на уставно-правниот поредок во државата со Пржинскиот договор од 2 јуни 2015 година и анексот од 15 јули 2015 година!

На крај уставните судии ќе бидат ем фарбани ем “тепани“. Уставниот суд, можеби и сите заедно, ќе го завршат овој циркус. Меѓутоа, не смее да се заборави, дека без суспензија на Пржинскиот договор ќе следи ревизија на Охридскиот договор и Договор за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, што ја демонтира државноста на Македонија во целина!

Белким до толку не ќе да е забегана работата…

За крај, како опомена: Уставните судии ја оценуваат согласноста на законите со Уставот. Поради тоа постојат и заради ништо друго! Не постојат повисоки национални и државни интереси за уставните судии освен словото на Уставот. И поголеми права и слободи од утврдените со Уставот се во спротивност со Уставот! Поголеми права и слободи од утврдените со Уставот не можат да бидат алиби за одложено или ненавремено одлучување на уставните судии по поднесена иницијатива за оценка на согласноста на Закон со Уставот! Уставните судии не можат да одложуваат оценка за согласноста на Закон со Уставот, затоа што претходно сметаат дека одложеното одлучување е поради повисоки национални и државни интереси! Национални и државни интереси за уставните судии се Уставот и ништо друго освем Уставот! Националните и државните интереси не можат да бидат во спротивност со Уставот, а интересите на Владата не смеат да бидат во спротивност со правата и слободите на граѓаните и Уставот !

Уставните судии не можат да одлучуваат по иницијатива за оценување на согласноста на Закон со Уставот, откога ќе се исполни примената на Законот, за отпосле да одлучат дека Законот не е во согласност со Уставот. Со тоа вршат злосторничко здружување со Владата против правата и слободите на граѓаните, спротивно на Уставот. Тогаш соучествуваат во извршувањето на кривично дело против интересите на граѓаните, народот и државата, спротивно на Уставот!

Доколку отпосле примената на Законот, уставните судии го укинат или поништат, а притоа настанале штети по правата и слободите на граѓаните, поради одложено или ненавремено одлучување, уставните судии сносат морална, материјална и кривична одговорност за прекршување на Уставот!

Господ нека ни е напомош!

Пишува: Тодор Петров